Одбележувањето на годишнината од земјотресот продолжува со филмови и концерти


Скопје, 25 јули, 2018 - 10:54 (META) 

Во денешниот настан од манифестацијата „Зборува Скопје“, со која градот се потсетува на жртвите од земјотресот од 26 јули 1963 година, вечерва во 20.30 часот во галеријата „Графити“, кај автобуската постојка во ГТЦ ќе биде прикажан краткометражниот филмски колаж на младата режисерка Дина Дума, насловен „Скопје сонува“. Половина час подоцна, во 21 часот ќе биде изведен перформансот „Тивка реконструција на земјотресот“ на Билјана Радиноска.

По овие две содржини во 21:30 часот ќе почне музичката програма „Разговор со смисла“  која вклучува концерти на Mammoth & Yashem, Тодор Караколев, импров сесија со музичари од новата скопска сцена.

„Зборува Скопје“ завршува утре кога група урбани уметници од Центарот за совремни уметници организираат аудио акција точно 5:17 минути на пет различни локации кои ќе не потсетат на точното време на трагичниот настан.

Традиционално ќе се одржи и крводарителската акција организирана од Црвен крст на град Скопјеа организационен одбор ќе положи цвеќе пред споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта во Бутел.

Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање а Здружението на акцијашите од студентскиот дом  „Стив Наумов“ ќе организираат марш до Музејот на Скопје каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори.  Во Младинскиот културен центар пак ќе има проекции на серијата Досие Скопје и богата музичка програма.


Викенд на македонска култура во Солун


Солун, 13 март, 2016 - 10:14 (META) 

Солунската публика викендов имаше можност уште подобро да се запознае со современата македонска култура преку поетско читање на академик Влада Урошевиќ и концерт на музичката група Љубојна на фестивалот „Балкан фест“ каде Македонија беше почесна држава.

Двата настани поминаа во позитивна атмосфера, без никакви проблеми и со бројна публика, покажувајќи уште еднаш дека културата и културната размена помага двете страни уште подобро да се запознаат и да се изградат мостови на доверба, меѓусебно разбирање и соработка кои се разнишани поради политичките проблеми.

Академик Урошевиќ и неговото творештво беа претставени и уважени на „Вечер на современа балканска поезија“ во Францускиот Институт во Солун. Настанот го организираше македонскиот конзулат заедно со францускиот и албанскиот, на покана на францускиот конзул во Солун во рамки на прославите на месецот на франкофонијата кои се одржуваат низ цела Европа. Во првиот дел на вечерта беше претставена поезијата на академик Урошевиќ, додека пак во вториот творештвото на албанскиот автор Исмаил Кадаре.

Претставувањето на поезијата и делата на Урошевиќ се случи пред преполната сала франкофонски љубители во Францускиот институт. Првиот дел од вечерта го отвори генералниот конзул на македонскиот конзулат во Солун, Маја Апостолова. Во своето обраќање Апостолова се осврна на активностите на Македонија како земја-франкофон. Беше проектирано и видео изработено од „Тв Монд“ кое го претставува Скопје како франкофонска дестинација и говори за можностите како младите и студентите може да го подобрат познавањето на францускиот јазик во контакт со уметноста.

За творештвото на академик Урошевиќ и неговиот работен опус пред публиката на француски пред се се обрати и професорот од Катедрата по општа и компаративна книжевност Владимир Мартиновски.

По него работата на нашиот истакнат академик ја уважи и потенцираше и еден од најпознатите грчки автори и издавачи Јанис Јанопулос кој прочита неколку поеми на Урошевиќ преведени на грчки јазик.

Неколку часа подоцна, пред бројна публика во рамки на Фестивалот на балканска музика „Балкан фест“ во Солун одржа концерт македонската етногрупа Љубојна. Звуците на македонскиот традиционален мелос преработени преку современите музички идеи на Љубојна беа одлично прифатени во преполната концертна хала во Солун.