Во Филхармонија концертна промоција на новиот „Стенвеј“ со Евгениј Судбин


Скопје, 7 мај, 2018 - 12:41 (META) 

Македонската филхармонија в четврток со почеток во 20 часот ќе го одржи симфонискиот концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе се претстави прочуениот руско-германски пијанист Евгениј Судбин.

Според британски „Телеграф“, Евгениј Судбин е „потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21.век“, а според „Индипендент“, тој е „пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост“.

Славниот пијанист, за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар во А-мол од Едвард Григ.

Наедно, на овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое како донација Македонската филхармонија го доби од компанијата „Штрабаг“.

Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин, а оваа вечер ќе бидат изведени уште три впечатливи дела – увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.


Пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“ на „Охридско лето“


Охрид, 16 август, 2016 - 13:54 (META) 

Фестивалот „Охридско лето“ влегува во последната седмица од својата 40-дневна програма. Вечерва ќе има два настана – пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“.

Последната приредба е в сабота.

Во 21 часот, во црквата Св. Софија ќе настапи рускиот пијанист Петр Лаул, со дела од Ф. Шуберт и М. Мусоргски.

Во рамките на Дополнителната програма во Центарот за култура „Григор Прличев“, од 19 часот, ќе има проекција на познатиот македонски филм „Исправи се Делфина“, снимен во 1977 година во режија и според сценарио на Александар Ѓурчинов, а инспириран од препливувањето на каналот Ла Манш од страна на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи,чиј лик го игра Неда Арнериќ.


Во црквата „Света Софија“ – концерт во чест на Св. Кирил и Методиј


Охрид, 24 мај, 2016 - 13:10 (META) 

Осум млади и надежни македонски пијанисти, вечерва, во црквата „Света Софија“ во Охрид, ќе се претстават со дела на Бетовен, Шопен, Дебиси, Григ, Шуберт и Рахманинов.

Растечката генерација на македонски пијанисти, ќе настапи под уметничко раководство на проф. м-р Кристијан Каровски.

Концертот е организиран по повод чествувањето на 24 мај Денот на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Воведна реч ќе има проф. д-р Красимира Илиевска. Концертот ќе започне во 19:30 часот, а влезот за сите посетители ќе биде слободен.


„Охридско лето“: Ефектна завршница на музичката програма


Охрид, 20 август, 2015 - 10:11 (META) 

Меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето”, синоќа, во преполнетата црква „Св. Софија”, на публиката и приреди ефектна завршница на музичката програма, со концертот на прославениот руски пијанист, Максим Венгеров, во пијано придружба на Ерменецот Ваг Папијан. Венгеров свиреше на Страдивари виолина која му припаѓала на Кројцер (1727).

Максим Венгеров, синоќа, во „Св.Софија“, како што самиот ја дефинираше, заедно со Папијан, одличен изведувач и негов прв професор по диригирање, изведоа дела од Бах, Прокофиев, Франк, Исаи и Паганини.

Венгеров, инаку добитник на Греми наградата, има настапувано низ целиот свет заедно со најпрестижните оркестри и диригенти, со одржани соло рецитали на виолина во речиси сите познати светски музички центри. Од 2007 наваму ги следи стапките на својот ментор, славниот, Мстислав Ростопович, учесник на Охридско лето, од првите години на создавањето.

Комбинирајќи ги двете пасии- изведување и диригирање, Венгеров влегува како постојан артист во Оксфордскиот оркестар со кој ја снимил верзијата од 1903 на Виолинскиот концерт на Сибелиус, Виолинскиот концерт на Брамс и Шкотска Симфонија на Менделсон.

Венгеров е првиот уметник во класичната музика кој е назначен за Интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ. Свири на Страдивари виолина која му припаѓала на Кројцер (1727).

Јубилејното 55. Охридско лето завршува вечерва, на отворената сцена „Долни Сарај”, со дрмската претстава „Figurae veneris historiae“ од Горан Стефаноски, во изведба на СНГ – Драмата од Љубљана, Словенија и режија на Александар Попоски.


Настапот на Лугански – чест и привилегија за фестивалот и за публиката


Охрид, 16 јули, 2015 - 13:22 (META) 

Покрај спектакуларното отворање на 12 јули, печат на досегашната музичка програма, од јубилејниот 55. Меѓународен музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, му дадоа тројца извонредни руски исполнители. По впечатливите настапи на Андреј Коробејников и на Александар Кнажев, кои поставија нови стандарди и репери на фестивалските сцени во Македонија и пошироко, вечерва публиката ја очекува целовечерниот рецитал на рускиот пијанист Николај Лугански.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, а на програмата се композиции од Шуберт – Втората, Голема соната, односно Чајковски – Големата соната, редок пример на светлите, оптимистички тонови на неговото творештво.

– Како организатори и домаќини, горди сме што го имаме легендарниот Николај Лугански на ова јубилејно 55. издание на фестивалот. Уметник кој критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и со чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност која потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев. Ова ќе биде огромна чест и привилегија за сите посетители што ќе бидат дел од овој долгоочекуван настан – рече селекторот на музичката програма, Гордана Јосифова-Неделковска.

Рускиот пијанист и великан на уметноста, еден од најголемите пијанисти на денешницата, Лугански, привлече огромно внимание. Влезниците се распродадени, за него специјално допатуваа пијанисти и познавачи на музиката од земјата и од соседството. Ова му е четври настап во Охрид, а во 1997 година, неговиот рецитал беше прогласен за концерт на годината.

– Вечерва ќе свирам композиции од Шуберт и од Чајковски. Шуберт-соната, тоа е една од трите последни сонати кои се напишани во последниот период од неговиот живот и тоа, најверојатно, е едно од најтрагичните дела на Шуберт. Во вториот дел ќе ја отсвирам Големата соната на Чајковски. Речиси сите дела на Чајковски се доста трагични, но еве, оваа соната е еден пример дека има и светли моменти во неговото творештво. Доста е светла и сончева и ја покажува позитивната страна на неговото творештво – изјави Лугански на денешната прес-конференција во „Охридско лето“.

Лугански е воодушевен од градот и од Охридското Езеро, но и од фестивалот „Охридско лето“ за кој, како што рече, одржува има високо уменичко ниво.

– Секогаш се чудам на колку високо ниво е фестивалот „Охридско лето“. Веќе настапи мојот многу добар пријател Александар Кнажев, заедно со Андреј Коробејников, а се очекува настап и на Максим Венгеров, Иво Погорелиќ и на други великани на музиката. Фестивалот има навистина високо уметничко ниво – апострофираше Лугански, на денешната прес-конференција во дирекцијата на фестивалот.


Охридско лето: Два фестивалски термина за рускиот пијанист Андреј Коробејников


Охрид, 15 јули, 2015 - 10:38 (META) 

На програмата на меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, вечерва во катедралната црква „Св.Софија“, заеднички настап ќе имаат рускиот пијанист Андреј Коробејников и неговиот сонароидник, пијанистот Александар Књазев, кого стручната јавност го смета за еден од најмоќните виолончелисти во светот.

Александар Књазев соработувал со диригенти како Александар Ведерников, Мстислав Ростропович, Јуриј Темирканов и со оркестри како што се Оркестарот на „Би-Би-Си“ во Лондон, Баварскиот радио-симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Гетеборг, Симфонискиот оркестар на Балтимор, Токискиот симфониски оркестар, Прашката филхармонија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија и многу други.

Досега настапувал заедно со пијанистите Евгениј Кисин, Николај Лугански, Борис Березовски, виолинистите Виктор Третјаков, Вадим Репин, Дмитриј Махтин, како и со голем број други врвни уметници. Настапува на наjзначајните фестивали во светот и е добитник на повеќе награди на значајни национални и интернационални натпревари.

Придружникот на Књазев, пијаностот Андреј Коробејников, синоќа веќе имаше целовечерен рецитал. „Охридско лето“ за него обезбеди два фестивалски термина. Во „Света Софија“, пред бројната публика изведе дела од Прокофјев, Шостакович и од Бетовен. По свеченото отворање на 12 јули, тоа беше првиот музички концерт од годинешната програма.


Концерт на Ана Гацева и на Татјана Џорлева во Штип


Штип, 12 ноември, 2014 - 8:46 (META) 

Вечерва во 19 часот, во Музичката академија во Штип, концерт ќе одржат пијанистките Татјана Џорлева, професор по пијано на штипската Музичката академија, и Ана Гацева, професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. На концертот ќе бидат изведени композиции од Антонин Дворжак и од Жорж Бизе.

Овој концерт е дел од нивната концертна турнеја во повеќе градови низ земјава, а завршниот концерт ќе се одржи на 24 ноември во концертната сала на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Вонредниот професор д-р Ана Гацева дипломирала пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Стела Слејанска, како најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Вонредниот професор д-р Татјана Џорлева е пијанистка од Македонија која има широка концертна дејност во својата земја и надвор од неа. Научно-истражувачката дејност на докторатот ја работела под менторство на професор Димитрие Бужаровски.