Тевдовски: Буџетот и трезорот ќе бидат поставени на интернет платформи


Скопје, 12 септември, 2018 - 12:20 (META) 

До крајот на годината само неколку клика ќе ги делат граѓаните до клучните информации во буџетот и исплатите од трезорот. Напоредно во Министерството за финансии се подготвуваат платформата „Отворени финансии„ (Open Finance) и веб-апликацијата за граѓански буџет.

Ова денеска го најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на конференцијата „Водење бизнис во општеството управувано од податоци“, која се одржува денеска во организација на ЦЕЕД Македонија, Амбасадата на САД и „Ворлд Чикаго“ (WorldChicago).

-Во Министерството за финансии, ние ја препознаваме важноста на податоците. Затоа работиме на нова платформа базирана на интернет наречена „Отворено финансирање“, која ќе им овозможи на нашите граѓани да имаат увид во сите расходи на Владата во реално време. Очекуваме таа платформа да стапи во функција до крајот на оваа година – рече Тевдовски.

Тој додаде дека пред само два месеци Министерството за финансии ги отвори своите врати, но и сите податоци за учесниците на првиот првиот финансиски хакатон во земјата -„Фин Хакатон“, а  победниците сега креираат веб-апликација, игра и видео за граѓанскиот буџет.

Тој додаде дека податоците се главен ресурс на најголемите компании во светот и дека владите мораат да ги употребуваат податоците за да ги развијат економиите.

-Живееме во свет кој многу брзо се менува и за кој се потребни податоци за да го разбереме. На пример, Фејсбук е најголемата медиумска куќа а нема произведено ниту една вест. Аирбнб е најголема хотелска компанија а нема ниту една соба во сопственост. Најголемата такси компанија Убер не поседува ниту едно возило. Клучни се податоците- рече министерот.

Заменик шефот на Мисијата во амбасадата на САД во Скопје, Михаела Швајцер Блум истакна дека во 21 век најуспешни се компаниите кои успешно менаџираат со податоците, додека најуспешни се владите кои се партнери со компаниите, граѓанските организации и граѓаните. Таа истакна дека е клучна соработката помеѓу Владата и јавноста, особено транспарентноста и пристапот до информации за да се развие економијата.


НБРМ ја задржува каматната стапка на благајничките записи од 2,75 проценти


Скопје, 12 септември, 2018 - 10:49 (META) 

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 проценти, информираат од Народна банка.

„Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Согласно со објавените проценети податоци, по слабиот раст во првиот квартал, во второто тримесечје, растот на БДП значително забрза на 3,1 проценти, што сепак е нешто пониско остварување во споредба со проекцијата. За третиот квартал, при ограничен обем на расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но сепак, најголемиот дел од податоците упатуваат на продолжување на поповолните движења во економијата и во овој квартал од годината“, се вели во соопштението на Народна банка.


МОСТ: Граѓаните да ги проверат податоците во Избирачкиот список


Скопје, 16 август, 2018 - 14:08 (META) 

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска ги повика граѓаните да ги проверат своите податоци во Избирачкиот список во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија, како и на интернет-страницата http://izbirackispisok.gov.mk. Увидот во Избирачкиот список за претстојниот референдум трае до 23 август.

Од МОСТ информираат дека како и на сите изборни процеси, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални нерегуларности поврзани со референдумот.

Граѓанската асоцијација МОСТ во досегашното свое постоење, покрај сите национални и локални избори во Македонија почнувајќи од 2002 година, го има набљудувано и референдумот на државно ниво во 2004 година, како и трите референдуми на локално ниво – во општина Чешиново – Облешево во 2004 година, во општина Радовиш во 2007 година и во општина Центар во 2015 година.

Оваа активност, како што наведуваат од асоцијацијата, претставува надоврзување на досегашните активности, со што МОСТ се надева дека ќе даде придонес кон обезбедување на повисоко ниво на транспарентност на целокупниот референдумски процес.


Над половина од корисниците, со пониски или еднакви порамнителни сметки за парно


Скопје, 4 јуни, 2018 - 13:23 (META) 

Најголем дел од потрошувачите (62 отсто) оваа година ќе добијат пониски или еднакви порамнителни сметки со авансните, покажуваат податоците на БЕГ – Снабдување со топлина.

Но, од компанијата информираат дека висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот како и од измерената количина на испорачана топлинска енергија до самиот објект.

„Иако изминатата грејната сезона траеше шест дена подолго од вообичаеното, сепак повисоките просечни надворешни температури во текот на минатата зима ја намалија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енергија во Скопје. Помалата количина на испорачана топлинска енегија до потрошувачите од прогнозираната ќе биде нивелирана во сметките што потрошувачите за месеците – мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување помеѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија“, велат од БЕГ-Снабдување со топлина.


Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година


Скопје, 1 јуни, 2018 - 10:01 (META) 

Пописот на населението ќе се спроведе од 1 до 21 април во 2020 година. На терен ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод што подразбира покрај користење податоци на терен, и податоци од регистри. Се проценува дека оваа операција ќе чини 8,5 милиони евра.

Ова го наведе директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА изразувајќи жалење што пописот во 2011 година беше неуспешен и оти тие како институција ќе го носат како товар.

– Бидејќи одбележуваме 73 години од постоењето на Државна статистика во РМ со големо жалење можам да констатирам дека она по што бевме можеби и најпознати во државата – спроведување на попис, ние во 2011 година не успеавме да го направиме. Сеедно кои биле причините и какви биле причините, овој срам ќе си го носиме уште долго време. Се надевам дека со спроведување на новиот попис ќе успееме да докажеме дека, сепак, сме кадарна институција да направиме едно вакво статистичко истражување и дека најмалку до нас била причината за неспроведување на пописот, иако како институција имаме голема заслуга за тоа што не се спровел. Таа вина мораме да си ја признаеме. Таа вина беше поради тоа што дозволивме или ги отворивме ширум портите за влегување на политиката во пописот. Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме, барем додека сум јас тука и тврдам дека тоа нема да се случи. Може ќе има обиди секакви, меѓутоа ќе истраеме такво нешто да не дозволиме, туку да биде тоа што треба да биде – статистичка операција и ништо повеќе, вели во интервјуто Симовски.

Новина покрај комбинираното прибирање на податоците, во пописот ќе биде и тоа што нема да се користат хартиени прашалници, туку пописот на терен ќе се спроведува со користење лап-топ.
Симовски потенцира дека е важно што на ваков начин за многу пократко време ќе ги добиеме конечните податоци, наместо да се чека година и пол до две.


Закерберг се извини во Европскиот парламент за злоупотребата на податоците од „Фејсбук“


Брисел, 23 мај, 2018 - 11:36 (META) 

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг се извини пред пратениците во Европскиот парламент, порачувајќи дека компанијата не направила доволно за да ги спречи злоупотребите од оваа социјална мрежа и дека регулацијата е важна и неминовна.

„Не ја разгледавме во потполност нашата одговорност. Тоа беше грешка и жалам поради тоа“, изјави Закерберг.

Тој одбил да одговори на прашањето дали имало размена на податоци помеѓу „Фејсбук“ и неговите подружници како „Уац ап“ и дали ќе преземе чекори за да им овозможи на корисниците да ги блокираат таргетираните рекллами.

Сведочењето на Закерберг следува откако е откриено дела личните податоци на повеќе од 87 милиони корисници се злоупотребени од страна на консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ за политички цели.

Закерберг за овие злоупотреби сведочеше и во американскиот Конгрес, но одби да сведочи во британскиот парламент каде што ја испрати неговата соработничка.


Експерти од Светска банка прават анализи ќе понудат различни модели на оданочување


Скопје, 11 април, 2018 - 13:00 (META) 

Светска банка смета дека Владата оди во добра насока со заложбите за воведување на прогресивен данок, имајќи ги предвид податоците за приходната страна на буџетот.

При презентацијата на редовниот економски извештај за Западен Балкан, на новинарско прашање, дали Светска банка смета дека прагот од 1.000 евра за воведување на прогресивен данок е добар,  директорот на Канцеларијата на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, рече дека тој праг детално треба да се разгледа.

– Министерство за финанасии оди во правилна насока, имајќи ги предвид податоците за приходите денес, но прагот треба дополнително да се разгледа – изјави Мантованели.

Тој додаде дека вкупните приходи се со низок процент на учество во домашниот бруто-производ (БДП).

– Рамниот данок има предности и неповолности, и е поголемо оптоварување за сиромашните – додаде Мантованели.

Според Светска банка, резултатот од рамниот данок врз македонската економија е константно намалување на приходите и поради тоа сме таму каде што сме.

Во 2016 и 2017 година имало намалување на приходната страна, а исклучок бил данокот на добивка на данокот на капитал.

– Има можност за зглемување на оданочувањето на капиталот, данок кој би бил таргетиран, а не да се однесува на општата популација – изјави економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Во однос на даночните реформи во државата, од Светска банка велат дека тим од експерти од Вашингтон ја разгледуваат даночната политика и ќе понудат различни модели, како и објаснување и како ќе влијаат врз различни групи даночни обврзници.

Студијата наскоро ќе биде објавена од Светска банка и ќе биде презентирана пред јавноста.


„Метаморфозис“ го започна проектот „ДАТА“ за анализа на податоци за транспарентност и отчетност


Скопје, 3 април, 2018 - 16:44 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ го започна проектот D.A.T.A. – Data Analytics for Transparency and Accountability (Анализа на податоци за транспарентност и отчетност) во кој посебен тим за визуелизации на податоци работи директно со новинари и активисти од граѓанскиот сектор.

Целта на проектот е да се влијае врз начинот на кој новинарите и граѓанските здруженија работат со податоци, односно преку новинарство базирано на податоци да се обезбеди целосно почитување на професионалните и етички стандарди, но и да се создаде додадена вредност преку иновативен начин на презентација на резултатите од анализата на податоците.

Во рамки на проектот е предвидено да се организираат и неколку дводневни обуки за работа со податоци на кои ќе бидат поканети претставници на медиумите и граѓанските организации во Македонија. Првата обука ќе се одржи кон крајот на април во Скопје.

„Дата“ го објавија првиот сет на визуелизации кој се однесува на споредба на податоците од Индексот на перцепција на корупцијата кој го објавува „Транспаренси интернешнал“, како и податоците на Министерството за внатрешни работи на Македонија и Јавното обвинителство на Албанија за бројот на случаи на примање поткуп во двете земји.


Обвинителството бара документи од институции за кривичната против Вангеловски


Скопје, 10 октомври, 2017 - 11:14 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје побарало „податоци и документација“ од институции во врска со кривичната пријава што неодамна против претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ја поднесе Советот за утврдување на факти, и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, велат за „Мета“ од Јавното обвинителство.

„Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, тргнувајќи од наводите содржани во кривичната пријава на Советот за утврдување на факти против лицето за кое покажувате интерес, достави барања до соодветни институции за прибирање податоци и документација неопходни за расветлување на случајот“, стои во одговорот на јавното обвинителство на нашите прашања дали е прифатена кривичната пријава, дали е отворена постапка и во која фаза е таа.

Кривичната пријава Советот ја поднесе на 28 септември, откако две недели претходно Вангеловски не им дозволи на членовите на комисијата која ги истражува околностите за бегството на Горан Грујовски и на Никола Бошковски, да влезат во Врховниот суд и да извршат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Комисијата што ја формираше Советот треба да утврди дали судии од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори на СЈО, ја прекршиле постапката и им овозможиле на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и на Никола Бошковски, вработен во УБК, да побегнат од државата.


Јанева не може да потврди дали материјалите земени од Панчевски водат до Иванов


Скопје, 6 октомври, 2017 - 13:03 (META) 

Специјалното јавно обвинителство почнало со анализа на материјалите одземени при вчерашните претреси во канцелариите и во домовите на судијата Владимир Панчевски и на двајца информатичари вработени во судот, изјави денеска специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

Специјалната обвинителка рече дека запленетите материјали се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи, но не открива повеќе детали за вчерашниот претрес во Основниот суд Скопје 1, бидејќи, како што додаде, податоците сè уште се анализираат.

– Вчера вечерта се состанаа нашите екипи и полицијата во врска со претресите. Синоќа и денеска се составуваат записници и сè што е земено ќе биде доставено до Обвинителството. Мислам дека тоа што го баравме и најдовме во домовите го зедовме. Дали е сè што е потребно, не можам да кажам – рече Јанева, која денеска присуствуваше на дебатата „Двојба во корист на обвинетиот – виновен надвор од разумно сомневање“, во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање дали земените податоци од поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, упатуваат на тоа дека од судот биле изнесувани информации за претседателот на државата, Ѓорге Иванов, пред неговата одлука за аболиција лани во април, Јанева изјави дека не може да коментира, бидејќи податоците уште се анализираат.

– Не можам ништо да потврдам бидејќи во овој момент податоците што се одземени уште се анализираат. Откако ќе заврши анализата, ќе бидете известени. Ги видов написите на социјалните мрежи, тоа воопшто не можам да го потврдам, тоа се само шпекулации и претпоставки – рече Јанева.

СЈО, како што вчера соопшти Јанева, по судска наредба изврши личен претрес кај Владимир Панчевски и со друга наредба од судот ги одзеде сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување предмети во Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство води предистражна постапка и го сомничи Панчевски дека местел кои судии да ги добиваат предметите на СЈО, а покрај тоа, постојат и сомнежи дека тој оддавал службени тајни на лица надвор од судот.