ВМРО-ДПМНЕ: Судот е директен учесник во продлабочувањето на кризата поттикната од власта


Скопје, 28 јануари, 2018 - 11:26 (META) 

Дурловски, Илиевски, Јовановски, Дамовски, Чавков, пратениците и сите останати кои се неправедно притворени за настаните од 27 април, се терористи колку што се терористи македонските иселеници кои вчера протестираа низ Европа и светот, повторно реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за продолжувањето на притворите на осомничените за минатогодишните насилства во Собранието.

Од партијата велат дека Македонија е узурпирана држава каде е укинато владеењето на правото и каде невини луѓе, без никаква правна основа, политички се држат во притвор, додека „владините претставници лицитираат со македонската историја и иднина“.

„Органите на прогонот се користат за монтирање на судски случаи и пресметка со сопствените граѓани кои мислат поинаку од власта. Судот е најдиректен и најодговорен учесник во продлабочување на кризата која е поттикната од катастрофалните политики од страна на владата на СДСМ. Судот има обврска да ја гарантира законитоста и да биде чувар на демократијата. Токму затоа треба итно и неодложно да ги пушти од притвор Чавков, Дамовски, Илиевски, Јовановски и останатите чија единствена вина е љубовта кон државата“, стои во соопштението.


Мицкоски разговарал со претставници на ЕУ за актуелните случувања во Македонија


Скопје, 11 јануари, 2018 - 20:08 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска имал средба со Жан-Кристоф Белијард, директор во службата за надворешна политика на Европската Унија, Ангелина Ајхорст, директор за Западна Европа, Западен Балкан и Турција и Геновева Руиз Калавера, директор во Директоратот за проширување на Европската комисија, соопштија од партијата.

На средбата присуствувал и Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

На неа, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ се разговарало за актуелните политички случувања во земјава, за стратешките приоритети на државата, како и за реформските процеси важни за Република Македонија.

„Претседателот Мицкоски истакна дека сме сведоци на политички прогон кој се извршува врз десетина лица, а сето тоа не ја придвижува Република Македонија напред кон нејзините стратешки цели – ЕУ и НАТО“, стои во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ: Пет отсто од собранискиот состав е во притвор


Скопје, 3 јануари, 2018 - 10:41 (META) 

Постапките кои што се спроведуваат против бранителите на Уставот се незаконски и правно неосновани, притворените лица од 27 април се жртва на политички прогон, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Република Македонија не е демократска држава. Во Македонија во моментов пет отсто од целокупниот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолкне секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ потстетуваат дека и „Народниот правобранител реагираше на полициската бруталност и непочитување на законите при притворање на бранителите на Уставот.“

„Основното јавно обвинителство и судот молчат за овој срам. Судот треба да биде гарант на законитоста во постапките и е должен да се издигне над притисокот. На Македонија и е потребно владеење на правото и општествено помирување, а не генеза на омраза преку злоупотреба на институциите“, се додава во соопштението.


ВМРО-ДПМНЕ изгласа резолуција за осуда на политичкиот прогон


Валандово, 23 декември, 2017 - 12:56 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот во Валандово изгласа резолуција за осуда на политичкиот прогон организиран од СДСМ.

Конгресот го осуди, како што велат, политичкиот прогон спроведуван од СДСМ и монтираните судски постапки спроведени од СЈО и ОЈО, како и сите постапки поврзани со настаните од 27 април.

„Главни причини и мотив за политичкиот прогон од СДСМ за лицата е заложбата за почитување и промоција на националните и државните интереси од страна на членовите, поддржувачите или симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од партијата.

Од таму повика на ревизија на сите случаи на политичкиот прогон на лицата кои што се обвинети.


ВМРО-ДПМНЕ: Пресудата за Грујовски е партиско-политичка нарачка


Скопје, 8 ноември, 2017 - 16:44 (META) 

Одлуката на судот нема никаква правна основа и е партиско-политичка нарачка која треба да го означи политичкиот прогон во Македонија, се вели во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ по денешните пресуди за случајот „Тврдина 2“ на Специјалното јавно обвинителство.

– Ова е апсурден предмет со кој се обвинува за фалсификат, а се става на товар дека наводно биле уништени исправи со вистинита содржина. Апсурдот да биде поголем, ваква инкриминација не постои во актуелниот Кривичен законик, односно СЈО го промашило кривичното дело поради нестручност, незнаење или сервилност за извршување политички наредби – изјави Крсто Јовановски, на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, соопштуваат од партијата.

Тој додаде дека пресудата е донесена по обвинение застапувано од СЈО, кое, според партијата, не е надлежно за ваков предмет.

– Во однос на надлежноста на СЈО за предметот, се креира дополнителна конфузија. Законот го ограничува тоа обвинителство да постапува единствено во врска со предмети што произлегуваат директно од нелегалните разговори. За „Тврдина 2“ не постои ниту еден незаконски снимен разговор на кој се повика СЈО во постапката, а измисленото дело што се става на товар е надвор од временската рамка која го ограничува постапувањето на СЈО. Оваа одлука е резултат на политичкиот прогон и на политичкиот притисок. Ова е политичка, а не правна одлука – подвлече Јовановски.


Зоран Божиновски го нарече судот „лудница“ и доби казна од 2.000 евра


Скопје, 10 ноември, 2016 - 15:14 (META) 

Новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, на денешното рочиште во случајот кој се води против него за шпионажа, уцена и за изнуда, е казнет со парична казна од 2.000 евра поради непочитување на судот и непримерно однесување.

„Не ви одговара тоа што го зборувам. Гладни сте за пари. Ова е лудница, не е судница. На 12 декември ќе снема пари во вашиот банкомат“, рекол Божиновски на денешната главна расправа, која траела два часа и поминала во расправии со судијката Ленка Давитковска, за која обвиниетиот, меѓу другото, рекол и дека е „претставник на злосторничко здружение“.

Божиновски рекол дека во обвинителниот акт немало никакви докази и оти случајот против него е политички прогон нарачан од поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а креатори биле ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, и шефот на неговиот кабиент Тони Јакимовски.

„Мојот лов од страна на ДПМНЕ имаше две фази. Првиот почна во 1999 година и траеше до 2002 година, кога бев крвнички претепан на работното место во радио „Тумба“. Кога не успеаја со тоа да ме замолчат, почнаа со обиди да ме купат, посебно Драган Даравелски. Кога се преселив со семејството во Србија, во јуни 2010 година, ми се јавуваше Александар Бичиклиски во име на Никола Груевски“, рекол денеска Божиновски во судницата, пренесува „Плусинфо“.

Следното рочиште за случајот против Божиновские е закажано за 9 декември, кога пред судот треба да сведочат бизнисменот Минчо Јорданов, Ванчо Шехтански и Димитар Димовски. Божиновски се товари дека уценувал бизнисмени и други јавни личности, меѓу кои и Јорданов.

Сопственикот на „Буревесник“ во 2013 година беше еден од осомничените во случајот „Шпион“, но бидејќи им беше недостапен на органите на прогонот, истрагата против него беше прекината. На 21 април годинава, Божиновски беше екстрадиран од Србија во земјава, откако беше уапсен од српските власти врз основа на меѓународната потерница.