Герберих на Заев му ја пренел поддршката од Германија за евроатлантските аспирации


Скопје, 16 април, 2018 - 11:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев претпладнево се сретна со амбасадорот на Германија, Томас Герберих кој пренел поддршка од Германија за евроатлантските аспирации на државата.

Герберих го информирал Заев дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската унија.

„Амбасадорот Герберих соопшти дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија, за конструктивните политики низ кои што се решаваат прашањата важни за напредок на Македонија“, се вели во соопштението на Влада.

На состанокот се разговарало и за важноста на Дигиталниот самит што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој.


Повеќе средства за поддршка и партнерски односи со младите во институциите


Скопје, 20 март, 2018 - 16:59 (META) 

Со младинските организации дискутиравме за напредокот на спроведувањето на младинските политики во рамките на ресорните институции, информираше денеска премиерот Зоран Заев по завршувањето на тематската владина седница посветена на младинските политики.

Тој додаде дека ќе се организираат јавни дискусии за новиот Закон за млади, но и се донеле одлуки за формирање на важни работни групи.

– Со 16,5 милиони евра, Владата ги стимулира програмите и мерките за вработување на младите оваа година. За подбрување на образованието превидуваме 1,27 милијарди денари. За прв пат се обезбедени 80 милиони денари за подобрување на условите во ученичките и студентските домови. За капитални инвестиции во образованието предвидени се 2,14 милијарди денари – рече Заев.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум информираше дека на седницата се дискутирало за средношколско и студентско право на учество во самите образовни институции.

– Преку законот за средно образование побаравме средношколците во земјата да добијат законско право да се самоорганизираат во училиштата и да им се слуша гласот. Во однос на студентските претставнички тела, побаравме вистински избори за вистински студентски претставници – рече Костуранова.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, рече дека оваа институција повеќе нема да биде само за спорт туку за поддршка на младинските политики и мерки и спроведување на проектите.

– Ќе бидеме партнери на институциите во процесите на креирање и имплементација на младинските мерки – додаде Каевски.


Утре тематска владина седница посветена на младинските политики


Скопје, 19 март, 2018 - 16:10 (META) 

Владата утре ќе одржи 59. седница која ќе биде тематска, односно посветена на младински политики кои Владата ги имплементира и ќе ги имплементира во иднина.

„На оваа седница и претходеа серија на отворени координативни средби, организирани и координирани од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и Владата, кои преку средбите и широка јавна расправа, отворија простор за предлог-политики на младинските организации. На седницата, покрај младинските политики кои ги имплементира Владата, заедно со претставници на младинските организации, ќе ги разгледуваат доставените, предлог – политики, посветени на унапредување и подобрување на животот на младите во земјава“, се вели во соопштението на Владата.

По завршувањето на седницата, премиерот Зоран Заев, ќе одржи прес-конференција, со почеток во 14. 30 часот.

Дневниот ред на седницата не е објавен на сајтот на Владата. Портпаролот Миле Бошњаковски минатата недела информираше дека се укинува досегашната практика на сајтот на владата, пред седниците да се објавува дневниот ред и сите точки кои би биле разгледувани. Тоа, како што објасни, од сега ќе се прави во текот на седницата кога дневниот ред ќе биде усвоен.


Денеска јавна дискусија за транспарентноста на Владата


Скопје, 2 март, 2018 - 9:51 (META) 

Јавна дискусија за агендата за транспарентност на Владата ќе се одржи денеска во 12 часот, во медиа-центарот на Владата.

На дискусијата ќе се обрати министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, а целта е, како што информираат од Владата, размена на идеи и мислења за актуелните политики и процеси поврзани со транспарентноста и работата на Владата.

„Од вас очекуваме споделување на досегашни искуства и предизвици во вашата работа, како и конкретни решенија и предлог политики за подобрување и унапредување на работата на Владата во насока на агендата за транспарентност. Оваа јавна дискусија е од отворен тип, а на истата и претходеа серија консултативни средби со различни граѓански организации“, се вели во соопштението од Влада.


Тевдовски: Ќе има промени во буџетското планирање, се подготвува нов предлог-закон


Скопје, 5 септември, 2017 - 13:30 (META) 

Министерството за финансии најави нов предлог-закон за буџет со кој ќе се воведуваат промени во среднорочното буџетско планирање, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека од овие промени треба да произлезе фискален совет кој ќе биде алатка за контрола на финансискиот систем.

– Јавниот долг изнесува 4,7 милијарди евра и потребно е да се промени среднорочното буџетско планирање. До крајот на годината ќе има промени во буџетската рамка со предлог-закон за реформи во овој дел – изјави Тевдовски.

Министерот за финансии денеска имаше средба со претставници на Светска банка во Владата и со нив, меѓу другото, било разговарано за ефикасноста на трошењето на јавните финансии.

Тевдовски рече дека препораките на Светска банка за управување со јавните финансии и за ефикасност на јавната потрошувачка се совпаѓаат со новите владини политики.

Регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, рече дека заедно со владата ги разгледувале приоритетите за поддршка во различни области, како што се подобрување на општинската инфраструктура, надградба и рехабилитација на постојната патна инфраструктура, енергетска ефикаснсот, социјална заштита, транспарентност.

– Со владините претставници имавме конструктивна дискусија за Македонија да стане држава со високи приходи. Се заложуваме за формирање делотворно партнерство за економски напредок и за просперитет на граѓаните. Разговаравме за поврзување во области за реформи во владините политики за постигнување високи приходи на граѓаните, макроеркономска стабилност и одржливост, интеграција во глобалната економија, деловно опкружување поврзано со инвестиции и пораст на приватниот сектор, пристап до можности за сите граѓани – изјави Ван Гелдер.

Светска банка ја поддржува Македонија во проекти од седум области со вкупна вредност од 350 милиони евра.


Македонците пушат по 18-19 цигари дневно, четврти сме во светот


Скопје, 19 април, 2017 - 13:33 (META) 

Македонија е при врвот на листата од 184 земји според потрошувачката на цигари и се наоѓа на високото четврто место. Според табелата на „Википедија“, пред нас се само Црна Гора, Белорусија и Либан.

Според слободна проценка на директорот на пазар за Македонија, Косово и за Албанија на „Империал тобако“, Кирил Величковски, пак, Македонците пушат по 18-19 цигари дневно.

Но, иако нашата држава е високо на листата на држави каде што најмногу се пуши, потрошувачката на цигари во Македонија од 2013 година бележи пад од два до четири отсто годишно.

Според Величковски, тоа се должи на промената на законската регулатива, ценовните политики, здравствениот аспект и на економската моќ на луѓето.

Овој пад е во рамките на европскиот просек, бидејќи во Европа постои пад на консумацијата на тутун во последните 15 години и тоа помеѓу два и шест отсто.

Врз намалување на пушењето, според Величковски, влијание имала и кампањата со фотографии на пакувањата на цигари, кои укажуваат на штетноста од пушењето.

„Имеприал тобако“ во Македонија постои 15 години, има инвестирано околу 33 милиони евра во осовременување на технолошкиот процес и во иновации. Компанијата е најголем производител на пазарот, при што извезува 42,6 проценти од производството и тоа во Русија и на пет пазари во регионот. За оваа година планирано е само извозот на рускиот пазар да достигне 30 отсто од производството.

Во компанијата се произведуваат шест брендови цигари за домашниот пазар со 60-процентен пазарен удел.


Креирајте вредности, не само профит, порача Дресен на првиот Форум на добри компании


Скопје, 2 декември, 2016 - 14:44 (META) 

Денеска се одржа првиот Форум на добри компании, на тема „Трансформација на општеството преку бизнисите“, на кој учествуваа претставници на компании, граѓански организации, носители и спроведувачи на политики.

Гостин на форумот беше холандскиот претприемач и основачот на „Гуд хоспиталити груп“ (Good Hospitality Group), Мартин Дресен, кој го сподели искуството на создавањето „Добар хотел“, пловечка конструкција која привлекува илјадници туристи, особено оние кои ја разбираат својата улога во создавањето можности за луѓето од маргините.

– Во социјалниот бизнис како „Добар хотел“, акцентот е ставен на луѓето и на креирањето вредности, а не само на профитот. Фокусирајте се на луѓето, обидете се да ги мотивирате, да ги задржите и тоа ќе даде резултати на крајот. Најдобар случај е кога се постигнува баланс, остварување добивка и вреднување на човечкиот фактор – порача Дресен.

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп истакна дека форумот е настан каде треба да се изродат нови идеи за решавање на социјалните нееднаквости и предизвици.

– Холандија е долгогодишен пријател на Македонија и во изминатите 20 години сме поддржале и работиме со многу граѓански организации и компании. Длабоко веруваме во концептот „1 плус 1 може да биде 3“ и оттаму мотивацијата да ги доведеме овие два сектора на едно место денес, затоа што предизвиците на национално и на глобално ниво не можат да бидат адресирани од само еден сектор и затоа што веруваме дека синергијата може да биде двигател на позитивни промени и на напредок на општеството – рече Пломп.

Форумот беше во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“ и Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.

 


„Изборен компас Македонија“, алатка што покажува до која партија сте најблиску


Скопје, 30 ноември, 2016 - 12:24 (META) 

„Изборен компас Македонија“ е бесплатна интернет-алатка што им овозможува на гласачите да ги споредат своите со позициите на партиите што ќе учествуваат на престојните парламентарни избори.

Граѓаните имаат можност да одговорат на серија искази по важни прашања за различни политики (економија, социјална политика, домашна политика, миграција, човекови права и меѓународни односи), кои се претходно одговорени и од политичките партии.

Компасот ја пресметува позиција на политичките партии, ги позиционира на политичката сцена и ги споредува политичките преференции на граѓаните со официјалните политики на партиите наведени во нивните платформи, јавни изјави и на нивните веб-страници.

Оттука гласачите добиваат слика за нивната позиционираност наспроти партиите, како и за ставовите на партиите по различни прашања и можат да донесат одлуки за која политичка опција да гласаат.

Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија, а поддржан е и од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Македонија

Алатката е достапна на македонски и на албански јазик на www.izborenkompas.mk.


СКСМ: Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично


Скопје, 11 ноември, 2016 - 12:54 (META) 

Економските забелешки во извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ се совпаѓаат со ставовите на Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСМ) за економските политики на државата, истакна директорот на оваа комора, Фатмир Бикиќи.

Тој потенцираше дека постојано укажуваат на проблемите кои се нотирани во овој извештај и потребно е сите забелешки сериозно да се земат предвид.

– Она што е истакнато во овој извештај е дека почнатиот пораст на економијата во 2015 година се намали годинава, а бројот на новоотворени бизниси во 2015 година е намален во однос на просекот на претходните пет години. Постои нетранспарентно толкување на бизнис-регулативата, селективност во примената, владее корупција, има неформални економија, правната држава не функционира врз основа на законитоста и на уставноста – додаде Бикиќи.

Директорот на СКСМ уште еднаш ја истакна дискриминараноста на домашните компании во однос на странските, така што го посочи примерот со добивањето лиценци и дозволи за работа кој многу полесно оди кај странските инвеститори отколку за домашните компании. Оттука смета дека е потребно домашните фирми да не се дискриминирани институционално. Малите и средни претпријатија, исто така, имаат тежок пристап до финансии.

– Во однос на невработеноста, во извештајот е нотирано дека е висока кај младите и кај високо-квалификуваниот кадар. Исто така е забележано дека не се создаваат работни места кај приватниот сектор, а најголем работодавец е државата. Домашниот бруто-производ изнесува 3 проценти по жител од 2012 до 2015 година, што е 37 проценти од просекот на жителите на ЕУ – изјави Бикиќи.

Од 2009 до 2015 година, 62 проценти од расходите се за социјалните трансфери од кои најголем дел се за пензии.

Во ист период, капиталните расходи се реализирале 84 проценти, додека социјалните трансфери целосно и повеќе од предвиденото. Забележана е и мала транспарентност во извршување на инфраструктурни проекти преку државни институции.

Интересно е тоа што во извештајот е нотирано и дека Владата има голем удел во стопанството и тоа е проблематично. Со ова се согласуваат и од СКСМ.

– Ако државата е најголем работодавец и во вкупниот домашен бруто-производ има 13 проценти сопственост на државен капитал, тогаш е јасно дека тоа е така. Не може да има голем развој на земјоделството ако државата е најголем сопственик на земјиштето, без разлика на субвенциите што се даваат. А, исто така, таа има сопственост и во клучните компании – објаснува Бикиќи.

Лошиот економски извештај, според него, не е само на политичката криза туку се работи за последици на волјата на политичките партии. Тој смета дека бизнис заедницата не е доволно вклучена во процесот на креирање политики.


Со проектот „Гаранција за млади“ младите нема да си заминуваат од државата, најавува СДСМ


Скопје, 17 септември, 2016 - 14:20 (META) 

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, денеска во Кисела Вода изјави дека борбата на опозицијата е младите луѓе да останат во Македонија. Од тие причини го создале проектот „Гаранција за млади“.

„Проектот ,,Гаранција за млади“ ќе значи дека државата ќе гарантира на сите млади граѓани во Македонија дека веднаш по завршувањето на образованието во рок од четири месеци секој млад човек ќе може или да го продолжи образованието или да добие понуда за работа или да добие можност за пракса, обука или тренинг со којшто ќе се прилагоди на потребите на некое работно место коешто е на располагање. Овој метод, во многу европски земји даде добри резултати и ние сметаме дека ова треба да биде фокусот на младинските политики за младите да не заминуваат туку да останат во татковината – рече Шекеринска.

Таа додаде дека погрешните политики, економски, социјални, образовни се причината зошто младите сакаат да ја напуштат татковината.