!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Македонија 2025“: Потребна е добра економска клима за да продолжат инвестициите


Скопје, 19 мај, 2017 - 11:12 (META) 

Платформата „Македонија 2025“ се надева дека со постигнувањето на последното политичко решение ќе дојде до  конечно решавање на долгата политичка криза во Македонија.

Оттаму повикуваат на создавање добар економски амбиент за да продолжат инвестициите.

„Ги повикуваме сите релевантни партии, групи и организации што беа опфатени од политичката криза да ги стават настрана своите партиски интереси и да се фокусираат на градење добра економска средина, во која странските и локалните компании и претприемачи ќе бидат стимулирани да ги продолжат своите инвестиции во Македонија. Важно е да се нагласи дека во мошне компетитивната глобална арена, земјите овозможуваат позитивна економска клима и политичка стабилност, што резултира со враќање на придобивките кон граѓаните по пат на економски пораст. Ова е наша заложба како организација и кон таа цел продолжуваме да даваме поддршка на Република Македонија и на нејзините граѓани,“ велат од „Македонија 2025“.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да се огради од провокациите на Груевски


Скопје, 7 мај, 2017 - 10:40 (META) 

„Раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски се надминати и истрошени политичари, кои се грижат само за своите криминални интереси, немаат што ново да им понудат на граѓаните и затоа лажат, користат манипулации, говор на омраза, поттикнуваат насилство“, се вели во редовното утринско соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека „ниту ќе има штети по употребата на македонскиот јазик ниту, пак, е загрозена унитарноста на државата“.

„Има писмо до Ѓорге Иванов дека е формирано новото парламентарно мнозинство, претседателот на СДСМ Зоран Заев уште еднаш ќе ја реафирмира програмата на новата влада, по што ќе се пристапи кон формирањето нова влада. Иванов е должен да постапи во согласност со уставните обврски кон граѓаните, а чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ мора сериозно да ја сфатат сопствената улога, да се оградат од криминалците во своите редови и од нивните криминални платформи и партијата да се постави како конструктивна опозиција која ќе ги поддржи клучните реформи за граѓаните и за државата“, се вели во соопштението.


Бушати: Имаше договор со Груевски кој беше одбиен од причини неповрзани со Албанија


Тирана, 20 април, 2017 - 10:12 (META) 

Албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, кој престојува во Вашингтон, негира дека постои „тиранска платформа“ и дека Албанија се меша во внатрешните работи на Македонија.

Бушати, кој беше гостин на тинк-тенкот „Германски Маршалов фонд“, одби да одговори на прашањето од американските експерти што значи изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за единство на Косово и Албанија, пренесе „Македонската радио-телевизија“.

– Не е прецизно да се каже дека има тиранска платформа. Нема тиранска платформа. Има платформа на албански политички партии за која се дискутираше со Груевски и со Заев. Имаше договор со Груевски, но потоа беше одбиен од причини што немаат врска со Албанија, Тирана или премиерот Рама. Никогаш не сме се мешале во домашните работи во Македонија и многу сме внимателни при советувањето на пријателски начин – вели Бушати.

Бушати избегна да одговори на барањето од претседателката на американскиот „Германски Маршалов фонд“, Карен Донфилд, да ја објасни изјавата на албанскиот премиер Еди Рама за потребата за единство на Косово и на Албанија ако не влезат во Европската Унија.

– Мислам дека ја објаснував позицијата на Албанија, на позицијата на албанскиот премиер за стратешкото партнерство што го имаме со Косово. Не можам да додадам ништо друго на тоа – рече Бушати.

Според Бушати, Албанија била најдемократската држава на Западниот Балкан и бедем против руското влијание, а дека во Србија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина и во Хрватска имало назадување на демократијата.


Груевски – Иваниќ: Односите помеѓу двете земји се пријателски и со заемно разбирање


Скопје, 19 април, 2017 - 20:41 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, се сретнал со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Двајцата соговорници позитивно ги оцениле односите помеѓу двете, земји кои се карактеризираат со заемно пријателство и со разбирање.

Груевски, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, го запознал својот соговорник со аспектите на политичката криза наметната од опозицијата и со позициите и со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања и начините за надминување на предизвиците.

Разговарајќи за можните решенија, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, тие ја повториле оценката дека единствениот начин за излез од политичката криза и за постигнување стабилност е спроведување на брзи парламентарни избори, заедно со редовните локални избори, каде граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат „за тиранската платформа која ја прифати СДС“.


Шилегов: За некој да ги стигне Груевски и Мијалков, треба да краде 6 години секој ден


Скопје, 12 април, 2017 - 14:28 (META) 

На 12. продолжение на конститутивната седница, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ даваа реплики и контрареплики за говорот на пратенкиот Димитар Стевананџија. Најголем дел од репликите, како и претходните неколку дена, се однесуваа на платформата на албанските политички партии, како и за зачувување на унитарноста на државата.

Петре Шилегов од СДСМ преку процедурална забелешка го замоли претседавачот на седницата, Трајко Вељаноски, да ги опоменува пратениците да се држат кон говорот на тој што зборел, а не да прозиваат пратеници кои се присутни или не присутни во салата за пропагандистички цели.

– Тешко е да глумиш нормален кога си лудак. Попаметните од мене пресметале ако некој дневно краде по 2 милиони евра, како благајникот од НЛБ, ќе му требаат 6,2 години секојдневно да краде за да ги стаса Сашо Мијалков и Никола Груевски кои украдоа 5 милијарди евра – рече Шилегов.

Вељаноски реплицираше дека јавноста најдобро знае кој е и што е.

Стеванџија предложи СДСМ или да го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да ја отфрли платформата и да се направи малцинска влада со 100 пратеници или да се организираат нови избори.

Весел Мемеди од Алијансата за Албанците рече дека предлогот за формирање коалиција со 100 пратеници Македонци ќе остави тешки последици врз државата, а дека нови избори не се решение за излез од кризата.


Повеќето пратеници на СДСМ и на коалицијата ја напуштија „лакрдија-седницата“


Скопје, 5 април, 2017 - 14:22 (META) 

Речиси сите пратеници на СДСМ и на коалицијата го напуштија осмото продолжение на конститутивната седница на Собранието затоа што, како што велат, таму се говори за сè освен за точките на дневен ред.

На седницата останаа само неколкумина од 49-те пратеници од коалицијата на СДСМ, меѓу кои е и лидерот на партијата, Зоран Заев.

Напуштањето на седницата го најави пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, кој рече дека во Собранието се случува „лакрдија“ и најави дека пратениците на СДСМ ќе се откажат од нивните реплики.

– Оваа лакрдија во Собранието конечно мора да запре. Во тој контекст изјавувам дека јас и моите колеги пратеници ќе се откажеме од нашите реплики, но ќе укажуваме на процедуралните забелешки. Поминаа осум денови работа во Собранието, но ништо конструктивно не е направено. Ги потрошивме само времето и парите на граѓаните. Целата одговорност ја носи претседавачот Трајко Вељаноски. Ако тој работеше деловнички, до сега ќе ја изберевме Комисијата за избори и за именувања, ќе изберевме и претседател на Собранието и ќе дебатиравме за новата влада – рече Кирацовски.

Пред паузата за ручек, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаа реплики и контрареплики за платформата на албанските партии и за зачувување на македонскиот јазик.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека со прифаќање на платформата СДСМ прави постизборна измама и повика да не се предизвикуваат инциденти.

– Сите знаете дека ситуацијата е сензитивна, и тука и на улица и кај граѓаните. Нека не ве лаже паметот да правите какви било чекори што ќе ги зголемат тензиите овде, во Собранието. Внимавајте на стабилноста на собранието и на државата. Не предизвикувајте какви било инциденти – рече Милошоски.

Џевад Адеми од ДУИ рече дека пратениците на ДУИ нема да се вклучат во дебатата затоа што, според него, тоа што се случува во Собранието е сè само не парламентарна дебата и ги замоли другите пратеници да не се занимаваат и да не ги прозиваат пратениците Албанци.

Ибрахими Зекирија од Беса рече дека нема да се оформи ниту една влада со Беса во неа без да се официјализира албанскиот јазик.

Максим Димитриевски од СДСМ ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не манипулираат со граѓаните затоа што за промена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собрание, што, според него, во сегашниот состав е невозможно.


Петто продолжение на конститутивната седница на Собранието


Скопје, 31 март, 2017 - 10:08 (META) 

Денеска во 11 часот, конститутивната седница на Собранието ќе продолжи по петти пат. На дневен ред, како и претходните четири дена, е изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседател на Собранието.

Вчера седницата неколкупати беше прекинувана затоа што наместо расправа по точките од дневниот ред, пратениците меѓусебно си даваа процедурални забелешки.

Претседавачот Трајко Вељаноски на крајот на четвртото продолжение на седницата соопшти дека таа поминала само со пет реплики и контрареплики, но со дури 50 процедурални забелешки.

Освен процедуралните забелешки, во фокусот на дебатата на вчерашната седница повторно беше платформата на албанските партии, но и студентите и условите во студентските домови, како и субвенциите на земјоделците.

Новото парламентарно мнозинство побара Трајко Вељаноски повеќе да не седи на претседавачкото место.


Рама: Промената на границите ќе дојде на маса ако балканските земји не се интегрираат во ЕУ


Тирана, 31 март, 2017 - 10:05 (META) 

Границите на Балканот се безбедни сè додека балканските земји се насочени кон интеграцијата во Европската Унија, но доколку овој процес пропадне, тогаш и дебатата за границите ќе се врати на маса, рече албанскиот премиер Еди Рама на прашањето дали постои опасност од нивна промена.

Ова Рама го изјавил во интервју за порталот „Дијалог плус“ (dialogplus.ch), јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Околу ситуацијата во регионот, албанскиот премиер навел дека постојат политички конфликти, кои, според него, се повеќе последица на претстојните изборни процеси во земјите, отколку реални.

Албанците ниту биле, ниту се, ниту ќе бидат проблем во Македонија, а обвинувањата околу т.н. „тиранска платформа“ се политичка игра, вели Рама во интервјуто и додава Македонците многу добро знаат дека Албанците се конститутивен фактор во земјата, чии права не може да се гледаат и да се третираат како услуга кон нив.

Во врска со т.н. тиранската платформа Рама вели дека таа е напишана и одобрена од страна на албанските партии во Македонија.

– Јас имав задоволство и должност да им помогнам, не околу платформата, туку во олеснувањето на комуникацијата меѓу партиите – вели Рама.


Во 11 часот, четврто продолжение на конститутивната седница на Собранието


Скопје, 30 март, 2017 - 10:20 (META) 

Денеска во 11 часот ќе се одржи четвртото продолжение на конститутивната седница на Собранието, на која на дневен ред се изборот на членовите и на претседателот на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседателот на Собранието.

Во изминатите три дена пратениците воопшто не дискутираа по овие две точки, туку дебатата најмногу се однесуваше на платформата на албанските партии, како и на зачувување на унитарноста и на суверенитетот на државата, а најголемиот дел од пријавените за збор беа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Партиите своите ставови денеска ги потврдија и преку своите утрински соопштенија.

Од СДСМ велат дека ниту беспотребното меѓусебно реплицирање од страна на парламентарното малцинство нема да ги спречи промените.

„Околу 700.000 граѓани избраа нова влада за промени, правда, еднаквост и живот за сите и ниту еден очаен обид на Груевски и на соработниците не може да го спречи тоа. Македонија ќе добие нова реформска влада на граѓаните предводена од СДСМ за која има широка и недвосмислена поддршка“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во своето редовно утринско соопштение велат дека собраниското мнозинство вчера и официјално ја внело „тиранската платформа“ во Собранието и ја најавило намерата во целост да ја реализира.

„Молкот на СДСМ по ваквите изјави во Собранието, значи одобрување на тиранската платформа и согласност со сите нејзини точки само за да се зграпчи власта. ВМРО-ДПМНЕ јасно ја осуди и ја отфрли тиранската платформа и кажа дека не се согласува со нејзината содржина. ВМРО-ДПМНЕ понуди решение за излез од политичката криза. Патоказот кој го понуди ВМРО-ДПМНЕ е добра основа за постигнување консензус за излез од кризата“, се вели во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ: Тиранската платформа влезе во Собранието со намера да се реализира


Скопје, 30 март, 2017 - 9:26 (META) 

„Собраниското мнозинство вчера и официјално ја внесе тиранската платформа во Собранието и ја најави намерата во целост да ја реализира. Целата македонска јавност имаше можност да слушне што предвидува тиранската платформа и тоа директно од собраниска говорница“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека „тиранската платформа што ја прифати СДСМ во себе содржи неуставни елементи, чие реализирање ќе го поткопа уставниот поредок и целосно ќе ја редефинира Македонија“.

„Главниот реформатор на аболираниот криминалец Зоран Заев, Зијадин Села, вчера во Собрание го прогласи за геноциден македонскиот народ. Молкот на СДСМ по ваквите изјави во Собранието, значи одобрување на тиранската платформа и согласност со сите нејзини точки само за да се зграпчи власта“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека ВМРО-ДПМНЕ ја осуди и ја отфрли тиранската платформа и понуди решение за излез од политичката криза.

Според партијата, „патоказот“ што го понудиле е добра основа за постигнување консензус за излез од кризата.

„Да се усогласиме дали важноста на политичката пракса за коалицирање на победникот со победник е фактор на дополнителна стабилност во државата, дали како таква треба опстои или се отфрла сега и во иднина. Доколку се отфрла, тоа би било во интерес на изедначување на гласот на секој пратеник, со сите логични последици од таков чекор? Ова е неопходен услов да одбегнеме двојни стандарди во домашната политика и менување на политичките традиции во зависност од изборните резултати. На долг рок усогласувањето околу овој принцип и неговото важење или отфрлање ќе донесе поголема предвидливост на политичката сцена“, се додава во соопштението.