Бројот на жртвите во пожарот во Атика се искачи на 91


Атина, 30 јули, 2018 - 9:09 (META) 

Бројката на загинати во огромниот пожар што минатата седмица ја зафати источна Атика, во близина на главниот град на Грција, Атина, се искачи на 91 загинато лице.
Инаку, синоќа е уапсен маж на 65-годишна возраст, за кого грчката полиција има силни докази дека го предизвикал пожарот.

Истражните органи собрале девет сведоштва што укажуваат на тоа дека овој 65-годишен е главниот осомничен за предизвикувањето на пожарите во источна Атика. Како што јави грчката телевизија Скај, тој палел трева и суви гранки на ридот над Дау Пентели, кога се создале искри што одлетале кон околната вегетација, а поради високите температури и силните ветришта, наскоро се претвориле во голем пожар.

Мажот е жител на областа Дау Пентели, а локалните жители неколку пати во минатото го виделе како пали ѓубре и суви гранки.


На дело фатен пироман кој потпалил шума во Кривопаланечко


Крива Паланка, 9 септември, 2017 - 14:02 (META) 

Полицијата вчера уапсила 29-годишен жител на кривопаланечкото село Габар, кого пожарникарите го пријавиле дека намерно предизвикувал пожар.

Како што соопшти полицијата, вчера во Габар, околу 14.30 часот, бил уапсен Ж.С. Него пожарникари од Територијалната противпожарна единица Крива Паланка, кои гаснеле пожар во тој предел, го виделе како потпалува оган, па пријавиле во Полициска станица Крива Паланка.

Против пријавениот, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, известува МВР.


Десет хектари шума изгореа во пожар во селото Луке, Кривопаланечко


Крива Паланка, 2 април, 2016 - 13:17 (META) 

Десет хектари шума вчера биле уништени во пожар во атарот на Кривопаланечкото село Луке. Во огнената стихија која избувнала околу 10 часот изгореле по неколку хектари борова, букова и багремова шума, нискостеблести растенија и мала површина со трева.

Гасењето на пожарот траело цел ден, а во него учествувале екипи на територијалната противпожарна единица на Крива Паланка, од Јавното претпријатие „Македонски шуми“ и подрачното шумско стопанство „Осогово. Пожарот бил изгаснат вчера во вечерните часови.

Како што информираат од територијалната противпожарна едница во Крива Паланка станува збор за четврти пожар во истиот реон во изминатите 20 дена.

Вчерашниот пожар настанал со палење на оган на пет различни локации, кои поради близината се споиле во еден голем пожар. Оттаму се сомневаат дека тој бил намерно подметнат од пироман.

За случајот била известена полицијата.