!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Народна банка пушти во оптек нови ковани пари за колекционерски цели


Скопје, 20 февруари, 2017 - 15:19 (META) 

Народна банка го издаде и го пушти во оптек комплетот ковани пари за колекционерски цели наречен „Триптих“.

Исус Христос, Богородица и Св. Никола Чудотворец се на монетите за колекционерски цели „Триптих“. Цената на комплетот изнесува 4.500 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Македонија.


Андреевски: Увозот на струја ќе ги чини граѓаните 4,2 милиона евра


Скопје, 13 јануари, 2017 - 15:57 (META) 

Неверојатни 4,2 милиона евра ќе ги чини граѓаните увозот на електрична енергија и тоа само за период од две недели, од 7 јануари заклучно до 22 јануари, истакна денеска претседателот на Комисија за енергетика на СДСМ, Митко Андреевски.

Тој истакна дека „ако РЕК Битола, ТЕЦ Неготино и ТЕЦ Осломеј работеа, немаше да има ризик од останување без струја“.

– Срамно, безобразно и несовесно од страна на менаџментот на ЕЛЕМ е да нè убедува дека снегот што ќе се стопи напролет, ќе нè спаси од ново поскапување на струјата – изјави Андреевски.


СДСМ: Kолку ќе платиме за струјата што треба да ја увеземе следната недела


Скопје, 12 јануари, 2017 - 15:17 (META) 

„Ситуацијата со недостиг на струја е сериозна, ќе се увезува струја и следната недела. Ќе се одлеваат нови милиони евра народни пари за скапиот увоз“, се вели во соопштение на СДСМ.

Во него се додадава дека е распишан нов тендер за увоз на струја за периодот од 14 до 22 јануари.

– Ова на денешната прес-конференција го сокри директорот на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицоски. Ако за пет дена плативме 2 милиона евра за увезена струја, колку ќе платиме за струјата што треба да ја увеземе во следните осум дена – прашуваат од партијата преку соопштението.


СДСМ: Со скапиот увоз на струја, граѓаните за два дена се оштетени за 300.000 евра


Скопје, 9 јануари, 2017 - 14:12 (META) 

СДСМ ја повикува власта во заминување да престане да крие информации од граѓаните за реалниот ризик, домаќинствата да останат без струја, се вели во соопштението на СДСМ.

– Реалноста е дека Македонија се соочува со недостиг од струја и како што вчера предупредивме, денеска е распишан тендер за нов интервентен увоз на струја. Како што објавивме вчера, на Божиќ бил распишан првиот тендер за итен увоз на струја за 7 и за 8 јануари. За претходните два дена набавена е струја по цена за 36 проценти повисока од увозната цена дозволена од Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа граѓаните за два дена се оштетени 300.000 евра – се додава во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека „да работеа блоковите на РЕК Битола, за чии поправки граѓаните платија стотици милиони евра, сега ќе имаа струја и немаше да бидат оштетени ни денар“.

– Вистината е дека да не е увозот од странство, домаќинствата ќе останат и без струја и без греење на овој поларен студ. Ако земјите од регионот, што сега ѝ даваат струја на Македонија, почнат политики на штедење струја поради студениот бран, граѓаните, семејства со деца, ќе останат без струја – се додава во соопштението на СДСМ.


УЈП: Во најкраток рок да се плати персоналниот данок на доход


Скопје, 9 јануари, 2017 - 13:05 (META) 

Доколку граѓаните не извршиле плаќање на утврдените даночни обврски за персонален данок на доход за 2015 година и за претходни години врз основа на годишна даночна пријава или за 2016 година врз основа на аконтативна даночна пријава, тоа да го сторат во најкраток можен рок, порачуваат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Оттаму прецизираат дека укажувањето се однесува и за самостојните вршители на дејност – занаетчии, земјоделци, трговци поединци, адвокати, нотари и други кои не извршиле плаќање на персоналниот данок на доход, без разлика дали станува збор за обврзник кој го плаќа данокот според реален или паушално утврден приход.


Жители од тетовско Горно Седларце го блокираа автопатот Тетово – Гостивар


Тетово, 25 ноември, 2016 - 16:22 (META) 

Автопатот Тетово – Гостивар попладнево беше блокиран околу половина час, од жители од тетовското село Горно Седларце кои протестираа кај наплатната рампа за излез од Тетово.

Тие се револтирани што мора да плаќаат патарина за влез и за излез од Тетово иако по овој автопат поминуваат само три и пол километри, колку што има од нивното село до Тетово.

– Некои  го користат цел автопат, а ние користиме само три и пол километри и исто плаќаме. Некои од жителите од Горно Седларце одат до Тетово и по неколкупати во текот на денот, и за одење и за враќање тоа се 60 денари. Ако ги соберете, еве, најмалку двапати одење до град, тоа се 120 денари. Ова е голема сума пари – изјави еден жител до тетовското село Горно Седларце, кој учествуваше на денешната блокада.

Жителите од Горно Седларце велат дека мора да се најде алтернативен пат за да стигнат до Тетово, а дотогаш бараат намалување на цената за патарината за нив.

– Ние не сме против плаќање патарина, но нека биде цената барем 10 денари, колку што го кориситме, сè додека не се изгради помошен пат од нашето село до Тетово. Ваков помошен пат институциите повеќепати ни ветувале, но од тоа нема ништо – изјави друг жител на Горно Седларце.

Мештаните велат дека ќе продолжат со блокадите сè додека не се исполнат нивните барања.

Од Агенцијата за државни патишта не успеавме да добиеме одговор, дали ќе одговорат позитивно на барањата на учесниците на протестот. Инаку, тетовското село Горно Седларце брои повеќе од 1.000 жители и е едно од поголемите села во Полошкиот Регион.


Сметките за парно греење ќе можат да се плаќаат електронски


Скопје, 22 ноември, 2016 - 12:40 (META) 

Компанијата „Балкан енерџи“ воведе можност за електронско плаќање на фактурите за топлинска енергија.

– Новата платформа „Бег ипеј“ (BegEPay) на потрошувачите им овозможува на брз и едноставен начин да ги проверат, според име и датум, сите неплатени сметки за топлинска енергија на нивните станови и деловни простории и да ги платат по електронски пат, без дополнителни трошоци. Преку новата услуга може да се платат сите доспеани сметки, односно фактури, освен тие што се предмет на тужба – известуваат од компанијата.

За да може потрошувачот да го користи системот за електронско плаќање на сметките, потребно е да се регистрира, односно да креира свој кориснички профил, следејќи го упатството поставено на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk.


Народна банка објави како ќе изгледа кованата пара „Мајка Тереза“


Скопје, 6 септември, 2016 - 14:09 (META) 

Народна банка го објави изгледот на кованата пара за колекционерски цели „Мајка Тереза“, која ја пушти во оптек на 11 август по повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица.

Цената на кованата пара „Мајка Тереза“ изнесува 3.500 денари.

Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Македонија.


Граѓаните од поплавените подрачја нема да плаќаат за вода и за смет до октомври


Скопје, 24 август, 2016 - 13:29 (META) 

Градот Скопје ќе издвои 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра за реконструкција и за санација на улиците што беа оштетени од поплавите во неколку населени места во Гази Баба, било одлучено на денешната седница на Советот на Град Скопје.

– Втората одлука е ослободување на корисниците од плаќање надомест за извршена услуга собирање и транспортирање на комунален отпад. Со оваа одлука целиот собран и транспортиран отпад што се собра и се транспортира како дел од акцијата на расчистувањето на населените места, нема да биде наплатен, поточно граѓаните се ослободени од таа обврска – изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Слободанка Трајковска.

Третата одлука што била донесена на седницата било ослободување од плаќање на надоместот за користење на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на корисниците од погодените подрачја со поплавата за август, септември и за октомври.


Парични казни за 300 штипјани оти заборавиле да пријават дека платиле данок


Штип, 30 јуни, 2016 - 18:41 (META) 

Парични казни од 100 евра треба да платат околу 300 штипјани, главно издавачи на станови, кои платиле данок, но не пријавиле дека го сториле тоа.

Тие, главно поради неинформираност, не поднеле аконтативна даночна пријава, со која се пријавува дека е платен данокот на остварениот приход.

На нивните домашни адреси деновиве почнале да пристигнуваат решенија со кои се казнуваат поради тоа што не пријавиле остварен приход од издавање станбен или деловен простор.

Од Управата за јавни приходи (УЈП) велат дека речиси десет години водат информативна кампања и повеќе нема да се толерира непријавувањето данок.

Според законот, обврзникот е должен да поднесе аконтативна даночна пријава во рок од 15 дена од денот на остварувањето на приходот.