Социјалната помош од следната година трипати повисока


Скопје, 18 септември, 2018 - 14:38 (META) 

Трипати поголема социјална помош за најголем дел од семејствата во социјален ризик, преквалификација и доквалификација на работоспособните приматели со цел да можат да се вратат на пазарот на труд и да излезат од сиромаштија, како и олеснување на пристапот до детски додаток, предвидува реформата на социјалниот систем што треба да почне да се применува од 1 јануари наредната година, соопштија на прес-конференција премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Драган Тевдовски,

Според најавите, четириричлено семејство, со едно работонеспособно лице ќе добива 11.700 денари, а семејство со двајца возрасни и две деца 10.600 денари.

– Четиричлено семејство со две возрасни деца и едно лице кое е неработоспособно месечно ќе добива 11.700 денари. Трите лица влегуваат во системот на активација, односно поддршка за подготовка за вработување. Типично четиричлено семејство со две малолетни деца ќе добива 10.600 денари од кои денес 70 отсто од овие лица имаат 3.029 денари, и тоа ги доведува во дополнителен ризик. Разликата е над 7.000 денари или 300 отсто – рече министерката Мила Царовска.

Таа рече дека ќе се зголеми и опфатот на детскиот додаток.

-Детски додаток сега примаат многу малку деца, вкупно 3.200 деца. Ваков додаток примаат само оние семејства кои имаа приход до 10.000 денари. Со реформата овој додаток ќе го примаат 73.500 деца – рече Царовска.

Во иднина детски и образовен додаток ќе добиваат и семејствата со едно вработено лице, односно оние кои примаат минимална плата.

– Семејствата со минимална плата од 12.165 денари во наредните години ќе имаат месечен приход од 15.465 денари. Во овие приходи влегуваат детскиот додаток од 1.600 денари и образовниот додаток од 1.700 денари. Оние пак со право на минимална гарантирана помош ќе земаат 10.600 денари, во кои влегуваат детскиот образовниот додаток, како и енергетскиот додаток – рече Царовска.


Кривична пријава за градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков


Кочани, 14 септември, 2018 - 13:20 (META) 

Градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков, доби кривична пријава поради незаконско зголемување на цената на водата во 2015 година, во текот на претходниот мандат. Интересно е што МВР во истиот случај го товари и актуелниот директор на општинското комунално претпријатие поради тоа што цените ги вратил по старо.

Станков е второпријавен, а полицијата го товари за несовесно работење, поради тоа што не проверил дали е законско зголемувањето на цената на водата во март 2015 година, кое се применувало до 1 јуни годинава.

За незаконското зголемување на цената на водата од 20 на 25 денари за кубен метар и за зголемувањето на надоместокот за канализација од 4 на 6 денари по квадратен метар, Полициската станица во Кочани го товари В.Ѓ. (59) тогашен директор на ЈКП „Водна Кула“ – Зрновци. Тој тоа го направил без одлука на Управен одбор на претпријатието и без одлука на Советот на општината.

Третопријавен е Г.К. (39), актуелен директор на ова јавно комунално претпријатие. Него полицијата го товари затоа што во јуни годинава ги вратил цените на претходниот износ, без да ги провери законските прописи.


Буџетот на МРТ за годинава ќе се зголеми за три милиони евра


Скопје, 16 јули, 2018 - 13:44 (META) 

Собраниската Комисија за транспорт и врски денеска го прифати предлогот за ребаланс на Буџетот на Македонската радио телевизија, со што за оваа година на сметката на јавниот радиодифузер ќе легнат уште околу три милиони евра.

За 2018 година првично беше планирано МРТ да добие 700 милиони денари, а со ребалансот овој износ се зголемува за 186 милиони и 550 илјади денари односно вкупниот буџет на МРТ сега ќе биде 886 милиони 550 илјади денари.

Диме Велковски од СДСМ рече дека измените на Буџетот се законски и МРТ има поголем буџет од Министерството за информатичко општество и администрација и апелираше што поскоро да се донесе законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој Владата нуди решение за финансирање на МРТ. За овој закон се поднесени седумдесетина амандмани, а Комисијата разгледала само неколку. Продолжение на седницата засега не е закажано.

Опозициските пратеници, пак, иако го поддржаа предлогот, обвинија дека предупредиле дека МРТ ќе се соочи со финансиски проблеми со укинувањето на радиодифузната такса.

Ребалансот на буџетот на МРТ треба да биде изгласан и на пленарна седница.


Просечната нето-плата во септември изнесувала 23.229 денари


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:57 (META) 

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во септември 2017 изнесува 34.127 денари, додека просечната нето-плата изнесува 23.229 денари, а во овој месец 1 отсто од вработените не зеле плата. Просечната плата, односно и нејзиниот бруто-износ и нето-износот биле поголеми за 4,6 отсто отколку во истиот месец во 2016 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемувањето во периодот од една година најмногу се должи на порастот на просечната плата во секторот уметност, забава и рекреација, каде бруто-платата се зголемила за  26,3 отсто, а нето-платата се зголемила за 32,1 отсто.

Просечната плата, и бруто и нето, во септември годинава пораснала и во однос на претходниот месец, односно август годинава, што повторно се должи на зголемувањето на платите во секторите уметност, забава и рекреација, со 13,8 отсто пораст на бруто-платата, односно 17,1 отсто на нето-платата.


МВР: Подготвени сме за разговор за синдикалните барања


Скопје, 4 ноември, 2017 - 17:14 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) по денешниот протест на Независниот синдикат на полицијата во центарот на Скопје, кој заврши пред Владата, порача дека е секогаш подготвено  за отворен разговор и за наоѓање решенија за секое барање или предлог на синдикалните организации на полициските службеници и на други вработени во институцијата.

Од министерството посочуваат дека од доаѓањето на актуелното раководство на МВР, преземени се низа чекори за подобрување на условите за работа на вработените во Министерството.

„Во тек се конкретни активности за подобрување на стандардот на работење на полициските службеници, почнувајќи од набавка на основната полициска опрема, како што се униформи и чизми, нешто што се нема случено речиси цела деценија. Актуелното раководство на МВР досега ниту одбило каков и да е синдикален предлог, ниту пак има намера во решавањето на проблемите да ги исклучи полициските синдикати“, се вели во соопштението.


Македонскиот полициски синдикат бара Владата да ги зголеми платите на полицајците


Скопје, 3 ноември, 2017 - 14:26 (META) 

Македонскиот полициски синдикат (МПС) денеска побара да се зголемат платите на македонските полицајци според одлуката на Владата од април 2015 година. Со  неа првично платите на вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР) беа усогласени со платите во другите сродни институции, но досега не биле исплатени другите две предвидени зголемувања од пет отсто за вработените во МВР.

Синдикатот, констатирајќи дека во предлог-буџетот на Република Македонија за 2018 година не се предвидени пари за да се исплатат тие зголемувања, бара ветените зголемувања да им се исплатат на полицајците до крајот на годинава или да се направат измени на буџетот за следната година со кои би се овозможило тоа.

МПС истовремено алармира дека основната плата од 16.000 денари за помлад полицаец е најниска во регионот.

Синдикатот бара средба со премиерот, министерот за финансии и со министерот за внатрешни работи за да ги изложи своите аргументи за барањето, а во спротивно навестува дека е можно да се организира и штрајк. МПС побара поддршка и од другите полициски синдикати.


Милошоски: Ќе поднесеме предлог-закон за зголемување на пензиите


Скопје, 10 септември, 2017 - 15:33 (META) 

Пратениците на Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесат предлог-закон во Собранието на Република Македонија за зголемување на пензиите за 650 денари на околу 300.000 пензионери во државата, најави на партиска прес-конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на партијата, Антонио Милошоски.

– Доколку овој закон се усвои во Собранието до поддршка на уште само 10 пратеници покрај тие од Коалицијата за подобра Македонија, тогаш од февруари идната година пензионерите ќе добијат 650 денари повеќе како што беше практика додека ВМРО-ДПМНЕ раководеше со владата на Република Македонија – рече Милошоски
Тој побара поддршка од другите пратеници, велејќи дека потребни се уште 10 гласа покрај тие од коалицијата за да го оствари своето ветување.


„Фиат“ на вработените во Крагуевац им понуди зголемување од девет отсто, синдикатот прифати


Белград, 24 јули, 2017 - 12:29 (META) 

Менаџментот на „Фиат“ на работниците во фабриката во српскиот град Крагуевац им понуди зголемување на платата од девет отсто, а синдикатот тоа го прифатил, јави Радио-телевизија на Србија.

Понудата која е дадена на синдикатот, а денеска ќе биде проследена на вработените во компанијата „Фиат Крајслер автомобили Србија“ е за зголемување на бруто-основицата од сегашните 38.500 српски динари (319 евра, според денешниот курс) на околу 42.000 динари (348 евра).

Сепак, зголемувањето нема да се примени веднаш, туку сега работниците ќе добијат зголемување од три отсто, а од почетокот на следната година ќе има зголемување од шест отсто. На работниците ќе им се исплати и бонус за ефикасност, а ќе им бидат платени и дополнителни трошоци за превоз.

Работниците во фабриката во Крагуевац почнаа штрајк на 27 јуни и во договор со Владата на Србија, влегоа во преговори со менаџментот. Штрајкот беше прекинат минатата недела, откако беше најавена разврска. По запознавањето на работниците од двете денешни смени со понудата, претставници на синдикатот ќе се упатат во Белград, каде во Владата на Србија ќе продолжат преговорите.


Министерството за финансии реагира на поскапувањето на сметководствените услуги


Скопје, 4 јули, 2017 - 15:16 (META) 

Министерството за финансии реагира на одлуката на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Македонија (ИСОС), со која значително се зголемува висината на минимални трошоци за вршење книговодствени работи и на надоместокот за сметководствени услуги. Одлуката е донесена на 19 мај годинава.

Од министерството реагираат дека институтот има право да ги утврди само критериумите за утврдување на цената, но не и нејзиниот износ.

„Во согласност со Законот за вршење сметководствени работи и статутот на Институтот, нема основа за донесување на оваа одлука. Истовремено, Министерството за финансии појаснува дека оваа одлука е надвор од рамките на законот со оглед на фактот што управниот одбор на Институтот има надлежност да ги утврди само критериумите за утврдување на цената на сметководствените услуги, но не и висината на надоместокот за тие услуги“, се вели во реакцијата.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не се грижи за интересот на Македонија


Скопје, 13 јули, 2016 - 21:14 (META) 

СДСМ гласаше против модернизацијата на одбраната на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Максим Димитриевски.

Од владејачката партија велат дека на седницата на парламентот, на која биле нужни гласовите на опозицијата за да се изгласа ослободување од ДДВ и од цариина за набавка на опрема за Армијата, СДСМ одлучил интересот на Република Македонија да го стави на последно место.

„Квалитетот на одбраната беше жртва на фрустрациите и на деструкцијата на СДСМ. Наместо да покаже државничко однесување, СДСМ на срамен начин ја стави државата во опасност и демонстрираше незамислива неодговорност. Максим Димитриевски и СДСМ можат бескрајно да се обидуваат со ноторни лаги и со чисти измислици од нивните фабрики за афери да го покријат ваквото срамно и неодговорно однесување на СДСМ, меѓутоа и сто пати да ги кажат нивните лаги, тие е невозможно да станат вистина“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека СДСМ воопшто не се грижи за интересот на Македонија и на бранителите, туку за деструктивни сценарија кои ѝ штетат на државата.