Ослободени сите заложници од поштата во Харков, напаѓачот уапсен


Харков, 30 декември, 2017 - 21:11 (META) 

Сите заложници во поштата во украинскиот град Харков се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Во инцидентот нема настрадани лица, јавуваат агенциите.

„Успешно заврши операцијата за ослободување на заложниците во поштата во Харков. Сите заложници се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Им наложив на локалните власти да им ја обезбедат сета неопходна помош на жртвите“, напиша на „Твитер“ украинскиот претседател, Петро Порошенко.

Претходно, напаѓачот, кој денеска со експлозив околу појасот влезе во поштата и држеше во заложништво 11 лица, ослободи петмина од нив – три жени и две деца.

Според информациите на агенциите, напаѓачот влегол во поштата со намера да ја ограби.


Уапсен Михаил Саакашвили, поддржувачите протестираат во Киев


Киев, 9 декември, 2017 - 10:27 (META) 

Во главниот град на Украина, Киев, доцна синоќа беше уапсен поранешниот грузиски претседател, исто така и поранешен гувернер на областа Одеса во Украина и актуелен лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, Михаил Саакашвили, соопшти јавниот обвинител на Украина, Јуриј Луценко.

Саакашвили се наоѓа во изолација, објави Луценко, додавајќи дека безбедносните сили при тоа сториле сè за да се избегне насилство и крвопролевање.

Група негови поддржувачи се собрале пред седиштето на Службата за безбедност во Украина по веста за неговото апсење.

Ова беше трет обид за апсење на Саакашвили, откако во претходните два неговите приврзаници не им дозволија на полицијата да го лишат од слобода.

Тој се товари за обид за уривање на уставниот поредок откако минатиот викенд организираше протести против украинскиот претседател Петро Порошенко.


Порошенко му го одзеде украинското државјанство на Сaакашвили


Киев, 27 јули, 2017 - 12:28 (META) 

Украинскиот претседател Петро Порошенко му го одзеде украинското државјанство на својот некогашен сојузник, Михаил Саaкашвили, соопшти украинската канцеларија за миграција, што веројатно значи и крај за политичките амбиции на грузискиот претседател во Украина.

Одлуката на Порошенко следи откако украинските власти дошле до одредени документи од Грузија, но нивната содржина сè уште не е позната.

Саaкашвили, кому се припишува заслугата за пресметката со корупцијата за време на претседателскиот мандат во Грузија од 2004 до 2013 година, доби украински пасош и беше именуван за гувернер на јужната украинска покраина Одеса со ненадеен декрет на Порошенко во мај 2015 година. Сепак, односите меѓу Порошенко и Саaкашвили се влошија во ноември минатата година, кога поранешниот грузиски претседател го обвини украинскиот претседател дека дозволува цутење на корупцијата. Саaкашвили тогаш поднесе оставка на својата функција за да формира политичка партија која би била опозиција на Порошенко.

Саaкашвили денеска објави видеопорака во која порачува дека ќе се бори против уредбата и го обвини Порошенко дека е во дослух со грузиските власти.


Путин, Порошенко, Макрон и Меркел телефонски разговарале за Украина


Киев, 24 јули, 2017 - 18:54 (META) 

Лидерите на Русија, Украина, Франција и на Германија разговарале телефонски околу решение за конфликтот на истокот на Украина.

Владимир Путин, Петро Порошенко, Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел прво го слушнале извештајот на претставникот на набљудувачката мисија на Организацијата за европска безбедност и соработка во Украина за почитување на прекинот на оган.

„Лидерите потоа разменија идеи околу ситуацијата на југоистокот на Украина, земјаќи ги предивид сериозните препораки за примена на мировниот договор од Минск од февруари 2015 година“, се наведува во соопштението од Кремљ.

Ова е прв телефонски разговор во таканаречениот Нормандиски формат од почетокот на мандатот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој на крајот на мај побара тој состанок да се одржи што побргу.

Лидерите се договориле да ги продолжат контактите, вклучувајќи ги и оние на највисоко ниво.

Во тригодишниот конфликт кој ја подели Украина, досега загинаа повеќе од 10.000 луѓе. Киев и Западот ја обвинуваат Русија дека финансиски и воено ги поддржува бунтовниците, што Москва го демантира.


Тилерсон ја потврди американската поддршка за Украина


Киев, 9 јули, 2017 - 15:30 (META) 

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон ќе престојува во Украина за да ја потврди поддршката на САД кон таа земја, која се бори против проруските активисти на истокот на земјата.

Тилерсон ќе се сретне со украинскиот претседател Петро Порошенко, само 48 часа откако присуствуваше на првата средба помеѓу американскиот и рускиот претседател на самитот на Г20 во Хамбург.

Неговата еднодневна посета на Киев доаѓа во момент кога САД ја разгледуваат можноста за преземање на поголема улога во напорите кои ги предводи Европа, а имаат цел ставање крај на тригодишниот конфликт на истокот на Украина, во кој загинаа околу 10.000 лица.

Американскиот државен секретар допатува во Киев помалку од три недели откако Порошенко го посети Вашингтон и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, барајќи гаранции за понатамошна посветеност на САД на суверенитетот и на територијалниот интегритет на Украина.


Средба на Трамп со украинскиот претседател Порошенко во Белата куќа


Вашингтон, 20 јуни, 2017 - 19:09 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска во Белата куќа се сретна со украинскиот претседател, Петро Порошенко. Непосредно пред средбата, како што јавуваат светските агенции, министерството за финансии на САД ги објави новите санкции против сепаратистичките борци на истокот на Украина и нивните сојузници.

На листата на лица против кои се воведени санкции е и рускиот државјанин Дмитриј Уткин, кој се смета за шеф на нерегистрирана воена агенција која регрутира борци за Источна Украина. На листата е и фирма, поврзана со Евгениј Пригожин, бизнисмен од Санкт Петерсбург, која ја води кетеринг-службата за Кремљ.

Американскиот Сенат претходно со големо мнозинство го усвои проширувањето на санкциите против Русија, но за нив дополнително треба да се гласа и во Конгресот, каде засега не е закажана седница.

Украинскиот претседател изјавил дека е задоволен што неговата средбата со Трамп ѝ претходи на таа помеѓу американскиот претседател и неговиот руски колега, Владимир Путин, која се очекува да се случи на самитот на Г20 во Германија следниот месец.


Русија на прославата на Денот на победата ги покажа новите ракети за Арктикот


Москва, 9 мај, 2017 - 12:46 (META) 

На традиционалната голема парада во Москва, на прославата на 72-годишнината од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија во Втората светска војна, руските вооружени сили денеска ги прикажаа новите ракети „панцир-СА“. Тие се наменети за противвоздушна одбрана, а се наменети за војување на Арктикот, каде Русија забрзано гради воени бази.

Покрај новите ракети, на парадата на Црвениот плоштад беа презентирани и интерконтиненталните балистички ракети „јарс РС-24“, кои може да носат нуклеарни боеви глави.

Руските ловци, бомбардери и хеликоптери прелетаа преку плоштадот во рамки на парадата, а по него прошета и новата руска национална гарда. Новите единици ќе бидат вооружени со модернизирани пушки „АК-74М“, а задача ќе им биде борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Во големата парада учествуваа 10.000 војници и офицери, 135 оклопни возила и 71 летало.

– Ниту една сила не ќе може да доминира со нашиот народ – рече рускиот претседател Владимир Путин, во говорот во кој го осуди уништувањето нанесено од трупите на Хитлерова Германија на Советскиот Сојуз.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Петро Порошенко, шеф на уште една држава – наследничка на Советскиот Сојуз, полоожи венец на церемонија во Киев. На украинските војници им порача дека Русија се обидува да ја искористи прославата на победата „за да ги задоволи своите реваншистички, империјалистички и експанзионистички потреби“.

Русија вложува милијарди долари во модернизација на војската среде сè поголемите тензии со НАТО поради конфликтот во Украина, а парадата на Денот на победата послужи за истакнување на воената моќ пред меѓународната публика.


Порошенко сака референдум за влез во НАТО


Букурешт, 2 февруари, 2017 - 11:29 (META) 

Украинскиот претседател Петро Порошенко планира да распише референдум за тоа дали неговата земја треба да се придружи на НАТО, објави денеска германската медиумска куќа „Функе медијенгрупе“.

Идејата за референдум доаѓа по резултатите од најновата анкета според која 54 отсто од граѓаните на Украина го поддржуваат влезот во Алијансата.

– Пред четири години, само 16 отсто од Украинците беа за влез во НАТО. Сега таа броја е 54 отсто – рече Порошенко, во интервју за германската медиумска група.


Порошенко ѝ порача на Русија дека кој доаѓа со меч, ќе загине од меч


Киев, 15 октомври, 2016 - 12:03 (META) 

Украинскиот претседател, Петро Порошенко, во говорот по повод Денот на патронот на Украина, ѝ се обрати на Русија со зборови од филмот „Александар Невски“.

– Ние, фала Богу, имаме со што да ги дочекаме непоканетите гости. Кој ни доаѓа со меч, од меч и ќе загине – рече Порошенко, а неговиот цитат е објавен на официјалната веб-страница на претседателот на Украина.

Цитатот за „смрт од меч“ го изговара советскиот уметник Николај Черкасов во улогата на новоградскиот кнез Александар Јарославич од филмот „Александар Невски“ од 1938 година.

Порошенко порача дека военото планирање во земјата се одредува на основа на „руската агресија“ и „заканите од Истокот“ и им рече дека Украинците никогаш не гледале во туѓо, но дека нема ни да го дадат своето.


Порошенко: Украинско знаме над Донецк и над Крим


Киев, 23 август, 2016 - 14:12 (META) 

Претседателот на Украина, Петро Порошенко, се упати кон Донбас за да ѝ го честита на војската Денот на државното знаме, а пред тоа на плоштадот Софија во Киев изјави дека под украинска контрола треба да се вратат териториите на кои се прогласени Народна Република Донецк и Луганск.

– Особено тешка задача за нас е да се направи нашето знаме повторно да е развиори над Донецк, Луганск, Симферопољ, Севастопољ – рече Порошенко.

Прес-секретарот на шефот на украинската држава, Свјатослав Цеолка, на „Твитер“ напиша дека по церемонијата на подигнување на знамето во Киев, Порошенко тргнал во Донбас, каде на војниците им го честитал празникот.

Украина денеска го одбележува националниот празник Ден на државното знаме.