!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Кукан се надева на значителен пресврт во кризата во Македонија и на Балканот


Брисел, 21 април, 2017 - 10:09 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан, известувач во сенка за Македонија во Европскиот парламент, во интервју за „Еуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans) вели дека во наредните месеци очекува значителен пресврт во политичките случувања во Македонија и во другите балкански земји зафатени од „трендот“ на блокада и на бојкот на клучните институции.

– Ние се соочуваме со сериозна политичка криза во Македонија и во Албанија. Во другите земји во регионот, на пример, Црна Гора и Косово, се борат со бојкот на парламентите. Се чини дека ова е регионален тренд, кој е контрапродуктивен за демократскиот развој во земјите кои европскиот праг. Се надевам дека во следните месеци ќе видиме значителен пресврт во овој тренд. Сепак, тоа е првиот и најфундаментален Копенхашки критериум – вели Кукан.

Кукан во интервјуто зборува за перспективата на Европската Унија, политиката на проширување и за состојбите во земјите од Западен Балкан – кандидати за членство во Европската Унија.


Ахмети – Тимоние: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без одложување да најдат решение за кризата


Тетово, 20 април, 2017 - 15:57 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во Тетово имал средба со амбасадорот на Франција во земјава, Кристијан Тимоние, на која, како што соопштуваат од партијата, било разговарано за политичката ситуација во Македонија, геополитичкитe околности и за можности за решавање на политичката и институционална криза.

Ахмети на средбата ги образложил „сите конструктивни чекори што ДУИ ги презела за излез од кризата, а во согланост со очекувањата на граѓаните и на меѓународната заедница“.

– ДУИ, како победничка партија на Албанците, даде поддршка на реформското парламентарно мнозинство за да се формира нова влада, која ќе ја спроведува агендата и однапред утврдената програма од страна на меѓународната заедница преку строго спроведување на реформите во судството, заокружување на Охридскиот рамковен договор и на евроатлантските интеграции – рекол Ахмети на средбата.

Тој го информирал Тимоние дека ДУИ продолжила со дополнителни напори за решавање на кризата и дека ги поканил двете македонски политички партии да се вклучат без одложување во наоѓањето решение заради остварување мир, стабилност и безбедност на граѓаните.

– Секое доцнење претставува можност за противниците на нашиот пат кон интеграцијата во НАТО и во Европската Унија да го прошират своето влијание и да го продлабочат јазот помеѓу граѓаните на нашата земја – нагласил Ахмети на средбата со Тимоние.


Судска ферија – предметите на СЈО на стенд-бај до 3 мај


Скопје, 19 април, 2017 - 12:49 (META) 

Во зовриена политичка атмосфера, која никако не губи интензитет, судиите и главните судски инстанци ги ставија на стенд-бај клучните судења и седници, а деновиве како да си дадоа ферија со спојување на велигденските празници и на Први мај.

Уставниот суд за оваа недела, односно за денеска нема закажано седница, а засега нема објавено агенда ниту за седница за следната недела.

Врховниот суд вчера ја одложи седницата на која требаше да се расправа и да се решава по рефератите на претседателот на судот, Јово Вангеловски, со кои се проблематизира користењето на прислушуваните разговори како докази во судските постапки и дали Специјалното јавно обвинителство може да поднесува барања за заштита на законитоста или тоа право ексклузивно му припаѓа на Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Причина за одложувањето, наводно, е боледувањето на кое заминале дел од судиите.

По пауза од еден и пол месец, во првите денови од мај на обвинителна клупа еден по друг повторно треба да седнат лидерите на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, во случаите што се водат против нив во Кривичниот суд во Скопје.

За првата недела е закажано и судењето на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, осомничен во случајот „Тврдина 2“ на СЈО.

Ниту за еден од овие три случаи досега не е почнат официјален судски процес, а досегашните рочишта редовно се одложуваат.

  • 3 мај – Закажано е рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, за кои меѓу 14 обвинети е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Претходното рочиште, кое се одложи, беше на 10 март, но во судницата не се појавија ниту Груевски, ниту другите обвинети. Објаснувањето на адвокатот на Груевски, Никола Додевски, беше дека неговите клиенти не се појавиле бидејќи има решение со кое Советот на јавни обвинители бара промена на обвинителот во случајот, односно на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи;
  • 4 мај – Закажно е рочиште за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Претходното рочиште се одржа на 3 април, на кое судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати барањето на одбраната на Заев, Обвинителството за организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите во случајот;
  • 5 мај – Закажано е рочиште за случајот „Тврдина 2“ против поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Претходното рочиште беше одложено бидејќи судијката Лидија Петровска, позната како „сваровски-судијката“, беше на боледување. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, тогаш изјави дека успеале да добијат решенија за декласификација на голем дел од доказите, како што бара Петровска.

Од судењата за кои владее интерес во јавноста, единствено активно е и тече со набиена агенда тоа за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година. Покрај денешното, до крајот на овој месец за тој случај се закажани рочишта за 21, 25 и 27 април.


Хотелиерите очекуваат добра сезона, но се плашат од влошување на безбедносната состојба


Охрид/Струга, 19 април, 2017 - 10:16 (META) 

Хотелиерите од Охрид и од Струга, како и малите станоиздавачи се задоволни од продажбата на капацитетите во пресрет на туристичката сезона, но се плашат од евентуално влошување на безбедносната состојба.

Според најавите и склучените аранжамани за претстојната туристичка сезона, сите очекуваат дека ќе биде успешна, но само доколку не дојде до некоја поголема дестабилизација на безбедносната ситуација, со оглед на долготрајноста на политичката криза и неизвесноста од нејзиниот исход.

– Кај нас сè е поврзано со ситуацијата. Минатата година ја имавме бегалската криза, пред тоа Куманово (настаните во Диво Насеље пред две години, н.з.). Очекуваме дека оваа година нема да има никакви инциденти и ќе имаме максимална бројка на гости – вели претседателот на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга, Крсте Блажески.

На почетокот на мај се очекуваат првите организирани посети на туристи од Холандија со чартер-летови, со што и официјално ќе биде отворена новата сезона за која најавите се добри.

– Најбројни се Холанѓаните, а потврда за тоа е зголемувањето на чартер-летовите од Амстердам. Покрај Холанѓаните, последните години има зголемување на бројот на гости од Јапонија, Кина и од Јужна Кореа, а најавена е и повисока класа на гости од Иран. Исто така, очекуваме доста гости од Полска, како и зголемување на бројот на туристи од Германија – нагласува Блажески.


Хелбах: Иванов да биде мудар и да овозможи брзо формирање влада


Скопје, 9 март, 2017 - 14:09 (META) 

Специјалниот ополномоштеник на Министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-државите, Кристијан Хелбах, по средбата со претседателот Ѓорге Иванов, шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, и со лидерите на политичките партии во Македонија, рече дека е потребно брзо формирање влада која ќе биде посветена на имплементирање на реформските приоритети.

Хелбах рече дека ставот на Германија е во согласност со изјавите на еврокомесарот Јоханес Хан и на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

– За да може ова да се оствари (интеграцијата во НАТО и во ЕУ, н.з.) клучни се реформските процеси. На луѓето им се потребни работни места, социјална безбедност, владеење на правото и ефективни мерки против корупцијата – рече тој и ги повика партиите да се воздржат од отворање „прашања кои не се поврзани со овие приоритети“.

Хелбах истакна дека Собранието мора да биде во можност да си ја врши својата работа, а за тоа е потребно формирање влада.

– Ние сме уверени дека претседателот Иванов ќе покаже мудрост, ќе ги почитува резултатите од неодамнешните избори и ќе овозможи мнозинството во Собранието да формира влада што е можно поскоро – рече тој.

Хелбах ги повика сите партии да се однесуваат одговорно за да се избегнат потенцијалните тензии.

– Со загриженост ја нотираме негативната реторика кон граѓанските организации и кон меѓународната заедница и повикуваме сите партии да се воздржат од користење на ваков јазик – изјави германскиот дипломат.

Хелбах истакна дека од особена важност е Специјалното јавно обвинителство да продолжи да ја врши својата работа со независна и веродостојна судска поддршка.

На новинарско прашање дали гледа нешто спорно или проблематично во платформата на албанските партии, тој отсечно договори „не“.


Кукан, Флекенштајн и Вајгл ќе препорачаат ЕП да го одложи донесувањето на извештајот


Брисел, 2 март, 2017 - 22:57 (META) 

Ги повикуваме претседателот и сите политички партии да ја почитуваат демократската одлука на граѓаните на земјата и без понатамошно одложување да го прифатат секое договорено парламентарно мнозинство, се вели во заедничката изјава на тројцата европарламентарци Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл во врска со актуелните политички случувања во Македонија.

– Како што неколкупати кажавме заедно со комесарот Хан, очекуваме новата влада да биде базирана на сеопфатен, реформски консензус и на меѓуетничка соработка. Апелираме на одговорност од претседателот и сите политички партии да се воздржат од какви било провокативни изјави или постапки. Од суштинско значење е исходот од изборите и волјата на народот да се почитуваат и да се овозможи да се одвиваат демократските процеси, како што би се очекувало во едно демократско општество – стои во изјавата на тројцата европарламентарци, кои беа посредници и во постигнувањето на Договорот од Пржино.

Кукан, Флекенштајн и Вајгл во изјавата нагласуваат дека неодамнешните настани може да имаат големо влијание врз европската перспектива на земјата.

– Како што стојат работите, ние сме должни да му препорачаме на Европскиот парламент одложување на планираното пленарно гласање за извештајот за земјата за 2016 година – велат тројцата европарламентарци.


Ахмети – Кара: ДУИ е внимателна, затоа што е свесна за важноста на одлуката


Тетово, 14 февруари, 2017 - 14:31 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја има предвид важноста на одлуката и затоа суштински и широко ја испитува секоја веројатност, предностите и последниците што можат да произлезат од неа, истакнал лидерот на партијата Али Ахмети на средбата со амбасадорката на Турција во земјава, Тулин Еркал Кара.

Ахмети и турската амбасадорка разговарале околу политичката ситуација и билатералните односи помеѓу Скопје и Анкара.

„Ахмети ги презентираше петте можни опции на ДУИ за излез од политичката криза нагласувајќи го нашиот внимателен пристап во решавањето на овој ќор-сокак поради големата чувствителност на ситуацијата во земјата, но и во регионот. ДУИ ја има предвид важноста на нашата одлука и затоа суштински и широко ја испитува секоја веројатност, предностите и последиците што може да ги донесе нашата определба“, стои во соопштението на ДУИ за средбата.

Лидерот на ДУИ уште еднаш го осудил неуспешниот обид за државен удар во Турција од јули, минатата година и нагласил дека „преземањето на власта со сила е неприфатливо“.


Ахмети – Тимоние: ДУИ е под ирационален медиумски притисок, но не е ничиј сервис


Тетово, 13 февруари, 2017 - 16:27 (META) 

Демократската унија за интеграција (ДУИ) не се брза, туку сака да се осигури дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со „разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како ‘Монструм’, ‘Сопот’, ‘Куманово’ (Диво насеље) и прислушувањата. Ова го истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешната средба со Кристијан Тимоние, aмбасадор на Франција.

На средбата, како што соопштуваат од партијата, било разговарано за политичката ситуација во земјава по изборите на 11 декември. Ахмети нагласил дека за ДУИ стабилноста на земјата е „многу важна, наспроти локалните, регионалните но и глобалните предизвици“.

„Претседателот на ДУИ се осврна на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ откривајќи ги нашите приоритети за заокружување на Охридскиот договор, владеење на правото, добрососедски односи, економски развој и евроатланска интеграција“, стои во соопштението од ДУИ за средбата.

Ахмети посочил дека врз ДУИ се врши постојан медиумски притисок, но додал дека партијата работи рационално и фокусирано и дека „не е сервис на било која партија“.

„Ахмети нагласи дека овој медиумски ирационален и преференцијален притисок се обидува да создаде непостоечки теми за органите на партијата за наводно поделби помеѓу различните крила и ова се прави со цел да се ослабне ДУИ. Одлуката на ДУИ треба да создаде стабилност, безбедност, издржливост како и да биде во партнерство со меѓународната заедница бидејќи имаме заеднички интереси и цели, интеграција на земјата во НАТО и ЕУ. “, стои во соопштението.


Ахмети: Не верувам дека ќе има активности што би им наштетиле на изборите


Скопје, 22 октомври, 2016 - 11:58 (META) 

Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, не верува дека може да има активности што би му наштетиле на изборниот процес. Ова, како што соопштија од ДУИ, Ахмети го истакнал на средбата со новоименуваниот амбасадор на Франција во земјава, Кристијан Тимоние.

Ахмети и Тимоние разговарале за политичката ситуација во земјава, изборите на 11 декември и за интеграцијата на Македонија во НАТО и во Европската Унија.

„Претседателот Ахмети ги изрази ставовите на ДУИ за политичката ситуација, велејќи дека секој треба да го даде својот придонес за веродостојни и сеопфатни избори. Ахмети не верува дека може да има активности на штета на изборниот процес и истакна дека ДУИ е против секој обид за заплашување или условување на гласачите“, стои во соопштението на ДУИ за средбата.

Ахмети на средбата со Тимоние ја истакнал потребата од француската поддршка за силно продолжување на Евроатлантската перспектива на Македонија.


Ристовска: Не ја коментираме содржината на тефтерот на Грујовски


Скопје, 8 април, 2016 - 13:52 (META) 

Во домот на началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски, навистина е пронајден тефтер, изјави за „Мета“ портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристовска, но во интерес на истрагата не сакаше да ја коментира неговата содржина.

Неделникот „Фокус“ во новиот број пишува дека при претресот на станот на Грујовски обвинителите на СЈО пронашле тефтер, од чија содржина произлегува дека агенти на УБК или други лица, професионалци, ги следеле обвинителите на Специјалното јавно обвинителство.

– Станува збор за истрага во која ни се неопходни релеватни податоци. Не знаеме како дошле до јавноста овие информации. Можам да ви потврдам дека во домот на осомничениот е најден тефтер, но во интерес на истрагата нема да ја коментираме неговата содржина. Кога постапката ќе биде завршена и кога ќе имаме релевантни податоци, ќе ја информираме јавноста – ни изјави обвнителката Ленче Ристовска.

Во тефтерот, според информациите на „Фокус“, покрај имињата и презимињата на обвинителите, имало податоци за местото на живеење, за врските и за контактите со соработници и со други лица, како и податоци за тоа на кои предмети работат и како им напредува истрагата. Податоците во тефтерот посочувале и сведоци со кои обвинителите на СЈО имале контакти, како и податоци кој од нив се согласил да изнесе информации и докази за истрагите.

Грујовски е првоосомничен во случајот „Тврдина“, што го отвори СЈО. Тој, заедно со уште четворица осомничени, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, се товарат дека минатата година ги уништиле системите од незаконското следење на комуникациите, вредни 10 милиони евра.