ВМРО-НП бара укинување на приватните пензиски фондови


Скопје, 12 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

ВМР -Народна партија бара итно укинување на приватните пензиски фондови, односно откажување од т.н. втор столб и враќање кон единствен државно гарантиран пензиски систем.

Ставот на партијата на Љубчо Георгиевски е во рамките на дискусиите за реформа на пензискиот систем, што се отвора деновиве, а која, според партијата, оти во два правци – да се зголемат годините за пензионирање на граѓаните и второ, да се зголеми процентот на придонесите на платите.

„Сакаме да потсетиме дека оваа реформа со втор пензиски столб и беше наметната на Македонија, но и на цела Источна Европа од страна на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка без никаква сериозна поткрепа во економијата“, стои во соопштението на ВМРО-НП.

Од партијата додаваат дека денесе во цела источна Европа се води дискусија за промашеноста на пензиските реформи, а Романија е веќе во завршна фаза за укинување на овој тип наметнати решенија.


Светска банка предвидува најмал економски пораст за Македонија во регионот


Скопје, 6 април, 2017 - 12:03 (META) 

Светска банка за Македонија предвидува економски пораст од 2,8 проценти, најмал од земјите во регионот, се вели во редовниот економски извештај за Западен Балкан.

Порастот, како што се наведува во извештајот, значително забави како последица на намалените инвестиции, кои беа погодени од политичката криза. Тој, во голема мера беше движен од градежништвото, главно преку јавните инвестиции (автопати).

Фискалниот дефицит се намали, но на сметка на намалените капитални инвестиции.

– Уделот на капитални инвестиции се намали, додека тој на тековните трошења се зголеми во 2016 година, а 30 проценти од вкупните трошоци на владата се за пензии – изјави економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Светска банка нотира влошување на квалитот и на квантитетот на човечкиот капитал, што ги лимитира можностите за пораст и за квалитетни работни места.

– Повеќе од две третини од 15-годишниците не поседуваат функционална писменост, односно вештини во три клучни области: читање, математика и природни науки. Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и во средно образование во регионот, исклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Косово – вели Шимбов.

Главни препораки за Македонија се фискална консолидација и структурни реформи, кои ќе бидат потребни за да се стабилизира јавниот долг.

– Подобрувањето на ефикасноста на трошењето бара реформи во управувањето со јавните финансии. Елиминирањето на пречките за порастот, вклучително и за бизнис-климата, образованието, инфраструктуарата и за правосудството, се главните пораки за Македонија – додаде Шимбов.

Вработувањата од страна на државата во последните две години значително учествува во нето-креирањето на работните места.

– Тие од една страна ја намалуваат невработеноста, но од друга, бидејќи за таквите вработувања има ослободувања, влијаат врз неодржливоста на пензискиот и на здравствениот систем и потребна е темелна анализа на одржливоста – нагласи Шимбов.

Според регионалниот директор за Западен Балкан, Елен Голдстин, приватниот сектор е воздржан од инвестиции, компаниите не преземаат чекори и ризици во средини со висок ризик и потребно е државата да интервенира.

Светска банка советува на среден рок да се стави акцент на инвестициите, а помалку на тековните трошоци и развојот да се потпира на приватниот сектор.


ММФ: Потребни се реформи на пензискиот систем и фискална консолидација


Вашингтон, 22 ноември, 2016 - 15:48 (META) 

Пензискиот систем во Македонија е базиран на солидарност и се соочува со значителна финансиска нерамнотежа поради стареењето на популацијата и намалувањето на придонесите, се вели во најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд.

Пензискиот дефицит, кој изнесува 4,5 отсто од домашниот бруто-производ, се предвидува да се зголеми двојно до 2030 година доколку не се спроведат сериозни реформи, предупредуваат од ММФ.

Оттаму апелираат дека осигурувањето одржливост на пензискиот систем е важна среднорочна цел, која државата треба да си ја постави.

ММФ во најновиот извештај, исто така, предупредува дека е потребна фискална консолидација без одложување поради сè поголемиот јавен долг на земјата и зголемувањето на ризиците.

„Зголемувањето на трошоците на новите задолжувања, виоските фискални потреби и неодамнешното намалување на кредитниот рејтинг од „Фич“ ги зголемија краткорочните фискални ризици. Јавните финансии, исто така, се соочуваат со долгорочни предизвици поради стареењето на популацијата. Фискалната консолидација треба да почне без одложување. За да се намалат ризиците и за да се обезбеди фискален простор, консолидацијата треба да почне веднаш за да се стабилизира јавниот долг на ниво од 50 отсто од БДП“, соопшти ММФ.


Полска ја намали старосната граница за пензионирање


Варшава, 16 ноември, 2016 - 19:04 (META) 

Полските пратеници гласаа за намалување на старосната граница за пензионирање и покрај прашањето како ќе се финансира новиот пензиски систем.

Долниот дом денеска гласаше за тоа од октомври следната година, жените да можат да се пензионираат на 60 години, а мажите кога ќе наполнат 65 години.

Според актуелниот систем, старосната граница за пензионирање требаше постепено да се зголемува и пензионирањето за двата пола да биде на 67 години.

Намалувањето на старосната граница било клучно ветување на конзервативната партија Закон и правда.


Цакалатос: На чекор до договор сме со кредиторите


Атина, 13 април, 2016 - 11:16 (META) 

Властите во Грција денеска соопштија дека се блиску до постигнување договор со меѓународните кредитори, и покрај прекинувањето на рундата преговори за најновите грчки реформи.

– Блиску сме во постигнувањето договор со институциите. Дефинитивната одлука ќе биде донесена до 22 април или најдоцна до 26 април на можниот вонреден состанок на министрите на финансии на еврозоната – изјави грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалатос, а пренесува агенцијата „Франс прес“.

Два нацрт-закони ќе бидат доставени до парламентот наредната недела. Првиот закон е за контроверзните реформи на пензискиот систем, а другиот за реформи во данокот на доход.

Цакалатос информирал дека преговорите со кредиторите, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд, Европската централна банка и со Европскиот стабилизациски механизам биле прекинати поради заседавање на ММФ во Вашингтон.