!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Според „Роснефт“, нафтата следната година значително ќе поевтини


Москва, 12 септември, 2017 - 12:38 (META) 

Извршниот директор на „Роснефт“, Игор Сечин, излезе со оптимистичка најава за значително поевтинување на цената на нафтата следната година.

– Во прелиминарната анализа, мислам дека следната година ќе имаме просечни цени за годината во опсег од 40 до 43 долари за еден барел – рече Сечин во интервју за телевизијата „Русија 24“.

Тој поевтинувањето го припишува на зголемено производство нафта од шкрилци, но и на девалвацијата на доларот, што ја предвидува.


Анѓушев вели дека со либерализацијата струјата нема да поскапи


Скопје, 10 септември, 2017 - 17:38 (META) 

Заменик-претседателот на Владата  задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, заедно со министерот задолжен за подобрување на инвестициската клима, Зоран Шапуриќ, и со министeрот задолжен за привлекување на странски инвестиции, Аднан Ќахил, на конференција за медиумите, давајќи отчет за стоте дена од работењето на Владата, ги презентираа ветените и релизираните обврски, како и проектите кои се во тек.

Како особено важен, вицепремиерот Анѓушев го истакна донесувањето на новиот закон за енергетика на кој веќе активно се работи, а посочи дека е обновена прекинатата соработка со Европската енергетска заедница.

– Соработката со Енергетската заедница ќе биде од помош за Република Македонија да донесе европски закони за енергетика и енергетска ефикасност, кои ќе бидат во парламентарна процедура до крајот на годината – рече Анѓушев, уверувајќи дека новиот закон нема да доведе до поскапување на струјата.

Според вицепремиерот, тие закони ни оддалеку не предвидуваат зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните, туку предвидуваат намалено бесполезно трошење и намалување на регулираните дејности. Анѓушев појасни дека регулираните дејности овозможуваат правење на непродуктивни трошоци што на крај ги плаќаат граѓаните.

Тој нагласи дека дадениот збор за враќањето на евтината дневна тарифа на струјата е реалност, а дека граѓаните ќе ги почувствуваат придобивките од мерката зимава, преку пониски сметки, заради тоа што ќе имаат можност да користат евтина тарифа и секој работен ден и сабота по два часа дневно.

– Тоа се до 8 милиони евра на годишно ниво, вратени пари во џебовите на граѓаните на Република Македонија – рече вицепремиерот Анѓушев и посочи дека изворот за финансирање на оваа мерка ќе биде од заштедите што ќе ги генерираат енергетските компании со домаќинско и одговорно работење.

Во однос на странските инвестиции, вицепремиерот посочи дека тие ќе бидат испочитувани во рамки на договорите што ги имаат потпишано, ќе бидат поддржани од владата што работи како нивни добар партнер и рече дека направена е детална анализа за тоа колкав износ на буџетски средства се искористени за привлекување странски инвестиции за што јавноста ќе биде дополнително информирана во следните денови, преку кумулативни бројки.


Владата го направи првиот чекор за враќање на евтината струја преку ден


Скопје, 26 јули, 2017 - 11:00 (META) 

На својата 16. седница, Владата вчера усвоила информација во врска со воведување евтина дневна тарифа на електрична енергија за домаќинствата, што беше едно од предизборните ветувања на СДСМ.

Следниот чекор ќе биде подготвување владина препорака до Регулаторната комисија за енергетика веднаш да одржи работен состанок со претставници на „ЕВН Македонија“ – АД Скопје, Министерството за економија и на кабинетот на вицепремиерот Кочо Анѓушев и во рок од седум дена да подготви анализа за повторно воведување на дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата и за измена на тарифниот систем за продажба на електрична енергија на домаќинства и на мали потрошувачи.

„Владата на РМ е убедена дека со оваа одлука ќе се направи голем чекор кон подобрување на економската состојба на граѓаните на Република Македонија, а истовремено ќе се поттикне домаќинско работење во јавните претпријатија“, се вели во владиното соопштение.


Бензинот поевтинува за два денари, дизелот за денар и пол


Скопје, 27 јуни, 2017 - 13:13 (META) 

Регулаторната комисија за енергетика денеска ја објави својата најнова одлука за цените на горивата, со кои бензинот во следните две седмици ќе се продава за два денари помалку од денешните цени, а дизелот ќе поевтини еден и пол денар.

Така, цените на „еуросупер-95“ и на „еуросупер-98“ ќе изнесуваат 60,5 денари, односно 62,5 денари. Цената на „еуродизел“ се намалува за еден и пол денар и еден литар дизел-гориво од вечерва ќе чини 46,5 денари.

Новите цени стапуваат на сила вечерва на полноќ.


Бензинот поевтинува за еден и пол денар, дизелот за 2,5 денари


Скопје, 12 јуни, 2017 - 12:33 (META) 

Регулаторната комисија за енергетика најави поевтинување на горивата, а новите пониски цени ќе важат од полноќ.

Според одлуката за цените на горивата објавена на веб-страницата на комисијата, цената на „еуросупер-95“ и на „еуросупер-98“ се намалува за еден и пол денар, па еден литар од овие горива ќе чини 62,5 денари, односно 64,5 денари. Цената на „еуродизел“, пак, се намалува за 2,5 денари и еден литар дизел-гориво ќе чини 48 денари.

Следната одлука за цените на горивата Регулаторната комисија за енергетика ќе ја донесе по две седмици.


Горивата поевтинуваат ноќеска на полноќ


Скопје, 15 мај, 2017 - 12:40 (META) 

Цената на бензинот се намалаува за три денари, а дизел-горивото поевтинува за два денари, одлучи Регулаторна комисија за енергетика.

Цената на „еуросупер БС-95“ и на „еуросупер БС-98“ се намалува за три денари, и еден литар од овие горива ќе чини 63, односно 65 денари.

Цената на горивото „еуродизел“ се намалува за два денари и еден литар ќе чини 49 денари.


Гориватa на полноќ ќе поевтинат за два денари


Скопје, 20 март, 2017 - 15:44 (META) 

Бензинот и дизел-горивата од полноќ ќе поевтинат за два денари по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Еден литар „еуросупер БС-95“ ќе се продава за 65 денари, а „еуросупер БС-98“ за 67 денари.

Дизелот ќе чини 52 денари за еден литар, а eкстралесното масло за домаќинство ќе се продава по цена од 40,5 денари за еден литар.

Новите цени се резултат на пониските цени на горивата на светските пазари во изминатите две недели.


Роамингот во регионот поевтини 30 отсто, се договара понатамошно намалување на цената


Брисел, 18 октомври, 2016 - 16:13 (META) 

Понатамашни мерки и активности за унапредување на заедничките политики на земјите од регионот на Балканот во поглед на поевтинување на роаминг-услугите, беа дискутирани на денешниот состанок во Брисел, на кој учествуваа и претставници од Македонија.

На средбата на претставници на влади и на националните тела за регулирање на комуникациски услуги, беше презентирана работна верзија на студијата која покажува дека има простор за понатамошно усогласување на сегашниот Регионален договор за роаминг, за негова хармонизација со политиките на Европската Унија, соопшти организаторот.

Состанокот во организација на Регионалниот совет за соработка (РСС) е продолжување на спроведувањето на успешна политика на договарање и на координација која веќе доведе до намалување на роамингот за 30 отсто во изминатите две години на териториите на Македонија, Србија, Црна Гора и на Босна и Херцеговина.

Спогодбата за намалување на овие услуги е потпишана во 2014 година на иницијатива на Агенцијата за електронски комуникации на РМ помеѓу четири земји, а намалувањето на услугите беше постигнато етапно во 2015 и во 2016 година, додека третата фаза се очекува да настапи во јуни 2017 година.

Процесот е цело време поддржан од Регионалниот совет за соработка со седиште во Сараево – оперативно тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), каде што Македонија е основач и полноправна членка.


Горивата поевтинуваат ноќеска на полноќ


Скопје, 11 јули, 2016 - 14:02 (META) 
Бензинот поевтинува за денар и половина, а дизел-горивото и екстралесното масло за домаќинство зa половина денар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Еден литар „еуросупер БС-95“ ќе се продава за 61 денар, а еден литар „еуросупер БС-98“ ќе чини 63 денари.
Новата цена на дизел-горивото е 49 денари, а на екстралесното масло за домаќинство – 37,50 денари за еден литар.

Струјата поевтинува за минимални 0,25 проценти


Скопје, 30 јуни, 2016 - 15:15 (META) 

Цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се намали за 0,25 проценти. Новата цена на струјата ќе почне да важи од 1 јули.

Причина за поевтинување се помалите трошоци кои енергетските компании ги пријавиле до Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), соопшти претседателот на РКЕ, Димитар Петров.

Кај ЕЛЕМ, цените се намалуваат за 0,01 процент, кај МЕПСО за 7,99 отсто, а кај ЕВН Дистрибуција за 9,71 процент.

Минатата година цената на струјата се намали за 0,33 проценти.