!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Почина диригентот Саша Николовски-Ѓумар


Скопје, 14 јануари, 2017 - 19:20 (META) 

На 50-годишна возраст, денеска почина Саша Николовски-Ѓумар, еден од најдобрите македонските диригенти.

Тој беше роден во Битола во 1966 година. Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија го завршил како најдобар студент на генерацијата. За време на студиите, се запишал и на отсекот за композиција и за диригирање, на кој дипломирал со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет.

Во 1999 година магистрирал со највисоки оцени на Академијата „Панчо Владигеров“ во Софија, каде што учел оркестарско диригирање со Васил Казанџиев и оперско диригирање со Боби Хинчев.

Од 1998 година на Факултетот за музичка уметност предаваше хорско и оркестарско диригирање, оперско студио и група предмети од областа на диригирањето.

Саша Николовски-Ѓумар ја предводеше и македонската филхармонија во Македонскиот народен театар за Божиќниот концерт на 7 јануари.


Прилепчанец пронајден мртов на Божиќ


Прилеп, 8 јануари, 2017 - 11:54 (META) 

Во објектот на поранешно инфективно одделение на болницата во Прилеп, вчера е пронајдено починато лице, соопшти полицијата.

Смртта била констатирана од страна на лекар од итната медицинска помош, а увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа на прилепската полиција. Констатирано е дека најверојатно се работи за лицето П.М. (26) од Прилеп.

По наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција.


Старица починала во пожар во скопско Буковиќ


Скопје, 7 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Осумдесет и тригодишната М.Б. вчера била пронајдена почината во изгорен кат од куќа во скопското село Буковиќ.

Како што информира МВР, вчера во ЕИК–Скопје било пријавено дека во 13.25 часот во село Буковиќ од засега непознати причини избувнал пожар во куќа, сопственост на Р.Б. (49), при што целосно биле изгорени приземјето и катот, каде била неговата мајка М.Б., која била пронајдена почината.

Пожарот бил изгаснат од екипи на бригадата за противпожарна заштита. По наредба на јавен обвинител, телото на почината е предадено на семејството за погреб.


Русија: Убиството на амбасадорот е терористички напад


Москва, 19 декември, 2016 - 19:42 (META) 

Убиството на рускиот амбасадор во Турција, Русија го окарактеризира како терористички напад.

Портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Марија Захарова, објави дека темата за нападот врз рускиот дипломат ќе биде поставена пред официјални лица во Советот за безбедност на Обединетите нации.

Свое обраќање се очекува да има и рускиот претседател Владимир Путин.

Турското министерство за внатрешни работи го зајакна обезбедувањето на руската амбасада по нападот врз Карлов. Амбасадата сега ја обезбедуваат тимови од специјалци на турската полиција.

Нападот врз рускиот амбасадор Карлов го осуди и американскиот Стејт департмент.

„Го осудуваме секој облик на насилство, без разлика од каде потекнува“, соопштија од Стејт департментот.

Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, почина откако во него беше пукано за време на отворање на изложба во уметничка галерија.


Рускиот амбасадор во Турција им подлегна на повредите


Анкара, 19 декември, 2016 - 18:42 (META) 

Рускиот амбасадор во Турција, Андреи Карлов почина откако беше ранет со огнено оружје за време на изложбата „Русија во очите на Турците“, потврди руското министерство за надворешни работи.

Мотивот на напаѓачот е непознат, но турските медиуми пишуваат дека извикувал „Ова е за Алепо“. Уште три други лица се ранети во нападот.

Според пишувањата на медиумите, напаѓачот, маж во костум со вратоврска, со пиштол во рацете, е убиен во пресметка со полицијата.

Руските медиуми пренесуваат дека за трагедијата бил известен и рускиот претседател Владимир Путин, а се очекува тој денеска да има свое обраќање.

„Ројтерс“ наведува дека напаѓачот во галеријата влегол покажувајќи полициска пропусница.

На Карлов му била пружена помош на самото место, а полицијата упаднала во галеријата при што имало размена на оган со напаѓачот.


Битолчанец пронајден мртов во својот дом


Битола, 24 јули, 2016 - 12:52 (META) 

Б.Д. (53) од Битола е пронајден мртов вчера попладне, околу 17 часот, во неговиот дом, соопшти полицијата.

Доктор од итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство.

Увид извршила екипа од СВР-Битола, а јавен обвинител наредил обдукција врз телото на починатиот.


Кичевец најден мртов со прострелна рана во главата


Кичево, 22 јули, 2016 - 13:35 (META) 

Синоќа, околу 20.15 часот, полициски службеници до паркирано возило на магистралниот пат Гостивар – Кичево, го нашле починат 63-годишниот М.З. од кичевското село Трпчин Дол.

Како што информираат од полицијата, кичевецот имал прострелна рана на главата, нанесена од огнено оружје, а покрај неговот тело бил пронајден и пиштол.

Увид на местото извршил јавен обвинител и екипа од полициската станица во Кичево. По наредба на јавниот обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција.


Почина легендарниот хумористичар Емин Унџел


Скопје, 24 јуни, 2016 - 10:24 (META) 

Вчера почина легендата на македонскиот хумор, Емин Унџел, препознатлив како Селим Селими.

Голем дел од својот работен век Унџел го посвети на хумористичната легендарна радио-емисија „Хихирику“, што се емитуваше на Македонското радио.


Хрватски државјанин пронајден мртов во автомобил со скопски регистарски ознаки


Скопје, 28 мај, 2016 - 13:52 (META) 

Вчера околу 18.30 часот од страна на Итна медицинска помош било пријавено дека во Скопје на улица Орце Николов во автомобил „шкода“ со скопски регистерски ознаки бил пронајден починат хрватскиот државјанин Тихомир Ч.(49).

По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција.


Нов смртен случај од ебола во Сиера Леоне


Фритаун, 15 јануари, 2016 - 11:06 (META) 

Нов случај на починат од болеста ебола е регистриран во западно-африканската држава Сиера Леоне, официјално потврдиле официјални лица на земјата, само неколку часа откако Светската здравствена организација (СЗО) објави
крај на епидемијата на ебола во Западна Африка, јавува „Би-Би-Си“.

Сиера Леоне беше прогласена за слободна од вирусот на ебола на 7 ноември минатата година, а целиот регион беше прогласен за исчистен во вторникот оваа недела, кога и официјално беше соопштено дека во Либерија е искоренета болеста.

Портпаролот на Центарот за ебола во Сиера Леоне, Сиди Јахја Тунис, во изјава за „Би-Би-Си“ рекол дека тестовите врз починатото лице покажеле дека тој бил позитивен на ебола. Тестовите биле извршени од британски експерти.

И покрај вчерашното соопштение од СЗО дека е ставен крај на епидемијата на ебола во Западна Аафрика, светската организација предупреди дека, сепак, се можни нови случаи.

Во изминатите две години, од декември 2013 година, речиси 4.000 луѓе починаа од ебола во Сиера Леона, а околу 11.000 во целиот регион.