!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов – Иваниќ: Македонија и БИХ треба да ја интензивираат економската соработка


Скопје, 20 април, 2017 - 13:56 (META) 

Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина (БИХ) се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка, на која мора да се работи во следниот период. Ова е задничката оценка на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум што се одржа во Скопје.

Иванов и Иваниќ посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската сораборка и изразија подготвеност за создавање правна рамка за зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Македонскиот претседател посочи дека статистичките податоци, кои покажуваат дека БИХ е дури 20-ти трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари, не соодветствуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

Во насока на продлабочување на економската соработка, Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и на компаниите од Босна и Херцеговина.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и на председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.