!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Комисијата на УНЕСКО: На Охрид не му се заканува бришење од листата


Охрид, 12 април, 2017 - 15:53 (META) 

Посетата на Охрид е рутинска контрола, односно вршиме увид на бројните проекти. Тоа не треба да се доведува во врска со предупредувањата за бришење од листата на УНЕСКО. Ова е ставот на експертите од комисијата на УНЕСКО кои неколку дена вршат увид на проектите во Охрид, кои додаваат дека никогаш не станало збор за такво прашање.

– Нашата посета е рутинска за да ја провериме состојбата на објектите врз кои се врши  конзервацијата, а се дел од  културното наследство на сите компоненти и за тоа да го известиме комитетот на УНЕСКО. Остваривме средба за да ги видиме прогресот и напорите на локалните и на националните власти во заштитата на културното наследство и во спроведувањето на забелешките на УНЕСКО од лани на 40. седница во Истанбул – изјави Ања Сидоренко од комисијата на УНЕСКО.

Сидоренко додаде дека тие сега вршат само надзор. Подоцна ќе  ги презентираат нивните препораки.

– Во овој момент не можеме ништо повеќе да кажеме. Не сме дојдени само за Националниот парк „Галичица“, туку вршиме надзор на целото културно и природно наследство и како тоа се заштитува, сите активности кои се преземаат. Никогаш не дошло во прашање Охрид да биде избришан од листата на УНЕСКО. Ги разгледавме сите проекти за НП „Галичица“. Комплексните проекти беа на увид кај стручни експерти, дел од комитетот Икомос, затоа што се работи за многу комплексно подрачје богато со културни и природни вредности – прецизираше Сидоренко.

Денеска комисијата на УНЕСКО се сретна со директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, а потоа замина на увид на Плаошник, Античкиот театар, „Богородица Перивлепта“ и во „Света Софија“.

– Мислам дека многу имаме сработено во последниве години и не гледам вооопшто зошто Охрид би се нашол на црна листа на УНЕСКО – категорична е Паскали-Бунташеска.


Од утре експертска група на УНЕСКО во инспекција на Охрид


Охрид, 9 април, 2017 - 18:58 (META) 

Од поодамна најавената експертска група на УНЕСКО утре конечно, доаѓа во контрола на Охрид. Странските експерти ќе извршат увид на одредени проекти кои се во тек на реализација, или се планирани да се реализираат во наредниот период во Охрид. Од националната канцеларија на УНЕСКО информираа  дека посетата, која требаше да се реализира во февруари годинава, доцни поради недостигот на слободни термини, а не како што се шпекулира во јавноста, дека експертите целосно ја откажале.

Последниот мониорнинг на УНЕСКО беше пред неколку години, кога тие вршеа детален увид на Плаошник, по што констатираа дека проектите не ги нарушуваат еколошките и археолошките стандарди.

Се претпоставува дека групата повторно ќе  врши увид на Плаошник, а најверојатно и на хотелот во Лагадин, на проектот Експресен пат до Свети Наум, како и на планираниот скијачкиот центар на Галичица.

Претходно, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 40. седница во Истанбул изрази сериозна загриженост за иднината на регионот на Охрид, поради бројните инфраструктурни проекти кои беа предложени, што потврдува дека тие најверојатно би предивикале значителни потенцијални влијанија врз исклучителната универзална вредност на регионот на Охрид.

Еколошките здруженија покренаа петиции, а експертите им дадоа поддршка во  барањата власта да се повлече од намерата за реализација на проектите, вклучувајќи го експресниот пат Охрид – Пештани преку Галичица, скијачкиот центар на Галичица, новата елитна населба во Студенчишко Блато и туристичко-развојната зона во Љубаништа. Еколозите укажуваат на правото, но  и должноста да се зачува ова наследство и да се пренесе на идните генерации, не само во Македонија, туку и како светско културно наследство.

Тие предлагаат мораториум на овие, како што ги дефинираат,  деструктивни проекти и целосна имплементација на законот за управување на природното и културно наследство во регионот на Охрид.


„Њујорк тајмс“ го оцени Охрид како скапоцен камен во Македонија


Охрид, 19 ноември, 2016 - 11:02 (META) 

Најновиот број на „Њујорк тајмс“, преку сторијата на новинарката Елизабет Зах, го споредува Охрид со скапоцен камен, наведувајќи ги најзначајните споменици на македонската историја и култура.

Зах ги посетила црквите „Св.Јован Канео“, „Св.Климент“, „Св.Пантелејмон“ на Плаошник, Самоиловата тврдина и други места.

Раскажува и за доживувањето при посетата на селото Куратица, каде ги искусила турите кои се нудат за туристите.

Во останатиот дел од информативниот текст, „Њујорк тајмс“ ги набројува и останатите туристички локалитети низ Македонија.


„Охрид СОС“: Авантуристичка е идејата да се гради авантуристички парк кај Плаошник


Охрид, 1 ноември, 2016 - 15:45 (META) 

Авантуристичка е идејата да се гради авантуристички парк кај Плаошник, предупредуваат еколошките организации од Охрид.

Од „Охрид СОС“ се против идејата на Општина Охрид да гради авантуристички парк во шумата кај Плаошник, над плажата Лабино.

Оттаму велат дека проектот „Вотернет“ (Waternet), кој во рамки на погранична соработка и заеднички го спроведуваат Охрид и Воден, е со цел да се промовира важноста на водата, да се развие прекуграничната заштита на водните средини и да се засили едукацијата. Според еколозите, изградбата на авантуристички парк во шума нема да придонесе за исполнување на овие цели.

„Општина Охрид, без никаква претходна анкета или испитување на јавното мислење, односно барање согласност од граѓаните на Охрид, ниту, пак, со јавно претставување на проектот „Вотернет“, премина на реализација на активностите (изградба на рекреативна патека од Студенчишта до Горица), за сега да ја најави следната цел – таканаречениот авантуристички парк во срцето на шумата под Калето, местото кое охриѓани го посетуваат за да се релаксираат, да пронајдат мир, да уживаат во нечепнатата природа, со преубав поглед кон езерото“, додаваат од еколошкото здружение.

Од „Охрид СОС“ прашуваат дали Европската комисија е запознаена со овие активности, односно со тоа како се реализира проектот.

„Дали раководните лица од Општината се запотнаени со нацрт-одлуките на Комитетот за светско наследство при УНЕСКО од конвенцијата во Истанбул, имајќи предвид дека во точка 7/а е спомнат и планот за интегрирана заштита на старото градско јадро на Охрид, каде се наоѓа предложената локација за оваа активност“, прашуваат од „Охрид СОС“.


Авантуристички парк кај Плаошник, нова авантура на локалната власт


Охрид, 31 октомври, 2016 - 10:54 (META) 

Во боровата шума кај Плаошник, над плажата Лабино во заштитеното градско јадро, на површина од околу 500 квадратни метри, Oпштина Охрид сака да гради авантуристички парк со реквизити за забава и за рекреација, пишува порталот „Охрид њуз“.

Надлежните уверуваат дека авантуристичкиот парк нема да го наруши амбиентот бидејќи сите реквизити ќе бидат од природни материјали, за што билe информирани и позитивно мислење дале од  Заводот и музеј во Охрид.

– Сето ова е во соработка со Завод и музеј како надлежна институција и изработени се сите параметри за заштита и на животната средина и на самиот изглед на градското јадро. Одговорно тврдам дека нема да има никакви интервенции врз растителниот свет, односно врз дрвјата, ниту ќе има некоја цврста градба – вели во изјава за порталот Ѓоко Апостолов, раководител на секторот за туризам и за локален економски развој при Општина Охрид.

Вредноста на проектот кој предвидува изградба на авантуристички парк на охридското Кале изнесува 160.000 евра. Средствата планирано е да бидат обезбедени од ИПА-фондововите преку проектот „Вотер eнерџи“ што заеднички го реализираат Македонија и Грција.


„Охрид СОС“: На Плаошник се гради врз културно наследство


Охрид, 23 септември, 2016 - 12:02 (META) 

На Плаошник се гради врз недоиспитана културна оставина, обвинуваат од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, од каде повторно ја актуелизираат ситуацијата со градењето на импозантни градежни објекти на Плаошник.

– Каква небулоза! Се гради така што се уништува природата и се навлегува во шуми. Се узурпира преубавиот поглед кој сега ќе биде недостапен за локалните жители – велат од „Охрид СОС“.

Тие додаваат дека во УНЕСКО се згрозени од тоа што му се случува на Охрид.


Инвестицијата на универзитетот „Св. Климент“ на Плаошник надмина 12 милиони евра


Охрид, 28 март, 2016 - 11:39 (META) 

Вкупната вредност на универзитетот „Св. Климент“ на Плаошник во Охрид, ја надмина сумата од околу 12 милиони евра.

Управата за заштита на културното наследство одвои нови 59 милиони денари за довршување на овој капитален зафат, на кој е предвидено да се завршат ѕидарските работи на објектите од комплексот.

Градежниот дел на комплексот е во финална фаза од изведбата. Во моментов е завршена карабината на Музејот на Плаошник, библиотеката и Центарот за хуманистички науки, додека од спротивната страна на комплексот на ниво на карабина е подигната резиденцијата на МПЦ.

Во наредните 12 месеци е предвидено да се комплетира надворешниот изглед на комплексот, по што ќе остане довршувањето на седиштето на Богословскиот факултет.

Издигнувањето на комплексот почна кон крајот на 2012 година, а неговото пуштање во употреба е планирано да се одржи на крајот од 2017 година, или најдоцна до почетокот на 2018 година.


Канческа-Милевска: Светиклиментовиот универзитет ќе му даде духовна димензија на Охрид


Охрид, 22 септември, 2015 - 16:30 (META) 

Изминативе неколку месеци, со средства на Министерството за култура во висина од 2,8 милиони денари, реализиран е проектот за конзервација и за санација на ѕидните платна од летната сцена Долни сарај во Охрид, кои се надвиснати над Охридско Езеро.

– Во рамките на втората фаза, се изврши целосна санација на скалите што ја поврзуваат сцената Долни сарај со езерскиот брег, а се изврши и комплетна илуминација на скалите. Со овој проект отстранета е една голема опасност за сите минувачи покрај овој простор, а од особена важност е што се отвори и можност за целосна ревитализација на просторот од Долни сарај – изјави министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која денеска оствари работна посета на Охрид.

Стручни и раководни лица на Завод и музеј од Охрид, истовремено, ја запознаа Канчевска-Милевска со активностите околу конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и на фрескоживописот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, на манастирскиот конак и на камбанаријата, како и санацијата на Галеријата на средновековни икони.

– Реализацијата на проектот се одвива според утврдената динамика и се надевам дека до крајот на годината целосно ќе биде завршен. Досега целосно е реализиран проектот за конзервација на архитектурата на црквата, во тек е реализација на непосредната заштита на живописот, а целосно готов е проектот за конзервација на камбанаријата. Активностите околу конзервацијата и реставрацијата на манастирскиот конак, кои ги изведува фирмата „Митан пром“, се во завршна фаза, но во моментов течат и археолошки истражувања на просторот бидејќи се наиде на наоди што треба да се истражат – истакна Канческа-Милевска.

Министерката потсети дека изминатите неколку години во Охрид се реализирани бројни капитални проекти, меѓу кои целосна изградбата на Музејот на вода, Светиклиментовиот универзитет кој интензивно се гради на Плаошник, бројните археолошки истражувања во овој регион, реконструкцијата на Куќата на Уранија, обезбедување простор за библиотеката во Охрид, која со децении функционираше во несоодветни услови, новите простории на фестивалот „Охридско лето“ и многу други проекти.

Интензивно се одвива и проектот за конзервација на црквата „Св. Богородица Захумска“ во селото Трпејца, која претставува споменик на културата од средината на 14 век.

Канческа-Милевска при посетата на Охрид оствари работна средба и со стручните тимови што работат на возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник, преку кој на Охрид ќе му се даде нова духовна и туристичка димензија.

Проектот предвидува шест објекти, од кои до фаза карабина се резиденцијалниот објект и манастирскиот конак. И двата објекти се наоѓаат источно од Светиклиментовата црква. Во завршна фаза е и Музејот на Плаошник, Центарот за хуманистички науки и Светиклиментовата библиотека, каде во моментот се изведуваат покривите и се почнува со оформување на фасадниот изглед на објектите. Во тек се работите во фаза карабина на објектот на Богословски факултет. Целосната реализација на проектот се очекува во 2018 година.


Иванов денеска на Плаошник ќе ги додели инженерските прстени


Охрид, 5 јуни, 2015 - 10:58 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Охрид ќе го додели признанието „Инженерски прстен 2015“ на најдобрите дипломирани студенти од инженерските факултети.

Церемонијата на доделувањето на признанието ќе се одржи на платото пред Светиклиментовиот храм „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, со почеток во 19 часот.

Традиционалната манифестација „Инженерски прстен“ се одржува секоја година во Охрид, во организација на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов.


Охрид: Во петок расправа за Плаошник и за Студенчишко блато


Охрид, 23 март, 2015 - 16:49 (META) 

Советот на Општина Охрид, в петок, 27 март, конечно ќе расправа по предлог – заклучокот за усвојување на информацијата за реализација на деталниот урбанистички план кај локалитетот Плаошник, како и за информацијата за текот и за постапката за урбанизација на локалитетот Студенчишко блато.

Расправата ја побара советникот од ЛДП, Дејан Блажески, а се придружија и советниците од другите две опозициски партии – СДСМ и ВМРО-НП.

Поинаков став, ако не за Плаошник, тогаш за Студенчишко блато, од официјалниот став на владејачката партија, искажува јавно и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Паноски, кој го води македонскиот дел од заедничкиот, со Албанија, Мешовит комитет за заштита на Охридско Езеро.

Студенчишко блато стана дежурна тема откако локалната самоуправа во Охрид и Министерството за транспорт и врски покренаа иницијатива за градење пристаниште и тврди градби во блатото, што наиде на остри реакции кај еколозите и кај стручната јавност.