Најмалку 50 загинати и 150 повредени во пожарот во Грција


Атина, 24 јули, 2018 - 9:38 (META) 

Најмалку 50 луѓе ги загубија животите во пожари во Грција кои од вчера беснеат во најголем дел во областа Атика кај Атина. Локалните власти стравуваат дека бројката на загинати во пожарот ќе се зголеми на 60, бидејќи се уште има многу исчезнати.

Портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос соопшти дека Атика се соочувала со многу тешка ноќ.

– Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца – рече Ѕанакопулос.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас синоќа ја прекинал посетата на Босна и Херцеговина по што итно се врати во Атина. Градот Мати што е во непосредна близина е целосно уништен од пожарите, a рибари и крајбрежната стража спасиле околу 700 луѓе.

Според спасувачите од Црвениот крст, во двор на таверна во населбата Мати, во источниот дел на областа Атика, биле пронајдени јагленисани тела на 26 лица помеѓу кои и деца, кои биле прегрнати во неколку групи, објавуваат грчките медиуми.

Претпоставките на спасувачите се дека луѓето тргнале кон морето за да се спасат, но на 30-40 метри оддалеченост, поради големината и јачината на огнените јазици, нивните обиди биле залудни.

Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.

Македонија ќе испрати два авиони за гаснење на пожарот. Утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.


МЗШВ презема мерки за заштита на шумите од пожари


Скопје, 11 август, 2017 - 16:56 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно презема мерки за заштита на шумите од појава на пожарите, реагираат од Министерството на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека министерот Љупчо Николовски презел низа мерки, меѓу кои и тоа што дал согласност за делумна, а потоа и за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови од 5 август до нејзино отповикување.

Од Министерството, исто така, потсетуваат дека Владата во согласност со Законот за управување со кризи, донесе одлука за постоење на кризна состојба заради превенција и справување со пожарите на подрачјата Македонски Брод и Чашка.

„Министерот Николовски ги зајакна капацитетите на Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ) и му наложи, покрај редовните контроли, да изврши и вонредни контроли врз работата на ЈП „Македонски шуми“, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици на шуми. По барање на министерот Николовски, шумската полиција ги зајакна контролите на терен, кога беа прогласени делумни и целосни забрани за движење во шума. Се евидентираа сите лица затекнати во шума и истовремено им се укажуваше за опасноста од појава на пожари“, се вели во соопштението.

Од министерството велат дека правните и физичките лица кои преку вршење на својата дејност предизвикуваат шумски пожари, се должни да ја надоместат штетата на субјектите кои стопанисуваат со шумите, како и сопствениците на шуми.

„Сите ангажирани лица од надлежните претпријатија даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подменати“, се додава во соопштението.


Подметнати пожари во неколку центри за азиланти во Шведска


Стокхолм, 17 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Повеќе од 300 баратели на азил на југот на Шведска, биле евакуирани од центрите за згрижување поради избувнување на пожар, соопшти полицијата.

Полицијата во градот Векше соопшти дека околу 200 баратели на азил се евакуирани откако пожар ја уништил општинската зграда во близина на центарот. Сè уште нема информации за повредени лица.

Во Молила и во Барби исто така биле евакуирани повеќе од 100 баратели на азил, а шестмина биле повредени. Полицијата се сомнева дека пожарите се подметнати.

Повеќе од 160.000 лица побарале азил во Шведска од 2015 година. Голем број центри за азиланти се запалени во подметнати пожари во последните неколку години.