!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Нигерија од колера починале 14 лица


Абуџа, 3 септември, 2017 - 17:20 (META) 

На североистокот на Нигерија од колера починале 14 лица, а жртвите претежно биле раселени лица во прифатни центри кои побегнале поради насилствата на Боко харам.

Нигериското министерство за здравство соопшти дека до 1 септември умреле 14 лица и додаде дека околу 180 лица се заразени со колера.

Колерата е многу заразна болест од која може да се умре за неколку часа доколку на заразениот не му биде укажана лекарска помош. Симптомите се повраќање, дијареја, грчеви во мускулите и општа дехидрација на организмот. Обично се јавува во средини каде има лоши хигиенски услови.


Почина кинескиот нобеловец и дисидент Лју Сјаобо


Пекинг, 13 јули, 2017 - 20:26 (META) 

Кинескиот добитник на Нобеловата награда за мир и дисидент, Лју Сјаобо, почина на 61-годишна возраст, соопштија денеска властите во кинеската провинција Лиаонинг, каде Сјаобо беше хоспитализиран поради рак на црниот дроб.

Како што пренесуваат светските агенции, кинеската правосудна канцеларија соопштила дека нобеловецот починал три дена откако бил префрлен на интензивна нега поради откажување на повеќе органи.

Сјаобо кон крајот на мај оваа година беше префрлен од затвор во болница, откако му беше дијагностициран рак на црниот дроб во терминална фаза.

Кинеските власти, како што наведуваат странските агенции, ги одбиле бројните повици на групите за човекови права и на странски влади, да овозможат негово лекување во странство, наведувајќи дека Сјаобо го лечат најдобрите кинески лекари.

Лју Сјаобо, кој беше најпознатиот политички затвореник во Кина, беше уапсен во 2009 година поради наводна вмешаност во активности за уривање на кинеската влада. Тој беше осуден на затворска казна од 11 години.

Нобеловиот комитет на 8 октомври 2010 година го објави неговото име како добитник на Нобеловата награда за мир за 2010 година, со образложение дека наградата му се доделува за „долгата и ненасилна борба за основните човекови права во Кина“.


Почина поранешниот воен лидер на Панама, Мануел Антонио Нориега


Панама Сити, 30 мај, 2017 - 11:33 (META) 

Поранешниот воен лидер на Панама, генерал Мануел Антонио Нориега, почина на 83-годишна возраст како последица на здравствени проблеми предизвикани по операција на мозокот, соопшти панамскиот државниот секретар за комуникации, Мануел Домингез.
Нориега долго време важеше за клучен сојузник на САД, сè до 1989 година, кога американските трупи извршија инвазија на Панама и го протераа од земјата. Подоцна заврши во затвор во САД поради обвиненија за шверц на дрога и за перење пари, а беше обвинет и во Франција и во Панама поради убиства, корупција и проневера на пари.
Во јануари годинава панамските власти го пуштија од затвор поради операција на мозокот.


Почина поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис


Атина, 29 мај, 2017 - 10:36 (META) 

Поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис почина денеска во 99. година од животот, соопшти неговото семејство.

„Почина еден час по полноќ, опкружен со луѓето што го сакаа и што ги сакаше“, стои во краткото соопштение, во кое не се откриваат детали.

Мицотакис, кој е роден во 1918 година, се повлече од политичкиот живот во 2004 година, кога му истече последниот пратенички мандат.

Премиерската функција ја вршеше од 1990 до 1993 година, а член на грчкиот парламент, без прекин, беше од 1946 година, со исклучок на десетгодишниот период, за време и непосредно по периодот кога со Грција владееше воената хунта од 1967 до 1974 година.

За време на „Диктатурата на полковникот“, во 1967 година, успеал да побегне во Париз, каде живеел во егзил до враќањето во демократска Грција во 1974 година.

На чело на конзервативната партија Нова демократија беше од 1984 до 1993 година, а претходно, во неколку конзервативни влади тој ги извршуваше функциите министер за финансии и за надворешни работи.

Неговиот син, Киријакос Мицотакис, е актуелен лидер на Нова демократија, а неговата ќерка, Дора Бакојани, е поранешна шефица на грчката дипломатија, поранешна министерка за култура, како и некогашна градоначалничка на Атина.


Почина познатиот актер Роџер Мур


Лондон, 23 мај, 2017 - 20:00 (META) 

Британскиот актер Роџер Мур почина во 89-година од животот, соопшти семејство на „Твитер“.

Мур кратко време боледуваше од рак. Почина ви Швајцарија каде живееше во последните години.

Во текот на кариерата оствари серија филмски улоги, а љубителите на филмот ќе го паметат по улогата на тајниот агент 007, Џејмс Бонд, кого го овековечи во неколку филмови.

Мур ќе остане запаметен и по улогата на Сајмон Темплар од телевизиската серија „Светец“, која го лансираше кон Бонд.


Почина Ахмед Катрада, борецот против апартхејдот


Јоханесбург, 28 март, 2017 - 10:36 (META) 

Ахмед Катрада, борецот против апартхејдот во Јужна Африка, кој 26 години помина во затвор, од кои поголемиот дел заедно со Нелсон Мандела, починал утрово во Јоханесбург, на 88-годишна возраст.

Како што пренесуваат светските агенции, фондацијата на Катрада соопштила дека тој починал откако на почетокот на овој месец бил хоспитализиран поради тромб во мозокот.

Катрада е роден на 21 август 1929 година, во мал град во северозападниот дел на Јужна Африка, како дете на индијски мигранти.

Многу млад се вклучил во борбата против апартхејдот, а во јули 1963 година е уапсен во предградието на Равонија, каде се состанувал со други активисти. Осуден е на доживотна затворска казна, заедно со уште седум луѓе, меѓу кои и Нелсон Мандела, поради саботажа против владејачкото бело мнозинство во Јужна Африка.

Од затвор е пуштен во 1989 година, по укинувањето на апартхејдот, по што станува пратеник во јужноафриканскиот парламент. Тој неодамна остро ги критикуваше владата на земјата и претседателот Џејкоб Зума.

„Кети беше инспирација за милиони луѓе во различни делови од светот. Ова е голема загуба за Африканскиот национален конгрес (владејачката партија на Јужна Африка), на поширокото ослободително движење и за цела Јужна Африка“, изјавил директорот на фондацијата „Ахмед Катрада“, Нишан Балтон.


Почина рокенрол-легендата Чак Бери


Сент Чарлс, 19 март, 2017 - 9:49 (META) 

Легендарниот гитарист и родоначелник на рокенролот, Чак Бери, починал вчера на 90-годишна возраст, објавија светските медиуми, повикувајќи се на полицијата на американската сојузна држава Мисури.

Полицијата на округот Сент Чарлс ја потврдила смртта на Чарлс Едвард Андерсон Бери и навела дека неговото семејство побарало приватност за време на периодот на жалост, пренесува „Гардијан“.

Музичката кариера на Чак Бери траеше повеќе од седум децении. Легендарниот гитарист ги спои блузот и свингот во нов музучки феномен, користејќи гитарски соло-партитури и изврши големо влијание на подоцнежната рок-музика.

Меѓу неговите најголеми хитови се издвојуваат „Roll Over Beethoven“, „Rock and Roll Music“ и „Johnny B. Goode“, која е една од најобработуваните песни во историјата на музиката.

Во 1984 г. Чак Бери доби Греми-награда за животно дело, а беше еден од првите музичари што станаа членови на „Рокенрол-холот на славните“ во 1986 година.

Неговата музика имаше големо влијание на бројни музичари, како и на целиот рокенрол.


Почина Мајк Илич, еден од најголемите донатори на ОМД


Детроит, 11 февруари, 2017 - 13:16 (META) 

Вчера на 87-годишна возраст почина Мајк Илич, еден од најбогатите Македонци во светот и еден од најголемите поддржувачи и долгогодишен донатор на Обединета македонска дијаспора (ОМД).

Веста ја соопштија локалните медиуми од Детроит, каде тој важеше за исклучително почитуван и влијателен граѓанин.

Мајк Илич (односно Мајк Илиевски, по татково презиме), е роден во САД, а по потекло е од Македонија. Тој е роден во 1929 година како прва генерација од децата родени во САД на македонските иселеници Сотир и Султана Илиевски.

Списанието „Форбс“ во листата на најбогати лица во светот за 2016 година, процени дека тој се наоѓа на 86. место меѓу 400 најбогати Американци. Неговото богатство беше проценето на шест милијарди долари.

Семејството Илич го поседува ланецот од пицерии „Малиот Цезар“ (Little Caesar’s Pizza) кој е распространет во САД и во Канада, и кој се смета дека е на трето место по „Пица хат“ и „Доминос“.

Илич беше сопственик и на хокеарскиот тим „Ред рок вингс“, како и на бејзбол тимот „Детроит тајгерс“.


Почина светската музичка ѕвезда Џорџ Мајкл


Лондон, 26 декември, 2016 - 9:39 (META) 

Пејачот и светска музичка ѕвезда Џорџ Мајкл вчера починал во својот дом во Оксфордшир, Велика Британија, на 53-годишна возраст, соопштил неговиот публицист, пренесува „Би-би-си“.

Медицинските екипи биле повикани во неговиот дом, вчера во 13.42 часот, според локално време, а полицијата соопштила дека смртта на пејачот засега ја третира како неразјаснета, но дека нема сомнителни околности.

Веста за смртта на Џорџ Мајкл ја соопшти неговото семејство, преку публицистот на пејачот.

„Со голема тага можеме да потврдиме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом за време на божиќните празници. Неговото семејство бара нивната приватност да биде почитувана во овој тежок и емотивен период за нив“, стои во изјавата за смртта на Џорџ Мајкл.

Мајкл, кој е со грчко потекло и е роден како Георгиос Кирјакос Панајоту во северен Лондон, беше талентиран пејач, текстописец и продуцент, кој за време на својата кариера, која траеше речиси четири децении, продаде повеќе од 100 милиони албуми.

Својата кариера ја почна со музичкото дуо „Вем“ (Wham), со кое четирипати беше на врвот на британската листа за најдобри песни, пред да продолжи со издавање албуми како соло-артист, меѓу кои и „Faith“ во 1987 година, кој беше продаден во повеќе милионски тираж.

Мајкл соработуваше со голем број светски музички ѕвезди, меѓу кои и Арета Френклин и Елтон Џон, трипати беше победник на британските музички награди „Брит авордс“, а освои и две награди „Греми“.

По повод смртта на светската музичка икона, почит изразија повеќе негови колеги и пријатели, како неговиот партнер од дуото „Вем“, Ендрју Риџвеј, и Елтон Џон кој на својот профил на „Инстаграм“ напиша дека е во длабок шок.

„Изгубив сакан пријател – драг и добар човек и брилијантен уметник. Моето срце е со неговото семејство и сите негови обожаватели“, напиша Елтон Џон.


Почина канадскиот пејач, поет и уметник Леонард Коен


Монтреал, 11 ноември, 2016 - 10:15 (META) 

Вчера, на 82-годишна возраст, почина канадскиот пејач, текстописец и поет Леонард Коен. Веста за неговата смрт е објавена на официјалниот фејсбук-профил на музичарот, но не се наведени детали околу причините за смртта.

„Со длабока тага соопштуваме дека почина легендарниот поет, текстописец и уметник Леонард Коен“, стои во соопштението.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му оддаде почит на пејачот, кој беше еден од највлијателните музичари и текстописци, кој со својот впечатлив баритон раскажуваше приказни за љубов, смрт, омраза, војна и за мир.

„Со длабока тага ја примив веста за смртта на легендарниот Леонард Коен. Тој ќе остане запаметен по своите груби вокали, карактеристичниот хумор и прогонувачките лирики кои ги направија негови песни омилени за многу генерации“, изјавил Трудо, пренесува „Би-би-си“.

Коен се појави во 1960-тите години, заедно со други музчки легенди, меѓу кои и годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, и неговиот сонародник Џони Мичел.

Во петдецениската кариера Коен објави 14 студиски албуми, од кои последниот, насловен „Сакавте помрачно“ (You Want It Darker), минатиот месец.

Во 2008 година канадскиот музичар беше примен во „Рокенрол холот на славните“.