Пешак удрен од автомобил во Скопје починал во болница


Скопје, 5 јули, 2018 - 11:30 (META) 

Скопјанецот И.К. (55) вчера бил удрен од автомобил на улица во Чаир, по што бил пренесен во Ургентен центар, каде по кратко време починал.

Како што соопшти полицијата, сообраќајката се случила вчера во 20.20 часот на улицата „Кемал Сејфула“ во Скопје, кога автомобил „ауди А3“ со турски таблички, управуван од Џ.Ш. (28) од Скопје, удрил во И.К. и му нанел тешки повреди. Со Итна помош повредениот бил пренесен во Ургентниот центар, но починал набргу.

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Скопје, а по наредба на обвинителот, телото на починатиот било предадено за обдукција.


Почина бугарскиот историчар Божидар Димитров, познат по антимакедонизмот


Софија, 2 јули, 2018 - 9:55 (META) 

Божидар Димитров, бугарскиот професор, историчар и археолог, поранешен директор на Агенцијата за Бугарите во странство и поранешен директор на Националниот историски музеј, познат пропагатор на ставовите за бугарскиот идентитет на Македонците, починал во Софија на 72 годишна возраст, јавија бугарските медиуми.

Тој починал вчера пред 20 часот пред зградата во Софија во која што живеел. Во еден момент се фатил за градите, а потоа се струполил.

Димитров по осамостојувањето на Македонија многу пати во јавните настапи се залагаше за тезата за еден етнички идентитет на Македонците и Бугарите, а издаде голем број статии и публикации во кои ја бранеше својата теза со разни историски случувања со последните милениум и половина.


Ловец застрелан во главата во Струмичко починал в болница


Струмица, 9 декември, 2017 - 13:34 (META) 

Маж починал од тешките повреди во главата што ги добил при масовен лов во Струмичко, соопшти СВР Струмица.

Инцидентот се случил вчера, околу 14.30 часот, во близина на браната Водоча. При лов на дивеч во кој учествувале поголема група ловци, Ж.И. бил повреден од ловна пушка во пределот на главата. Поради непристапниот терен, во струмичката болница бил донесен со теренско возило по два часа, по што набргу бил прогласен за мртов.

Увид извршиле екипа на СВР Струмица и јавен обвинител, а во моментот се работи на расчистување на околностите.


Почина војник на АРМ откако му се слошило на полигонот Криволак


Неготино, 13 октомври, 2017 - 13:28 (META) 

Војник на Армијатана Република Македонија вчера починал откако му се слошило на воениот полигон Криволак, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за професионалниот војник О.Х. (35) од Штип, кој починал во санитетско возило на пат кон Медицинскиот центар во Неготино.

Како што информираат од МВР, вчера околу 15 часот на стрелиштето Џидимирци, на Криволак, при гаѓање со боева муниција, бил предизвикан пожар, по што вработени во воениот гарнизон веднаш биле испратени да го изгаснат огнот.

„При гаснењето на пожарот, професионалниот војник О.Х. (35) од Штип се пожалил на болки во стомакот и повраќање. Тој со санитетско возило бил транспортиран во касарната. На пат кон касарната здравствената состојба му се влошила, по што санитетското возило се упатило кон Медицинскиот центар Неготино. На пат кон болницата, војникот починал“, стои во информацијата на МВР за случајот.

По наредба на јавен обвинител, телото на војникот било дадено на обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.


Починал носителот на независна листа што беше застрелан во Кичево


Скопје, 5 октомври, 2017 - 11:02 (META) 

Носителот на независна листа на советници во Кичево, 40-годишниот Алит Абази, кој на 27 септември во центарот на Кичево беше застрелан, утрово починал на КАРИЛ во скопскиот Клинички центар.

Абази од ранувањето беше во критична состојба на интензивна нега, поради сериозни повреди на абдоминалните органи и на ’рбетот.

Врз Алит Абази, како и Дестан Абдиу, шеф на неговиот изборен штаб, и Шабан Далипи, случаен минувач, пукаше 58-годишниот Абдула Абдули. Убиецот беше набргу приведен, а судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, вчера на прес-конференција го повтори тврдењето на полицијата дека нападот не е поврзан со изборната кампања.

Премиерот Зоран Заев синоќа на митингот во Општина Ѓорче Петров, осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.


Почина д-р Тодор Пеливанов, долгогодишен професор на Правен факултет


Скопје, 3 јули, 2017 - 16:19 (META) 

Тодор Пеливанов, пензиониран професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, починал денеска, соопшти деканатот на факултетот.

Тој беше припадник на првите генерации на професори кои ги удрија темелите на правната теорија во Република Македонија. Неговите трудови, учебници и предавања се во областа на воведните и теоретските правни науки.

Посмртните останки на проф. д-р Тодор Пеливанов ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Бутел, утре од 12.30 до 13.30 часот.


Загина работник во Виница


Виница, 23 април, 2017 - 12:49 (META) 

Работник вчера починал од тешките повреди што ги добил паѓајќи од три метри височина.

Несреќата се случила околу 14.40 часот во Виница, кога А.Г. (60) од селото Горни Подлог, работејќи во хала-луштара, која се наоѓа во кругот на фирмата „Мак-прогрес“, бил качен на платформа на височина од околу 3 метри. Во во еден момент згазнал на гипсена табла и паднал.

Со возило на брза помош А.Г. е пренесен во општата болница во Кочани, каде му е укажана лекарска помош, но поради сериозноста на повредите е испратен во Ургентен центар во Скопје, каде во 16.40 часот починал.


Починал млад затвореник во „Идризово“


Скопје, 12 март, 2017 - 13:43 (META) 

Цимерите вчеравечер го пронашле 21-годишниот затвореник А.Р. онесвестен во ќелијата, по што бил пренесен со брза помош на Токсиколошка клиника во Клинички центар, каде лекарите констатирале смрт, соопшти СВР Скопје.

За случајот полицијата била известена од затворските чувари. Телото на починатиот млад затвореник по наредба на јавен обвинител е предадено за обдукција.


Почина актерот Благоја Спирковски-Џумерко


Прилеп, 11 јуни, 2015 - 13:04 (META) 

Неповторливиот македонски актер, Благоја Спирковски – Џумерко, почина денеска на 69-годишна возраст.

Тој одигра голем број театарски и филмски улоги, а најзапаметен ќе остане по изведбата на ликот на Итар Пејо во „Солунски патрдии“.

Благоја Спирковски – Џумерко беше член на Народниот театар во Прилеп од 1966 година сè до своето пензионирање.

Остави значаен белег во македонската култура со улогите остварени во бројни филмови, меѓу кои „Тетовирање“, „Викенд на мртовци“, „Како убив светец“ и ТВ-сериите „Бумбари“, „Погрешно време“ и „Наше маало“.

Благоја Спирковски – Џумерко е роден 1946 година во Прилеп.

Носител е на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“, која ја доби во 2011 година.


Починал играјќи видеоигра


Пекинг, 4 март, 2015 - 14:01 (META) 

По 19 часа играње на популарната игра World of warcraft, во еден кинески интернет-клуб починало 24-годишно момче, пренесе „Зазабава“.

Ву Таи отишол во шангајското интернет-кафе за со други љубители на популарната игра да го изигра последниот дел од играта. Снимките го покажуваат 24-годишното момче како седи пред компјутерот и одеднаш почнува да кашла, по што умира пред другите играчи.

Преплашениот играч Хсин Гли (20), кој седел покрај него, изјави дека го слушнал Таи како гласно воздивнува.

– Беше многу блед и изгледаше како да му е непријатно. На марамчето со кое ја бришеше устата имаше крв. Прашав дали е сè во ред, а тој рече дека се чувствува подобро и дека ќе биде во ред – рече Гли.

Загрижените набљудувачи повикале брза помош, а, како што тврдат, Таи наспроти тоа што бил сериозно болен, продолжил да ја игра играта. Ву, наводно, изгледал многу бледо и болно, но сè уште седел пред компјутерот.

– Повикав брза помош додека мојот пријател отиде да побара помош од персоналот. Но, додека чекавме, тој почина пред нас – изјави еден од соиграчите.