Сјајот и бедата на Попова Шапка: Од центар со светска слава во јалова долина (галерија)


Тетово, 11 февруари, 2019 - 13:52 (META) 

Попова Шапка некогаш беше познат скијачки центар во регионот и пошироко. Се инвестирало во инфраструктурата, се одржувале скијачки натпревари на кои учествувале натпреварувачи од целиот свет, и била омилена дестинација за многу планинари и скијачи. Денес, останата е само големата желба на туристите скијачи да го видат овој центар развиен како некогаш, пренесува „Порталб.мк“.

Овој планински терен уште од 1924 година беше дестинација за планинарите на тогашната Југославија. Први кои што го воочиле и почнале да го користат потенцијалот на овој терен биле членовите на Здружението на планинари „Шар Планина“ уште од 1934 година, кога и го формирале првото скијачко здружение.

Бидејќи качувањето во Попова Шапка било тешко и одземало многу време, првиот домаќин во селото Лисец, Нуреман Велиу, ги сместувал скијачите во неговиот конак. Скијачите првиот дел од патувањето го имале до Лисец, застанувале во конакот на Нуреман да преспијат и утредента продолжувале до Попова Шапка.

„Шарпланинскиот куп“ почнал во 1947 година

Во 1934 година била изградена првата планинарска куќа со четири соби и дваесет кревети, која била пуштена во употреба на 11 ноември истата година.Со ова започнал и развојот на Попова Шапка, која подоцна се претворила во балкански туристички центар, посетувана од туристи од цела Југославија.

Истата година била изградена и првата планинарска куќичка, а биле организирани и првите натпревари, трчање на 15 километри и спуст од 1,5 км во патеката Церипашина, која сега се вика Син Врв. Натпреварите биле повторно организирани во 1936 година, кога Нуреман Велиу од Лисец бил трето-пласиран во спуст, а прво пласиран во трчање.

Првиот меѓународен натпревар, кој подоцна станал и традиционален бил „Шарпланинскиот куп“ во 1947 година, кој продолжил да се организира и подоцна и бил еден од поважните натпревари на меѓународно ниво. Во рамки на Македонија бил еден од највисоко оценетите натпревари. На натпреварувањето имало учесници од целиот свет, од Европа, Америка и Австралија. Последниве години овие трки не се организираат повеќе.

Големи инвестиции во овој скијачки центар биле направени уште од 1934, а продолжил со изградба на ски-лифтовите, жичарата и патот Тетово – Попова Шапка.

Земајќи ги предвид тешкотиите за да се стигне до Попова Шапка, била изградена првата жичара Тетово-Попова Шапка. Првиот дел на жичарата, до селото Лисец, со должина од 3.209 метри започнал со работа на 14 септември 1962 година, а вториот дел Лисец-Попова Шапка, со должина од 2.991 метри бил изграден во текот на наредните три години и бил пуштен во функција на 8 март 1965 година.Жичарата имала 100 кабини, со капацитет за 400 лица. Времето на патување било 40 минути.

103.000 патници ја користеле жичарата од 8 март кога започнала со работа, до декември минатата година.Во 1981 година е пуштен во употреба патниот правец Тетово-Попова Шапка, во должина од 18 километри.

Попова Шапка денес, уништена и заборавена

Денес Попова Шапка не само што го изгубила некогашниот сјај туку е целосно запоставена и воопшто не се инвестира таму. Компанијата која во моментов управува со Попова Шапка е компанијата „Елем турс“. Некои од хотелите кои што ги управува истата компанија со години работат со загуби, при што до денес акумулирале вкупен долг од 24 милион евра.

Жичарата не работи уште од 2001 година, поради штетите предизвикани во текот на војната, а поради тоа се предизвикани и други проблеми. Околу објектот кој во минатото беше жичара пасат овци.Недостатокот од канти за отпадоци како и лошото управување со отпадоците довело до палење на истите од хотелите и граѓаните.

Недостаток од паркинг простор во Попова Шапка ги принудива граѓаните да пешачат по три километри. Веќе се изградени повеќе викендички, со или без дозвола, и сега се функционални, со што Попова Шапка е претворено во едно „мало село“.

Актуелно е тоа што премиерот Зоран Заев се обратил писмено до раководството на Граѓанската иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“, за да седнат да разговараат со цел да го решат проблемот на овој туристички центар.


Цела држава под минусни температури, најстудено во Берово, Битола, Маврово


Скопје, 8 јануари, 2019 - 9:38 (META) 

Температурите низ државата секаде се под нулата.. Според прогнозата на УХМР, студеното време и минусните температури ќе продолжат и во текот на денов.

Минус 21 Целзиусов степен се измерени утринава во Берово, минус 20 во Битола, минус 18 во Маврово, а минус 17 во Струмица.

На планините е формирана снежна покривка која е највисока во Маврово 66 сантиметри и во Крушево 27 см.

Под влијание на влажен и студен бран, утре и во четврток ќе има нови пообилни врнежи од снег, особено во западните делови. Потоа следува период на стабилно и суво време со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во благо покачување.


Kој му ја укинал заштитата на Водно ако било заштитено во 1976 и во 1991 година?


Скопје, 14 септември, 2018 - 9:35 (META) 

„Водно е заштитено подрачје и како такво треба да се третира од страна на државата“, категорични се екологистите.

Освен Законот за заштита на природата од 2004 година, во чијшто член 184 децидно стои: „Заштитените подрачја заштитени пред денот на влегување во сила на овој закон, како природни реткости, продолжуваат да ја уживаат заштитата на заштитени подрачја согласно со одредбите на овој закон“, од кој што еден примерок понудија да му го подарат на заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули поради неговата изјава, дадена на јавната дебата за гасоводот преку Водно дека Водно за голема жал, не е заштитено, тие ги посочуваат и двата документа, од 1976 и 1991 година, на кои се однесува спомнатиот член, со кои планината Водно била прогласена за парк-шума и бил уреден начинот на нејзината заштита.

Во членот 1 од документот од 1976 година стои дека планината Водно се прогласува за градски парк-шума и се наведува во кои граници се заштитува: „Како градски парк-шума се става следново подрачје на планина Водно: од хидрицентралата Матка, по текот на реката Треска до устието во реката Вардар, јужната граница на град Скопје со населбите: Трнодол, Козле, Капиштец, Пржино и Кисела Вода по патот Сопиште-Пржино, потоа по кружниот пат кој ги поврзува населените места Св.Петка, Чифлик, Горно Соње, Долно Соње, Ракотинци и Сопиште“.

odluka

Во одлуката, пак од 1991 година на тогашното Собрание на Град Скопје, се попрецизно дадени границите на заштитеното подрачје парк-шума Водно, со детално наведените катастарски парцели каде таа граница се простира. И во двата документа се дадени главно истите забрани за постапување со Водно – се забранува сечење, кршење, откорнување, собирање и уништување на растителниот свет, потоа се забранува убивање, прогонување и вознемирување на животинските видови, како и подигање на објекти во границите на заштитеното подрачје, „освен јавни и општествени објекти кои нема да го нарушат интегритетот односно природниот изглед на планината“.

odluka 1

Според екологистите, со одлуката за изградба на гасоводот преку Водно и проектите кои беа почнати пред него, државните институции со години свесно ги игнорираат овие факти, а уништувањето на планината се толерира со образложение дека не е завршена ревалоризацијата на подрачјето на парк-шумата која треба да биде заштитено, што е обврска што произлегува од веќе спомнатиот Закон за заштита на природата.

„Се уште не сме добиле одговор од надлежните институции со кој акт, ако тој воопшто постои, е донесена одлука да престане заштитата на Водно“, вели Андреа Јанков од „Го сакам Водно“ и прашува: „Ако Водно е незаштитено, кој е за тоа виновен?“

Иако во повеќе наврати побаравме средба со заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули за да разговараме на темава, од неговиот кабинет се уште нема никаков одговор.

Откако беше најавено дека еко-активистите на „Го сакам Водно“ со жив ѕид ќе го бранат Водно од багерите кои ја градат гасоводната траса, Владата на својата седница од 22 август го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да изготви предлог закон за заштита на Водно во рок од 30 дена.


Балканот ќе биде зафатен со поларен студ и интензивни снежни врнежи


Загреб, 22 февруари, 2018 - 15:49 (META) 

Балканот за време на викендот ќе биде зафатен со интензивни снежни врнежи и многу ниски температури, каде што во некои делови ќе се спуштат и до минус 20 Целзиусови степени, предупредуваат метеоролозите од Србија и Хрватска.

Хрватска веќе се соочува со големо снежно невреме, при што и хрватската војска е вклучена во расчистување на снегот и отстранување на последиците.

Во Македонија, овој бран се очекува од недела, при што метеоролозите најавуваат минусни температури и интензивни снежни врнежи како на планините така и на пониските места.


Извлечени телата на двајцата планинари што ги загубија животите на Ниџе


Скопје, 11 февруари, 2018 - 17:51 (META) 

Телата на двајцата планинари што загинаа на планината Ниџе, односно на Кајмакчалан, и беа пронајдени од грчките служби се пренесени во болницата во грчкиот град Јаница (Ениџе-Вардар), известуваат на социјалните мрежи планинари од Македонија.

Смртта на 28 – годишната К.В. и 35 – годишниот А.М., ја потврдија и од грчката противпожарна служба.


Облачно и ветровито време со температура до 16 степени


Скопје, 28 октомври, 2017 - 10:05 (META) 

Времето денеска претпладне ќе биде претежно облачно, студено и ветровито, со повремен локален дожд, особено во западните и во југозападните делови од земјава. На планините врнежите ќе бидат од снег.

Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува повремено засилен северен ветер, особено долж Повардарието и во источните делови, каде што ќе достигнува брзина поголема и од 70 километри на час.

Минималната температура ќе се движи од 5 до 11 Целзиусови степени, а дневната ќе биде до 16  степени.

Во Скопје се очекува слично време со температура од 8 до 13 Целзиусови степени.


Променливо облачно време, попладне со дожд


Скопје, 6 февруари, 2017 - 9:09 (META) 

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со засилен југоисточен ветер.

Попладне и во текот на ноќта кон вторник, под влијание на краткотраен, но интензивен влажен бран, ќе има врнежи од дожд, најпрво во западните делови, а во текот на ноќта во источните. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.

Во западните делови се очекува на повеќе места да наврнат од 10 до 15 литри на квадратен метар, а во источните локално и околу 20 литри на квадратен метар. Можна е и ретка појава на грмежи.

Утринската температура ќе се движи од нула до 4 Целзиусови степени, а дневната од 6 до 16 Целзиусови степени.


Сончево време со температура до 33 степени


Скопје, 14 септември, 2016 - 9:08 (META) 

Времето претпладне во Македонија ќе биде сончево со мала облачност, а попладне во планинските делови се очекува зголемување на облачноста. На запад од земјата ќе има услови за краткотраен локален дожд и ретки грмежи, а ќе дува и слаб северен ветер.

Утринската температура ќе се движи од 7 до 16 Целзиусови степени, а дневната од 24 до 33 степени.

Во Скопје се очекува слично време, со утринска температура до 14 Целзиусови степени и со дневна температура до 29 Целзиусови степени.

 


Ни трага ни глас од таткото и од синот кои заскитаа на планината Бистра


Дебар, 19 јули, 2016 - 16:25 (META) 

Шест дена трае потрагата по таткото и по синот од Скопје кои заскитаа на планината Бистра. Во акцијата се вклучени тимови на Единицата за специјални задачи при МВР, локални полициски службеници, екипи од Националниот парк Маврово, како и жители на Лазарополе што го познаваат теренот. Досега никој од нив не забележал некакво движење или трага која би покажала каде би можеле да бидат скопјаните.

– Поголемиот дел од подрачјето е пребарано, но проверката продолжува со оглед на тоа дека се работи за непристапен карпест предел со густа шума и со многу отвори на карпите. Секое место детално се пребарува – вели портпаролот на СВР Тетово, Маријан Јосифоски.

Таткото и синот на возраст од 78 и од 50 години престојувале во својата викендичка во Лазарополе. Во четвртокот утрото, тргнале кон планинскиот предел да собираат печурки. Со своето семејство во текот на денот неколкупати оствариле телефонски контакт. Последен пат се слушнале вечерта околу 22 часот, кога им кажале дека се загубени во планината. Семејството побарало помош од полицијата, по што почнала потрагата.

Изминатите денови во акцијата учествуваа и хеликоптер и кучиња трагачи, но исходот беше без успех.


Повторно чад и оган над Охрид


Охрид, 21 јули, 2015 - 18:09 (META) 

Густ чад и помали пламени јазици, повторно се појавија попладнево над Охрид од источната страна, на местото на вчерашниот силен пожар на подножјето од планината Петрино.

Голема среќа е што немаше ветер, така што и покрај високата температура, пожарникарите можеа да им пријдат на пламените јазици.

Пожарникарите синоќа ја ставија стихијата под контрола, но очигледно не биле изгаснати сите жаришта.