!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Туфегџиќ: Процесот за полагање на лекторски испит ќе се одблокира


Скопје, 20 август, 2017 - 13:23 (META) 

Предлог-измените на законот за употреба на македонскиот јазик, кои што предвидуваат одблокирање на процесот за полагање на лекторскиот испит, се влезени во собраниска процедура, информираше денеска на прес-конференција пратеничката на СДСМ, Ивана Туфегџиќ.

Таа додаде дека „претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со несопроведливи законски измени, нема издадено лиценца за лектор од 2013 година до денес .“

-Тоа предизвикува огромна штета врз заштитата и унапредувањето на македонскиот литературен стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Оваа грешка, со овие предлог-измени, денеска ја поправаме и затоа го одблокираме процесот за полагање на лекторскиот испит. Ова впрочем е првиот чекор кон заштитата и унапредувањето на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо – изјави Туфегџиќ.


На државната матура во јуни, просечната оценка е 3,39


Скопје, 6 јули, 2017 - 14:19 (META) 

На годинашната државна матура, која ја спроведуваше Државниот испитен центар, од пријавените 16.426 матуранти постигната е просечна оценка од 3,39, соопштија од испитниот центар на денешната презентација на резултатите.

Просечната оценка годинава е малку полоша од лани, кога изнесувала 3,42, а во 2015 година оценката била малку послаба од годинашнава, и изнесувала 3,37. Во 2014 година, просечната оценка била значително послаба, односно 3,11.

Од сите пријавени, 8.274 ученици биле од гимназиите, 7.881 од средното стручно образование и 271 од средното уметничко образование. Учениците полагаа по три предмети, а задолжителен за сите беше мајчиниот јазик.

Резултатите по училишта и поединечните оценки на учениците се достапни на веб-страницата за државната матура.

За кандидатите што нема да поднесат приговори, резултатите се конечни. Приговорите се поднесуваат од денеска до 10 јули, а за секој приговор се плаќа по 1.500 денари. Доколку биде усвоен, парите за приговорот ќе се вратат на уплаќачот.

Пријавувањето за августовскиот испитен рок ќе се врши од 11 до 19 јули во училиштата.


Најавени протести во Белград по повод заклетвата на Вучиќ за нов шеф на државата


Белград, 30 мај, 2017 - 10:45 (META) 

Досегашниот премиер и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, утре ќе положи заклетва пред пратениците во собранието на Србија и ќе ја преземе должноста шеф на државата.

Според пишувањата на српските медиуми, Вучиќ ќе ја положи заклетвата над специјално изработен примерок на уставот на Србија, на кој заклетва ќе полагаат идните претседатели, а под уставот на говорницата ќе се наоѓа и реплика на Мирославовото евангелие. По церемонијата во собранието ќе биде објавено официјалното примопредавање на должноста помеѓу стариот и новиот претседател, со смотра на почесната гарда на српската војска.

По повод стапувањето на Вучиќ на должноста претседател на Србија, повеќе органиизации и здруженија за утре најавија мирни протести во центарот на Белград. На протест повика и Движењето на слободни граѓани, чиј водач е Саша Јанковиќ, кој му беше противкандидат на Вучиќ на претседателските избори. Јанковиќ изјави дека со полагањето на заклетвата на Вучиќ за претседател на Србија, ќе се случи „последниот чин од воведувањето диктатура и киднапирање на државата Србија“.

Вучиќ беше избран за претседател на Србија на изборите на 2 април, во првиот круг, освојувајќи 55,08 отсто од гласовите на излезените гласачи. Инаугуарцијата на Вучиќ, според неговите зборови, би требало да биде одржана на 23 јуни. Вучиќ изјави дека на свеченоста очекува да присуствуваат шефови на држави и на влади од регионот, односно од Унгарија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија, Грција, Словенија и од Црна Гора.


На 15 август се полага државна матура


Скопје, 11 август, 2016 - 16:38 (META) 

Во августовскиот испитен рок за државната матура се пријавиле 1.802 ученици, информираат од Државниот испитен центар.

На 15 август ќе се полага задолжителниот предмет, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература. Македонски јазик и литература ќе полагаат 128 кандидати, албански јазик и литература 266, а 21 ученик турски јазик и литература.

На 16 август 88 кандидати ќе полагаат математика.

На 17 август ќе се полага странски јазик. Англиски јазик ќе полагаат 1.294 кандидати, француски јазик и германски јазик по четири кандидати и еден кандидат руски јазик.

На 18 август ќе се полага: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 199 кандидати, историја 218, биологија 82, филозофија 143, хемија 4, физика 7 и естетика 14.

Испитите ќе се реализираат на 11 локации низ државата и ќе почнат во 10 часот.

 


ЛП: Оценките од екстерното тестирање да не се внесуваат во свидетелствата


Скопје, 9 јуни, 2016 - 15:37 (META) 

Либералната партија предлага две итни мерки за да се реши проблемот со екстерното тестирање, за да не претставуваат стрес за учениците, родителите и за наставниот кадар.

„Оценките од ова екстерно нерелевантно оценување да не се внесуваат во свидетелствата за оваа учебна година. Така средниот успех на учениците нема да биде оштетен и задолжително да се изземат децата со посебни образовни потреби од екстерното оценување за оваа година зашто тие работат со посебни образовни програми, а полагаат екстерно по програма како и сите други ученици“, пишува во соопштението на партијата.

Од партијата велат дека екстерното оценување е насилно наметнато и малолетни ученици без согласност од нивните родители не би смеело да бидат принудувани да го реализираат.

„Евентуално, може да полагаат само тие што писмено се согласуваат со истиот сè додека не се направи поинаков правилен начин на проверка кој нема да ги казнува и да ги оштетува учениците, ни наставниците. Тековната политичка криза ги потисна вистинските прашања од интерес на граѓаните. Да се погрижиме сегашните политички непромислености да не остават психолошки последици врз идните генерации“, се вели во соопштението на партијата.


Од денеска почнува екстерното тестирање


Скопје, 7 јуни, 2016 - 10:24 (META) 

Од денеска до 11 јуни ќе се спроведе екстерно тестирање за учебната 2015/2016 година во јунската сесија.

Државниот испитен центар соопшти дека во оваа сесија ќе бидат опфатени 178.648 ученици од основните и од средните училишта, кои ќе бидат тестирани по 1.972 предмети.

ДИЦ претходно ја објави базата прашања по сите предмети. Учениците се тестираат по два предмета, а за кои предмети ќе бидат тестирани дознаваат три дена пред полагањето. Така, на учениците што ќе бидат тестирани денеска, предметот за кој ќе бидат тестирани им беше соопштен во петокот попладне.

Поради уписите во средните училишта (28 и 29 јуни), резултатите од екстерното тестирање најпрво ќе бидат објавени за деветтоодделенците (на 13 јуни), а за сите други ученици резултатите ќе бидат познати на 17 јуни.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 година за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.


Државната матура без проблеми


Скопје, 4 јуни, 2016 - 15:57 (META) 

Во сите средни училишта во Република Македонија денеска без никакви проблеми помина полагањето на задолжителниот предмет од државната матура, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература.

Државниот испитен центар соопшти дека испитниот материјал до сите училишта бил доставен навремено и во согласност со пропишаните правила и процедури. Испитот во сите училишта почнал во определеното време и се одвивал без никакви проблеми.

Македонски јазик и литература полагаа 10.730 кандидати, албански јазик и литература полагаа 5.424 кандидати и 428 кандидати полагаа турски јазик и литература.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата беа ангажирани околу 1.400 наставници и 200 набљудувачи.

На 9 јуни 2.335 кандидати ќе полагаат математика на 38 локации, во согласност со прегледот кој беше доставен до училиштата и објавен на веб-локацијата www.matura.gov.mk.


Денеска почнува полагањето на државната матура


Скопје, 4 јуни, 2016 - 9:17 (META) 

Денеска почнува полагањето на државната матура, а прв предмет што ќе се полага е мајчин јазик. На 9 јуни ќе се полага математика, а на 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик. На 15 јуни ќе се полагаат физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика.

Оваа учебна година за државната матура се пријавени 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средни стручни училишта и 264 од средно уметничко образование.

Екстерното тестирање за основците и за средношколците ќе се спроведе од 7. до 11. месецов.

 


МОН го објави распоредот за екстерно тестирање на учениците


Скопје, 3 јуни, 2016 - 18:53 (META) 

Министерството за образование објави кои предмети учениците од основните и од средните училишта ќе ги полагаат за екстерното тестирање што ќе се одржи на 7 јуни.

За вториот дел од екстерното тестирање, што ќе се одржи на 10 јуни, распоредот ќе биде објавен во вторник.

На следниот линк  учениците можат да проверат кој предмет ќе го полагаат на 7 јуни.


Крстовски: Изборите го поместија полагањето на државна матура


Штип, 8 април, 2016 - 20:03 (META) 

Директорите на училиштата, претседателите и секретарите на комисиите за спроведување на екстерно тестирање и на матурски испити деновиве имале состанок во Скопје, на кој им биле дадени термините за одржување на испитите.

Ова, во вечерашното гостување на регионалната телевизија „Ирис“, го кажа директорот на штипското Средно општинско училиште „Коле Нехтенин“, Атанас Крстовски.

– Секој година матурата се одржува на почетокот на јуни, но поради тоа што датумот се совпаѓа со изборната кампања, испитот се поместува – изјави Крстовски.

Датумите за полагање на државната матура се објавени на интернет-страницата на Државниот испитен центар.