!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Фестивалот АКТО во Скопје ќе понуди перформанси и музика


Скопје, 26 октомври, 2017 - 13:54 (META) 

Во рамките на своето 12. издание во Скопје, фестивалот за современи уметности АКТО утре и задутре во кино „Култура“ и во Железничка зграда ќе понуди повеќе уметнички содржини.

Фестивалот ќе почне утре со отворен штанд за продажба на независни музички изданија од македонски автори, во холот на кино „Култура“. Потоа, од 20 часот, на истата локација, под мотото „АКТО за заедниците“, ќе се одржи своевидно истражувачко студио за храна, наука и за уметност. Тоа ќе биде проследено со настап на диџеите Мирко Попов, Фладер и Илина Ангел.

В сабота, програмата се сели во Железничка зграда, на ул. Борка Талевски бр 26.  Од пладне, па до 15 часот, ќе се одржи перформативно-истражувачки проект на Филип Јовановски, насловен „Кога зградите би зборувале“, а ќе го проследи специјален настап на „Фолтин“, „Дејви Д’ Боуви + Паднатите од Марс“, кој ќе почне во 13.30 часот.  Бидејќи просторните услови се ограничени, заинтересираните треба да испратат порака до фејсбук-страницата на  АКТО-фестивал.


Српски уметник приведен поради маска со ликот на Вучиќ


Белград, 21 октомври, 2017 - 13:51 (META) 

Српскиот уметник Владан Јеремиќ синоќа биле приведен од полицијата пред Музејот на современа уметност во Белград по изведувањето на уметничката акција во рамките на настанот „Салон на неподмитливите“, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Посетителите на оваа акција биле поканети да станат „сендвич-човек“, односно да стават маска со ликот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и да делат сендвич-летоци на гостите кои приоѓаат на музејот.

– Полицаецот ми кажа дека мора да бидам приведен затоа што користам слика на која како колаж е прикажан ликот на претседателот на Србија. Јас бев збунет, реков дека тоа е уметничка работа и дека е дозволено да се користат слики во медиумите и во уметноста, и дека немам намера да навредувам никого со тоа. Но, сепак ме приведоа во полициска станица во Нов Белград на сослушување – вели Јеремиќ за РСЕ.

Тој вели дека имал покана за отворањето на Музејот на современа уметност и дека двајца кустоси ѝ го потврдиле тоа на полицијата и им рекле на полицајците дека треба да го пуштат бидејќи станува збор за перформанс.

Јеремиќ по час и половина бил пуштен од полициската станица, каде, како што вели, дал две изјави.


Граѓанската акција „Ние одлучуваме“ денеска во 13 часот ќе одржи перформанс во Градскиот парк


Скопје, 30 октомври, 2016 - 10:52 (META) 

Граѓанската акција „Ние одлучуваме“ денеска во 13 часот ќе одржи перформанс со кој на граѓаните ќе им покаже колку е важно на претстојните избори на 11 декември да излезат на гласање.

Перформансот ќе се одржи кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје.

Караванот на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ вчера одржа перформанси во Куманово, Струмица и Гевгелија.


Граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ одржа перформанси во неколку градови


Скопје, 30 октомври, 2016 - 1:38 (META) 

Граѓанската акција „Ние одлучуваме! Бараме промени! Можеме подобро!“ во текот на вчерашниот ден организираше акции и перформанси во Куманово, Гевгелија и во Струмица.

Тимови на граѓански активисти можеа да се забележат на најфреквентните локации низ градовите. Тие дискутираа со жителите за нивните проблеми и за тоа колку е важно сите да излезат на предвремените парламентарни избори кои се закажани за 11 декември оваа година.

Шарениот камион на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ кружеше низ улиците на градовите, а од опремата што ја превезуваше се слушаа аудиопораки со апел до граѓаните масовно да излезат на претстојните избори, да гласаат по сопствено убедување и волја и да пријават каква било злоупотреба на институциите, како закани, заплашувања и притисоци врз избирачите.

Активистите на граѓаните им делеа бесплатен примерок од граѓанскиот весник „Ние одлучуваме“.

Весници се делеа и во Тетово, Ресен и во Кратово.


На затворањето на „Браќа Манаки“, водителката ги собу чевлите и ги фрли кон публиката


Битола, 18 септември, 2016 - 12:50 (META) 

На свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, водителката се качи на сцена и се собу боса, а чевлите ги фрли кон публиката.

По ова, обезбедувањето ја отстрани од сцената.

Девојката што ја отстранија од сцената требаше да учествува во перформансот на Мартин Кочовски за затварањето, чија изведба беше откажана.

Кочовски го обвини фестивалот дека го цензурира, а од управата на фестивалот изјавија дека перформансот е откажан од технички причини бидејќи на сцената требало да се истури смет од овошје, кое не ќе можело бргу да се исчисти за да продолжи церемонијата на доделувањето на наградите.


Невообичаено, неформално и интересно отворање на 37. издание на „Браќа Манаки“


Битола, 11 септември, 2016 - 11:29 (META) 

Невообичаен и импресивен перформанс кој го симболизираше раѓањето и смртта, односно циклусот на животот, а кој еден од актерите го одигра целосно гол, го отвори 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Режисер на свеченото отворање беше Мартин Кочовски, кој оваа година реши да нема класични водители, во костими и во вечерни тоалети, туку нешто сосема ново и неформално, па актерката-водителка својот црвен фустан го облече на сцена и боса застана да ги највува гостите на свечената церемонија.

Перформансот кај некои предзвика воздишки, кај други негодувања и чудење, но возбудата беше кај сите еднаква со музиката на „Фолтин“ и со старите фотографии од Битола.

Не само перформансот, туку и претседателот Ѓорге Иванов малку ја збуни публиката на гала-вечерта на отворањето на фестивалот, почнувајќи го својот говор со 25-годишнината од македонската независност.

– Почитувани вљубеници во филмот. Пред четврт век Република Македонија прогласи независност. Со тоа како држава станавме актер на светската сцена. Од самиот почеток на приказната за македонската независност, се пријавивме на многу аудиции во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, а во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, некаде ни го грешеа дури и името – рече претседателот Иванов, надоврзувајќи се на филмската уметност и на филмската историја на Битола.

Претседателот Иванов синоќа му ја додели наградата „Златна камера 300“ за животно дело на оскаровецот Џон Сил, славниот австралиски директор на фотографија.

– Големо е задоволството да се држи оваа награда в раце. Минав долг период во учење на занаетот и сè уште учам. Со секој нов филм се учат нови работи – рече кинематографот Сил и не криејќи ја возбудата, додаде дека возачот што го донел бил во право кога му рекол дека Битола е најубавиот град на светот.

На сцената беше прочитано и писмото од Холанѓанецот Роби Милер, исто така добитник на „Златна камера 300“ за животно дело. Писмото го прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за Милер.

Публиката синоќа уживаше во филмот „Ослободувањето на Скопје“, кој беше снимен на познати локации во ценатрот на Битола и Офицерскиот дом, а во режија на Раде Шербеџија.

– Посебна благодарност на овој убав град Битола, каде бевме две месеци. Ви благодарам што нè трпевте. Многу сум среќен што го доживеав овој момент. Долго време се занимавам со филм и не знам кога ова повторно ќе ми се случи. Им се заблагодарувам на сите што помогнаа во снимањето на овој филм – истакна легендарниот актер и режисер, кој на сцената донесе добар дел од својата екипа, како и својата ќерка Луција Шербеџија.

Инаку, на синоќешното отворање на фестивалот „Браќа Манаки“, невообичаено, барем за битолчани, беше засиленото присуство на полиција.

На отворањето на фестивалот, активисти на „Битолското движење“ со герила-акција ги пречекаа претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, на црвениот ќилим на отворањето на фестивалот.


Со перформансот „Музиката не познава граници“ децата од Центар на настап во Истанбул


Скопје, 29 април, 2016 - 11:40 (META) 

„Музиката не познава граници“ беше музичко-сценскиот перформанс со кој учениците од основните училишта од општина Центар беа дел од  меѓународната манифестација по повод Светскиот ден на детето, која се одржа во Истанбул.

По враќањето во Скопје, тие на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, му ги пренесоа своите впечатоци, доживувања и му изразија благодарност што им го овозможи ова незаборавно патување и можноста да бидат учесници на ваков престижен настан.

Организатор на овој 23. по ред фестивал е Општината Бијоглу од Истанбул, која е збратимена со Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Бијоглу, Ахмет Мисбах Демиркан, се сретна со претставниците на Општина Центар и со децата-учесници на фестивалот.

На средбата беа разменети искуства за функционирањето на двете збратимени општини, Бијоглу и Центар.

 


Перформанс „50 луѓе во стан од 40 квадратни метри“ напладне на Сквер Јадран


Скопје, 15 февруари, 2016 - 10:39 (META) 

Граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“ денеска во 12.15 минути на Сквер Јадран ќе одржи перформанс „50 луѓе во стан од 40 квадратни метри“.

Јавното вселуваање на „послушните граѓани“ ќе биде во стан на улица Максим Горки.

Од „Заслужуваме подобро“ велат дека акцијата има цел да укаже на злоупотребите и на изборните манипулации во последните изборни циклуси и на потребата од попис во земјава.


Перформанс пред Владата: Заслужуваме подобро


Скопје, 1 декември, 2015 - 12:12 (META) 

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ одржа протестен перформанс – фотографирање со големи букви кои ги држеа нивните активисти и заедно направија голем натпис „Заслужуваме подобро“.

Од платформата велат дека граѓаните имаат право да ги контролираат политичарите, да ја знаат нивната имотна состојба и да бидат прашани како се трошат нивните пари. Тие сметаат дека граѓаните заслужуваат јавните пари да се користат за нивните вистинските потреби, а не за споменици, бронзени огради, „мерцедеси“ и за патувања.

„Не заслужуваме власт која ги задолжува нашите деца и внуци. Не заслужуваме власт која неодговорно троши на чоколада, кога немаме ни за леб. Од 2006 година досега, власта нè задолжила повеќе од 4 милијарди долари. Кој ќе ги враќа овие пари? Затоа, бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата. Бараме одговорност од власта за сè што е украдено од граѓаните, а украдените пари да им ги вратат назад на граѓаните. Во Македонија предолго ги толерираме корумпираните политичари. Бараме корупцијата да не биде исплатлива дејност. Бараме политичарите да не се чувствуваат сигурно и да одговараат доколку крадат, лажат и се корумпирани“, велат од „Граѓаните за Македонија“.

Активистите побараа институциите да функционираат и да се борат против корупцијата, а квалитетот на услугите на институциите да не зависи од подмитување и од партиски притисоци.


Виолета Сековска со поетско-музички перформанс во Корча


Македонската поетеса Виолета Сековска, пред поголем број Македонци од регионот на Корча и на Мала Преспа, се претстави со својот поетско-музички перформанс „Со љубов за Македонија“.

Настанот го организираше Македонскиот културен центар „Сонце“ од Корча, во градската библиотека „Тими Митко“ од овој албански град. Присутни беа и амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија, Стојан Карајанов, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко, многу албански поети од Друштвото на писатели „Новиот свет“ и други.

Домаќин и водител на програмата беше Васил Стерјовски, активист од редовите на македонската заедница во Албанија, додека препев на албански јазик од стиховите на Сековска читаа албанските поети од Корча, Аријан Калчо и Џенсила Мираши.

Музички варијации со тамбура и со кавал изведе Оливер Настовски, додека за поетесета Сековска зборуваше Горан Анчевски, член на Друштвото на писателите на Македонија.

Настанот го поздравиија претседателот на друштвото на писатели „Новиот свет“, Али Брегу, како и амбасадорот на Република Македонија во Република Албанија, Стојан Карајанов.

За настанот известија и повеќе медиуми во Албанија, меѓу кои и електронскиот весник „Македониум“, на македонски и на албански јазик.

В.М.