Останките на Амелија Ерхарт идентификувани на мал пацифички остров


Вашингтон, 9 март, 2018 - 11:58 (META) 

Коските пронајдени во 1940 година на островот Никумароро во Тихиот Океан најверојатно се од познатата пилотка и авантуристка Амелија Ерхарт, се вели во нова форензичка студија објавена во едно од научните списанија во САД.

Ерхарт, нејзиниот навигатор и авионот во којшто биле, исчезнале без трага во 1937 година некаде над Тихиот Океан, а во новата студија објавена во списанието „Forensic Аnthropology“, со наслов „Амелија Ерхарт и коските од Никумароро“, која била спроведена од професорот Ричард Јанц од Универзитетот на Тенеси, се вели оти со 99 отсто може да се каже оти тие коски се од Ерхарт и се отфрла мислењето на еден истражувач од 1941 година дека коските се од маж.

Коските се пронајдени во 1940 година, три години од исчезнувањето на Ерхарт. Покрај нив биле пронајдени женски обувки, кутија за секстант каков што користел навигаторот Френ Нунан, кој во 1937 година исчезнал заедно со Ерхарт, како и шише слично на тоа што авијатичарката често го носела.

Кога остатоците биле првпат пронајдени, се сметало дека ѝ припаѓаат на Амелија. Но во 1941 година доктор Дејвид В. Хадлс од Фиџи заклучил дека коските му припаѓаат на маж и таа теорија важеше сè досега.

Островот Никумароро се наоѓа на околу 2.900 километри југозападно од Хаваи, а со голема сигурност може да се каже дека Ерхарт била многу блиску до островот пред да исчезне во текот на нејзиниот обид да го прелета светот.


Се урна бугарски воен хеликоптер, загина пилот


Варна, 9 јуни, 2017 - 21:06 (META) 

Еден од пилотите на бугарскиот воен хеликоптер кој денеска се урна во водите на Црното Море при воена вежба почина од повредите во Воената болница во Варна, а другите двајца се исто така повредени, но се во стабилна состојба, јавија бугарските медиуми.

Пред падот околу 12.30 часот, хеликоптерот „Пантер“ имал мал судир со еден од бојните бродови што учествувале на воената вежба „Черно море 2017“ во моментот кога хеликоптерот вртел за да фати правец кон авиобазата „Чајка“, по што паднал во морето.

Во тој момент во леталото покрај сега покојниот пилот-капетан Георги Анастасов (38), биле и негови искусни колеги, на возраст од 49 и 50 години.

Кога бил донесен на военото пристаниште на пат кон Воената болница во Варна, Анастасов не дишел, срцето не му работело и бил во длабока кома. И покрај реанимацијата, лекарите не го оживеале. Другите двајца пилоти-капетани се во стабилна состојба, но со проблеми со белите дробови, оти вдишале од чадот и гасовите од пожарот на хеликоптерот.

Почната е истрага за причините на несреќата.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој бил воен пилот, коментираше дека е рано да се каже што ја предизвикало несреќата, но нагласи дека бугарските воени пилоти имаат 3-4 пати помалку налети од стандардите на НАТО и дека и тоа имало влијание.


Извлечено телото на пилотот на рускиот авион кој се урна во Црно Море


Сочи, 26 декември, 2016 - 19:21 (META) 

Нуркачите го извлекоа на површина телото на Роман Волков, пилотот на авионот „ту-154“, кој вчера падна во Црно Море две минути по полетувањето, при што загинаа 92 лица.

Според извори од местото на акцијата, нуркачите што учествувале во операцијата за извлекување на телата на жртвите и на деловите на авионот, пронашле уште едно тело, а кога го извлекле на површина, врз основа на униформата заклучиле дека се работи за Волков.

Истиот извор наведува дека претходно на површина извлечени биле уште 70 посмртни остатоци на жртвите на несреќата.

Во Москва утринава пристигна првиот авион со телата на загинатите и почна процесот на нивна идентификација.


Пронајдено телото на пилотот на урнатиот швајцарски воен авион


Цирих, 31 август, 2016 - 16:40 (META) 

Швајцарските спасувачки екипи денеска го пронашле телото на пилотот чиј борбен авион падна пред два дена во швајцарските Алпи, соопштија швајцарските власти.

Телото на пилотот е пронајдено во близина на остатоците на авионот, кој вчера беше лоциран во Сустен во централниот дел на Швајцарија, стои во соопштението на швајцарската влада.

Идентитетот на пилотот не е објавен, но се наведува дека станува збор за 27-годишен војник и оти неговото семејство е известено за несреќата.

Воените истражни органи се обидуваат да ја утврдат причината за падот на борбениот авион на швајцарските воздухопловни сили.

Швајцарските власти привремено забранија прелетување на висина под 3.000 метри на локацијата каде се урна авионот.

Авионот едносед „ф/а-18ц“ во понеделникот полета од воената база во Мајринген, во рамки на обука за летање. Пилотот одговори на првата порака од базата, но не и на втората, кога авионот е прогласен за исчезнат и почна потрагата по него.


Пронајден урнатиот швајцарски воен авион, се трага по пилотот


Цирих, 30 август, 2016 - 20:58 (META) 

Остатоци од борбениот авион на швајцарските воздухопловни сили кој исчезна во понеделникот, се пронајдени на швајцарските Алпи, над кои летал во времето кога исчезнал од радарите, соопшти швајцарското министерство за одбрана, додавајќи сека сè уште трае потрагата по пилотот.

Хеликоптер го лоцирал леталото, едносед „ф/а-18ц“, во околината на планинскиот превој Сустена, во Централна Швајцарија, наведува министерството, но швајцарските власти сè уште не тргнале кон местото на несреќата поради „неповолните временски услови“.

– Искусни алпинисти ќе излезат на терен штом ќе се подобрат временските услови – соопштија властите.

Засега ништо не се знае за судбината на пилотот, кој учествувал во обука и со кого последниот контакт е остварен во 16.05 часот по локално време.


Исламска држава киднапираше сириски пилот


Дамаск, 23 април, 2016 - 10:45 (META) 

Припадниците на Исламска држава тврдат дека го киднапирале пилотот на сирискиот воен авион што се урна во предградие на Дамаск.

Агенцијата „Ројтерс“ јавува дека пилотот Азам Еид од градот Хама е заробен откако со падобран се спуштил недалеку од местото каде што се срушил авионот.

Претходно, припадници на бунтовниците објавија дека сирискиот воен авион „миг-23“ паднал во делот кој е контролиран од припадници на ИД, веднаш по полетувањето од аеродромот „Дмејр“, источно од Дамаск.

Авионот најверојатно се урнал поради технички проблеми.


Спектакуларни фотографии на пилот на „Виз ер“ од Скопје во магла


Скопје, 11 декември, 2015 - 11:35 (META) 

Пилотот на „Виз ер“, Хрвоје Булиќ, на својот фејсбук-профил објави неколку фотографии од Скопје под магла. Единствено по што се препознава дека станува збор за главниот град на Македонија е светлечкиот крст на Водно.

Dragi moji Makedonci, posto ste napravili toliku pomutnju oko slike evo vam ih sve u boljoj rezoluciji, ako tko zeli full verziju neka se javi pa saljem, уживајте! :)

Posted by Hrvoje Bulić on Thursday, 10 December 2015


Авионот со телото на рускиот пилот на пат кон Москва


Анкара, 30 ноември, 2015 - 12:19 (META) 

Авионот со телото на пилотот на рускиот бомбардер „су-24, кој турското воздухопловство го урна минатата недела на границата на Сирија, денеска полета од Турција во правец кон Русија.

Турските борбени авиони „ф-16“ минатиот вторник го урнаа рускиот „су-24“, додека се враќал од борбена мисија на северозападот на Сирија.

Турција тврди дека рускиот авион влегол во нејзиниот воздушен простор и оти бил предупреден „десетпати во рок од пет минути“, пред да биде отворен оган. Русија тврди дека нејзиното летало било над територијата на Сирија и оти не било предупредено пред да биде погодено.


Телото на рускиот пилот префрлено во Турција и наскоро ќе биде транспортирано во Москва


Анкара, 29 ноември, 2015 - 12:55 (META) 

Телото на рускиот пилот кој беше убиен по соборувањето на авионот-бомбардер од типот „су-24“ во вторникот на турско-сириската граница, пристигнало во Турција и наскоро треба да биде пренесено во Русија, изјавил денеска на прес-конференција турскиот премиер, Ахмед Давутоглу, јавува „Раша тудеј“.

Тој изјавил дека со телото на пилотот се постапува во согласност со традициите на православното христијанство.

Пренесувањето на телото за агенцијата ТАСС го потврдиле и од руската амбасада во Анкара.

„Во врска со трансферот на телото на пилотот на авиниот „су-24“ во Русија, засега нема одредено точен датум и време. Телото во текот на денешниот ден ќе биде донесено во Анкара, по што ќе биде јасно кога ќе биде испратено во Русија“, ја пренесува „Раша тудеј“ изјавата на портпаролот на руската амбасада во Анкара, Игор Митјаков.

Рускиот „су-24“ беше соборен во вторникот неделава, со проектил воздух-воздух истрелан од авион „ф-16“, на турското воено воздухопловство.

Еден од пилотите, како што пренесуваат медиумите, бил убиен од сириските бунтовници додека се спуштал со подобранот, додека другиот беше спасен и вратен во руската воена база Хмеимим, во Сирија.

Инцидентот сериозно ги заостри односите меѓу Русија и Турција. Рускиот претседател како одговор за инцидентот, синоќа го потпиша декретот за воведување економски санкции кон Турција.

Според „Раша тудеј“ засега останува нејасно како Турција успеала да го преземе телото од сириските милитанти.


Објавена фотографија од пилотот-херој, веднаш до таа на Лубиц


Келн, 7 април, 2015 - 11:36 (META) 

Британскиот весник „Дејли мејл“ ја објави првата фотографија од пилотот Патрик Сондхајмер, кој се обидел да го пречи Андреас Лубиц да го урне авионот на „Џерманвингс“ на француските Алпи и со себе да убие 149 луѓе.

Единствената фотографија на која се гледа Сондхајмер (првиот од лево на фотографијата) е снимена е седиштето на „Џерманвингс“ во Келн.

Контроверзија предизвика фактот што неговата фотографија е веднаш до онаа од копилотот Андреас Лубиц, човекот кој намерно го урна авионот и предизвика трагедија од невидени размери.