Просечната месечна исплатена нето-плата во септември изнесува 24.355 денари


Скопје, 20 ноември, 2018 - 13:08 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата во септември изнесува 24.355 денари, а бруто-платата 35. 794 денари, објави Државниот завод за статистика.

Порастот на септемвриската нето-плата во однос на истиот период лани е 4,8 процнети.

Ваквото зголемување се должи, пред сé, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен 21,9 проценти, информации и комуникации 15,2 проценти и дејности на здравствена и социјална заштита 11,1 проценти.

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите дејности на здравствена и социјална заштита 4 проценти, образование 2,4 проценти и Други услужни дејности 1,5 проценти.


Собранието за шест месеци ќе одлучува за одземање на мандатот на Груевски


Скопје, 14 ноември, 2018 - 13:16 (META) 

На координацијата кај претседателот на Собранието, Талат Џафери бил донесен заклучок дека пратеникот Никола Груевски, од денешниот ден се смета за неоправдано отсутен, поради неговото бегство во Унгарија.

Според Деловникот, на пратеникот кој отсуствува најмалку трипати едно по друго на седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот, му се одзема 5 проценти од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на избори и именувања. Од денеска овој член ќе важи за неоправданото отсуство на пратеникот Никола Груевски.

„За пратеникот Никола Груевски, Собранието не донесе одлука за одземање на мандатот, бидејќи не се изјасни минимумот од 80 пратеници. Според ова, по овој основ и за оваа казна затвор, на пратеникот не може да му биде одземен мандатот. Во Деловникот во член 59 е пропишано дека за пратеник кој неоправдано отсуствува од седниците повеќе од шест месеци, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а одлуката за одземање на мандатот по овој основ се носи на седница на Собранието“, велат од собраниските служби.

На денешната координација, иако бил извеатен, не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но бил информиран за заклучоците од координацијата.


Владата ќе менува закон за да ги утврди платите на вицепремиерите


Скопје, 30 октомври, 2018 - 13:49 (META) 

Министерство за труд и социјална политика подготвува измени на Законот за плата и надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија за да може да утврди плата за вицепремиерите Кочо Анѓушев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски, Бујар Османи и Хазби Лика.

„Со донесување на Одлука У.бр.87/2017 на Уставниот суд на седницата одржана на 21 февруари 2018 година се укина членот 14 содржан во Закон за плата и надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија во делот на ‘потпретседател на Владата’. Со укинување на овој дел од членот 14 од Законот се појави правна празнина за утврдување на платите на замениците на претседателот на Владата на РМ“, се вели во образложението на Министерството за труд и социјална политика објавено на ЕНЕР.

Се додава дека предлог на Законот за изменување на Законот за плата и надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија се менува членот 14 со кој се дава можност за утврдување на платите на замениците на претседателот на Владата на Република Македонија.

Според досегашната регулатива, вицепремиерите земаа плата од 91.712 денари со оглед на тоа што основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, која според податоците на Државниот завод за статистика изнесувала 22.928 денари помножено со коефициент 4 колку што во спорниот член 14 беше предвидено за функцијата потпретседател на Владата.

Коефициентот за пресметка за член на Владата односно министер е помал и изнесува до 3,70.

Инаку, Уставниот суд на Република Македонија во февруари, годинава укина дел од членот 14 од Законот за плата и другите надоместоци на пратениците и утврди дека функцијата потпретседател на влада не постои во правниот промет на Република Македонија и со тоа не може да се пресметува посебен коефициент на плата за таа функција.

Во одлуката на Уставниот суд, меѓу другото, е наведено дека од анализата на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката произлегува дека законодавецот определил коефициент за утврдување плата на претседателот на Владата, на потпретседателот на Владата и на членовите на Владата.

„Меѓутоа од одредбите на Уставот и Законот за Владата произлегува дека Владата ја сочинуваат претседателот на Владата и министрите и дека не постои функција потпретседател на Влада. Оттука произлегува дека со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката им се утврдува коефициент за утврдување плата за функција што не постои во Република Македонија“, пишува во одлуката.


Ејуп Рустеми е нов директор на Македонски пошти


Скопје, 22 август, 2018 - 16:43 (META) 

Владата на денешната седница одлучи да го именува Ејуп Рустеми за нов директор на Македонски пошти.
Досегашниот директор на Македонски пошти Фадис Реџепи е разрешен од оваа должност заради завршување на неговиот мандат, информира владината прес-служба.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за склучување на Спогодба за утврдување на вредноста на бодот за најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, и ќе изнесува 13.286 денари.

Од владината служба за информирање соопштија дека со оваа корекција вредноста на бодот во здравството се зголемува за пет отсто, а пресметувањето на најниската плата ќе отпочне да се применува со исплатата за септември, и согласно колективниот договор нема да изнесува помалку од 15.770 денари.


Царовска: Работодавците што ќе ја зголемат минималната плата ќе добијат државна помош


Кочани, 1 август, 2018 - 15:32 (META) 

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска денеска се сретна со менаџментот и вработените на текстилната фабрика „Голден текст“ во Кочани за да ги запознае со најновите мерки кои ги обезбеди државата за раст на платите.

„Со законските измени се предвидува работодавците што ќе им ја покачат минималната плата на вработените да добијат државна помош за зголемувањето на платите. Финансиската поддршка по работник изнесува 30 отсто од разликата помеѓу бруто платата на работникот во тековниот месец и просечната бруто плата на работникот исплатена во месеците октомври, ноември и декември лани, а најмногу до 1.200 денари по работник месечно“, изјави Царовска по средбата во фабриката.

Оваа мерка освен што обезбедува повисоки плати за работниците, истовремено е и одговор на барањето на работодавците за адресираниот проблем за т.н. уравниловка. Според работодавците има потреба од раст и на преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници.

Средствата за исплата на финансиската поддршка се обезбедуваат од буџетот и ќе се исплаќа за периодот јули 2018 година-декември 2019 година.


Просечната нето-плата во мај изнесувала 24.509 денари


Скопје, 20 јули, 2018 - 13:23 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај изнесувала 24.509 денари и во однос на истиот месец лани има зголемување од 7,1 проценти, објави Државниот завод за статистика (ДЗС). Бруто-платата изнесувала 35.983 денари.

„Ваквото зголемување се должи, пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите објекти за сместување и сервисни дејности со храна (23,1 проценти), финансиски дејности и дејности на осигурување (17,4  проценти) и информации и комуникации (15,3 проценти)“, се вели во соопштението на ДЗС.


Просечната нето-плата во април изнесувала 23.942 денари


Скопје, 22 јуни, 2018 - 15:41 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во април изнесувала 23.942 денари и е зголемена за 5,6 проценти во однос на истиот месец лани, објави Државниот завод за статистика. Бруто-платата за април изнесувала 35.117 денари.

Ваквото зголемување се должи, пред се на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен (32,2 отсто), преработувачка индустрија (13 отсто) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (11,4 отсто).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано и во секторите административни и помошни услужни дејности (4 отсто) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (3,7 отсто).


ВМРО-ДПМНЕ: Секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани


Скопје, 29 мај, 2018 - 9:30 (META) 

СДСМ удри по најсиромашните, секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „СДСМ не работи за граѓаните, затоа и ја покачи акцизата за 3,5 денари.“

„Тоа предизвика директен трошок од над 40 милиони евра за граѓаните и за стопанството, а во исто време ја поттикна спиралата на раст на цените, со што трошокот за граѓаните е неколкукратно поголем. Фрапантни се бројките кои покажуваат дека со една просечна плата во јуни 2017 година се купувале 487 литри дизел, а сега да можат да се купат само 364 литри, односно 123 литри помалку“, се додава во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани кои не се сложуваат со, како што велат, економската катастрофа која и се случува на државата на 2 јуни во 20 часот пред Владата, да излезат и да кажат „НЕ за економскиот колапс, за распродажбата на националните интереси, за заробената држава и партизираното судство.“


Раководството на САСА и синдикатите постигнаа договор за зголемување на платите


Скопје, 11 мај, 2018 - 15:44 (META) 

Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО), Сојузот на синдикати на Македонија и рудникот за олово и цинк Саса потпишаа спогодба, согласувајќи се на понудата за зголемување на платата, која што компанијата ја достави до синдикатот на 26 април.

„Рудникот Саса и неговите нови сопственици од Лондон, „Централ Азија металс“, веруваат дека со оваа прифатена понуда се решава суштинскиот од проблемите поврзани со наградувањето и исплатата на вработените, кои што беа наследени од претходните сопственици и се надеваат дека соработката со тимот ќе продолжи и во иднина со цел изградба на успешна иднина на рудникот.

Се надеваме дека ќе можеме да ја извршиме исплатата на зголемувањето за април и ретроактивно за месец март со исплаќањето на априлската плата, кое ќе се реализира во текот на денешниот ден. Дискусиите со МЕСО за други прашања во Саса ќе продолжат“, изјави Неил Стевенсон, генерален директор на Саса.

Со потпишаната спогодба завршуваат преговорите меѓу раководството на рудникот и овластените претставници на синдикатот започнати кон средината на минатиот месец. Истовремено, синдикатите се обрзуваат дека и формално ќе го прекинат штрајкот кој беше ставен во мирување кога започнаа преговорите.


Бошњаковски: Сите вработени во „Еурокомпозит“ в понеделник ќе добијат плата


Скопје, 3 мај, 2018 - 12:34 (META) 

Доцна синоќа владата постигна договор со вработените од Еурокомпозит, при што е договорено во понеделник линеарно на сите вработени да им се исплати платата, информира денеска владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

– Вработените презедоа обврска да ја завршат работата, а постигнат е и договор да се смени менаџерскиот тим. Вработените на „Еурокомпозит“, кои вчера протестираа пред владата и во Прилеп – од денеска веќе се наоѓаат на своите работни места – рече Бошњаковски.