!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Гугл“ го преименува плоштадот Македонија во плоштад Вардарска


Скопје, 10 јули, 2017 - 12:29 (META) 

Светскиот интернет-гигант „Гугл“ во својата апликација „мапи“ (Maps) го пременува големиот скопски плоштад Македонија во плоштад Вардарска.

При пребарување на компании кои имаат свои разграноци или седиште во строгиот центар на Скопје, „Гугл“ во својата мапа ви посочува каде се лоцирани и името на локацијата. За полесно снаоѓање, особено за туристите, имињата на локациите се дадени и на македонски и на англиски јазик.

Во јули минатата година, „Гугл“ им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Сепак, локациите автоматски не се појавуваат на мапата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници. Веројатно, англиската верзија од плоштадот Македонија е вметната од корисник на мапата, а потоа преку верификација од други корисници и без посебен надзор од „Гугл“ истата е впишана во мапата за Скопје.

Според минатогодишните податоци, повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата „мапи“ на Гугл и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на апликацијата.


Одбојкарите освоија сребрен медал и никој не ги пречека


Скопје, 4 јули, 2017 - 11:26 (META) 

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, која вторпат го освои сребрениот медал во Европската лига, вчеравечер се врати дома, но за неа немаше организиран пречек, како за ракометарите, па сами минаа низ Порта Македонија, на плоштадот ја отпеаја македонската химна и потоа заиграа оро.

Како што извести „Екипа“, од „пречекот“ директен пренос од својот мобилен телефон преку „Фејсбук“ правел капитенот Никола Ѓорѓиев.

Во финалето на Ф4-турнирот одбојкарите со 3:1 загубија од Украина, но на земјава ѝ го донесоа второто сребро од ова натпреварување.

 


Почна „Баскерфест 2017“


Скопје, 17 јуни, 2017 - 14:22 (META) 

Со парада составена од сите учесници на фестивалот, Градскиот дувачки оркестар и од девојките од танцовиот клуб „Еурека“, што тргна од градскиот плоштад, се движеше по улица Македонија и се врати на плоштадот Македонија, вчеравечер почна Фестивалот на уличен театар под отворено небо „Баскерфест 2017“.

Фестивалот ќе трае до 25 јуни, при што на плоштадот Македонија на трите поставени сцени ќе се одвива програмата на фестивалот секојдневно од 19 до 23 часот.

Има и детско катче за најмалите, каде што децата може да се вклучат во различни забавни активности секојдневно од 18.30 до  20 часот, а музичката програма ќе биде застапена секој ден од 22 часот до 1 часот по полноќ.


Скопје утре ќе ги пречека ракометарите на Вардар – новиот европски ракометен шампион


Скопје, 5 јуни, 2017 - 16:51 (META) 

Градот Скопје утре на плоштадот Македонија ќе организира пречек на новите европски ракометни шампиони – ракометарите на Вардар.

Ракометарите на Вардар, како што соопштија денеска од Град Скопје, се очекува да слетаат на аеродромот „Александар Велики“ утре во 11.15 часот, од каде ќе се упатат кон плоштадот Македонија, преку булеварите Александар Македонски, Гоце Делчев, Крсте Мисирков и Кочо Рацин.

Во 13 часот се очекува екипата на Вардар да пристигне на плоштадот Македонија, преку Порта „Македонија“.

По повод освојувањето на европската клупска шампионска титула на РК Вардар, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ организира бесплатен автобуски превоз за дочек на ракометарите на аеродромот „Александар Велики“.

На следниот линк се термините и локациите на тргнување на автобусите.


Марш на жените за 8 Март за еднакви права, плати и за достоинствен третман


Скопје, 3 март, 2017 - 12:26 (META) 

Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш на жените на 8 Март, по повод Меѓународниот ден на жената кога се одбележува женската борба за економска, политичка и за социјална рамноправност.

Маршот ќе почне во 12 часот пред споменикот „Олимпија“ на плоштадот Филип Втори.

– Истовремено со жените низ светот, кои на овој 8 Март објавија општ женски штрајк, и ние јасно и недвосмислено порачуваме дека сакаме еднакво, солидарно и напредно општество. Ве повикуваме да марширате заедно со нас. За еднакви права, еднаква плата, достоинствен третман и за должно почитување – се вели во повикот на организаторите на „Фејсбук“.

Учесничките ќе се движат преку Камениот мост и плоштадот Македонија, па до паркот Жена-борец и ќе испратат порака дека се тука, дека се важни и дека нивниот глас ќе биде чуен.


Почна новогодишното украсување на Скопје, тендерот повторно го доби „Линк медиа“


Скопје, 3 декември, 2016 - 11:27 (META) 

Со концерт и со изведба на новогодишни песни на хор составен од 180 ученици од повеќе средни училишта на Градот Скопје, вчера беше вклучена централната елка во Скопје, која е поставена на плоштадот Македонија.

Централната новогодишна елка е висока 21 метар и е осветлена со неколку илјади светилки и светлосни фигури, а ќе свети во различни бои. Годинава првпат плоштадот Македонија е декориран и со светлосна фонтана и со светлосен тунел.

Украсувањето на другите улици и булевари, кои се во надлежност на Град Скопје, е во тек и ќе трае во следните неколку дена.

Декорирањето ќе го чини Градот Скопје 12 милиони денари или околу 200.000 евра, а тендерот за новогодишното украсување на главниот град и годинава го доби фирмата „Линк медиа“, која, како што велат од Град Скопје, имала најповолна понуда на јавниот повик.

Оваа компанија изминативе неколку години ги украсува речиси сите општини во Скопје, а тендери има добивано и во Струмица, Гевгелија и во други градови.


Пораки за мир, единство и за почитување на светата миса во чест на Мајка Тереза


Скопје, 11 септември, 2016 - 14:17 (META) 

Денеска на плоштадот Македонија се одржа светата понтификална миса, крунски настан на „Деновите на Мајка Тереза“, која ја предводеше сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, кој беше именуван од папата Франциск да го предводи овој настан во Скопје.

– Гордејте се со светата мајка. Вие, верниците, кога ќе ви падне духот и ќе се најдете во опасност да ја изгубите надежта, инспирирајте се од оваа прекрасна мајка, која со своето застапништво ќе ви помогне. Мајките кои го изгубиле мајчинството, вратете го преку почитувањето на оваа света мајка, а Вие кои се плашите од животот, учете од оваа света мајка колкава е силата во верата. Не заборавајте го овој ден и овој настан – порача кардиналот Пуљиќ.

На настанот обраќање имаше и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, кој истакна дека единствениот вистински начин да ја покажеме нашата почит кон светата Мајка Тереза е да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики. Иванов нагласи дека наместо истоштувањето со политички битки за докажување на нејзиното потекло и присвојувањето на нејзното име, Мајка Тереза „би нè упатила да се угледаме на нејзиниот пример“.

– Да правиме мали добри дела со голема љубов. А за тоа не мора да одиме на крајот од светот бидејќи, како што таа велеше, почитта и љубовта почнуваат во нашиот дом, во нашето маало, во нашиот град, во нашата држава Македонија. Гледајќи нè политички разединети и поделени, би побарала од нас да не се делиме и караме, туку да си простиме, да се помириме и да се почитуваме… Би нè охрабрила да го чуваме највредното нешто што го имаме, највредното што и таа го понесе со себе во Индија, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Затоа што само така ќе научиме да живееме заедно со сите наши најдлабоки верски, етнички и идеолошки разлики – рече Иванов.

Скопскиот бускуп и апостолски егзарх Киро Стојанов ја прогласи капелата во Спомен-куќата на Мајка Тереза за светилиште на света Мајка Тереза.

Светата понтификална миса на плоштадот Македонија ја следеа голем број верници, граѓани, претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, како и домашни и странски делегации.

Папата Франциск на 4 септември пред стотици илјади граѓани и верници на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.


Утре голема света миса на скопскиот плоштад за канонизацијата на Мајка Тереза


Скопје, 10 септември, 2016 - 18:09 (META) 

Кардиналот Винко Пуљиќ ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје, која ќе се одржи утре на плоштадот Македонија, а е крунскиот настан од „Деновите на Мајка Тереза“, пренесува „Дојче веле“.

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов, пред неколку недели соопшти дека папата Франциск на 24 август го именувал сараевскиот надбискуп, кардиналот Винко Пуљиќ, за негов специјален пратеник кој ќе ја предводи понтификалната света миса во Скопје.

Се очекува утре на плоштадот Македонија да се соберат голем број гости, верници и граѓани. Најавени се и високи претставници на Католичката црква и на другите верски заедници, бројни домашни и странски делегации и гости, во чест на светата Мајка Тереза.

На централниот настан во рамките на „татковинската прослава по повод канонизацијата на Мајка Тереза“, кој почнува утре во 10 часот, обраќање ќе има и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, соопштија денеска од неговиот кабинет.

Папата Франциск на 4 септември пред стотици илјади граѓани и верници на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја прогласи Мајка Тереза за светица.