!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Хан на „Принстон“: Мораме да видиме политичка волја наместо политички игри


Њу Џерси, 21 април, 2017 - 17:00 (META) 

Наместо политички игри, мораме да видиме политичка волја и вистински реформи, не на хартија туку на терен, особено во клучните области како владеење на правото, конкуретноста и поврзувањето. Ова е пораката на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, до земјите од Западен Балкан, вклучително и до Македонија, што тој ја нагласува во својот говор на Универзитетот „Принстон“ во САД, на тема „Европа и кризите во нејзиното соседство“.

Хан вели дека работата на Еврпската Унија на Западен Балкан сè уште не е завршена и дека од витално значаење е задржувањето на веродостојна перспектива за членство на регионот во ЕУ, како сидро за стратешка стабилност и за реформи.

– Истовремено, проширувањето не е бесплатен ручек. Само локалните лидери може да ја завршат работата и да им ја испорачаат на своите граѓани. Ние мораме да видиме политичка волја наместо политички игри. Мораме да видиме вистински реформи, не на хартија туку на терен, особено во клучните области на владеење на правото, конкурентноста и на поврзувањето. Тоа може да го загрози бизнис-моделот на некои индивидуи, но стратешки не постои друга алтернатива. Нивните граѓани го знаат тоа – вели Хан.

Еврокомесарот нагласува дека доколку ЕУ стане колеблива на Балканот, некој друг може да влета во него, додавајќи дека тој некој, всушност, веќе се обидува да го направи тоа.

– Во таа смисла, проширувањето на ЕУ, со сите услови и критериуми, е најдобрата безбедносна политика што ЕУ некогаш ја имала. Само замислете каде ќе беше Полска, Балтикот или другите денеска ако не го искористевме временскиот прозорец во 1990-тите години – нагласува Хан.

Хан во својот говор зборува и за кризите во Источна Европа, Сирија и во Турција.

– Се плашам дека достигнавме до точка од која нема враќање со Анкара. Таму повеќе не може да работиме по старо, односно ние да се преправаме дека им веруваме на нивните заложби за членство во ЕУ, додека случувањата на терен го кажуваат спротивното, за жал – вели еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика.


Бејли: Иванов и Собранието да го придвижат процесот на формирање влада


Скопје, 4 април, 2017 - 14:10 (META) 

„Го повикуваме претседателот да го придвижи процесот. Исто така, важно е Собранието да дозволи процесот да се придвижи напред, а јасно е дека тука прв чекор треба да биде избор на спикер на Собранието од новиот состав“. Ова денеска го изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, одговарајќи на новинарско прашање по одбележувањето на Денот на НАТО во Скопје, односно 68-годишнината од формирањето на алијансата.

Американскиот амбасадор истакна дека од политичките лидери зависи дали и како земјата ќе оди напред и потенцираше дека „не е во согласност со демократските принципи и со Уставот да не се дозволи да продолжи процесот на формирање влада“.

– Имаше избори во декември, за кои се оцени дека се кредибилни. Пратениците седнаа во Собранието, беше декларирано собраниско мнозинство и мислиме дека не е во согласност со демократските принципи и со Уставот да не се дозволи да продолжи процесот на формирање на владата. Секако, на крајот на краиштата, од политичките лидери и од граѓаните на Македонија ќе зависи како ќе одат напред, но ова е клучно за македонската интеграција во НАТО и во Европската Унија, како што кажа вчера претседателот на Европскиот совет (Доналд Туск н.з.) – рече Бејли.

Тој не секаше да коментира кои би биле следните чекори на меѓународната заедница доколку политичките процеси во земјава и натаму останат блокирани и не се формира влада во скоро време.

– Ние го помагавме дијалогот во договорите во Пржино, но на крајот на краиштата вашите институции се местото каде што ова треба да се разреши. Имате Собрание и таму може да се дискутира за сите прашање. Но, важно е да одиме напред со формирање на владата. Ако не одиме напред, тоа ќе значи одложувања на одлуки, можеби нереализирање на проекти, и на крајот граѓаните ќе мора да одлучат дали сакаат нивното собрание и политички лидери така да постапуваат – рече Бејли.

Прашан за коментар на изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на други високи претставници на земјата за Македонија, Бејли истакна дека САД и понатаму остануваат на ставот од пред неколку недели – соседите да бидат воздржани.

– Како што реков пред неколку недели, ги повикуваме соседите од регионот да бидат воздржани и да и дозволат на Македонија да оди напред со овој процес. Јасно е дека ова е чувствително прашање. САД го користи името Република Македонија и го признаваме македонскиот идентитет – рече Бејли.


Мисија на САД во ОБСЕ: Разочарани сме од Иванов, бараме да ја преиспита одлуката


Виена, 9 март, 2017 - 20:45 (META) 

Соединетите Американски Држави се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да ја формираат новата влада на претставниците што имаат јасно парламентарно мнозинство и бара од него да ја преиспита својата одлука, стои во соопштението од обраќањето на шефицата на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс, во врска со политичката ситуација во Македонија.

– Заедно со нашите сојузници во НАТО и со партнерите од ЕУ, САД внимателно го следат процесот на формирање на влада во Македонија, по парламентарните избори на 11 декември 2016 година. САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство. Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација – стои во соопштението од Мисијата на САД во ОБСЕ.

Како стратешки партнер и пријател на Македонија, како и со целосно почитување на суверенитетот и единството, се нагласува во соопштението, Мисијата на САД во ОБСЕ бара од претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука.

– Ние, исто така, ја повикуваме Владата, политичките лидери и партиите да се воздржат од напади врз организациите од граѓанското општество и да помогнат да се обезбедат услови и поддршка за независните гласови и институции да ја извршуваат својата работа. Во исто време, ги повикуваме соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на зголемена политичка чувствителност во земјата – наведуваат од Мисијата на САД во меѓународната организација.

САД ги повикуваат сите страни да ги стават интересите на Македонија и на нејзините граѓани пред сè друго, да работат конструктивно и на целосно спроведување на сите нивни обврски од Договорот во Пржино.

Решавање на политичката криза, се вели во соопштението, може да дојде само преку почитување на законите на Република Македонија и на меѓународните обврски, и почитување на волјата на народот слободно изразена преку демократски процеси и врз основа на резултатите од изборите во декември 2016 година, и во духот на инклузивност и меѓуетничка соработка.

Изјавата на Брнс доаѓа истовремено со посетата на генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, на Македонија и неговите средби со државниот и со политичкиот врв на земјата.


Шефот на ОБСЕ ќе се сретне со државниот и со политичкиот врв


Скопје, 9 март, 2017 - 9:41 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, синоќа допатува во Скопје поради новонастаната криза со недоделувањето на мандатот за формирање нова влада.

Заниер во текот на денот ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на парламентарните политички партии, како и со претставниците на граѓанските организации.

Минатата недела, откако Иванов одлучи да не го додели мандатот, Заниер преку социјалната мрежа „Твитер“ изрази загриженост и ја најави својата посета на Македонија.

„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Следната недела ќе го посетам Скопје и ќе имам средби со претставници на власта, лидери на политичките партии и со претставници на граѓанското општество. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер на „Твитер“.


Охрид ноќеска преплавен со летоци против „сеалбанската платформа“


Охрид, 7 март, 2017 - 11:17 (META) 

Охрид ноќеска беше преплавен со пропагадни летоци од четири странички, со пораката „Не се согласуваш? Активирај се!“. Летокот е вметнуван во поштенските сандачиња во станбените згради, по домови, возила…

На првата, насловна страница од летокот, стои текстот „Сеалбанска платформа, Тирана, 07.01.2017“.

На внатрешните две страници, испишани се осум точки од платформата, со голема фотографија на албанскиот премиер Еди Рама, зад кого има карта на Голема Албанија. Има уште две фотографии, едната на Рама и на Али Ахмети и втората – четворицата лидери на партиите на Албанците од Македонија со премиерот Рама и со министерот за надворешни работи на Албанија, Фатмир Бушати.

На последната, задна страница е отпечатен портрет на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, зад чиј грб стои картата на Голема Албанија, со двоглав орел, заедно со текстот „Ние не бегаме од платформата, имаме позитивен аспект кон неа – Зоран Заев“.


Британскиот министер за Европа и за Америка, Ален Данкан, ја почнува дводневната посета


Скопје, 23 февруари, 2017 - 9:47 (META) 

Британскиот државен министер за Европа и за Америка, Ален Данкан, денеска ја почнува дводневната посета на Македонија, во рамки на која ќе има средби со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, лидерите на парламентарните политичките партии, специјалната обвинителка Катица Јанева, претставници на институциите, како и на граѓанскиот сектор.

Главен фокус на средбите на Данкан ќе биде политичката состојба, потребата за итни реформи што ќе овозможат напредок кон членството во НАТО и во ЕУ, како и плановите на лидерите за изградба на просперитетна и инклузивна држава.

Посетата на сер Данкан на Македонија, која доаѓа неполна година по посетата на неговиот претходник, Дејвид Лидингтон, има цел да ја нагласи посветеноста на Велика Британија на Западниот Балкан и по излегувањето од Европската Унија.


Британскиот министер Ален Данкан, утре во Скопје


Скопје, 22 февруари, 2017 - 12:05 (META) 

Британскиот државен министер за Европа и за Америка, Ален Данкан, утре ќе допатува во дводневна посета на Македонија, во рамки на својата балканска турнеја, која треба да ја потврди посветеноста на Велика Британија кон регионот и по излегувањето од Европската Унија.

Данкан, кој доаѓа и со порака дека е потребно конструктивно придвижување на решањето на политичката криза, во следните два дена ќе има средби со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, лидерите на парламентарните политичките партии, специјалната обвинителка Катица Јанева, претставници на институциите, како и на граѓанскиот сектор.

Според агендата, британскиот министер нема да одржи прес-конференција со која во петокот би ја заокружил посетата, но непосредно пред своето доаѓање изјави дека Западен Балкан е клучен регион за Британија.

– Посветени сме да имаме активна улога како поддржувач. Особено ми е драго што мојата посета се надоврзува преку унапредување на можностите за идната соработка во областа на безбедноста, просперитетот и на реформите – рече Данкан, потсетувајќи дека Британија е долгогодишен поддржувач на Македонија во евроатлантските процеси.

Тој во својот официјален блог за посетата на Македонија вели дека доаѓа за да ги слушне лидерите на политичките партии и да ја пренесе пораката дека Обединетото Кралство ќе ја поддржи секоја влада што ќе работи на битните реформи со транспарентност.

„Нам ни е битно нашите земји да го споделуваат демократските вредности и ќе продолжиме да ја поддржуваме Македонија за да биде стабилен, безбеден и просперитетен партнер“, пишува Данкан.

Во однос на евроатлантските асприрации и пречките за членство, тој во блогот вели дека ќе треба одлучност, политичка решеност и несомнено да се донесат некои многу тешки одлуки.

„Политичарите во Македонија ќе треба да ги надминат разликите што ја создадоа сегашната политичка криза и да се посветат на демократијата и на потребните реформи за да ја повлечат земјата кон напредок. Реформите се битни за да се отворат работни места и просперитет“, напиша Данкан и додаде дека демократијата не може да постои без трансперентност и оти таквата отвореност не е со цел да биде закана или омаловажување за политичарите и за јавните фунцкионери.


Хан утре ќе се сретне со Иванов во вилата на Водно


Скопје, 9 февруари, 2017 - 16:53 (META) 

Претседателот на државата Ѓорге Иванов утре, во 9 часот, ќе се сретне со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан, соопштија од кабинетот на Иванов.

Средбата ќе се одржи во претседателската резиденција на Водно.

Еврокомесарот синоќа допатува во Скопје, а денеска учествуваше на шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната соработка во областа на енергетиката.

Тој пред конференцијата имаше средба со премиерот во оставка, Емил Димитриев, а попладнево ќе се сретне со лидерите на политичките партии кои на изборите на 11 декември добија пратенички мандати во Собранието.

По завршувањето на конференцијата, а во пресрет на средбите со политичките лидери, Хан изјави дека дошол да ги слушне ставовите на лидерите на политички партии, но не и да им дава насоки и препораки што да одлучат, во контекст на актуелните прашања за формирање на новата влада.


Хан утре во Скопје на неформален министерски состанок за Западен Балкан


Скопје, 8 февруари, 2017 - 13:55 (META) 

Шестиот министерски состанок на земјите од Западен Балкан ќе се одржи утре во Скопје и ќе биде посветен на регионалната соработка. На состанокот, покрај министрите за надворешни работи и министрите за енергетика од балканските земји вклучени во т.н. Берлински процес, ќе присуствуваат и еврокомесарот за соседска политика и за преговори за проширување, Јоханес Хан, италијанскиот државен потсекретар за надворешни работи, Винченцо Амендола, и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ.

Како што соопштуваат од македонското МНР, на неформалната средба ќе се разговара за прашања од областа на регионалната соработка во различни сегменти, но со посебен акцент на заедничките регионални предизвици, економскиот просперитет и меѓусебното поврзување, владеењето на правото и антикорупцијата, во функција на интегрирање на сите балкански земји во ЕУ.

„Министрите за надворешни работи ќе одржат и заедничка сесија со министрите за енергетика, на која ќе се дискутира за примената на одлуките од Парискиот самит и очекувањата од претстојниот самит во Трст во рамките на т.н. Берлински процес“, стои во соопштението од МНР.

На маргините на состанокот ќе бидат потпишани два договори помеѓу Европската комисија и меѓународните финансиски институции, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и банкарскиот концерн KfW, во рамките на Програмата за регионална енергетска ефикасност (РЕЕП ) и Фондот за зелен раст (GGF – Green for Growth Fund ), преку кои ќе се финансираат проекти што ќе се реализираат во регионот.

Во текот на утрешниот ден, по министерскиот состанок, Хан ќе има средби со претставниците на граѓанскиот сектор, како и одделни средби со лидерите на политичките партии, на кои ќе разговара за состојбата на Македонија по предвремените парламентарни избори, напорите за формирање влада и за враќање на земјата на евроатлантскиот пат.


Бејли разговараше со Груевски за изборите и најави средби и со другите лидери


Скопје, 16 декември, 2016 - 19:22 (META) 

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, попладнево имаше средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во новото седиште на партијата, на која било разговарано за изборите што се одржаа на 11 декември и за идните чекори на партијата.

Бејли, во кратка изјава по средбата, истакна дека САД се партнер на Македонија и најави средби и со другите политички лидери.

– Само што имав средба со Груевски и го ценам тоа што имав можност да го слушнам неговиот став за изборите и за идните чекори. Знаете дека САД се партнер на оваа земја. Ќе имам вакви средби и со другите политички лидери – рече Бејли

Инаку, средбата на Бејли со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа еден ден по протестите пред седиштето на ДИК, на кои директорот на државниот архив, Филип Петровски, иако не го спомна со име и презиме, сепак јасно алудирајќи на американскиот амбасадор, му порача „да се тргне од Македонија и да не провоцира повеќе“.

На прашање на „Мета“ како ги коментираат синоќешните вербалните напади врз странски дипломати во Македонија, говорот на омраза и апелите за линч, од Амбасадата на САД одговорија дека изборите беа тесни и природно е што страстите се подигнаа и ги повикаа политичките партии да овозможат процесот на приговори за резултатите од предвремените парламентарни избори од 11 декември да се одвива во согласност со законот, на фер, транспарентен и мирен начин.