!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Надлежната комисија не нашла пропусти во случајот со починатите во брзата помош


Скопје, 30 март, 2017 - 19:23 (META) 

Комисијата за стручен надзор на Министерството за здравство тврди дека немало лекариски пропусти во лекувањето и при транспортот на двајцата пациенти од Крива Паланка, кои, кон средината на овој месец, починаа во возило на брза помош на кое му откажаа сопирачките, пренесува „Телма“. Комисијата беше формирана од Министерството за здравство за да го испита случајот.

Комисијата, повикувајќи се на документацијата што ја добиле, тврди дека по дефектот на возилото на брзата помош, екипа на брза помош од Скопје пристигнала по само 14 минути, откако била повикана, а не по половина часа, како што тврдело семејството на еден од починатите пациенти.

Стручниот надзор, според комисијата, покажал и дека случајот бил навреме пријавен во полиција.

„Известени се и МВР и Центарот за управување со кризи и нивното мислење било дека штом има лекар кој констатирал смрт, нема потреба од нивен увид и од увид на обвинителството – изјавил претседателот на комисијата, д-р Слободан Ристовски.

Комисијата не гледа пропуст ниту во тоа што двајцата тешко болни пациенти биле превезувани во едно амбулатно возило.

Од надлежното јавно обвинителство сè уште нема информација дали ја добило документацијата од МВР и дали ќе отвори постапка за случајот.


За два дена повеќе од 100 лица починале од глад во Сомалија


Могадишу, 4 март, 2017 - 19:00 (META) 

Премиерот на Сомалија, Хасан Али Каире, денеска соопшти дека во последните 48 часа 110 лица умреле од глад само во регионот Бај и дека ваква опасност им се заканува на милиони луѓе во земјата, јавуваат светските агенции.

Станува збор за прв извештај за луѓе починати од глад, откако во вторникот Сомалија прогласи национална катастрофа поради сушата што им се заканува на милиони луѓе.

Според проценките на Обединетите нации, итна помош во храна им е потреба на околу пет милиони жители на оваа земја.

Сомалија, заедно со Нигерија, Јужен Судан и со Јемен, е еден од четирите региони за кои генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец побара помош од 4,4 милијарди долари за да се избегне глад од катастрофални размери.

За околу 363.000 акутно изгладнети деца „потребен е итен третман и нутритивна поддршка“, а поради недостиг од чиста вода, постои опасност од појава на болести како колера, велат од ОН.


Две деца неделава починале од грип, соопшти ИЈЗ


Скопје, 12 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Во текот на оваа недела регистрирани се два смртни случаи „асоцирани со грип“, соопшти денеска Институтот за јавно здравје на Република Македонија, кој го презентираше извештајот за состојбата со грипот во период од 1 до 8 јануари.

Според извештајот, станува збор за деца на возраст од три и од четири години од Кичево и од Гостивар, кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести во Скопје, на одделот за интензивна нега.

„Во текот на првата недела од 2017 година, во Република Македонија пријавени се 8.067 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што претставува намалување од 14,9 отсто во споредба со претходната недела, кога беа пријавени 9.485 случаи“, се наведува во извештајот.

Оваа недела, како и минатата, најголем број заболени, односно 1.046 лица, се регистрирани на територијата на Центарот за јавно здравје Скопје, а поголем број случаи пријавени се од центрите за јавно здравје Струмица -­ 935, Битола ­- 932 и подрачната единица во Кавадарци ­- 764.

Во првата недела од годинава, најголем број заболени, односно 70,4 отсто од сите случаи, се пријавени во најголемата возрасна група од 15­ до 64 години, што претставува мало зголемување на процентуалното учество од претходната недела, кога изнесуваше 65,9 отсто. Во пријавените случаи од првата недела, децата на возраст од 5 до ­14 години учествуваат со 11,7 отсто, лицата над 65 години со 10,7 отсто, а најмал процент отпаѓа на децата од ­4 години, односно 7,2 отсто.

„Највисока инциденца од 500 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од ­четири години, a кај децата на возраст од пет­ до 14 години инциденцата изнесува 408,7 на 100.000 жители. Во однос на претходната недела, бројот на регистрирани случаи и инциденцата кај децата на возраст од 5 до ­14 години се речиси двојно намалени“, стои во извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.


Полска: Шест лица починале од студ во последните 24 часа


Варшава, 10 јануари, 2017 - 11:22 (META) 

Во последните 24 часа, во Полска од премрзнување починале шест лица, јавуваат светските агенции. Со ова вкупниот број на починати лица од студ, од ноември до сега, во земјата се искачил на 71 лице, соопштиле полциските власти.

Полицијата упатила апел до граѓаните на земјата да им помогнат на најзагрозените, особено на бездомниците, имајќи ја предвид екстремно ниската температура во Полска, која е под минус 20 Целзиусови степени.


Во Албанија од грип починале четири лица


Тирана, 7 јануари, 2017 - 11:33 (META) 

Грипот во Албанија усмрти четири лица кои биле хронично болни, јавуваат албанските медиуми.

– Регистрирани се четири жртви на грипот. Станува збор, главно, за хронично болни лица. Компликациите од грипот може да предизвикаат фатални последици по животот, при што најризична група се хронично болните, односно лицата што боледуваат од хронична пневмонија, кардиоваскуларни заболувања и од дијабет – вели пневмологот Арјан Мезини.

До 31 декември, како што изјави Мезини, во Албанија се забележува зголемен број лица заразени од грип, а се очекува овој број нагло да се зголеми во следните две недели.

Според официјалните статистички податоци, во Албанија има повеќе од 20.000 заболени од грип, но се претпоставува дека нивниот број е многу поголем, имајќи предвид дека дел од болените се лекуваат во домашни услови или со лекарства што ги добил некој член од нивното семејство.

Албанските власти неделава ги затворија училиштата и градинките поради грипот, ниската температура и снегот.


Пакистан: Најмалку 26 лица починале од отровен алкохол


Исламабад, 27 декември, 2016 - 13:05 (META) 

Најмалку 26 лица од областа Пенџаб, во источниот дел на Пакистан, починале, а дванаесетмина се тешко болни откако пиеле отровен алкохол во неделата за Божиќ, соопштиле локалните власти, пренесува „Би-би-си“.

Починатите, од кои 24 биле христијани, а двајца муслимани, консумирале домашна ракија, која ја набавиле од засега непознато место. Полицијата почнала истрага за да открие каде бил направен и продаден алкохолот.

Во Пакистан постојат строги закони за продажба на алкохол. На муслиманите им е строго забрането консумирањето алкохол, додека на припадниците на христијанската и на другите малцински заедници им се потребни посебни дозволи за негова набавка. Поради строгата регулатива, голем број луѓе илегално произведуваат алкохол, кој честопати содржи метанол, кој е отровен.

Во истата област и претходно имало смртни случаи од труење со алкохол, а во 2014 година за само неколку дена од отровна ракија починаа 40 лица.


Најмалку седум лица загинаа, а 25 се повредени при експлозија на товарен воз во Бугарија


Варна, 10 декември, 2016 - 13:25 (META) 

Најмалку седум лица загинаа, а хоспитализирани се 25 повредени по несреќата во која товарен воз со течен гас излетал од шините и експлодирал во селото Хитрино на североистокот на Бугарија, соопшти бугарската полиција.

Според пишувањата на бугарските медиуми, бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, се упатил кон тоа село и апелирал граѓаните да даруваат крв во болницата во местото Шумен, каде што повредените се сместени. Некои од повредените добиле тешки повреди и ќе бидат префрлени во болница во Варна.

При експлозијата биле уништени 20 објекти и иако пожарот е ставен под контрола, некои од објектите сè уште горат. Полицијата ги евакуирала жителите на селото, во случај да не се случи повторна експлозија и истражува како дошло до несреќата.


Двајца бегалци прегазени пред  бегалскиот камп Ореокастро во Солун


Скопје, 17 октомври, 2016 - 9:42 (META) 

Нова бегалска трагедија се случи во бегалскиот центар Ореокастро во Солун. Една Сиријка и нејзиното малолетно дете загинаа во сообраќајна несреќа, кога возилото на грчки возач удри во нив на патот надвор од бегалскиот камп. Полицијата веднаш го приведе и го уапси 76-годишниот возач, а неколку моменти пред апсењето, човекот успеа за влакно да избегне линч од групата гневни бегалци, со помош на еден постар и двајца помлади бегалци.

Во сообраќајката е повредено уште едно 13-годишно девојче, кое се лекува во болница во Солун и е надвор од животна опасност.

Кобната сообраќајка предизвика нова тензија и вознемиреност меѓу бегалците, кои почнаа насилни демонстрации и инциденти. Во демонстрациите беше запалено возилото што ги усмрти Сиријката и нејзиниото дете. Бегалците палеа контејнери за ѓубре, а се судрија и со полицијата, фрлајќи камења и други предмети кон нив. За да ја смири ситуацијата, полицијата одговори со шок-бомби. Групата гневни бегалци го нападна и возилото на брза помош, кое требаше да ги земе телата на починатите и повреденото девојче. Според сведочењата на членови од екипата за брза помош, бегалците го нападнале и возилото, а потоа и медицинските лица што го внесувале телото на починатото дете со клоци, тупаници и со ножеви. Членовите на екипата едвај успеале да избегаат без да го земат и телото на починатата мајка. Двајца од нив се повредени и се пренесени во болница во Солун.

Според локалните медиуми во Солун, бегалците денеска ќе одржат мирен протест пред бегалскиот камп во Ореокастро, за да побараат возачите да ја намалат брзината во близина на кампот бидејќи често поминуваат покрај него со голема брзина, ставајќи ги во опасност животите на бегалците што се движат по уличките надвор од него.


Пронајдени тела на 22 мигранти во чамец во Медитеранот


Атина, 21 јули, 2016 - 10:16 (META) 

Тела на 21 жена и на еден маж се пронајдени во чамец кој превезувал мигранти преку Медитеранот, соопшти хуманитарната организација „Лекари без граници“.

Организацијата навела дека повеќе од 200 преживеани се спасени од гумен чамец и се префрлени на еден од бродовите на организацијата.

Групата соопшти дека телата на настраданите долго се наоѓале во чамецот.

Други детали не се соопштени.


Клиника за гинекологија: Бројките за смртност на новороденчиња се вадат од контекст


Скопје, 26 јуни, 2016 - 14:23 (META) 

Бројките за смртноста на новороденчиња на Клиниката за гинекологија и акушерство, изнесени во јавноста, се вадат од контекст, изјавија денеска на прес-конференција лекари од Клиниката.

Според раководителот на онколошкото одделение на Клиниката, д-р Драган Тантуровски, бројките што се презентираат треба да бидат направени врз основа на едногодишна или повеќегодишна статистичка обработка.

– Многу е лошо кога се вадат од контекст одредени бројки. Смртноста на бебињата е намалена на 8,5 отсто во 2015 година, во споредба со 13 отсто во 2013 година – вели Тантуровски.

Тој рече дека не може да коментира за вистинитоста на медицинските документи објавени во јавноста, но најави дека ќе поведе правна постапка поради изнесувањето медицинска документација од Клиниката.

– Искрено, жалам што се случуваат настани на оваа Клиника кои не се примерни за ниедна институција со вакво реноме, односно излегување на официјална медицинска документација која е професионална тајна и затоа Клиниката има правна служба која адекватно ќе одговори – рече д-р Тантуровски.

Раководителката на одделението за интензивна неонатална нега и терапија, д-р Снежана Јанчевска, изјави дека минатата година биле објавени сите податоци во врска со перинаталната и неонаталната смртност во Македонија во период од пет години, со сите детали и обработки на причините.

– За оваа година извештајот ќе го направиме и апсолутно преку релеватните установи ќе ѝ биде достапен на јавноста – рече Јанчевска.

Минатата година на Клиниката за гинекологија и акушерство биле изведени околу 5.800 породувања.

Ангелчо Андоновски од комисијата за здравство на СДСМ, денеска на прес-конфереција предупреди дека на Клиниката во Скопје во првите шест месеци од оваа година починале 82 новороденчиња, а за две недели починале 20 новороденчиња. Тој го обвини министерот за здравство, Никола Тодоров, дека е виновен за ваквите состојби во здравството.