!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дождот изгасна најголем дел од пожарите, соопшти ЦУК


Скопје, 13 август, 2017 - 12:34 (META) 

Најголем дел од пожарите кои беа активни во земјава се изгаснати, по врнежите од дожд кои утрово ја зафатија Македонија, соопштија денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Оттаму информираат дека пожари има на уште пет локации, кои се ставени под контрола.

Како што информираат од ЦУК, под контрола е пожарот во близина на манастирот „Трескавец“ и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село. Таму сè уште гори сува трева, но, како што наведуваат од ЦУК, огнот е далеку од манастирот и нема никаква опасност по него, а на терен има екипа на прилепската противпожарна единица.

Активни, но под контрола, се и пожарите во близина на селата Крушевица и Бонче, кај селото Никодин, шумскиот пожар во атарот на селото Нерово и пожарот кај местото Фрлогоец на планината Бистра.


Пожарот кај Кондово ставен под контрола


Скопје, 13 август, 2017 - 11:11 (META) 

Големиот пожар кој синоќа избувна во близина на селото Кондово во Општина Сарај е ставен под контрола и нема опасност по куќите во селото за кои постоеше закана да бидат зафатени од огнот, соопштија денеска од Град Скопје.

Оттаму информираат дека на терен интервенирале повеќе од 40 пожарникари, со неколку противпожарни возила, како и голем број лица и механизација од Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кои цела ноќ го гаснеле пожарот и не дозволиле огнената ситхија да ги зафати куќите во Кондово.

Екипите на скопската противпожарна бригада ќе интервенираат на терен до целосното гаснење на пожарот, додаваат од Град Скопје.