За пругата до Бугарија одобрени 71,5 милиони евра


Скопје, 8 февруари, 2018 - 13:55 (META) 

Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека е ревидирана и одобрена Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020, во рамките на ИПА 2 програмата, и со неа за железничка и патна инфраструктура се обезбедени се 127,2 милиони евра, од кои 108,1 милион евра се средства од ИПА 2 програмата, а 19,1 милион евра се средства од Буџетот на Република Македонија.

Вкупно 71,5 милиони евра треба да бидат искористени за изградба на дел од третата фаза на пругата кон Бугарија, односно на делницата Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а 48,7 милиони евра за изградба на втората фаза од експресниот пат Градско – Прилеп, односно за делницата Градско – Дреново.

Другиот дел од средствата е за реконструкција на делницата Куманово – Ранковце, како и за изградба на третата лента на делницата Плетвар на патниот правец Градско-Прилеп, како и за замена на заштитни огради на автопатот „Пријателство“, во должина од 100 километри.


Магла на Стража и на Плетвар, АМСМ апелира за внимателно возење


Скопје, 4 декември, 2017 - 19:14 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Појава на магла со видливост од 30 до 50 метри се бележи на планинските премини Стража и Плетвар, соопшти Авто-мото сојузот на Македонија.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Во клисурите и во засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Неколку патни правци се непроодни поради врнежите, магла на Стража и на Плетвар


Скопје, 2 декември, 2017 - 12:52 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, а дожд со слаб интензитет врне во западниот дел од земјата, информираат од Автомото-сојузот на Македонија. Намалена видливост поради магла, од 50 до 100 метри, има на планинските превои Стража и Плетвар.

Според информација од ЈП „Македонија пат“, на патниот правец Маврово – Галичник, 100 метри пред Царева Чешма, сообраќајот се одвива отежнато поради излевање вода на коловозот. Се препорачува овој патен правец да не се користи.

Поплавување на подвозникот има и кај клучката Матка, во близина на бензинската станица „Бис оил“ во општина Сараj.

„Поплавувањето е настанато поради дождот и дефект на водоводна мрежа на ЈП „Водовод и канализација“. Заглавени биле четири моторни возила, а луѓето од нив биле извлечени. Екипите се сè уште на терен“, се вели во извештајот на АМСМ.

Локалниот пат од село Железнец до село Мало Илино во Демир Хисар не е прооден поради обилни дождови. На неколку патни правци има одрони, поради што се препорачува внимателно возење.

– Ја следиме состојбата и доколку има потреба ќе се спроведат сите процедури што се во наша надлежност – изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, по презентацијата на предлог-буџетот за земјоделство за 2018 година.


Неисправна водата за пиење од јавните чешми во Лениште и на Плетвар


Прилеп, 30 ноември, 2017 - 16:08 (META) 

Одделот за хигиена на Центарот за јавно здравје информира дека јавните чешми во Лениште и кај ресторанот „Че“ на Плетвар немаат исправна вода за пиење, соопшти денеска Општина Прилеп.

Според препораките на медицинските стручњаци од одделот за хигиена, пред употреба водата задолжително треба да се преврива 10 минути.

„Овие чешми се во надлежност на Општина Прилеп, а не на Јавното претрпријатие „Водовод и канализација“. Општината ги известува месните заедници на овие населени места да ги информираат жителите да ги следат препораките на Центарот за јавно здравје“, стои во соопштението.


Слаби врнежи од снег на Стража, магла на Ѓавато и на Плетвар


Скопје, 10 февруари, 2017 - 10:33 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива по на места влажни коловози, а повремени врнежи од слаб снег се бележат на планинскиот премин Стража, информира Автомото-сојузот на Македонија.

Поради појава на магла, намалена е видливоста од 10 до 20 метри на Попова Шапка и од 50 до 100 метри на планинските премини Ѓавато и Плетвар.

Поради штрајк на грчките земјоделци, граничниот премин Евзони сè уште е затворен за сообраќај. Премините Дојран и Меџитлија се отворени за сообраќај.


Намалена видливост на Плетвар поради магла


Скопје, 20 јануари, 2017 - 14:38 (META) 

Поради појава на магла, видливоста на планинскиот премин Плетвар е намалена на 100 до 120 метри, се вели во последниот извештај на АМСМ за состојбата на патиштата.

Во него се додава дека сообраќајот на државните патишта се одвива отежнато во зимски услови по влажни коловози, со остатоци од кашест снег. Врнежи од слаб снег има на планинскиот премин Буково.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Тригодишно девојче и 23-годишен маж загинаа во сообраќајка кај Плетвар


Скопје, 31 август, 2015 - 10:28 (META) 

Во сообраќајната несреќа што се случи синоќа кај Плетвар загинаа тригодишно девојче од Скопје и 23-годишен прилепчанец, а една жена е повредена.

Според полицијата, во сообраќајната несреќа учествувале три возила, автомобил „шаран“ со скопски регистерски ознаки, комби „пежо експерт“ со бугарски регистерски ознаки и камион „ман“ со битолски регистерски ознаки.

Тригодишното девојче, кое било сопатник во автомобилот „шаран“, и возачот на комбито, 23-годишниот Горан Ц. од Прилеп, загинале на местото на несреќата, а уште една жена, за која сè уште нема информации колку години има и во кое возило се наоѓала, е повредена и пренесена во прилепската болница.


Плетвар прооден за возила


Прилеп, 29 декември, 2014 - 9:52 (META) 

Од подружницата на „Македонија пат“ од Прилеп информираат дека сите патни правци кон Прилеп, Кривогаштани, Долнени и Крушево се исчистени од снегот и проодни.

Според информациите и превојот Плетвар е прооден за сите видови возила.

Откако механизацијата на „Македонија пат“ ќе го дорасчисти и патниот правец за Македонски Брод, ќе се расчистува и патот за Мариово.


Ламбе Алабакоски имал сообраќајна несреќа, поминал без сериозни повреди


Скопје, 3 декември, 2014 - 9:45 (META) 

Македонскиот пејач, Ламбе Алабакоски, по вчерашната сообраќајна несреќа е добар и без сериозни повреди. Собраќајката се случила на Плетвар, кај местото Раец.

Неговиот автомобил „рено меган“ е целосно уништен откако, поради лизгавиот коловоз, Алабакоски загубил контрола над него и се превртел.