!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ЕУ отвора уште две поглавја во преговорите со Србија


Брисел, 6 декември, 2017 - 14:48 (META) 

Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок донеле одлука на меѓувладината конференција со Србија да ги отворат поглавјето 6, кое се однесува на правата на претпријатијата, и поглавјето 30 за економските односи со странство.

Конференцијата е закажана за 11 декември, а официјален Белград се надеваше дека ќе отвори три поглавја, но одлуката на земјите членки зависеше од извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во најважните поглавја, 23 и 24.

Според извори од Брисел, Европската комисија оценила дека постои недоволен напредок во имплементацијата на Акциониот план за поглавјата 23 и 24, поради што земјите членки оцениле дека Србија не може да отвори повеќе од две поглавја во оваа рунда преговори.

Од Брисел се препорачува конкретен напредок во поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото, кои се од суштинска важност за Србија да напредува во претпристапните преговори со Европската Унија. Паралелно со тоа, за да напредува во пристапниот процес, Србија мора да напредува и во дијалогот со Косово, кој треба да придонесе за целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Србија официјално ги почна преговорите за влез во ЕУ во јануари 2014 година.


Мицкоски: Заев на Бугарија ѝ даде можност да блокира отворање поглавја од преговорите


Скопје, 3 август, 2017 - 16:58 (META) 

Со Договорот за добрососедство Бугарија ќе има можност да го преиспита однесувањето на Македонија на целокупниот пат кон Европската Унија, бидејќи Заев прифати таа да има можност да не дозволи отворање на кое било поглавје од преговорите за членство доколку не се исполнат нејзините цели и позиции, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој додаде дека тоа значи нови проблеми и нови последици за Република Македонија, а како одговорен за тоа го посочи премиерот Зоран Заев.

Тој на прес-конференцијата во седиштето на партијата рече дека во договорот има „срамна формулација за дефинирање на македонскиот јазик“ и нема симетрија на правата и на обврските на двете страни.

– Со договорот не се дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност, а Зоран Заев срамно и недостојно се откажува од грижата за македонското национално малцинство. Договорот предвидува опасна можност за промена на македонските учебници и на другите идентитетски обележја што се дел од нашето историско наследство – нагласи Мицкоски.


Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат итна седница за договорот со Бугарија


Скопје, 26 јули, 2017 - 14:43 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат јавна, отворена и итна седница во врска со најавата за потпишување на договорот за добрососедство со Бугарија.

Пратеникот Илија Димовски на прес-конференција изјави дека пратениците во Собранието треба да го разгледаат договорот и да донесат заклучоци дали треба да се потпише во ваква форма.

– Примената на овој договор без конструктивните забелешки и предлози кои ние ги дадовме и ги споделивме со Заев, на среден и на долг рок ќе нанесе реални штети на иднината на Македонија. Договорот ќе дава јасна и легална основа соседна Бугарија да го стопира чекорењето на Македонија кон ЕУ на секој наш следен чекор на отворање или затворање поглавја од евентуалните преговори за членство во ЕУ – рече Димовски.

Тој додаде дека ним им бил претставен текст кој, според официјална Софија, не можел да претрпи никакви измени, а спротивно на тоа Заев дал збор дека текстот може да претрпи подобрувања и измени во насока на вклучување на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски предупреди дека овие чекори на СДСМ ќе ѝ нанесат непоправливи штети за Македонија.

– Бараме договорот да се потпише со забелешките што нашите пратеници му ги укажаа на господинот Заев. Доколку СДСМ одлучи сам да оди во овој процес, без поддршка од мнозинството граѓани и без вклученост на опозицијата, тоа може да биде на целосна штета на Република Македонија и на нејзините интереси – додаде Димовски.


ЛП: Иванов со скандалот со Хан се покажа како крајно неспособен за функцијата што ја врши


Скопје, 22 март, 2017 - 13:27 (META) 

Либералната партија го осудува скандалот што го направи Ѓорге Иванов, поврзан со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и на тројцата европратенции, со што, како што велат од партијата, се покажал како крајно неспособен за функцијата што ја врши и за тоа треба да поднесе одговорност.

Претседателот Иванов вчера ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Хан, и со европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, поради работната посета на Унгарија и својот термин им го препушти на членовите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.

„Либералната партија смета дека најдобар резултат од посетата на функционерите од Брисел е утврдената можност во решавањето на кризата голема улога да има одлуката на Европската Унија за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ и отворањето на поглавјата 23 и 24, во првите сто дена од формирањето на владата на парламентарното мнозинство на чело со СДСМ за која се собрани 67 потписи“, стои во соопштението на Либералната партија.


Вучиќ: Србија го продолжува европскиот пат, но не дозволува понижување


Белград, 13 декември, 2016 - 21:28 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, рече дека по повод хрватската блокада за отворање на поглавјето 26 во преговорите на Србија со Европската Унија, Србија не сака конфликти, дека прави компромиси, но дека нема да дозволи никој да ја понижува.

– Србија никогаш нема да може да ја газите, ниту да ја понижувате. Тоа е основата на нашите вредности, со тоа влеговме во преговорите, со тоа ќе излеземе, се надевам како членови на ЕУ, а ако не, тогаш како модерна држава – изјави Вучиќ на прес-конференција за новинари по повод отворањето на поглавјата 5 и 25.

Тој рече дека го напуштил Брисел затоа што не добил логично и оправдано објаснување зошто покрај поглавјата 5 и 25, кои се денеска отворени, не е отворено и поглавјето 26 кое се однесува на образование и култура.

Вучиќ нагласи дека Хрватска е единствена земја што за тоа не дала согласност. Како една од основните причини за хрватската блокада, медиумите ги наведуваат наставата и учебниците на хрватски јазик во Србија.

Вучиќ рече дека Србија ќе продолжи по својот европски пат и ќе води сметка пред сè за своите национални и државни интереси.

– Со поглавјата може да прават што сакаат, каде сакаат и кога сакаат. Ние ќе продолжиме со нашата соработка со ЕУ, но и нема да се криеме туку ќе развиваме најдобри односи и со Кина, Русија и со сите други надворешни фактори – додаде Вучиќ.


Србија очекува отворање на новите поглавја со ЕУ до крајот на годината


Белград, 1 декември, 2016 - 15:48 (META) 

До крајот на годината, Србија би требало да отвори барем едно ново поглавје во пристапните преговори со Европската Унија, изјавија денеска српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Мајкл Девенпорт.

Дачиќ на редовната конференција за новинари рече дека очекува да биде отворено барем петтото поглавје, кое се однесува на јавни набавки, а можеби и поглавјата 25 и 26 – за наука, образование и за култура. Тој верува дека за тоа ќе придонесе и постигнатиот договор помеѓу Белград и Приштина за спроведување на договорот за правосудство.

Девенпорт денеска во Ниш изјави дека Србија напредува на европскиот пат, како и дека до крајот на годината би требало да отвори уште неколку поглавја од пристапните преговори со ЕУ.

Тој додаде дека и во 2017 година Србија ќе може да користи околу 200 милиони евра од претпристпаните фондови на ЕУ.

Србија во преговорите со ЕУ досега отвори вкупно 4 од 35 поглавја.


Вучиќ: Голем ден за Србија, ѝ благодарам на Меркел


Брисел, 14 декември, 2015 - 21:08 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел изјави дека денеска е голем ден за Србија, која со отварањето на поглавјата од дијалогот за пристап кон Европска унија, испишува нова историска страница.

– Сакам како премиер кој е горд на својата земја да им честитам на сите граѓани на овој успех. Ова за нас е голем ден, испишуваме историска страница и веќе не мораме да сонуваме за ЕУ. Пред нас имаме тешка работа, но извесно е дека доколку се однесуваме посветено, ќе станеме дел од европското семејство – рече Вучиќ.

Премиерот на Србија додаде дека ова е добра вест за цел регион и ја искористи можноста да ѝ се заблагодари на Ангела Меркел.

– Морам да ѝ се заблагодарам на германската канцеларка Ангела Меркел затоа што таа си го одржа зборот и истата секунда кога Србија ги исполни обврските, таа го исполни ветувањето. Уште утре ќе славиме, а потоа ќе работиме напорно – истакна Вучиќ.


Попоски: Посетата на Коѕиас е мудар чекор на грчката дипломатија


Скопје, 23 јуни, 2015 - 17:18 (META) 

Ова е мудар чекор на грчката дипломатија што ќе придонесе за евроинтеграцијата на регионот и за подобрување на билатералните односи, рече Попоски пред утрешната посета на неговиот грчки колега, објави „Телеграф“.

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, ја оценува како многу корисна утрешната посета на шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас. Тој нагласи дека во овој момент двете земји се далеку од некакво решение со спорот за името, но дека тоа не треба да ги спречува да соработуваат на други полиња и да имаат добри билатерални односи.

– Утрешната посета е заедничка иницијатива и утре ќе ги утврдиме конечните мерки за доверба. Преку дијалог, може да се создаде добра клима и за главното прашање поради кое сме блокирани во евроинтеграцијата. Ова е мудар чекор на грчката дипломатија што ќе придонесе за евроинтеграцијата на регионот и за подобрување на билатералните односи – рече Попоски.

Коментирајќи го состанокот во Советот на ЕУ, на кој една од точките е и Македонија, рече дека политичката криза во која се наоѓа земјата довела до тоа да има заклучоци порано.

– Не стравувам дека може да ја изгубиме препораката за преговори. Тоа ќе се знае од редовниот извештај што ќе го објави Европската комисија. Нам ни е потребно испорачување резултати за поглавјата 23 и 24 – нагласи Попоски.


Што содржат поглавјата 23 и 24 што ги спомна Хан


Скопје, 3 јуни, 2015 - 14:42 (META) 

„Пред изборите кои ќе се одржат до крајот на април идната година, Македонија ќе мора да ги прифати сите препораки од извешатите на ЕУ за независност на судството. Ќе се примени методологија која вообичаено ја користиме за преговори за поглавјата 23 и 24“. Ова по вчерашната средба со лидерите на политичките партии го изјави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Соред изјавите што политичарите изминатите неколку години ги давале во медиумите, на овие поглавја се работи веќе неколку години.

Се одржуваа и семинари и обуки со држави кои имаат искуство со исполнувања на овие поглавја.

Поглавјето 23 се однесува на правосудството и на фундаменталните права (ефикасност и непристрасност на судството, антикорупција, спречување тортура, затворски систем, слобода на изразување, слобода на здружување, родова еднаквост, антидискриминација…), додека, пак, поглавјето 24 се однесува на правда, слобода и на безбедност (миграција, азил, визна либерализација, надворешни граници и граници на шенген-зоната, судска соработка во кривични и во граѓански предмети, полициска соработка во кривични и во граѓански предмети, борба против организиран криминал, борба против тероризам и царинска соработка за борба против дрога и фалсификување на еврото).

Како и во изминатите, така и во последниот извештај за Македонија имаше забелешки околу напредокот во овие поглавја.

Поглавје 23: „Земјата веќе ги има завршено поголемиот дел од реформите и ги има воспоставено потребните правни и административни структури во оваа област. Сепак, постои ризик од влошување во некои области, вклучувајќи ги судството и борбата против корупција. Потребни се дополнителни напори за заштита на независноста на судиите, за да се подобри квалитетот на правдата и за да се олесни пристапот до правдата. Многу поголем фокус треба да се даде на ефикасно спроведување на постојната рамка за фундаментални права, особено во однос на финансирање, екипирање, подигнување на свеста, меѓуинституционална соработка и стратешко планирање, особено во области како што се затворите, правата на децата, антидискриминација, правата на ЛГБТИ и на Ромите. Состојбата со слободата на изразување и понатаму е проблематична и потребни се поголеми напори за подобрување на културата на медиумите.“

Поглавје 24: „Земјата веќе достигна високо ниво на усогласување на законската регулатива во оваа област, а административните и судските структури се во напредна фаза. Беа направени понатамошни подобрувања во областа на полициската соработка и во борбата против организиран криминал и трговија со луѓе. Меѓутоа, во некои сектори напредокот останува бавен, во однос на подобрување на инфраструктурата, капацитетот и стратешкото планирање, кои се потребни за целосно и ефикасно спроведување на постојните политики. Тука спаѓаат, особено, миграции и азил. Отсуството на независен систем за надворешен надзор на полицијата, исто така, треба да се реши“.