!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Четири луѓе вчера биле пријавени за исчезнати


Скопје, 10 август, 2017 - 15:31 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, во полиција четири лица биле прогласени за исчезнати. Како што се дознава од полицискиот билтен, исчезнатите се од скопското село Црешево, Тетово, кавадаречкото село Сопот и од Скопје.

Б.П. (73) од скопското село Црешево во полициската станица Гази Баба вчера пријавил дека во петокот од дома излегол неговиот 35-годишен син С.П. и оттогаш не се вратил.

Во полициската станица во Тетово, С.Р. (74) од Тетово пријавил дека во четвртокот од дома излегла неговата сопруга М.Р. (50) и се упатила на пазарот во Тетово, но оттогаш не се вратила и не била достапна на мобилниот телефон.

К.Н. (38) од тиквешкото село Сопот во полициската станица во Кавадарци пријавил дека завчера неговиот брат С.Н.(36) излегол од дома и рекол дека со автобус ќе оди во Кавадарци, но не се вратил.

Последниот случај на исчезнување е во Скопје, а се трага по 28-годишната Р.А. Како што во полициската станица Чаир кажал нејзиниот 50-годишен татко, таа излегла од дома завчера претпладне и не се вратила.

МВР информира дека по сите исчезнати се трага.


Пукано во Никола Тодоров во близина на Министерството за здравство


Скопје, 1 јуни, 2017 - 12:35 (META) 

Поранешниот министер за здравство и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, претпладнево бил нападнат во непосредна близина на зградата на Министерството за здравство, потврдија за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи.

Сторителот, како што велат од МВР, бил веднаш приведен во полициска станица. Засега нема информации дали Тодоров е повреден во инцидентот. Според очевидци, во нападот било употребено огнено оружје, односно напаѓачот пукал, но од МВР овие информација засега не ги потврдуваат.

Инаку, денеска, во 12.30 часот, требаше да биде извршено примопредавање на функцијата во Министерството за здравство помеѓу Тодоров и новиот министер, Арбен Таравари.


Полицијата пронашла 15 мигранти кои нелегално биле превезувани


Гевгелија, 26 февруари, 2017 - 13:20 (META) 

Полициски службеници, на автопатот Гевгелија – Скопје, во близина на местото Авлак, забележале возило „крајслер“ со повеќе лица, кое со голема брзина се упатило кон Скопје.

Од страна на полициските службеници во близина на Удово возилото било сопрено, а возачот избегал.

При преглед на возилото, утврдено е дека регистарските ознаки се од друго возило, кои на 31 јануари биле пријавени за украдени.

Во возилото биле затекнати 15 лица – мигранти, од кои седум лица (и едно дете) од Ирак, пет лица (и едно дете) од Сирија и едно лице од Пакистан.

Лицата биле приведени во полициската станица на граничниот премин Богородица, каде што полициски службеник извршил разговор.


Петнаесетгодишно девојче од Гази Баба заминало на училиште и не се вратило


Скопје, 28 јануари, 2017 - 13:45 (META) 

Во полициската станица во Гази Баба, М.Н. (20) од Скопје пријавила дека на 27 јануари, во 6 часот, од дома во непознат правец се оддалечила нејзината петнаесетгодишна сестра.

Таа, според пријавителката, отишла на училиште и не се вратила дома. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Лицето што се заканило со напад на зградата на Владата било незадоволно од системот


Скопје, 28 јануари, 2017 - 13:12 (META) 

Вчера во 17.40 часот, на телефонскиот број 192, од мобилен телефон се јавил маж во видно алкохолизирана состојба и без да се претстави рекол дека „за 16 минути две ракети ќе бидат испалени кон зградата на Владата на Република Македонија за да ја уништат“, информираат од МВР.

– Министерството за внатрешни работи презеде мерки и набргу потоа пронајден е мажот кој се јавил на 192. Истиот бил однесен во полициска станица, каде објаснил дека неговото јавување било мотивирано затоа што, како што рекол, „сакал да привлече внимание затоа што не бил задоволен од функционирањето на системот во државата“ – се вели во билтенот на МВР.

Имено, во текот на истиот ден, тој бил приведен во полициска станица за друго дело, за кое, според негово тврдење, не бил виновен.

Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот. За настанот е известен јавен обвинител.


Претепан полицаец на должност во полициската станица во Струга


Струга, 15 декември, 2016 - 14:48 (META) 

Стружанецот И.М.(27), доцна синоќа, во кругот на полициската станица во Струга, физички нападнал полициски службеник кој бил на работното место обезбедување на полициската станица.

– Во 21.55 часот, во кругот на полициската станица влегло возило „ауди“ со струшки регистарски ознаки, управувано од страна на лицето Ж.П. од Струга. Во тој момент полицискиот службеник се упатил кон возилото за да праша со која намера го паркирал во кругот на станицата. Притоа, од совозачкото место излегол И.М. и без никаква причина упатил закани и физички го нападнал полицискиот службеник, удирајќи го со тупаници и со клоци во пределот на главата и по телото. Од страна на полициски службеници биле употребени средства за присилба, при што истиот е лишен од слобода и задржан во СВР Охрид – информираат од МВР.

Против И.М. ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.


Рибокрадци фатени со пет мрежи и со 12 килограми белвица


Охрид, 1 декември, 2016 - 15:45 (META) 

Полицијата на дело фати и приведе четворица рибокрадци на плажата кај хотел „Белви“, синоќа околу 19.30 часот, во водите на Охридското Езеро.

Полициски службеници ги затекнале лицата Б.Б., Р.Б., С.Б. и З.Ц. при излегување од водата.

Во чамецот се пронајдени и привремено се одземени 117 парчиња риба белвица, со вкупна тежина од 12 килограми, и пет рибарски мрежи. Одземен бил и металниот чамец.

Лицата се приведени во полициска станица.


Исчезна 17-годишна девојка од струшко Корошишта


Охрид, 23 ноември, 2016 - 18:31 (META) 

Исчезнала 17-годишна девојка од струшкото село Корошишта, а случајот во СВР Струга го пријавил жител од селото Делогожда.

Девојката се упатила во непознат правец од домот на нејзиниот дедо.

Полицијата презема мерки за пронаоѓање на лицето.


Истражителот на СЈО бил приведен, бидејќи фотографирал објект на Мијалков


Скопје, 22 октомври, 2016 - 0:06 (META) 

Истражителот на Специјалното јавно обвинителство бил приведен во полициската станица Беко бидејќи бил забележан како фотографира објект во сопственост на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, информираше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Тој бил забележан како фотографира објект, го забележало обезбедувањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Бил повикан на разговор во станицата Беко. Направен е првичен разговор и по насоки на надлежниот јавен обвинител, земена е изјава од истражителот, како и службени белешки на службените лица што постапувале во моментот и целиот предмет е предаден во Јавното обвинителство, а истражителот е пуштен. Моите информации говорат дека лицето било забележано како фотографира објект за кој нè информираа дека бил објект на господинот Сашо Мијалков – изјави Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е спорно што истражителот сликал објект и дали е тоа нешто невообичаено, министерот рече дека за него не е спорно, бидејќи и неговата куќа била фотографирана кога го избрале за министер и тоа од претседателот на месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на што тој никако не реагирал.

Синоќа министерот Спасовски се сретна со тимот на СЈО, на барање на Јанева, бидејќи двајца истражители беа попречени да си ја извршуваат својата должност.

Како што појасни Спасовски, тој ја поддржува работата на Специјалното јавно обвинителство и судските наредби ќе бидат завршени до крај, откако ќе се отстранат одредени технички пречки.

– Специјалната јавна обвинителка го повлече истражителот поради тоа што имаат недоразбирање во начинот на договор со Управата за безбедност и контраразузнавање и во моментот кога ќе се обезбедат техничките услови, со присуство на човекот од „Ериксон“ ќе се докомплетира постапката, бидејќи веќе две третини од наредбите се извршени – додаде Спасовски.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска изјави дека, по добиените гаранции од министерот Спасовски, ќе продолжат со работата во УБК.


Еден истражител на Јанева приведен, па пуштен, а друг отстранет од УБК


Скопје, 21 октомври, 2016 - 22:24 (META) 

Истражител на Специјалното јавно обвинителство бил приведен во полициската станица Беко, а специјалната јавна обвинителка Катица Јанева по посетата на полициската станица изјави дека на обвинителите не им било образложено зошто тој бил приведен.

– Истражителот кој беше приведен во полициската станица Беко се враќа во просториите на СЈО. Станува збор за истражител кој бил на задача да обезбеди лице барано во одредена истрага. Видовме дека е неосновано приведен и задржан во полициската станица и дека не постоел никаков пишан документ – изјави Јанева пред полициската станица Беко.

Таа и нејзиниот тим се упатија во Управата за безбедност и контраразузнавање, бидејќи вечерва друг истражител на СЈО, кој бил на должност во УБК, бил отстранет од просториите и сега се наоѓа во дворот на МВР.