Богоев му го честиташе поразот на Јакимовски и најави ревизија на финансиското работење


Скопје, 15 октомври, 2017 - 23:03 (META) 

Кандидатот за градоначалник од СДСМ за општина Карпош, Стефан Богоев, вечерва изјави дека со задоволство му го честита поразот на неговиот противкандидат Стевчо Јакимовски, најавувајќи ревизија на финасиското работење на Општината.

– Карпошани уште еднаш докажаа дека се авангардата во Скопје и во Македонија. Докажаа дека знаат достоинствено, чесно и културно да го поминат изборниот ден, впрочем на тој начин ја поминавме изборната кампања – рече Богоев.

Тој најави ревизија на финансиското работење на Општината и на спорните детални урбанистички планови.

Општина Карпош е една од општините во која СДСМ убедливо победи во првиот круг на изборите, а Јакимовски вечерва му ја честиташе победата на својот противкандидат Богоев.


Јакимовски му ја честиташе победата на Богоев во Карпош


Скопје, 15 октомври, 2017 - 22:06 (META) 

Кандидатот за градоначалник на Карпош од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), која е дел од Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски, му ја честиташе победата на неговиот противкандидат Стефан Богоев, кандидат на СДСМ.

Јакимовски на прес-конференција изјави дека Богоев води убедливо.

– Јас му го честитам изборот за градоначалник. Очигледно е дека граѓаните на Карпош наместо резултати, избраа приказна. Ние ќе останеме присутни меѓу граѓаните на општината. Какви ќе бидат резултатите од изборот на новиот градоначалник на Карпош и дали граѓаните го направиле вистинскиот избор, ќе видиме по четири години – изјави Јакимовски.

Тој рече дека на денешното гласање во Карпош се случувале чудни нешта, односно дека според информациите што ги добил, на некои избирачки места недостигале избирачки ливчиња.


Путин ѝ ја честиташе победата на Меркел


Москва, 26 септември, 2017 - 13:17 (META) 

Претседателот на Русија, Владимир Путин, на германската канцеларка Ангела Меркел телефонски ѝ ја честиташе победата на парламентарните избори.

Двајцата лидери ја истакнале подготвеноста да продолжат со заемно корисната соработка помеѓу Германија и Русија, се наведува соопштението од Кремљ.

Според официјалните прелиминарни резултати, демохристијаните на Ангела Меркел на парламентарните избори одржани во неделата освоија 33 отсто од гласовите, а по нив се социјалдемократите со 20,5 отсто.


Ирачката влада прогласи победа над ИД во Тал Афар


Багдад, 31 август, 2017 - 19:38 (META) 

Ирачкиот премиер Хајдер ел Абади прогласи победа над милитантите на Исламска држава во градот Тал Афар, соопштила денеска ирачката влада, јавуваат светските агенции.

Во соопштението се наведува дека градот Тaл Афар е ослободен, како и целата покраина Ниневех.

„Тал Афар е ослободен. Милитанти на Исламска држава, каде и да се наоѓање, доаѓаме по вас. Можете да се предадете или да умрете“, било наведно во соопштението на ирачката влада.

Тал Афар стана следна цел на акцијата против џихадистите на ИД по заземањето на Мосул од страна на ирачките сили со поддршка на САД.

Мосул е главен град на покраината Ниневех, каде ИД прогласи калифат во 2014 година.


Вардар го совлада Фенербахче со 2:0


Скопје, 17 август, 2017 - 23:57 (META) 

Македонскиот шампион вечерва на преполната „Телеком арена“ во Скопје го совлада турскиот гигант Фенербахче со 2:0, со што обезбеди голема предност во борбата за пласман во групната фаза од Лига Европа.

Вардар поведе во 20. минута од мечот со голот на Тигран Барсегјан, а конечниот резултат беше поставен во втората минута од судиското продолже на натпреварот, со автоголот на Мехмет Топал, кој во обид да ја врати топката до голманот Идриз Камени, го лобуваше чуварот на мрежата на Фенербахче.

Во финишот на натпреварот Вардар остана со играч помалку, откако капитенот Боби Грнчаров поради два жолти картони беше исклучен, и тој нема да настапи на реваншот закажан за седум дена во Истанбул.

Тимот на Шкендија вечерва доживеа тежок пораз од екипата на Милан. Македонскиот вицешампион во Милано загуби со 6:0.


Прогласена победа во Мосул над Исламска држава, САД ѝ честиташе на ирачката војска


Мосул, 10 јули, 2017 - 20:53 (META) 

Губењето на Мосул претставува пропаст на Исламска држава, изјави ирачкиот премиер Хајдар ал Абади за време на официјалното прогласување на ослободувањето на градот.

Коалицијата предводена од САД соопшти дека играчката војска во целост го презела Мосул од рацете на ИД.

Ирачкиот премиер Ал-Абади прогласи победата над екстремистите на Исламска држава во Мосул, по девет месеци борба за тој град на северот на Ирак.

Во обраќањето од малата база во стариот дел на Мосул, каде што борбите се водеа неколку дена, Ал-Абади рече дека ирачките сили оствариле победа благодарение на ирачките маченици.

Неколку часа пред неговото денешно обраќање, борбите сè уште траеја и не беше познато дали и последните екстремисти се поразени.

Меѓународната коалиција под водство на САД ѝ честиташе на ирачката војска на преземањето на Мосул од џихадистите по обраќањето на Ал-Абади.

Американската централна команда соопшти декa иако уште постојат области на мосулскиот стар град кои треба да се исчистат од експлозивни уреди и евентуални скриени борци на Исламска држава, сепак ирачките сили го држат Мосул цврсто под своја контрола.

За време на битката за Мосул загинаа повеќе од илјада луѓе, а раселени се 900.000 луѓе.


Груевски: Ќе ги зацврстиме и збиеме нашите редови и ќе се вратиме на чело на државата


Охрид, 9 јули, 2017 - 23:07 (META) 

„Немаме време ни за жалење ни за лелекање. А и не ни доликува. Одиме напред со нов план, со план за победа на идните парламентарни избори и за формирање влада. Ќе ги зацврстиме и ќе ги збиеме нашите редови, ќе се преброиме и прочистиме и ќе го анализираме нашето работење и нашите пропусти и грешки, но и нашите добри политики и повторно со победа ќе се вратиме на чело на државата“, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на годишната конференција на Унијата на млади сили на партијата, која се одржа вечерва во Охрид.

– Сакам да им порачам да не си играат со трпението и со волјата на народот и дека за тоа, ако се обидат, ќе ги стигне казна, и пак ќе изгубат од ВМРО-ДПМНЕ како партија. А по нашата победа на тие избори, ние имаме план како да формираме влада, во која секако ќе бидат застапени и албанските граѓани преку нивни партии и која заедно со сопствени сили и со поддршка на партнерите од меѓународната заедница ќе ги решава проблемите на Македонија – рече Груевски.

Според лидерот на опозицијата, новата влада се свела на 80 средби со амбасадори и на чистење гаража, а од тоа, како што рече, народот нема да види аир.

– Тоа е оваа влада. Базирана на неработење, базирана на нестручност, безидејност, хаотичност, немање концепт, немање план, влада на која народот не може да се потпре, влада која не држи до дадениот збор, базирана на омраза, гнев и лични фрустрации. Тоа е во една реченица сè за нив. Само уривање, запирање, незнаење, никаде создавање, креирање или модернизација. Почнаа да разрешуваат и да назначуваат функционери. Наместо стручњаци и експерти како што ветуваа, ред по ред партиски некомпетентни кадри кои не можат ни англиски да положат, па сега да сме го менувале законот за партиските кадри да ги вработат или назначат без познавање на странски јазик – вели Груевски.

Груевски смета дека обвиненијата од СЈО се за да се замолчи и да се уништи ВМРО-ДПМНЕ и со барања притвори, со одземања пасоши и јавувања секоја недела во суд, да им се загорчи животот на политичките опоненти за да замолчат и да ги снема.

– Многу јаки демократи. Без никакви докази дека нешто прекршиле да се влечкаат секоја недела по судовите, да губат време со адвокати, со рочишта и да се гради за нив слика дека се нечесни, додека Заев да ги исполни ветените работи кон оние кои го донесоа за премиер, а на грбот на народот, на државата, на државните и на националните интереси. Ние од ВМРО да лежиме во притвори, за тој да го смени името и идентитетот на македонскиот народ. Ние да молиме да ни ги вратат пасошите додека тој го исполни тоа што го ветил во договорот со Бугарија – потенцираше лидерот на опозицијата.

На крајот, Груевски порача дека вистината ќе победи, но и дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе победи затоа што е повеќе од партија, односно дека „ВМРО-ДПМНЕ е идеја и кауза“.


Ирачкиот премиер прогласи победа во ослободениот Мосул


Мосул, 9 јули, 2017 - 15:01 (META) 

Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади прогласи победа над Исламска држава во Мосул, соопшти неговата канцеларија.

Во соопштението се вели дека Абади, кој е врховен командант на ирачките вооружен сили, стигнал во ослободениот град Мосул.

Абади, како што се наведува во соопштението, им честитал на херојските борци и на ирачкиот народ на големата победа.

Ирачките сили, со поддршка на воздушните напади на коалицијата на чело со САД, од 17 октомври минатата година се обидуваат да го преземат тој град од рацете на ИД, која го зазеде во јуни 2014 година.


Одбојкарите освоија сребрен медал и никој не ги пречека


Скопје, 4 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, која вторпат го освои сребрениот медал во Европската лига, вчеравечер се врати дома, но за неа немаше организиран пречек, како за ракометарите, па сами минаа низ Порта Македонија, на плоштадот ја отпеаја македонската химна и потоа заиграа оро.

Како што извести „Екипа“, од „пречекот“ директен пренос од својот мобилен телефон преку „Фејсбук“ правел капитенот Никола Ѓорѓиев.

Во финалето на Ф4-турнирот одбојкарите со 3:1 загубија од Украина, но на земјава ѝ го донесоа второто сребро од ова натпреварување.

 


Вардар е новиот европски ракометен шампион


Келн, 4 јуни, 2017 - 20:27 (META) 

Екипата на Вардар е новиот европски ракомет шампион, откако со резултат 24:23 го совлада тимот на Пари Сен Жермен во финалето од Лигата на шампионите, што се одржа во Келн, Германија.

Во драматична завршница, победничкиот погодок во последната секунда од мечот го постигна Иван Чупиќ и на Вардар му ја донесе првата титула европски шампион.

Најефикасен во тимот на Вардар беше Тимур Дибиров, кој постигна седум голови, Лука Циндриќ и Вуко Борозан постигнаа по три, колку што имаше и Чупиќ, меѓу кои и победничкиот гол со звукот на сирената.

Во мечот за третото место, ракометарите на унгарски Веспрем беа подобри од Барселона, со резултат 34:30.

Во моментов граѓаните на Скопје се на улиците и ја слават шампионската титула на Вардар.