За белградска „Политика“ Мицкоски е пантомимичар, а Иванов херој


Белград, 10 октомври, 2018 - 10:26 (META) 

Под насловот „Референдумски ајвар“, провладиниот српски  весник „Политика“ во вторникот излезе со коментар во кој оценува дека „наместо витешки да признаат дека референдумот пропаднал, европските, американските и НАТО функционерите го прогласиле за победа, што дополнително ги распали политичките страсти“.

„Лицемерието на западните владејачки политички елити и обидот за прекројување на волјата на граѓаните на Македонија коишто не се согласија да станат северни јужњаци, релативизирањето на резултатите на референдумот којшто лаконски беше оценет за консултативен, со дипломатски притисоци промената на името да се протурка во парламентот, само ќе го засили отпорот на Македонците“, пишува Александар Апостоловски во коментарот на „Политика“.

Апостоловски е соработник на порталите „Србин.инфо“ и „Академик.мк“.

Во коментарот се оценува дека „македонското гласачко тело е поделено на две длабоко завојувани страни, коишто пролеаја крв во Собранието, додека во позадина Албанците спокојно порачуваат, седејќи во Тиранската платформа, дека тие се единствените искрени американски сојузници“.

Терминот „Тиранска платформа“ главно беше наратив на ВМРО-ДПМНЕ за законот за јазиците.

Овој референдум Македонците го одлучија со молчење, се наведува во коментарот и се додава дека дури и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесувал како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорге Иванов, којшто, „кога остана осамен, не се скри во својата резиденција, туку од говорницата на Генералното Собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот“.

„Многумина ќе речат дека Македонците не ја искористија историската шанса експресно да влеззат во НАТО и да почнат преговори со ЕУ по 27 години. Можеби балканската ирационалносто повторно го победи прагматизмот“, се заклучува во текстот.


Анѓушев: Нема политичка криза по референдумот


Белград, 2 октомври, 2018 - 10:10 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев за време на Самит 100 во Белград, изјавил дека после референдумот на кој не излегле доволно гласачи, не очекува политичка криза во државата, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

„Мислам дека 600.000 гласови „за“ е сосема јасен доказ за поддршката од страна на граѓаните. По референдумот се можни две сценарија. Првиот е да имаме доволен број на гласови во Парламентот за да се изгласаат уставни промени, за што би требало да гласаат и претставниците на опозицијата. Друго решение се брзи избори“, изјавил Анѓушев на маргините на Самитот во Белград.

Во обраќањето на учесниците на Самитот, Анѓушев рекол дека регионот мора да направи заеднички проекти и дека ја зајакнува соработката, а државите и политиката треба да обезбедат поддршка за тоа.

Централна тема на дводневниот Самит 100 на кои се собраа бизнис-луѓето и политичарите на Југоисточна Европа е дигитална трансформација и како регионот да ја искористи четвртата индустриска револуција.


Груевски: Власта води политичка хајка, нема да се појавам во суд


Скопје, 4 септември, 2018 - 15:45 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска на прес-конференција во Собранието најави дека утре нема да се појави во Апелацискиот суд, а на седницата за „Тенк“ нема да присуствуваат ниту неговите адвокати зашто, како што рече, и онака одлуката е политички веќе донесена.

Груевски обвини дека власта води политичка хајка против него, а судиите се професионални, но работат под притисок.

– Ниту јас, ниту моите адвокти нема да се појавиме утре на седница. И нивното присуството во Апелација не може ништо да промени. Никакви правни аргументи не се доволни на однапред политички договорена пресуда и однапред донесена политичка одлука. Ако судиите се толку исплашени и подлегнале на политичка нарачка, ете им можност без мене да донесат каква сакаат пресуда. Ниту едно незаконско ставање во затвор нема да ги избрише од меморијата на граѓаните делата кои сум ги направил за оваа држава и овој народ, за бранењето на државните интереси – рече Груевски.

Тој додаде дека нему не му суди судот, туку политиката.

– Судството ме товари зашто бев водач на ВМРО-ДПМНЕ и зашто на некого му пречам. Судиите се професионални и стручни, но работат под голем притисок, а некои се блиски и до Зоран Заев – додаде Груевски и се пожали и дека во петокот му бил закажан термин за седница кога сите негови адвокати учествувале на рочиште за настаните во Собранието на 27 април, а тој сам во Апелација поминал 11 часа.

Во однос на документите објавени од „Викиликс“ во кои се тврди дека тој се согласил за промена на името во Република Северна Македонија, Груевски ги оцени како „јалови обиди на власта“ и „глупости“.

– Ова се јалови обиди на власта, и веројатно ќе има уште многу вакви. Тие се сега во кампања и ќе се изнаслушаме разни глупости. Јасно е зошто сум во суд и зошто ми се случува овој класичен политички прогон и тортура. Ако се согласев со Грците друга ќе беше песната, ја сум човек со принципи и достоинство – додаде Груевски.


Начинот на финансирање на општините на дневен ред на 80. седница на Влада


Скопје, 17 јули, 2018 - 9:38 (META) 

Редовната 80. седница на Владата почна во 9.30 часот, а на дневен ред меѓудругото, е информацијата за активностите за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и финансирање на надлежностите за општините.

На предлог на министерството за труд и социјална политика, Владата ќе ги разгледува предлог – уредбата за методологијата за утврдување на критериумите за распределба на блок-дотации за јавните установи за деца – детски градинки по општини за 2019 година.

Дел од расправата на утрешната седница ќе биде посветена на информацијата за финансирање на изградбата на фотонапонска електрана со инсталирана моќност од 10 мегават часови во кругот на РЕК Осломеј.

На редовната седница министрите ќе дебатираат и за предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за судска служба.


Светска банка: Економијата во Македонија закрепнува, прогнозите се позитивни


Скопје, 11 април, 2018 - 12:02 (META) 

По минатогодишната стагнација на македонската економија, Светска банка за земјите од Западен Балкан за годинава предвидува раст од 3,2 проценти и 3,5 проценти во 2019 година.

Редовниот економски извештај за Западен Балкан покажува дека економиите на Македонија и Србија, влијаеле и на намалувањето на растот на економијата на Западен Балкан, од 3,1 процент во 2016 година на 2,4 проценти во 2017 година.

– Економското влијание на политичката криза во Македонија беше подолго од очекуваното. Растот забави на нула во 2017 година, заради големото намалување на инвестициите. Но, економијата веќе започнува да закрепнува во 2018 година, предводена од потрошувачката и закрепнувањето на инвестициите. Нашите прогнози се позитивни за блиска иднина – изјави директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели.

Градежната и преработувачката индустрија во првите три квартали лани забележале пад.

– Во четвртиот квартал лани имаме мало закрепнување на преработувачката индустрија, кое продложи и на почетокот на годината. Кај градежништвото нема јасна слика. По падот на активноста, имаме привремено пролонгирање на проектите во јавните инвестиции, бидејќи Владата го ревидира квалитетот. Во креирањето на 190.000 работни места на Балканот, Македонија учествува со 18.000. Така што и покрај стагнацијата на економијата, има позитивно поместување на пазарот на трудот. Мерките за вработување треба да бидат активни без фискални импликации како во минатото – рече економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Тој додаде дека извозот растел побрзо од увозот, со што се придонело за намалување на трговскиот дефицит. Според Шимбов, позитивно е тоа што во него придонеле и домашните извозници, како резултат на закрепнувањето на економијата во Европа, која е наш најголем трговски партнер. Странските инвестиции лани имал мал пад, поради политичката криза и несигурноста.

Светска банка ја поздрави заложбата на владата за фискална консолидација со фискалната стратегија, а го нотираше и ланското намалување на јавниот долг, прв пат по 2008 година.

Од Светска банка препорачуваат зголемување на приходите и подобро менаџирање на расходната страна.

– Има простор за зголемување на приходната страна преку ефикасна наплата на даноците и зголемување на квантитетот на истите. Притоа, тие треба да бидат искористени за продуктивна цел, не на тековни трошоци и нетаргетирани социјални трошења како во минатото – додаде Шимбов.

Светска банка оценува дека потенцијалното членство во НАТО и преговорите со ЕУ, ќе бидат сидро за структурните реформи кои позитивно би влијаеле на економскиот раст, зголемување на сигурноста на странските и домашните инвеститори.

Во однос на емиграцијата на населението, податоците на Светска банка покажуваат дека 25 отсто се иселени, а пикот бил достигнат во 2015 година.

– Долго не е спроведен попис и точната бројка не може да се одреди. Извор на податоците се Обединетите нации и Виенскиот институт, со што проксимативно, бројката е 25 отсто од популацијата. Во 2015 година сме имале исторски максимум на иселување, споредено со 2000 година. Трендот на иселување на висококвалификувана работна сила продолжува – појасни Шимбов.

Од Светска банка ѝ препорачуваат на владата континуирани заложби за фискална консолидација, воведување на даночни реформи за мобилизирање на приходи, зајакнување на даночни проходи и ревидирање на даночните отстапки, рационализирање  и подобрување на квалитетот и ефикасноста на социјалните трошења, рационализација на субвенциите посебно во земјоделстовото, обезбедување на одржливост на пензискиот систем.


Политичка агитација на училишна врата


Скопје, 26 февруари, 2018 - 10:57 (META) 

Утрово на влезната врата на скопското основно училиште „Ј.Х. Песталоци“ се појавија фалери со кое се повикува на собир утре во 18 часот пред канцеларијата на ЕУ во Скопје.

На флаерот како организатори е наведена „Македонска координативна мрежа“, а испишани се и слоганите „Сите за унитарна Македонија“ и „Сите обединети за Македонија“.

Агитирањето и политичките актиности близу или во училиштата се сторого забранети, исто како и користењето на децата во пропагандни цели.


Шилегов се сретна со градоначалникот на Атина, најавија соработка


Атина, 9 февруари, 2018 - 11:31 (META) 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска во Атина имаше прва официјална средба со градоначалникот, Јоргос Каминис.

– Имајќи предвид дека нашите граѓани се соочуваат со исти предизвици во секојдневното живеење, размената на искуства и продлабочувањето на соработката ќе придонесат, заеднички да учествуваме во изнаоѓање решенија за современите потреби на нашите сограѓани – изјави Шилегов на заедничката прес-конференција.

Каминис изјавил дека од првиот ден од изборот на градоначалникот Шилегов, тие биле во комуникација.

– Тој е прогресивен и модерен политичар кој го разбира значење на добрата соработка меѓу градовите. На оваа прва средба договориме соработка на неколку полиња како социјалната политика, климатските промени и дигитализацијата, а во наредните недели ќе оствариме посета на Скопје каде што ќе потпишеме и Меморандум за соработка. На денешната средба ние разговаравме за соработка која ќе ја зголеми довербата и ќе создава политика на оптимизам меѓу двата града и двете земји – изјави Каминис.


Азески побара со Грција да се склучи договор за одбегнување на двојното оданочување


Скопје, 8 февруари, 2018 - 15:04 (META) 

Повторно интензивирање на активностите за склучување на Договор за одбегнување на двојното оданочување помеѓу Македонија и Грција, побара претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, од претседателот на Унијата на Грчките трговско-индустриски комори, Константинос Михалос.

„Стопанската комора на Македонија и Унијата на грчките трговско-индустриски комори уште во 2007 година пред надлежните органи го покренаа прашањето за склучувањето на Договор за одбегнување на двојното оданочување, но заложбите досега останаа без успех. Бизнисот беше тој кој во изминатите години непрекинато ја одржуваше билатералната соработка помеѓу двете земји, дури и кога политичките процеси затајуваа“, се вели во соопштението на Стопанската комора.

Азески во писмото до неговиот колега Михалос напишал дека бизнис-заедниците од двете држави од надлежните органи очекуваат создавање на поволно деловно опкружување и инвестициска клима.

– Нашите компании заеднички можат да постигнат многу, тие можат да бидат клучниот фактор за достигнување на посакуваното ниво на економски раст и развој во двете земји, но за тоа да се случи, на бизнисот мора да му бидат обезбедени потребните услови. Создавањето на предуслови за зголемување на обемот на размената и на инвестициите помеѓу нашите две земји треба непречено да се одвива, без оглед на развојот на политичките процеси – наведува Азески во писмото.

Грција е третиот трговски партнер на Македонија.

Обемот на размена е во постојан пораст – во 2017 година, вкупниот извоз изнесуваше 180,04 милиони евра, со пораст од 21,9 проценти во споредба со 2016 година, додека вкупниот увоз од 546,09 милиони евра има раст од 21,4 проценти во споредба со претходната година.

Обемот на грчките инвестиции во периодот од 2003 заклучно со 2016 година изнесува 157,41 милион евра, при што стотици компании со грчки капитал успешно работат во банкарскиот сектор, енергетиката, секторот на прехранбената и текстилната индустрија, градежништвото и трговијата на мало, вработувајќи повеќе десетици илјади работници.


Османи: Протестите се уставно право, сè додека не се насилни


Скопје, 1 декември, 2017 - 13:18 (META) 

Протестите се легитимно и уставно загарантирано право на граѓаните и може да се прават секаде, сè додека не се насилни, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали протестите на ВМРО-ДПМНЕ против последните приведувања и судството се политички притисок.

– Граѓаните имаат право да кажат мислење и за одлуките на судот, но ние не смееме да се мешаме во одлуките на судот. Можеби мене, како координатор за европски прашања, воопшто не ми се допаѓа моментот, но тоа докажува дека судовите не ги интересира политичката агенда и се целосно независни. Кога би избирал помеѓу моментот и независност, би ја избрал независноста – рече Османи.

Прашан за најавената средба со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, Османи рече дека сè уште се работи на датумот и дека има интензивни контакти и градење на доверба на различни нивоа.

– Постои позитивна атмосфера за средбата со Нимиц за името, за што потоа треба да се обезбеди внатрешен консензус за да се најде решение – рече Османи.

Вицепремиерот изрази надеж дека опозицијата ќе даде поддршка на реформските процеси, иако последните настани влијаат на ситуацијата. Сепак, тој се надева дека опозицијата ќе биде конструктивна за т.н. наднационална агенда.


Анѓушев: Промената на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството


Скопје, 25 октомври, 2017 - 15:34 (META) 

Kаква било промена на даночната политика ќе биде во прилог на граѓаните и на стопанството на Македонија, одговори на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, на отворањето на саемот „Технома“.

– Измената на даноците нема да се случи без поширока расправа и за неа и медиумите и граѓаните и стопанствениците ќе бидат навремено информирани – појасни вицепремиерот Анѓушев.

Од Министерство за финансии соопштуваат дека „стапката на данокот на додадена вредност нема да се менува и такво нешто не е предвидено ниту во програмата на Владата“.

„До крајот на годината ќе се отвори јавна дебата за евентуално воведување на прогресивна стапка на персоналниот данок на доход. Сите промени ќе се носат транспарентно и со вклученост на јавноста“, се вели во соопштението на Министерство за финансии.