Осум жртви на екстремниот студ во САД, „Полaрниот вител“ продолжува


Чикаго, 31 јануари, 2019 - 11:46 (META) 

Арктичките температури што зафатија неколку сојузни држави од Средниот запад на САД беа причина за смртта на најмалку осум лица, јавуваат американските медиуми.

Студениот бран наречен „Поларниот вител“, кој донесе рекордно ниски температури, карактеристични за поларните региони, блокираше голем дел од градовите. Прогласена е вонредна состојба во огромен дел од средниот појас на САД, дури и во Алабама и Мисисипи, кои се на крајниот југ.

Температурите паднаа до -30 Целзиусови степени во Чикаго, третиот најголем град в САД, а до -37 степени во Северна Дакота, што е пониско од најниските температури во некои делови на Антарктикот. Рекордот ноќеска е постигнат во градот Понсфорд, Минесота, каде беа измерени -66 Целзиусови степени.

Студот однесе најмалку осум животи – двајца луѓе во државата Мичиген смрзнале до смрт блиску до своите домови од кои излегле недобро облечени. Еден 55-годишен маж починал во Милвоки, откако колабирал поради студот по долгото чистење снег пред гаражата. Во Пекин, Илиноис, бил пронајден 82-годишник кој исто така станал жртва на студот.

Во Чикаго 75-годишен маж загинал откако бил удрен од камион што ринел снег, а во северниот дел на државата Индијана двајца млади луѓе загинале во сообраќајка поради голомразица. Крај една од зградите на Универзитетот на Ајова бил пронајден починат од студ и еден студент.

Таканаречениот „Поларен вител“ ќе го почувствуваат околу 250 милиони Американци, од кои 90 милиони се соочени со температури од најмалку -17 Целзиусови степени и надолу.

Во Чикаго беа откажани 1.500 од двата аеродрома, а железничката компанија „Амтрак“ исто така ги откажа сите возови што тргнуваат од Чикаго или требало да пристигнат во него.

Снегот продолжи да паѓа и вчера на потегот од Големите Езера до Нова Англија. Во државата Висконсин наврнаа 60 сантиметри снег. И денеска се очекува да продолжи поларното невреме со ниски температури и смрзнувачки ветер, а според некои прогнози така ќе биде се до крајот на викендот.

Како што пренесуваат американските медиуми, според полициски извори, стапката на криминал во Чикаго пораснала, а криминалците дури со пиштоли напаѓаат луѓе за да им ги одземат нивните јакни.

Метеоролозите предупредуваат дека е опасно на таков студ да се стои непрописно облечен и заштитен повеќе од 10 минути, бидејќи се појавуваат смрзнатини. Многу Американци купуваат скијачки очила за да си ги штитат очите.


Дневните температури денеска повисоки од претходно


Скопје, 16 јануари, 2019 - 9:45 (META) 

Покрај ниските температури утрово, денот ќе биде релативно потопол од вчера и од претходните денови. Времето ќе биде со умерена облачност и слаб ветер.

Максималните температури ќе се движат од 2 до 4 Целзиусови степени на западот и северот на земјава, додека во Струмичко и Дојранско ќе достигнат до 7 степени.

Во Скопје времето ќе биде исто така умерено облачно со сончеви периоди и температури кои ќе достигнат до 3 Целзиусови степени.

Рекордни 18 степени под нулата утрово се регистрани во Битола во 7 часот.


Снег и минусни температури денеска, има забрани за камиони на некои патишта


Скопје, 9 јануари, 2019 - 9:18 (META) 

Минусни температури и врнежи од снег ќе има денеска низ целата земја. Ќе дува умерен ветер од јужен правец.

Времето ќе биде облачно со снег, со пообилни врнежи во западните делови. Насекаде ќе се формира нова снежна покривка од 10 до 30 см, а на планините позначителна, над 50 см. Заради ниските температури ќе има појава на голомразица, вели прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Врнежите од снег ќе продолжат и во текот на утрешниот ден.

Најниска температура од -15 Целзиусови степени изутринава е измерена во Битола. Минус 12 беше во Берово и Прилеп, -11 во Струмица, а -9 степени во Скопје.

Најмногу снег има во Маврово, 55 сантиметри и во Крушево 26 см.

Од 8.45 часот на патниот правец Тетово – Попова Шапка се воведува забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси, а за останатите возила задолжително употреба на зимска опрема (синџири), сооопштуваат од АМСМ.

Иста забрана, за тешки товарни возила е прогласена од 7.15 чаасот на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, соопштија АМСМ и ЈП Македонија пат.

Од 4.10 часот, забрана за сообраќај на камиони има и на патниот правец крак Маврово – Дебар.

Сообраќајот на државните патишта изутринава се одвива по наместа влажни  коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот.

Поради ниските температури можна е појава на голомразица.

Надлежните апелираат на внимателно возење и прилагодување на брзината кон условите на патот.


Поларни температури од денеска, Македонија во вонредна состојба


Скопје, 1 март, 2018 - 9:07 (META) 

Студен бран од портокалова фаза денеска ја зафати целата држава. Утринските температури се движеа од -18 до -9 Целзиусови степени, а дневните ќе изнесуваат од -4 до 2 степена.

Во Скопје ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер. Утринската температура се симне до -15 Целзиусови степени, а дневната ќе се искачи до -2 степена.

Во текот на ноќта, почнувајќи од запад, ќе има врнежи од снег, кои до петок претпладне на некои пониски места ќе поминат во дожд, а локално ќе има и појава на замрзнат дожд. Ќе дува слаб до умерен југоисточен ветер.

За време на викендот се уште ќе има слаб локален дожд, но ќе настапи значително затоплување што ќе услови нагло топење на снежната покривка.

Поради студениот бран, Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство препорача да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години.

За оние работници кои работат на отворено се препорачува реорганизација на работното време од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа.

Комисијата апелира да се избегнува физичка активност на отворено, а при движење да се внимава на лизгави површини и да се носи топла повеќеслојна облека, соодветни обувки за снег и мраз, како и почесто да се консумираат топли напитоци. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија. Во случај на настинка и потешкотии на дишењето, се препорачува граѓаните веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

Утрово најниската температура е измерена во Берово, –18 степени, во Скопје-Петровец и Крива Паланка -15, а во Куманово, Маврово и Крушево -14 степени. Во Ѓуриште се измерени -13, во Лазарополе и Пожаране -12 а во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Виница -11 степени. Во Гевгелија се измерени -5 степени,  минус седум во Битола,  минус осум во Прилеп, Дебар, Претор, Охрид, Струмица, Демир Капија, и -10 во Штип.

Најмногу снег, пак, има во Маврово, каде висината на снежната покривка изнесува 87 сантиметри, во Лазарополе 79, во Крушево 58 и во Пожаране се измерени 50 сантиметри.


Подгответе се за поларна температура и за снег, предупредува Координативното тело за кризи


Скопје, 3 јануари, 2017 - 14:52 (META) 

Граѓаните да бидат подготвени за период на речиси поларни временски услови со снег, замрзнат дожд и со температура која се очекува да се спушти и до минус 22 Целзиусови степени, како и внимателно да ги планираат патувањата и да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема, предупредуваат од Координативното тело за справување со кризи.

Според директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Оливер Ромевски, драстичната промена на временските услови е поради поларен бран од Сибир, кој ќе го зафати целиот Балкански Полуостров.

– Веќе в четврток, со врнежи од снег ќе биде зафатена целата територија на Македонија. На повисоките места тој снег ќе биде и до 50 сантиметри, а на пониските до 25 сантиметри. Ќе дува студен ветер и температурата нагло ќе се спушти под нулата. В петок, сабота и в недела нè очекува дури и дневна температура од минус 10 Целзиусови степени, а ноќната ќе достигне и до минус 22 степени – изјави Ромевски, по денешната седница на Координативното тело за справување со кризи.

Директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Гајур Кадриу, вели дека нивни екипи, со специјална опрема, се распоредени на 37 пунктови на целата територија на земјата и ќе дежурираат 24 часа, но посочува дека и покрај преземените мерки во вонредни услови, како што предвидуваат метеоролозите, сообраќајот не може да се одвива како по суви коловози.

– Апелираме сите учесници во сообраќајот да бидат опремени со зимска дополнителна опрема, а особено тешките товарни возила кои без зимска опрема и неподготвени не би требало да тргнуваат на пат бидејќи тие се голема пречка при вакви временски неповолности. Сите учесници во сообраќајот треба да внимаваат и да ги почитуваат собраќајни знаци и правила – изјави Кадриу.