Штефан Петер: Ќе има пораст само ако компаниите лесно ги добиваат субвенциите


Скопје, 26 март, 2018 - 14:37 (META) 

Планот за економски пораст на Владата е доста ветувачки, позитивно е тоа што еднакво ги поддржува домашните и странските компании, одговори денеска на новинарско прашање претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер, при Стопанска комора на Македонија.

Тој додаде дека транспарентноста на владата во субвенционирањето на компаниите не само што е добра, туку е и неопходна мерка бидејќи станува збор за јавни пари.

– Го цениме тоа што субвенционирањето ќе зависи од закон. Според анализата на Стопанска комора од 70.000 компании, условите за субвенционирање им одговараат на 10 до 20 проценти од компаниите. Но, да почекаме да видиме колку компании ќе ги добијат. Како човек кој доаѓа од земја членка на ЕУ, можам да кажам дека има голем број субвенции во рамките на ЕУ, но тешко се земаат поради административните и бирократските процедури. Очекувам, ваквите субвенции компаниите лесно да ги добијат, бидејќи тогаш ќе има економски пораст – додаде Петер.

Тој додаде дека има подигнување на свеста за значењето на соработката помеѓу домашните и странските компании, прашање, кое, како што кажа, го наметнува и Владата.

Петер им порача на домашните компании дека не можат да чекаат во канцеларија и странските инвеститори да дојдат кај нив, туку потребно е самите да сторат нешто за таа соработка да се зголеми.


Анѓушев и Бектеши на разговор со бизнисмените за економските мерки


Скопје, 5 март, 2018 - 10:23 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска ќе се сретнат со компаниите членки на Стопанска комора на Македонија, во 12 часот.

На средбата, како што информираат од Комората, ќе се дискутира за предложените мерки кои треба да условат подобрување на конкурентноста и зголемување на инвестициите, со цел поттикнување на економскиот раст на македонската економија.


Бектеши – Бечај: Инвестициите се важни за економската соработка со Косово


Скопје, 14 февруари, 2018 - 15:58 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска се сретна со министерот за иновации и претприемништво на Република Косово, Бесим Бечај. На средбата, министрите разговарале за економската соработка помеѓу двете земји, трговската размена и соработката на полето на инвестициите.

„Со мерките од Планот за економски раст на Владата, за соработката со Косово посебно очекуваме ефекти во делот на инвестиции што ќе биде од корист за двете земји“, изјави министерот Бектеши по средбата.

Тој го информираше својот косовски колега за проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце, за кој на последната владина седница бил презентиран Акционен план со утврдени термини за реализација.

Според проекциите активностите на оваа делница долга 12 километри треба да започнат во 2019 година, а да бидат финализирани до крајот на 2022 година. Бектеши додаде дека билатералната трговска соработка со Косово, минатата година била зголемена за 11,4 отсто.


Азески: Не постои безболен премин од задолжена економија кон одржлив пораст


Скопје, 29 декември, 2017 - 11:06 (META) 

Планот за економски пораст преточен во неколку мерки, кој го промовираше Владата, генерално ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за кои што Стопанската комора на Македонија, постојано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика, вели претседателот на Стопанска комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески во новогодошното интервју за СКМ.

„Мерките во Планот за економски пораст се креирани и координирани од докажани и потврдени бизнисмени во реалниот сектор, кои истовремено се и носители на највисоките политички функции во Владата. Клучната поента е дека Планот за економски пораст дефиниран преку три столба, има за цел остварување на поголем економски пораст преку поддршка на компании кои се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски пораст“, вели Азески.

Тој во интервјуто додава дека, македонската економија денес е зависна од увозот и од штедењето, со висока изложеност на надворешни фактори на ризик.

„Очекувавме дека приватниот сектор, во борбата за поголем профит, ќе оствари пораст на конкурентноста на македонското стопанство, пораст на продуктивноста, на производството, на извозот и со тоа ќе ги совладаме наследените структурни нерамнотежи на патот кон одржливиот развој. Но, тоа не се случи. Големите производни капацитети ги растуривме, а нови конкурентни на отворениот пазар не создадовме. Затоа денеска сме со многу понизок капацитет на приватниот сектор, со ниска основа на реалниот сектор, со преработувачка индустрија од само 12 отсто учество во домашниот бруто-производ (БДП)“, додава Азески.

Клучен предизвик за 2018 година, според Азески, е да се запрат негативните трендови, односно од бавење со услужни дејности главно за домашниот пазар, кон вистински инвестиции во производството во функција на пораст на конкурентноста, односно производството и извозот.

„Зголемувањето на конкурентноста на македонските компании, несомнено е главниот предизвик и приоритет на економската политика, при што порастот на конкурентноста на приватниот сектор треба да се бара во рамките на друг развоен модел на македонската економија. Иако сегашната Влада се стреми да создаде избалансирана економија, не постои лесен и безболен пат на премин од економија која е зависна од увоз и задолжување кон одржлив и инклузивен пораст“, објаснува Азески.