!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицијата спречи самоубиство на жена која сакала да скокне од зграда во Охрид


Охрид, 11 октомври, 2017 - 13:17 (META) 

Екипа на охридската полиција утрово спречила самоубиство на 41-годишна жена, која сакала да скокне од петтиот кат на зграда во Охрид.

Како што соопшти СВР Охрид, полициската акција траела околу еден час, во зграда во изградба на крстосницата од улиците Туристичка и Абас Амин, по што жената безбедно била спуштена до приземјето на зградата и предадена на екипа на итната медицинска помош.

Случајот бил пријавен околу 10.55 часот, од жител на Охрид кој ја забележал жената.

Во акцијата учествувале четворица полицајци. Двајца од нив почнале разговор со охриѓанката, додека, во меѓувреме, двајцата нивни колеги внимателно дошле до жената и ја оттргнале од работ на неоградената тераса на петтиот кат од зградата.

За случајот и за полициската интервенција бил известен и јавен обвинител.


Непознато лице пукало во полициска екипа во селото Чифлик, Тетовско


Тетово, 10 септември, 2016 - 15:44 (META) 

Непознато лице синоќа пукало во полициска екипа во селото Чифлик, која дошла да изврши проверка по претходна пријава дека во селото има две сомнителни возила, информираат од МВР.

Според полицијата, околу 23.30 часот, на влезот во селото биле паркирани две возила, едното „опел вектра“ со гостиварски регистарски ознаки, во кое имало едно непознато лице, а другото, марка „ауди а3“ со скопски таблички, во кое имало четири лица.

Кога се доближиле полицајците, лицето од „опелот“ истрелало неколку куршуми од огнено оружје кон нив, на што тие веднаш возвратиле. Лицето по пукањето успеало да побегне, а другите четворица од другото возило биле приведени во СВР Тетово и по извршениот разговор се пуштени.

Во инцидентот нема повредени, велат од МВР, а по извршениот увид на местото, во тек се мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.


Во товарно возило пронајдени 44 мигранти


Куманово, 9 април, 2016 - 12:55 (META) 

Утрово полициска екипа фатила 44 мигранти од Авганистан, Пакистан и од Сирија во возило „фиат дукато“ со српски регистарски ознаки.

Полициската екипа го забележала возилото со издишана гума, паркирано на автопатот Куманово – Табановце и се упатила кон него.

При контрола во просторот за товар, пронајдени се вкупно 44 мигранти кои се приведени во СВР – Куманово за понатамошна постапка.

Возачот на возилото е во бегство.


Запленети рибарски мрежи во Охридско Езеро


Охрид, 3 декември, 2015 - 14:21 (META) 

Ноќеска, околу 1 часот по полноќ, екипа од полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, при патрола во езерото пронашла и запленила триесетина рибарски мрежи со 2,6 килограми риба.

Според МВР, рибарските мрежи со 27 парчиња охридска белвица биле пронајдени на околу 300 метри од брегот на езерото, спроти авто-кампот „Андон Дуков“.

Риболовниот алат со уловената риба биле донесени во полициската станица за граничен надзор Охридско Езеро, за понатамошна постапка, информираат од полицијата.