!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„О2“ бара пониски прагови за алармирање за загадувањето на воздухот


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:52 (META) 

Граѓанската иницијатива „О2“ – Коалиција за чист воздух, до Владата доставила предлог за намалување на праговите на информирање и алармирање на канцерогените ПМ10-честичките.

„Неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето по секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на вклучувања на тој аларм. Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со ПМ10, а не да ја избегнува истата“, велат од граѓанската инцијатива.

Од Коалицијата „О2“ бараат прагот на информирање за ПМ10-честичките да биде 50 микрограми на метар кубен, а никако повисок од 75 микрограми на микрограми на метар кубен, два дена последователно. Прагот на алармирање да биде поставен на 70 микрограми на метар кубен, но не повисок од 100 микрограми, два дена последователно.

Од инцијативата бараат никакви други дополнителни услови да не влијаат на надминувањето на праговите.

„Не се согласуваме со предлогот на Министерството за животна средина прагот на информирање да биде 100 микрограми на метар кубен два дена последователно и прагот на алармирање да биде 200 микрограми на метар кубен со намалување до 150 микрограми до 2022 година, два дена последователно“, додаваат од Здружението.

Светската здравствена организација препорачува изложеноста да не е поголема од 20 микрограми на метар кубен годишно со максимално 3 дена годишно над 50 микрограми, без дополнителни услови.


Загаден воздух во сите скопски општини – во Лисиче речиси 10 пати над дозволеното


Скопје, 12 ноември, 2017 - 10:06 (META) 

Нивото на загадување во сите скопски општини во изминатите 24 часа било над дозволеното, покажуваат мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање. Според мерните станици, најголема загаденост во изминатото деноноќие е забележано во Лисиче, каде вчера во 18 часот биле измерени 486 микрограми на метар кубен ПМ10 честички.

Во општина Центар, вчера во девет часот биле измерени 112,6 микгрограми на метар кубен ПМ10 честички. Во остатокот од денот концентрациите се движеле од 70 до 105 микрограми. Мерните станици во општина покажуваат дека вчера најзагадено било во периодот од 15 до 18 часот, кога станицата регистрирала највисоката вредност од 140 микгрограми.

Нивото на ПМ10 честичките во општина Карпош вчера се движеле од 70 до 168 микрограми. Најзагадено било утрото, кога во осум часот биле регистрирани концентрации од 168 микрограми.
Проблеми со загадувањето вчера се регистрирани и во Битола, Велес, Тетово, Кичево, Куманово и Кочани, каде во 18 часот се измерени 224 микрограми ПМ10 честички.

Според досегашните статистички податоци, најголемо загадување на воздухот се регистрира во текот на месец јануари.


Вечерва многу високо ниво на загадување на воздухот во Карпош и во Лисиче


Скопје, 6 ноември, 2017 - 20:51 (META) 

Мерните станици во скопските општини Карпош и Лисиче вечерва покажуваат многу високо ниво на загадување на воздухот, а се чувстува и смрдеа на запалено. Канцерогените ПМ10-честички во Карпош вечерва достигнаа 222 микрограми на еден кубен метар, а во Лисиче 229 микрограми, што е за речиси пет пати повеќе од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.

Многу високо ниво е измерено и на ПМ2,5-честичките во Карпош, каде достигнаа 180 микрограми на еден кубен метар, што е за 9 пати повеќе од дозволените 20 микрограми. Во Центар нивото на овие честички вечерва достигна 90 микрограми.

Високо ниво на аерозагадување има во Центар каде што се измерени 133 микрограми на еден кубен метар, на мерната станица Ректорат измерени се 113 микрограми, во Битола мерната станица покажува 106 микрограми, во Кичево 151, во Тетово 105 и во Кавадарци 158 микрограми на еден кубен метар.

Средно ниво на загадување има во Гази Баба, каде што се измерени 59 микрограми, и во Куманово каде мерната станица покажува 66 микрограми канцерогени честички на еден кубен метар.


Дождот и ветрот го исчистија воздухот


Скопје, 8 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

Сите мерни станици на Министерството за животна средина за квалитетот на воздухот покажуваат драстично намалување на аерозагадувањето во последните неколку дена во споредба со изминатиот викенд.

Поради засилениот ветер и врнежите од дожд, утринава сите мерни станици покажуваат многу ниско или ниско ниво на загадување, освен мерната станица во Лисиче, која покажува средно ниво на аерозагадување.

Мерната станица во Центар утрово покажува 40 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, што е за 10 микрограми помалку од дозволената граница од 50 микрограми. Во Лисиче измерени се 100 микрограми што е двапати повеќе од дозволената граница, во Карпош мерната станица покажува 30 микрограми, во Гази Баба – 20 микрограми, а мерната станица кај Ректорат утринава измерила 60 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.

Освен во скопскиот регион, загадувањето е намалено на сите критични точки низ Македонија. ПМ10-честичките во Битола беа на ниско ниво, каде станицата измери 30 микрограми, во Тетово измерени се 20 микрограми, во Велес и во Куманово мерните станици покажуваат вредност од 40 микрограми.

Во саботата во општина Карпош загадувањето беше рекордно и достигна 1.218 ПМ10-честкички на еден кубен метар, односно 24 пати повеќе од дозволеното, а канцерогените честички со големина помала од 2,5 микрометри (ПМ2,5), пак, во воздухот беа присутни во концентрација од 206 микрограми на кубен метар, што е повеќе од 10 пати од пропишаната граница.

Намалувањето на загадувањето се должи, пред сè, на временските услови, односно на ветерот и на врнежите од дожд во изминатите неколку дена.

Град Скопје од вчера воведе бесплатен јавен превоз, но низ градските автобуси не се забележува поголем метеж, па од градската администрација апелираа помасовно да се користи јавниот превоз.

Оттаму соопштија дека доколку дозволат временските услови, улиците ќе се прскаат и со средството калциум магнезиум ацетат, но дека нема да се воведе мерката „пар-непар“.


Високо ниво на загаденост на воздухот кај Ректорат, во Гази Баба и во Лисиче


Скопје, 7 февруари, 2017 - 10:15 (META) 

Средно ниво на загадување со ПМ2,5-честички утрово во 8 часот е регистрирано на мерните станици во Центар и во Карпош, кои се единствените две мерни станици во земјава што го мерат овој загадувач. Според податоците од веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, мерната станица во Центар регистрирала околу 75 микрограми ПМ2,5-честички на еден кубен метар воздух, со тенденција за пораст, а таа во Карпош измерила околу 120 микрограми, со тенденција на пад.

Што се однесува до, исто така, опасните ПМ10-честички, најлоша во 8 часот била состојбата во Лисиче, каде имало околу 200 микрограми на еден кубен метар воздух, односно четирипати повеќе од максимално дозволеното. Мерната станица во Гази Баба, пак, покажала малку помалку од 200 микрограми, а кај Ректорат се измерени 175 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар воздух.

Во Куманово се измерени околу 110 микрограми, a во Тетово 180 микрограми.

Утрово концентрациите на загадувачките честички се најмалку десеткратно помали отколку вчера, што во голема мера се должи на дождот.


Нов пораст на загаденоста на воздухот во Скопје – најмногу ПМ10-честички во Лисиче


Скопје, 5 февруари, 2017 - 19:44 (META) 

Попладнево најзагадена скопска станица е Лисиче. Според податоците на мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во 18 часот концентрацијата на ПМ10-честичките во Лисиче била 576,32 микрограми на метар кубен, во Гази Баба 547, кај Ректорат 520,01, во Карпош 379 и во Миладиновци 223,40.

Синоќа мерните станици измерија рекордна загаденост во општина Карпош, каде нивото на ПМ10-честичките било 24 пати над максимално дозволената граница пропишана во Европската Унија, која изнесува 50 милиграми честички на еден кубен метар. Количината на штетните честички во 22 часот во оваа општина била 1218,63 микрограми, 803,97 кај Ректорат во 21 часот, 778,33 микгрограми во Лисиче на полноќ, 719 во Гази Баба во 23 часот и 388 микгрограми во Миладиновци во 06 часот.

Загадување на воздухот има и во Куманово со концентрација од 363,31 микгрограм на метар кубен ПМ10 честички, Тетово со 74,38, Кичево 60,92 и Кавадарци 56,52 микгрограми.

Во рамки на дозволеното се концентрациите во Битола и Кочани.


Ниска температура и енормно висока загаденост во целата земја


Скопје, 13 јануари, 2017 - 10:58 (META) 

Нивото на загадување на амбиенталниот воздух, и покрај ветерот и снегот деновиве, повторно достигнува висока концентрација која многукратно ја надминува дозволената гранична вредност. Ниската температура придонесува за зголемено користење на огревен материјал и за почесто користење на автомобилите, кои се едни од најчестите предизвикувачи на загадување на воздухот.

Утринава мерната станица во Карпош покажуваше многу висока концентрација на ПМ10-честичките, односно измери 421 микрограм честички на еден кубен метар, што е за 8,5 пати поголема вредност од дозволените 50 микрограми.

Многу висока концентрација беше измерена и на другите мерни единици во Скопскиот Регион. Во Центар, мерната станица покажува 340 микрограми на еден кубен метар, во Лисиче – 251, во Гази Баба – 321, а на мерната станица кај Ректорат измерени се 318 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.

Освен во Скопскиот Регион, присуството на ПМ10-честичките е значително зголемено и во другиот дел од Македонија. Во Битола, едната мерна станица утринава покажува дека 164 микрограми, а другата – 386 микрограми честички на еден кубен метар, што е речиси осум пати над дозволената граница. Во Тетово утринава беа измерени 213 микрограми, во Кочани – 275, во Кавадарци – 287, а во Куманово 382 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар.


Скопје деновиве се задушува дури 20 пати повеќе од дозволеното


Скопје, 22 декември, 2016 - 10:36 (META) 

Изминатите денови сите мерни станици во Скопје, но и во Тетово, Битола и во Куманово константно покажуваат екстремно високо ниво на загадување на воздухот. Утринава многу високо ниво на канцерогените ПМ10-честички беше измерено во скопските општини Центар, Лисиче, Гази Баба и на мерната станица кај Ректорат. Еден степен помало загадување, односно високо, е измерено во Карпош.

Високо ниво на ПМ10-честиките има и во Миладиновци, на двете мерни станици во Битола, Кичево, Тетово, Кочани и во Кавадарци. Мерната станица во Велес покажува средно ниво на аерозагадување.

Во Центар и во Карпош има и многу високо ниво и на честичките ПМ2,5.

Синоќа мерната станица кај Ректорат покажа 650 микрограми на еден кубен метар ПМ10-честички, што е за 13 пати повеќе од дозволените 50 микрограми на кубен метар. Во Лисиче во 23 часот беа измрени 600 микрограми, односно 12 пати повеќе од дозволеното.

Пред два дена мерната станица кај Ректорат измери 981 микрограм на еден кубен метар, што е речиси 20 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.

Во случај на надминување на прагот од 50 микрограми на еден кубен метар на ПМ10-честички и во пет последователни дена, Министерството за животна средина и просторно планирање треба да издаде предупредување да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.


Дождот привремено го намали загадувањето


Скопје, 28 ноември, 2016 - 12:18 (META) 

Високото ниво на загаденост на амбиенталниот воздух во последните два дена е намалено како резултат на врнежите од дожд и на ветерот. Речиси сите мерни станици на Министерството за животна средина покажуваат многу ниско присуство на канцерогените ПМ10-честички и ПМ2,5-честички.

Единствено мерната станица во Битола покажува средно ниво на загадување.

Во скопски Центар синоќа, во 22 часот, беа измерени 300 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар, а утринава – 22 микрограми од дозволените 50 микрограми. Во Карпош и во Лисиче во 22 часот имаше 8 пати поголема загаденост, односно 400 микрограми, а утринава присутноста на штетните микрочестички е намалена на 12 микрограми на еден кубен метар.

Гази Баба вчера во 23 часот имаше концентрација од 350 микрограми честички на еден метар кубен, а утринава тој број е намален на 50, односно на границата на дозволеното.

Во Куманово синоќа беше петпати позагадено, а утринава концентрацијата на канцерогените честички изнесува 20 микрограми. Слична е и ситуацијата со Тетово, каде синоќа беа измерени 150 микрограми честички на еден кубен метар, а утринава нивната присутност е намалена на 20 микрограми.

Изминатата недела во Скопје во вечерните часови загадувањето достигнуваше и до 700 микрограми на еден кубен метар што е за 14 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Вчера Либерално-демократската партија предложи да има државни инвестиции во производство на енергија од обновливи извори, итна забрана на увоз на стари возила, стимулација на користење на електрични возила, како и изградба на подземни сообраќајници во големите градови, за да се намали загадувањето.

– Загадувањето на амбиентниот воздух е една од најголемите закани по здравјето на граѓаните. Веќе години наназад Скопје, но и другите градови во Македонија, особено Тетово и Битола, се едни од најзагадените градови во Европа. Енормното загадување на воздухот е причина за големата смртност и за предизвикување на сериозни заболувања во Македонија – истакна потпретседателот на ЛДП, Зоран Шапуриќ.


Скопје синоќа дишеше воздух седумпати позагаден од дозволеното


Скопје, 18 ноември, 2016 - 11:43 (META) 

Многу високо и високо ниво на загадување на амбиенталниот воздух утринава покажуваат сите мерни станици на Министерството за животна средина.

Во Скопскиот Регион многу високо ниво на канцерогените ПМ10-частички има во Лисиче, каде утринава се измерени 225 микрограми честички на еден кубен метар, што е за 4,5 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Мерните станици во Центар, Карпош, Гази Баба и Ректорат во Скопје и во Миладиновци, Битола, Кичево, Тетово, Велес, Кавадарци и во Куманово покажуваат високо ниво на ПМ10-честичките.

Освен високо ниво на ПМ10-честички, зголемено ниво има и на ПМ2,5-честичките. На мерната станица во Карпош има многу високо ниво на концентрација на ПМ2,5-честитки, а во Центар високо ниво.

Синоќа на полноќ во Лисиче беа измерени 462 микрограми на еден кубен метар, што е за повеќе од деветпати над дозволеното, во Ректорат во 19 часот беа измерени екстремно високи 660 микрограми, што е за 13 пати повеќе од дозволеното.

Во 19 часот големо загадување беше измерено и во Гази Баба – 346, во Лисиче – 323, во Карпош – 304, што е за седумпати повеќе од дозволеното.