Темелни промени во отворена политичка атмосфера, видел Брисел во Македонија


Брисел, 17 април, 2018 - 16:58 (META) 

Во извештајот на Европската Комисија (ЕК) објавен денеска во Брисел, заедно со неусловената препорака Европскиот Совет да почне преговори за зачленување со Македонија, се вели дека земјата конечно ја надмина најсилната политичка криза од 2001 година, со чекорите што од мај лани ги презема новата реформски ориентирана влада за справување со заробувањето на државата, преку постигнувањето баланси, зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото.

„Земјата искусува темелни промени во поинклузивна и отворена политичка атмосфера. Локалните избори во октомври 2017 година ја потврдија поддршката на граѓаните за политиките на новата владина коалиција ориентирани кон ЕУ. Парламентот продолжи да функционира, при што опозициските партии претседаваат со главните комисии. Парламентот треба да ги засили своите надгледувачки и законодавни функции, вклучувајќи го тука и ограничувањето на обемного користење на скратените процедури“, се вели во Извештајот.

Во поглед на реформата на јавната администрација, се вели дека земјата е умерено подготвена, а е усвоена реформската стратегија за јавната администрација и реформската програма за управувањето со јавните финансии.

„Правосудниот систем постигна одредено ниво на подготвеност и добар напредок, посебно во последниот период на набљудување. Назадувањето од години наназад полека се „покрива“ со одлучни потези во последните месеци, посебно во поглед на враќање на независноста на судството. Земјата усвои кредибилна реформска стратегија која ги поставува основите за понатамошни реформи на ова поле. СЈО се соочува со помалку отпор од судовите, со што може да работи поефикасно“, се вели во извештајот за Македонија.

Според ЕК, во поглед на регионалната соработка, земјата одржувала добри односи со другите земји од Западен Балкан што се аспиранти за ЕУ и активно учествувала во регионалните иницијативи.

„Преземени беа одлучни чекори за подобрување на добрососедските односи, вклучувајќи го тука и стапување на сила на билатералната спогодба со Бугарија. Прашањето за името мора да се разреши во најитен рок. Преговорите за прашањето за името се интензивираа под покровителство на ОН.  Конструктивните дискусии на ниво на премиери и министри за надворешни работи позитивно го индицираат напредокот во спроведувањето на мерките за градење доверба“, се вели во извештајот на Европската Комисија.

Што се однесува до економските критериуми на ЕК, се вели дека ПЈРМ направила одреден напредок и е на солидно ниво на подготвеност за развој на функционална пазарна економија, но сепак опстојуваат клучните слабости на економијата.

„Тие вклучуваат пропусти во бизнис сферата, како слабото спроведување на договорите и големата неформална економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се одразуваат во слаба активност и висока стапка на невработеност. Макроекономската средина опадна во првата половина на 2017 година и долгата политичка криза го зеде својот данок од инвестициите“, се вели во извештајот.


Утре Брисел ќе препорача отворање на преговори со Македонија


Брисел, 16 април, 2018 - 10:08 (META) 

Европската комисија повторно препорачува отворање на пристапните преговори со Македонија, а извештајот за напредокот на земјата е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој, како што стои во извештајот, „јасно ја препознал политичката волја за напредок“, јави Радио Слободна Европа (РСЕ), чии дописници од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен утре во Стразбур.

Во него се предупредува дека „штетата која се правела години наназад, не може да се среди преку ноќ“, но дека земјава ја надминала длабоката политичка криза и дека структурните реформи се долг процес кој може да потрае.

Според РСЕ, во извештаите невралгични точки во сите држави од Западен Балкан остануваат владеењето на правото, организираниот криминал и корупцијата, како синоними за секоја држава во регионот. Исто така, ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот „заробени држави“, со забелешка дека јавната управа во државите од регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување.

Како и во минатогодишните извештаи, повторно се нагласува дека билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција.

За Македонија во нацрт-извештајот се нагласува дека за понатамошен напредок на државата одлучувачки фактор е задржување и продлабочување на динамиката во процесот на итни реформски приоритети. ЕК изразува подготвеност да го поддржи тој процес со примена на засилен пристап за преговарачките подрачја за судството, основните права и слободи и слободата и безбедноста на државата.


Заев на средба со Курц: Очекуваме почеток на преговори со ЕУ во 2018 година


Виена, 6 ноември, 2017 - 19:48 (META) 

На маргините на Виенскиот економски форум, премиерот Зоран Заев се сретна со актуелниот министер за надворешни работи на Австрија и мандатар за составување на новата австриска влада, Себастијан Курц.

На средбата Заев и Курц ја потврдиле активната политичка, економска и секторска соработка. Курц му честитал на Заев за демократски спроведените избори, а Заев го информирал за напредокот во реализацијата на планот „3-6-9“.

Во однос на заедничкиот предвизик од мигрантската криза, Заев потврдил дека Македонија останува посветен партнер на ЕУ во справувањето со предизвиците што ги отвори мигрантската криза.

Заев му се заблагодарил на Курц за континуираната поддршка што Македонија ја добива од Австрија во процесот на европските интеграции на земјата и оценил дека е исклучително важно и поволно што Австрија ќе биде претседавач со ЕУ во втората половина на 2018 година.

– Ние сме посветени на процесот на домашни реформи и ќе испорачаме резултати, а од другата страна очекуваме јасен патоказ за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и почеток на преговори во 2018 година – соопшти Заев.

Курц го информирал Заев дека Австрија го следи процесот на демократски реформи во Македонија и е подготвена да ги поддржи реформите за да ги дадат очекуваните резултати.

Двајцата лидери се согласиле на почетокот на идната година Курц да ја посети Република Македонија.