!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Вечерва во Струга, концерт на вокалниот ансамбл „Симбиоза“


Струга, 13 април, 2017 - 11:34 (META) 

Вечерва, од 20 часот, во холот при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе се одржи хорски концерт на вокалниот ансамбл „Симбиоза“.

„Симбиоза“ е мултиетнички, мултикултурен и образовен проект кој произлегува од секојдневната соработка на двајца млади просветни работници, Дамјан Темков (композитор) и Бехар Весели (диригент).

Проектот „Симбиоза“ досега има реализирано шест концерти на реномирани фестивали.

Овој проект, иако најавен само како образовен, има многу поширока мултиетничка, спојувачка димензија, за што сведочи и самата програма.

Публиката, меѓу другото, ќе може да ги доживее македонските изворни песни „Параходот“, „Не си го продавај Кољо“ на албански јазик.

Влезот за концертот е бесплатен.


Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври


Штип, 8 март, 2017 - 15:43 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ се враќа на старите датуми на одржување, односно на 5, 6 и на 7 октомври.

Според директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски, стариот датум се враќа на барање на штипјани, кои изданието на овој фестивал го врзуваат за месецот октомври.

Мирковски соопшти дека е завршен конкурсот за нови песни, а од денеска комисијата почнува да ги преслушува пристигнатите 140 композиции.

– Дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Благодарение на тоа што го правевме минатата година со странските изведувачи, малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува да му се обрне многу внимание. Има песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија – соопшти Мирковски пред новинарите.

Годинава ќе има новини во гласањето, а наградите остануваат исти. Како и досега, првата награда изнесува 10.000 евра, втората – 7.500 евра, а третонаградената композиција добива 5.000 евра.

Традицијата со одржување на фестивалот беше прекината изминатите неколку години и фестивалот се одржуваше во јуни.


Македонскиот хор „Проарс“ настапи на фестивал во Солун


Солун, 9 мај, 2016 - 14:25 (META) 

Солунската публика имаше можност викендов да ужива во настапот на македонскиот хор „Проарс“, на шестиот Светски фестивал на хорови за мјузикли во Солун. Фестивалот важи за една од поинтересните културни манифестации и веќе шест години се одржува во Солун.

„Проарс“ имаше можност двапати на фестивалот да воодушеви со своите вокални и драмски можности. Хорот настапи на официјалното отворање, во фантастичниот антички простор на Римската Агора во Солун, каде се претстави со две композции – хорски обработки на македонски народни песни, а потоа и на фестивалскиот дел на Универзитетот „Аристотел“ со композиции од познатиот мјузикал „Свирач на покривот“ и композицијата „I am “ на Мајкл Смит.

Диригентот на „Проарс“, Сашо Татарчевски, за „Мета“ вели дека хорот бил одлично прифатен и од грчките домаќини и од публиката во Солун и при двата настапи, што било пријатно изненадување за целиот хор. Фестивалот бил и одлична можност да се разменат идеи и искуства, како и да се разговара за продлабочување на соработката со колегите и со хоровите и од Грција и од другите земји. На фестивалот, покрај „Проарс“, учествуваа и хорови од Русија, Бугарија, Кипар, Казахстан, Романија и од Турција.

– Ваквите настани се можност со колеги од разни земји да се разменат искуства, контакти, да се поразговара што може да се направи како соработка – вели Татарчевски.

Настапот на „Проарс“ на фестивалот е на покана на грчкиот хор „Кораис“, а на иницијатива на македонскиот генерален конзул во Солун, Маја Апостолова, и на дел културни организации и автори од Македонија кои имаат зачестените настапи, со што се овозможува подобро запознавање на грчката публика со современата македонска култура. Културата, како што вели и самиот Татарчевски, е мост кој помага да се надминат политичките проблеми и предрасуди и кој најнепосредно ги спојува народите од двете земји.

– Бидејќи многу често сум на вакви настани низ цела Европа, јас сум цврсто убеден дека музиката, културата, спортот се работи кои многу лесно ги преминуваат сите бариери и предрасуди што можеби постојат помеѓу одредени народи. И ние можеби поради таквите политички односи не очекувавме ваков топол прием. По настапот, ќе бидам искрен, со солзи во очите пристапија неколку од грчките колеги да честитаат колку сме ги допреле со настанот – истакна Татарчевски.

Хорот настапи во Солун со поддршка на Министерството за култура.

По настапот на „Проарс“, солунската публика ќе има можност викендов да се запознае и со македонската литература на претстојниот Солунски саем на книгата.


Поезија од македонски автори објавена во романско книжевно списание


Охрид, 5 мај, 2016 - 12:12 (META) 

Одбрани песни од поетите Мишо Китаноски, Петко Шипинкаровски и Димо Димчев објавени се, во печатена и во електронска верзија, во најновиот број, за март и за април, на книжевното списание „Хелис“ во Романија.

Преводот на стиховите на романски го направи македонскиот поет Димо Н. Димчев, а списанието го уредува угледниот романски поет Ѓеорѓи Добре.

Објавувањето на творештвото на македонските поети книжевното списание „Хелис“ го прави во континуитет.


Утре во Штип  почнува 30. „Макфест“


Штип, 2 јуни, 2015 - 12:47 (META) 

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ го почнува утре јубилејното, 30. издание. Во двете полуфинални вечери ќе бидат изведени 30 песни, од кои во финале ќе се најдат 18, односно по девет од двете вечери.

Фестивалот традиционално почнува со подигнување на фестивалското знаме, утре во 12.30, по што следи  првата прес-конференција.

Во 16 часот, изведувачите ќе ја имаат и првата фестивалска проба. „Макфест“ ќе биде пренесуван на првата програма на МТВ, со почеток во 20.30 часот.

На фестивалската сцена во Домот на културата „Ацо Шопов“ ќе настапат Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Маја Вуќичевиќ, штипскиот дует Јоце Панов и Зуица Лазова, „Браво бенд“, Верица Пандиловска, Маријан Стојановски, Дарко Илиевски и други познати музички имиња. Во ревијалниот дел ќе настапат некои од досегашните победници на „Макфест“ и штипјанката Пепа Димитрова.

Победникот ќе добие 10.000 евра, за второпласираниот се предвидени 7.000 евра, додека третонаградената композиција ќе биде наградена со 5.000 евра во денарска противвредност. Водители се Марјана Станојковска и Марко Новевски.


Поезија од Шипинкаровски и од Пејковски во софиското списание „Литературен свет“


Софија, 20 февруари, 2015 - 9:16 (META) 

Во најновиот број на електронското списание „Литературен свет“, кое се објавува во Софија, Република Бугарија, објавени се песни на македонските поети Петко Шипинкаровски и Зоран Пејковски.

Исто така, дадени се биографски белешки за македонските писатели и за нивните професионални ангажмани на полето на афирмацијата на македонската литература.

Петко Шипинкаровски (1946), поет, писател, есеист, литературен критичар, е роден во битолското село Будимирци. Дипломирал на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Македонското научно друштво од Битола. Неговите прозни и поетски дела се преведени и се препеани на повеќе светки јазици, а добитник е и на повеќе награди и признанија.

Зоран Пејковски e магистер по театарски уметности, драмски писател, драматург на Народниот театар од Охрид, поет и публицист. Преведуван и препејуван е на неколку странски јазици. Член е на ДПМ и на неговиот Собраниски одбор, претседател е на Битолскиот книжевен круг и член на Македонското научно друштво, каде е раководител на Центарот за култура-литература, драмска уметност, филм и издаваштво. Добитник е на повеќе награди и признанија, а најнова е наградата „4 Ноември“, највисоката награда на Општината Битола за литература и за книжевност за 2014 година.


Вечерва „Лузер-фест“ ќе го отвори „Таксират“


Скопје, 29 ноември, 2014 - 12:01 (META) 

Со возобновениот „Лузер-фест“, вечерва, во 19 часот, официјално почнува 16. издание на „Таксират“.

„Лузер-фест“ ќе има програма на две сцени! Покрај сцената во „Денсинг-сала“, на која ќе настапат 14 групи, во холот на МКЦ, на втората сцена, задолжен за добрата атмосфера при заокружување на победникот ќе бидедиџеј Гето Руди.

Билетот за „Лузер-фест“ ќе чини 100 денари.

 


Промоција на книгата „Збор за зборот“ од Златко Жоглев, Данилеа Трајковска и од Гордана Стојаноска


Скопје, 5 ноември, 2014 - 10:45 (META) 

Во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ од Скопје, на 6 ноември (четврток) 2014 година, ќе се одржи промоција на поетската книга „Збор за зборот“ од Златко Жоглев, Данилеа Трајковска и од Гордана Стојаноска. Во заедничкото дело на тројцата автори, застапени се 60 песни, во кои се говори за мноштво социјални, родољубиви и љубовни теми. Книгата ќе ја промовираат писателите Панде Манојлов и Паскал Гилевски.