!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Министерството за култура жали за одлуката на Лешоски и го брани решението за „Танец“


Скопје, 16 август, 2017 - 15:59 (META) 

Министерството за култура жали поради одлуката што ја донесе Дарко Лешоски да се повлече од функцијата претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, но порачува дека за тоа место ќе се избере некое слично решение. Во однос на назначувањето на новиот в.д. директор на националниот ансамбл „Танец“, во Министерството не гледаат ништо спорно и велат дека Стојанче Павловски е назначен законски.

– Навистина ни е жал што се повлече Дарко Лешоски. Нашата намера со промените во раководствата и во управните одбори на многу национални установи од областа на културата, беше да го прекинеме ланецот на можни злоупотреби, но и во овие институции и манифестации кои се одвиваат во децентрализиран амбиент, да внесеме луѓе кои подобро го разбираат локалниот контекст. Сметавме дека Лешоски кој доаѓа од тој крај, а освен тоа има еден автентичен и смел авторски поетски опус, ќе внесе една свежина и ќе и помогне на оваа манифестација да кореспондира повеќе со современите текови на овој ввид на уметничко изразување – изјави за „Мета“ Петрит Сарачини, советник во кабинетот на министерот за култура.

Тој вели дека Министерството при донесувањето на новото решение ќе ја земе предвид целата дебата што се случуваше во јавноста и врз основа на критиките и забелешките на јавноста, ќе донесе кадровско решение за позицијата на прв човек на Струшки вечери на поезијата.

– Ќе донесеме соодветно решение врз основа на нашите сознанија, но не откажувајќи се од нашите заложби за децентрализација на културата и за внесување на нов дух во нашата култура – нагласува Сарачини.

Одговарајќи на критиките од ВМРО-ДПМНЕ дека за в.д. директор на „Танец“ е назначен Стојанче Павловски, кој има завршено само средно градежно образование, Сарачини вели дека сè e според законот.

– Единствениот критериум што го пропишува законот за именување на в.д. диреетори е тие да доаѓаат од самиот колектив, од редот на вработените. Нема никаков критериум за формално образование. Инаку, Стојанче Павловски е 28 години член на ансамблот, го носи звањето „истакнат играч-солист од прв ред“, добитник е на многу признанија, автор на кореографија, бил заменик-раководител на овој ансамбл, изиграл стотици концерти низ цел свет и нашиот став е дека одговара на сите критериуми што некој би ги барал – вели Сарачини.

Тој нагласува дека кога станува збор за в.д. директорите, нивниот мандат ќе изнесува најмногу 6 месеци, а по изборите ќе има конкурси на кои ќе може да се пријават сите, вклучително и лица надвор од институциите.


Сарачини: Во независна Македонија ниту едно лице не е казнето за говор на омраза


Тетово, 16 мај, 2017 - 16:20 (META) 

Ниту едно лице или група не е санкционирана за говор на омраза, а ваквата култура на неказнивост им дава храброст на прекршители да изразуваат говор на омраза, претежно преку социјалните мрежи, кој преминува во дискриминација, велат учесниците на конференцијата „Граѓанското општество во акција за еднаквост“.

Петрит Сарачини од невладината отганизација „Цивил“, смета дека е крајно време институциите да преземат санкции против ваквите дела, како што им налага законот. Од друга страна, според него, потребна е поголема едукација за разните форми на дискриминација и за говорот на омраза, кои дел од населението не може да ги препознае.

– Замислете, во независна Македонија, за овие 25 години, ниту едно лице не е казнето за говор омраза, кој го има премногу, особено сега, на социјалните мрежи. Тоа е доказ дека институциите не функционираат. Дури и во медиумите има говор на омраза, а таму треба да има слобода на говор, но треба да имаат одговорност лицата што работат во медиумите. Значи, треба да се казнуваат лицата што шират говор на омраза, затоа што за тоа има пропишано казни – изјави Петрит Сарачини од „Цивил“.

Народниот правобранител Иџет Мемеди вели дека вината лежи во институциите, кои од една страна не го санкционираат говорот на омраза, а од друга страна, раководители на дел од овие институции шират говор на омраза најчесто поради политички цели.

Од Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) велат дека дискриминацијата постои во сите сфери на општественото живеење.

Преку проектот, кој траеше 18 месеци, спроведени се повеќе обуки за недискриминација на лица и на разни видови групи.


Оставки од судиите кои го узурпираат Уставниот суд, побараа граѓаните на протестот


Скопје, 15 март, 2016 - 20:45 (META) 

Неколку илјади граѓани кои протестираат под мотото „Да го одбраниме Уставот од Уставниот суд“ и кои тргнаа од Владата, се собраа пред објектот на новиот Македонски народен театар. Таму е поставена ограда која ја чуваат неколку десетици полицајци, а зад нив има оклопни возила и припадници на специјалните полициски сили. Тие не им дозволуваат да дојдат до платото пред Уставниот суд, каде што е групата граѓани собрана, за, како што велат, да ги бранат институциите.

Пред граѓаните се обрати активистот Петрит Сарачини, кој рече дека е голем срам тоа што илјадници граѓани се спречени да го остварат своето уставно право на протест.

– Убаво е тоа што сме пикнати во овој простор, пред шампита-театарот, затоа што во моментов се игра една валкана театарска игра со народот. Аздисаната власт сака да го закрви народот, но ние нема да го дозволиме тоа. Тие граѓани што се од другата страна се уплашени. Секој ден умираат по малку. Некој им кажува што да прават, што да јадат и како да гласаат. Тука се слободните граѓани. Ние бараме да ни се овозможи пристап до Уставниот суд за да го оствариме нашето уставно загарантирано право на протест – рече Сарачини.

Обраќајќи ѝ се на полицијата покрај заштитната ограда, тој им порача дека заклетва не давале ниту пред министер ниту пред партија, туку пред Уставот и пред граѓаните. Сарачини рече дека нивните барања се јасни, а тоа се оставки од петте судии кои го узурпираат Уставниот суд и работат по партиски директиви, како и повлекување на иницијативата со која ќе се овозможи помилување на педофили, нарко-дилери и лица што направиле изборен криминал.

– Нема да отстапиме. Храбри сме, достоинствени и ќе бидеме тука – рече Сарачини.

На протестот се обрати и Владимир Милчин, кој ги повика граѓаните, тие кои можат, да останат пред театарот, а уставните судии, утре, кога ќе гласаат, ќе знаат дека граѓаните чекаат надвор.

– Бараме оставка од судиите кои го узурпираат Уставниот суд и носат партиски одлуки. Ние нема да заминеме и ова не е последен пат како се гледаме. Ќе протестираме сè додека овие пет судии не си поднесат оставка – рече Милчин.

Активистот Јане Ѓорѓиоски рече дека петте судии кои носат партиски диригирани одлуки го злоупотребуваат суверенитетот добиен од граѓаните.

Пред присутните се обрати и активистот Кочо Андоновски. Тој рече дека власта го гради нејзиниот „црнокошуљашки култ“.

– Градат култ кон смртта и со промените на Уставот сакаат да ги легализираат парите што ги украдоа од граѓаните. Умираат луѓе и деца, а правда сè уште не видовме. Но, ние не се даваме, затоа што друга држава немаме. Нема правда, нема мир – рече Андоновски.

Во еден момент, насобраната толпа сакаше да ја помине заштитната ограда, но не успеа.

Пред театарот се игра претставата „Телетабиси“, во која актерите се потсмеваат со владејачката партија, нејзината предизборна програма и со отчетот за сработеното, „Скопје 2014“, барокот, гласачите од Пустец, пленумците и со протестите и контрапротестите.

Дел од граѓаните најавуваат дека ноќта ќе ја минат таму.

На протестот присуствуваа високи функционери и пратеници од опозицијата, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.