!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Експлозија и пожар во стан во Охрид, еден повреден, седум автомобили оштетени


Охрид, 9 август, 2017 - 11:55 (META) 

Едно лице било потешко повредено во експлозија што вчера во 22.24 часот се случила во стан на улицата Сатеска во Охрид, соопшти денеска полицијата.

Како што информираат од СВР Охрид, од експлозијата, која најверојатно била предизвикана од плинска боца, дошло до пожар, кој бргу ја зафатил покуќнината и почнал да се шири низ собите. Сопственикот на станот со тешки повреди бил префрлен на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

Од пожарот и експлозијата, покрај штетите на мебелот и на прозорците на станот, оштетени биле и седум возила, паркирани во близина на зградата.


Царината спречила шверц на 18 килограми марихуана, сокриена во плинска боца


Куманово, 26 јануари, 2017 - 13:49 (META) 

Царинските екипи на граничниот премин Табановце вчера спречиле обид за шверц на 18 килограми марихуана, што била сокриена во плинска боца.

Како што информираат од Царинската управа, вчера, околу 6 часот, на граничниот премин за излез од Македонија било пријавено возило, со албански регистарски таблички, а управувано од И.Ш., државјанин на Албанија. Возилото било селектирано за детална контрола и при прегледот на багажникот била пронајдена плинска боца, во која биле сокриени 15 вакумирани пакетчиња облепени со проѕирна леплива лента, наполети со марихуана со вкупна тежина од околу 18 килограми.

Во предистражната постапка, што ја спровеле инспекторите на одделението за истраги на Царинската управа, било утврдено дека осомничениот ја набавил марихуаната во Албанија и требало да ја прошверцува до Германија.

„Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори до надлежното јавно обвинителство, а судијата на претходна постапка му изрече мерка притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението на Царината.

Оттаму додаваат дека во текот на декември, царинските екипи во соработка со Министерството за внатрешни работи заплениле 70 килограми марихуана, сокриена во ПВЦ-прозорци.


Две битолчанки со тешки изгореници од експлозија на плинска боца


Битола, 17 јануари, 2017 - 12:54 (META) 

Две жени се тешко повредени од експлозија на плинска боца на улицата Пореч во Битола. Од битолската клиничка болница велат дека двете повредени, мајка и ќерка, поради сериозноста на здравствената состојба ќе бидат транспортирани во Скопје на понатамошно лекување.

Станува збор за седмочлено семејство, а во моментот на несреќата дома биле само пет члена. Плинската боца ја користеле за затоплување.

Од пожарот куќата е сосема оштетена, оставени се само ѕидовите и во неа не може да се живее.

Командирот на противпожарната единица во Битола, Коста Поповски, изјави дека во случајот интервенцијата била исклучително тешка поради непроодните патишта од снегот и непристапноста до куќата.

– Семејството се загревало на плинска боца која ја има по пазарите. Имавме дојава дека експлодирала, но поради непристапната улица, едвај успеавме да стасаме на местото на настанот. За среќа, огнот е изгаснат и спречена е поголема несреќа – вели Поповски.

Од почетокот на годината, битолските пожарникари имале 28 интервенции на опожарени објекти, а дури 18 се поврзани со запален оџак.


Едно лице повредено при експлозија на плинска боца во Аеродром


Скопје, 27 ноември, 2016 - 14:10 (META) 

Вчера во 20.45 на булевар Јане Сандански на приземјево станбена зграда настанал пожар во стан откако експлодирала мала плинска боца за варење кафе, информираат од МВР.

Од пожарот, изгореници на нозете добила Т.З. (72) и со возило на брза помош била пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, од каде била пренесена во Ургентен центар – „Мајка Тереза“ каде ѝ биле констатирани изгореници од втор степен на долните екстремитети и била задржана на понатамошно лекување.

Во 22.30 часот, противпожарна екипа го изгаснала пожарот.

Увид ќе се изврши во текот на денешниот ден.


Во експлозија на гас, оштетени работилница, автомобили и 13 куќи во Свети Николе


Свети Николе, 15 јуни, 2016 - 13:27 (META) 

Во експлозија која се случила поради истекување на пропан бутан од демонтирана плинска боца, ноќта меѓу понеделникот и вторникот неделава, целосно била уништена автомеханичарска работилница во Свети Николе, два автомобили, а оштетени биле и 13 куќи кои се наоѓаат во близина.

Експлозијата, како што информираат од полицијата, се случила во автомеханичарската работилница „Бацоц“, сопственост на 42-годишниот С.П. од Свети Николе.

Увид на местото извршил јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Свети Николе и екипи на МВР и на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе.

„Од извршениот увид констатирано е дека пожарот е настанат при експлозија од истекување на гас пропан бутан од демонтирана плинска боца од автомобил, а при активирање компресор кој бил сместен во подрумската просторија. Од експлозијата комплетно е уништена работилницата, целокупната опрема во неа, оштетено е возилото на сопственикот, како и друго воизло марка „хјундаи тусон“, кое било оставено за поправка, како 13 куќи и помошни простории кои се наоѓаат во непосредна близина“, стои во информацијата за случајот на МВР.


Најмалку осуммина повредени во експлозија на плинска боца во Драчево


Скопје, 5 јануари, 2016 - 16:40 (META) 

Најмалку осум лица биле повредени во експлозија што попладнево околу 15 часот одекнала во семејна куќа во скопската населба Драчево.

Според првичните неофицијални информации, експлозијата се случила при монтирање грејно тело со плинска боца.

Повредените, според првичните информации, биле пренесени, дел во Ургентниот центар, дел во Градската хируршка клиника „Св. Климент Охрдиски“. Засега нема информации за состојбата на настраданите и за видот на повредите.

Екипи на противпожарната бригада го гаснат пожарот, а на местото се присутни и тимови на итната медицинска помош и на полицијата.