„Китка“, селска идила и гозби под Љуботен ве очекуваат во Вратница


Тетово, 13 декември, 2018 - 9:48 (META) 

Авантуристите, планинарите, ловците, но и секој што љуби планински амбиент и вкусна органски произведена домашна храна и специјалитети од Долни Полог, ќе најдат одлично место за остварување на желбите во хостелот и ловечка куќа „Китка“ во живописното шарпланинско село Вратница, од каде погледот го плени моќниот врв Љуботен.

До селото се стигнува лесно – без разлика дали со автомобил или со велосипед – преку широкиот регионален пат што од Тетово води кон граничниот премин „Јажинце“. Алтернативен правец е локалниот пат, по кој почнувајќи од клучката „Желино“ на автопатот Скопје – Тетово, преку селата Сиричино, Шемшово и Жилче се стасува до Лешок, од каде се свртува десно и се продолжува по патот Тетово – Јажинце.

Селска кујна и специјалитети на чист воздух

Непосредно до овој пат, во средината на селото Вратница, е Хостел и Хантинг Лоџ „Китка“, објект на надморска височина од 750 метри, кој покрај чистиот шарпланински воздух во времето на енормно загадување на воздухот во градовите, ќе ве пречека и со грст специјалитети од дивеч, но и со печурки и други безмесни деликатеси, со тамошни органско произведени свежи зеленчуци и овошја и чаеви собрани од падините на Шар Планина, како и вкусни специјалитети подготвени од нив.

Хостелот за селски и авантуристички туризам нуди шест соби –  една еднокреветна, три двокреветни и две четворокреветни. Од последните две, едната, со претходна резервација, домаќините ќе ја претворат во ВИП соба со дрвен брачен кревет и сопствена бања со масажна када.

Во пакетот „Ноќевање“ е вклучен и појадок кој ја негува традицијата, со познатиот љуботенски природен чај.

Печено и колбаси од дивеч

Гостите ќе бидат послужени со свежи јајца, костени, мед што домаќините го вадат од своите сандаци, овошје и зеленчук произведени од локалните жители, но и нешто што е специфично за „Китка“ – месо од дива свиња, дивокоза, зајак и друго, приготвено на традиционален начин. Се разбира, ако имате стрв за такви специјалитети, тоа ќе мора да им го најавите на домаќините.

Домашните колбаси од дива свиња се уникатен производ на „Китка“ и може да се пробаат во секое време, без најава.

Во секое време ќе бидете послужени и со тетовско гравче подготвено во грне „По рецептот на баба“ и со компири израснати на локалните ниви. Тука се и сезонските салати, а сега, во зимскиот период, туршии направени од вредните домаќини.

Авантури за физички подготвените и локалитети за другите

Во близина на хостелот се наоѓат неколку прекрасни места, како Вратничко Езеро, кое е на еден километар јужно од „Китка“. На полпат е и манастирската црква „Свети Цар Константин и Елена“, изградена на темелите на стара црква од 12. век.

За тие што сакаат пешачење во планина, на еден час пеш од Вратница се наоѓа заедничка мала планинарска куќа од отворен тип, која е на половина од правецот од Ливадичко Езеро до границата со Косово. Вратница, инаку, е почетното место за сите што сакаат да го освојат врвот Љуботен.

Доколку не можете да пешачите долго, хостелот располага со две теренски возила со кои ќе ве одвезат до таму до каде што се може на четири тркала.

Хостелот и ловечка куќа „Китка“ ги нуди и сите услови за велосипедистите, а тоа досега го искористиле и голем број странци.

Ведрите домаќини велат дека во рамките на Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) се планираат и комплетни туристички пакети, како „Планински велосипедизам“, „Пчеларење“, и „Селски пакет“, односно собирање костени, правење ајвар, печење ракија и се друго што може да биде интересно за гостите од бетонските „џунгли“.


Нов планински туристички производ кој ги поврзува Македонија, Албанија и Косово


Пешкопеја, 13 август, 2018 - 11:09 (META) 

Нов транс-национален планински туристички производ „Хај скардус треил“ (High Scardus Trail) кој ги поврзува планинските масиви во пограничните области на Албанија, Македонија и Косово беше промовиран на 11 август во Пешкопеја, Албанија.

Во рамките на промоцијата, имаше и промотивно планинарење на две групи по две патеки патеки кои се дел од ХСТ,  Битуше – Веливар – Хиноске и Торбешки мост – Кораб – Радомир.

Планинарите кои тргнаа од Битуше, Македонија на врвот Веливар се сретнаа со планинарите кои тргнаа од Попинар, Албанија и заедно се спуштија во селото Хиноске, Албанија.

Планинарите кои пак го искачија Кораб, на врвот се сретнаа со планинари од Албанија и заедно се спуштија до Радомир, Албанија.

ХСТ има вкупна должина од 495 километри и овозможува создавање на тури со различни должини, траење и нивоа на тежина. Постојат 16 главни секвенци и бројни поврзувачки патеки кои водат до населени места и служат како влезни или излезни точки до или од главната патека.

„495 километри долгата мрежа на патеки го носи латинското име на најголемиот масив во регионот Шар Планина – Скардус, шарена планина. И токму таков разнолик и шарен е и новиот производ со на бои, пејзажи, биодиверзитет, луѓе, традиција, храна“, изјави Аница Палацо, координатор од Македонија на проектот „Перспективи во иднина преку планинскиот туризам“, спроведен од страна Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (БМЗ).

Целта на проектот е да ги подобри можностите за вработување во туристичкиот сектор во пограничниот регион помеѓу Македонија, Косово и Албанија преку развивање и промовирање на постојните и новите регионални авантуристички понуди за туризам.

Преку овој проект сместувачките капацитети на руралните средини во пограничниот регион се зголемиле со нови 50 легла, а 21 мали претприемачи ги подобриле туристичките услуги надгардувајќи ги нивните капацитети, знаење и вештини. Во рамките на проектот 17 локални претставници биле финансиски поддржани за да нудат туристички услуги преку подобрување на сместувачките капацитети но и угостителство, од кои 13 биле старт-ап бизниси (6 во Албанија, 3 во Косово и 4 во Македонија).

Заменик-министерот за туризам на Албанија, Хајрула Чеку при промоцијата во Албанија рече дека ХСТ претставува диверзификација на туристичките понуди и производи.

„Поврзувањето на селата се добра шанса за соработка на регионот, односно на овие мали земји да им се даде шанса да бидат конкурентни на глобалниот пазар. Тоа е одлична можност за развој на локалната економија преку зголемување на понудата на рестораните, приспособување на куќите за прием на туристи, работа на туристичките водичи и сите што даваат услуги“, рече Чеку.

Од германската амбасада во Албанија истакнаа дека и понатаму ќе поддржуваат вакви проекти кои ќе генерираат економски бенефит за локалното население, развој на туризмот и поврзување на пограничните региони.

Од таму изразија надеж дека проектот ќе заживее, дека ќе има голем број на туристи, ќе ги приближи луѓето од Македонија, Косово и Албанија преку нивното гостопримство и природни убавини, а во исто време ќе има влијание економијата.

 

 


Општините Новаци и Алмопија ќе го развиваат туризмот со пари од ЕУ


Скопје, 14 март, 2017 - 11:49 (META) 

Завршната конференција на проектот „Жива историја – живо наследство“ ќе биде организирана во општинската сала на Општина Новаци, утре во 12 часот.

Проектот, кој чини 293.036 евра, е финансиран од Европската Унија во рамките на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Грција.

Целта на овој проект е да се зајакне соработката помеѓу општината Новаци и грчката општина Алмопија, за да се промовираат и да се заштитат природното и културното наследство на оваа прекуграничната област.

За таа цел беше формирано стратешко партнерство меѓу двете општини.

Како резултат на проектот, беа направени три туристички патеки за велосипедизам, планинарење и за крстосување со теренски возила. Исто така била направена и мобилна апликација за убавините на Мариово и на Новаци, за да се олесни туризмот во оваа област.

На настанот ќе се обратат Јаромир Левичек од Делегацијата на Европската Унија, градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски, и градоначалникот на општина Алмопија, Димитрос Бинос.


Планинарски марш на Водно по повод Европскиот ден на знамето


Скопје, 7 мај, 2016 - 10:15 (META) 

Европското движење во Република Македонија денеска организира планинарски марш на Водно по повод Европскиот ден на знамето.

Со традиционална размена на знамињата на Македонија и на ЕУ, пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, ќе почне маршот кон Водно, каде ќе се постават двете знамиња.

Планинарскиот марш е дел од програмата за одбележување на Денот на Европа, а манифестацијата, освен тоа што има церемонијален карактер, има цел да ги афирмира овој спорт и планинарските рекреативни активности.