!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Казуо Ишигуро е добитникот на Нобеловата награда за литература за 2017 година


Стокхолм, 5 октомври, 2017 - 19:54 (META) 

Британскиот писател Казуо Ишигуро е добитник на Нобеловата награда за литература за 2017 година, соопшти денеска Шведската академија.

Академијата во образложението за изборот истакна дека романите на Ишигуро имаат „голема емоционална сила“ и дека во нив авторот „ја разоткрива бездната под нашето илузорно чувство за поврзаност со светот“.

Во конкуренција за Нобеловата награда за литература за оваа година беа Маргарет Етвуд, Нгуги Ва Тионго и Харуки Мураками, кои важеа за фаворити.

Казуо Ишигуро досега има објавено осум книги, кои се преведени на повеќе од 40 јазици. Негово најпознато дело е романот „Остатоците од денот“ од 1989 година, за кој ја доби и престижната награда „Букер“.

„Во прв момент кога слушнав, помислив дека е измама. Ова е огромна чест за мене, особено затоа што влегувам во друштвото на најголемите писатели во историјата“, изјави Ишигуро, кој е роден во јапонскиот град Нагасаки, но од детството живее во Велика Британија.


Почина писателот Мето Јовановски


Скопје, 24 декември, 2016 - 12:02 (META) 

По кратко боледување, вчера во кругот на семејството на 88-годишна возраст почина писателот Мето Јовановски. Јовановски беше претседател на Македонскиот ПЕН-центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во кариерата долга шест децении, творештво на Јовановски брои повеќе од 30 книжевни дела. Објавуваше збирки песни, раскази, романи, песни за деца и од нив, особено расказите, се објавувани на повеќе светски јазици, а Јовановски преведуваше од англиски и од руски јазик.

Јовановски ќе биде погребан в недела, во неговото родно Брајчино, а в понеделник во 13 часот ќе се одржи комеморација во ГЕМ-клубот во Скопје.


Промоција на романот „Поклонение“ од Естонецот, Тијт Алексеев


Охрид, 22 септември, 2016 - 10:08 (META) 

Вечерва, од 20 часот, во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе се одржи промоција на романот „Поклонение“ од истакнатиот автор во естонската книжевност, Тијт Алексеев.

Промотор на романот ќе биде Роберт Алаѓозовски, а гостин на вечерта е Елизабета Шелева.

Алексеев за овој роман ја доби престижната награда за литература на ЕУ.

Романот раскажува за светот на крстоносните витези, длабоко контемплирајќи над вредностите што ги мотивирале витезите-монаси, истовремено мешајќи елементи од трилер и од шпионска афера, во манирот на великанот Умберто Еко.


„Рапави стихови“, нова книга од Милован Стефановски


Скопје, 1 септември, 2016 - 13:57 (META) 

Издаваштвото „Везилка 2011“ во својата едиција „Проза“ го објави најновиот роман „Рапави стихови“ од познатиот македонски писател и поет Милован Стефановски.

Ова е четврти роман на Милован Стефановски и седумнаесетта објава во неговиот богат книжевен опус. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на „Струшки вечери на поезијата“, наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, како и на наградата за поема „Григор Прличев“.

Во центарот на вниманието на овој роман е времето што го живееме, со сите негови премрежиња.

Академик Катица Ќулавкова во поговорот оценува дека Стефановски покажува дека како автор е во постојан процес на созревање, на духовен и на книжевен растеж.

Ќулавкова додава дека во последниов роман Стефановски ги обединува своите различни дарби, искуства и уметности, правејќи синтеза на поетскиот и на раскажувачкиот опит.

Според Ќулавкова, романот „Рапави стихови“ сугерира дека македонскиот писател Милован Стефановски има ставено најсилен печат врз современата македонска книжевност со своите прозни дела, особено со романите.


Полската писателка Олга Лалиќ-Кровицка, лауреат на „Книжевна далга“


Струга, 6 мај, 2016 - 9:41 (META) 

Полската писателка Олга Лалиќ-Кровицка ќе биде годинашен лауреат на големата награда „Книжевна далга“, одлучи Советот на манифестацијата „Струшки книжевни средби“ од Струга.

Наградата „Книжевна далга“ ја доделуваат Здружението „Бран“ и Ревијата „Бранувања“ од Струга, за особени заслуги во афирмацијата на балканските книжевни вредности, како и за личниот придонес во книжевноста.

Наградата „Книжевна далга“ на лауреатот Олга Лалиќ-Кровицка ќе ѝ биде врачена на манифестацијата „Струшки книжевни средби“, која годинава ќе се одржи од 7 до 9 јули во Струга.

Досегашни добитници на наградата „Книжевна далга“ се: Мерсиха Исмајлоска, Миљурко Вукадиновиќ (Србија) и Вања Ангелова (Бугарија).

Олга Лалиќ-Кровицка е роденa на 1980 година во Шибеник (Хрватска), а има полско и српско потекло. Дипломирала српско-хрватска книжевност на Катедрата за статистика на Јагелонскиот универзитет во Краков (Полска). Таа е почесен граѓанин на царскиот град Сирмиум (Сремска Митровица, 2014) и лауреат на наградата „Мислител“ за 2014 година. Свои дела објавува во полски и во балкански списанија и антологии.

 


Почина италијанскиот писател и филозоф Умберто Еко


Рим, 20 февруари, 2016 - 10:54 (META) 

Италијанскиот писател и филозоф со светско реноме, Умберто Еко, починал синоќа на возраст од 84 години, јавуваат италијанските и светските медиуми.

Неговото семејство соопштило дека Еко починал вчера доцна попладне во својот дом, без да изнесат повеќе детали.

Италијанскиот филозоф стекна светска слава со романот „Името на розата“, кој имаше своја екранизација на големото платно во 1989 година, а главната улога во филмот ја толкуваше шкотскиот актер Шон Конери.

Умберто Еко е роден на 5 јануари 1932 година во Александрија, во италијанската провинција Пиемонт. Работеше како професор по семиотика на Универзитетот во Болоња и беше експерт за естетика и за етика на средниот век.

Покрај романи, неговиот литературен опус опфаќа и книги за деца, книжевни критики, есеи за средновековната естетика и етика и други дела.

Еко е познат по неговиот придонес кон семиотиката, како дел од семантичката теорија. Тој еднаш напиша дека „книгите секогаш зборуваат за други книги и секоја приказна зборува за приказна која веќе еднаш е раскажана“.

Умберто Еко беше почесен доктор на повеќе од 30 универзитети во светот и носител на бројни признанија.


Саудиски писател осуден на четири години затвор


Ријад, 21 декември, 2015 - 18:47 (META) 

Саудискиот писател и реформист Захаиру Кутби е осуден на четири години затвор, а 15 години му е забрането да пишува.

Ова на својот твитер-профил го објавија неговиот адвокат Ибрахим ал-Мидајмик и син му Џамел Зухаир Кутби.

Половината од казната на Кутби, кој интелектуалците во својата земја ги нарече кукавици, а Саудиска Арабија ја посочи како расистичка земја, му е суспендирана, што значи дека ќе служи две години.

Писателот мора да плати и парична казна од 26.667 долари, а забрането му е и да патува во наредните шест години.

Синот на Кутби наведе дека неговиот татко бил осуден од судот за тероризам.

Организацијата за заштита на човековите права со седиште во Њујорк во август соопшти дека Кутби е уапсен по интервјуто што го дал во јуни оваа година, во кое повикува на реформи, како што е трансформација на земјата во уставна монархија и спротиставување на религиската и на политичката репресија.

Кутби ги обвини поголемиот дел од саудиските интелектуалци дека не ја говорат вистината и тврди дека расизмот е дел од саудискиот идентитет.