!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Утре почнува „Пиволенд 2016“


Скопје, 30 август, 2016 - 13:58 (META) 

Од утре до 4 септември на скопското Кале по деветти пат ќе се одржи традиционалната манифестација – Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2016“, најавија денеска од Град Скопје.

Фестивалот на пивото традиционално е во организација на Град Скопје и на „Темов“. За организација на гурманскиот викенд, Градот Скопје од буџетот издвојува 500.000 денари.

Организаторите најавија дека музичката програма ќе биде поделена на три бини на Кале, а една бина ќе има и во пивницата „Стар град“.

Оваа година публиката ќе има можност да ужива во музиката на голем број македонски изведувачи, групи и диџеи: Влатко Илиевски, Дани, „Нокаут“, Тамара, „Фолтин“, Ефто Пупиновски, Тијана, „Флукс“, Јаков Дренковски, „Чил плеј“, „Тотално опуштање“, диџеј Славе и многу други. Од регионот ќе гостуваат „Рибља чорба“ и „Министарке“.

Освен пивско и музичко уживање, посетителите ќе може да се испробаат во адреналински спортови во „Акциската зона“: Кендо, мечување и стрелаштво. Годинава ќе биде поставен и базар за ракотворби, но и голем избор на пивски игри во „Игротеката за возрасни“.

За оние што сакаат да експериментираат со вкусовите, ќе има штанд со пивски коктели, а од пиварниците велат дека секојдневно ќе има акциски промоции на одредени продукти.

На фестивалот ќе се престави и првата микропиварница во Македонија – „Темов“.

Од Градот ги советуваат сите посетители што ќе дегустираат пиво, да не возат автомобили, туку да користат градски и јавен превоз.