!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Од утре задолжително носење зимска опрема во возилата


Скопје, 14 ноември, 2017 - 10:45 (META) 

Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата стапува на сила утре и ќе трае до 15 март 2018 година. Доколку возилото во сообраќај не ја поседува пропишаната опрема, возачот може да добие казна од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни поени во возачката книшка.

За моторните возила до 3.500 килограми задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, а ако имаат летни гуми со четири милиметри, обврзани се да поседуваат синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема за моторни возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

За моторни возила со над 3.500 килограми задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, треба да има и соодветни синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

На бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МС“, „М+С“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Забрането е поставување пневматици со клинци.


Полицаец физички нападнат во СВР-Битола


Битола, 8 октомври, 2017 - 13:12 (META) 

Во текот на денот, полицаец заедно со уште двајца негови колеги постапувал по поплака и го барал С.Ѓ., а откако не го нашол на наведената адреса, полицаецот му се јавил телефонски и службено стапил во контакт со лице кое се претставило дека е С.Ѓ.

Полицискиот службеник му рекол дека против него има поплака и дека треба службено да разговараат, на што С.Ѓ. одговорил дека е надвор од градот и дека ќе дојде друг ден. Сепак, по кратко време С.Ѓ. му се јавил на полицаецот, му се заканил и му се обратил со зборови со недолична содржина, по што полицаецот му исклучил.

Во 21 часот, кога со колегите се вратил во СВР-Битола, во ходникот неколку минути по нив влегол Р.Ѓ. и без никаков разговор му се приближил на полицаецот и со глава го удрил во пределот на устата, по што Р.Ѓ. бил приведен.


Полицаец нападнал членови на комисијата оти ќерка му не го положила возачкиот испит


Кавадарци, 5 октомври, 2017 - 14:15 (META) 

Полицаец од полициската станица во Кавадарци вчера им се заканувал на претседателката на испитниот центар на Здружението на возачи – Велес и на уште еден вработен дека ќе ги убие со пиштол, а потоа и физички ги нападнал бидејќи неговата ќерка не го положила возачкиот испит.

Како што информираат од МВР, полицаецот Ј.К. вчера околу пладне влегол во испитниот центар и почнал да ѝ се заканува на претседателката С.Н. (41). Пред да излезе од канцеларијата, тој се заканил дека со пиштол ќе ги убие С.Н., нејзиниот колега Ц.П. и другите од комисијата, доколку неговата ќерка не го положи возачкиот испит.

По кратко време, според полицијата, тој повторно се вратил во канцеларијата и физички ги нападнал С.Н. и Ц.П., кои со помош на нивна колешка успеале да го отргнат полицаецот и да го изнесат во ходникот, каде тој продолжил да се заканува дека ќе оди да го земе пиштолот за да ги убие.

По пријавата за случајот и по преземените мерки, полициски екипи на својот колега Ј.К. му го одзеле службеното оружје и муницијата. Против него, како што информираат од МВР, ќе биде поднесена кривична пријава за насилство, а за случајот бил известен и одделот за внатрешна контрола, криминалистички работи и професионални стандарди.


Обвинителството почна истрага против полицаецот што пукаше во момчињата


Струмица, 14 август, 2017 - 12:25 (META) 

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донел Наредба за спроведување на истражна постапка против полицаецот што во петокот вечерта со службениот пиштол рани и нанесе тешки повреди на двајца малолетници, од кои едниот со тешки повреди e хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ) и е во многу тешка состојба, а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Полицаецот е осомничен дека сторил убиство. За целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички. Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици.

Бидејќи сведоците се сослушани и се прибрани материјални докази, обвинителот за осомниченито предложил серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.


МВР поднесе кривична пријава против полицаецот што пукаше во малолетниците


Скопје, 13 август, 2017 - 14:57 (META) 

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава и поведе дисциплинска постапка против полицаецот кој застрела и рани двајца малолетници во Струмица.

Како што соопштија денеска од МВР, одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по извршените проверки утврдил дека „полицаецот неосновано, неоправдано и неправило употребил огнено оружје врз лицата Д.Т. и А.Г., односно постапил спротивно на одредбите од Законот за полиција“.

„Против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка пред надлежната комисија во МВР и со решение на министерот Оливер Спасовски полицискиот службеник ќе биде отстранет од работното место до завршувањето на дисциплинската постапка. До надлежниот јавен обвинител во Струмица е поднесена и кривична пријава поради основано сомнение дека полицискиот службеник сторил кривично дело убиство во обид, предвидено и казниво по член 123 и член 19 од Кривичниот закон на Република Македонија“, стои во соопштението на МВР.

Оттаму додаваат дека ги осудуваат обидите за манипулација со овој настан од страна на одредени политички субјекти.


Полицаец застрелал двајца малолетници во Струмица, обвинителството врши увид


Струмица, 12 август, 2017 - 12:01 (META) 

Полицаец синоќа со службениот пиштол застрелал двајца малолетници во Струмица, од кои едниот со тешки повреди бил хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ), а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Од Јавното обвинителство соопштија дека денеска надлежен јавен обвинител од ОЈО Струмица ќе продолжи со увидот во близина на Градската капела во Струмица, каде се случил инцидентот.

Според првичните информации, што ги соопшти обвинителството, до инцидентот дошло кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово.

Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. Од обвинителството велат дека и понатаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето.

„Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје, а издадени биле и наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии (отисоци од прсти) подигнати на местото.

Од сите инволвирани во инцидентот биле земени примероци од крв и урина и парафински ракавици, а полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во полициската станица во Струмица.

Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство Струмица ќе бидат сослушани сведоци на настанот.


Извикувајќи „Алах е голем“, напаѓач со нож повредил полицаец во Мароко


Рабат, 25 јули, 2017 - 15:01 (META) 

Неидентификуван маж денеска, извикувајќи „Алах е голем“ и мавтајќи со нож, нападнал и ранил полицаец на границата меѓу Мароко и шпанската територија Мелилја.

Детали од нападот засега не се познати, но шпанскиот министер за внатрешни работи, Хуан Игњасио Соио, соопшти дека напаѓачот е уапсен.

Светските агенции јавуваат дека напаѓачот е Мароканец и дека сè се одиграло на преминот Бени Ензар.
Како што се наведува, напаѓачот со нож му ја расекол раката на полицаецот.


Велешанец удрил полицаец со камен по глава и го онесвестил


Велес, 17 јуни, 2017 - 21:49 (META) 

Полицаец во Велес вчера доцна попладнето се онесвестил откако бил удрен по глава од млад велешанец, соопшти СВР Велес.

Инцидентот се случил 18.10 часот, вчера на улицата Благој Страчковски во Велес. Двајца полицајци дошле на интервенција поради нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, при што едниот забележал дека млад маж сака да го удри неговиот колега со камен по глава. За да го спречи, го зграпчил со двете раце, но напаѓачот успеал да му се оттргне и со каменот го удрил по глава, по што полицаецот се онесвестил, а напаѓачот избегал.

Сепак, тој е идентификуван како 22-годишниот Б.З. од Велес и полицијата трага по него. Полицаецот поради повредите е задржан на лекување во Општа болница Велес.


Еден полицаец е убиен, а друг ранет во престрелка во центарот на Париз


Париз, 20 април, 2017 - 22:23 (META) 

Еден полицаец е убиен, а друг е ранет во вооружен напад што вечерва се случил во центарот на Париз, соопштила француската полиција, пренесува „Би-би-си“.

Според информациите на дел од француските медиуми, напаѓачот кој отворил оган кон полицајците бил застрелан и убиен. Престрелката се случила на авенијата Шанзелизе, која е целосно блокирана и каде во тек е операција на француските безбедносни сили.

В недела во Франција се одржува првиот круг од претседателските избори, а џихадизмот е главната тема на изборите по нападите што беа извршени од Исламска држава.

Причините за нападот засега се непознати, а како што пренесува „Би-би-си“, засега нема индиции ниту дека станува збор за терористички напад.


Во терористичкиот напад во Лондон има четворица загинати и 20 повредени


Лондон, 22 март, 2017 - 19:49 (META) 

Четири лица загинаа, а 20 се повредени во Лондон, при истрелите од огнено оружје пред британскиот парламент во Вестминстер, кои се случија денеска попладне.

Британската полиција овој напад го оквалификува како терористички.

Според пишувањата на британските медиуми, напаѓачот најпрво со автомобил се втурнал во група пешаци на мостот што води до парламентот, а потоа со нож прободел полицаец пред Вестминстер. Напаѓачот потоа бил застрелан од полицијата.

Поради инцидентот, парламентот беше затворен, а засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.