ММФ: Исправни се мерките за оддржливоста на пензиите и социјалната еднаквост


Вашингтон, 19 ноември, 2018 - 11:14 (META) 

Во Министерството за финансии се одржа завршниот состанок со тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во земјата со цел спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. На состанокот присуствуваше тим на Министерството за финансии, предводен од министерот Драган Тевдовски, како и гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска.

Во соопштението на ММФ се наведува дека исправно е што предлог-буџетот за 2019 година е фокусиран на оддржливоста на пензискиот систем, промовирањето на социјалната еднаквост и поддршката на вработеноста.

За промените во данокот на личен доход се вели дека го зголемуваат данокот на доход од капитал и ја подобруваат рамнотежата на даночниот товар меѓу лицата со висок и низок доход. ММФ исто така нотира дека, со цел подобрување на покриеноста и таргетирањето на социјалната помош, буџетот предвидува консолидација и замена на постоечките видови помош, вклучувајќи го и додатокот за трето дете, со гарантиран минимален доход базиран на потребите и со социјална пензија.

Понатаму, според мисијата, предложените пензиски реформи ќе го намалат пензискиот дефицит на среден рок. Според прелиминарните оценки на ММФ, овие мерки, заедно со поддршката за вработеноста и инвестициите, ќе резултираат со привремено зголемување на фискалниот дефицит на 3 проценти од БДП во 2019 година, и потоа негово намалување на 2,4 проценти од БДП на среден рок. Според основната проекција, јавниот долг ќе го достигне максимумот од 54,7 проценти од БДП во 2021 година.

ММФ препорачува постигнување на нула примарен дефицит на среден рок со цел постигнување на јасна надолна тракеторија на јавниот долг. Со цел долгорочна оддржливост на пензискиот систем, потребно е да се разгледаат дополнителни мерки како порестриктивни услови за предвремено пензионирање и покачување на возраста за пензионирање.

За ММФ охрабрувачки се и треба да продолжат неодамнешните реформи за зајакнување на управувањето со јавните финансии и подобрување на фискалната транспарентност. Исто така, се наведува дека мерките за зајакнување на рамката за мониторирање на неплатените обврски во јавниот сектор и предложените измени кои ги поврзуваат општинските буџети со реализацијата на приходите се чекори во правилна насока.


Рударите ќе се пензионираат на 50 години


Скопје, 11 септември, 2018 - 15:59 (META) 

Владата денеска усвоила измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се предвидува рударите да се пензионираат на старосна возраст од околу 50 години. Како што соопштија министрите за труд и социјална политика и за економија, Мила Царовска и Крешник Бектеши, измените наскоро ќе бидат доставени на гласање во Собранието, а ќе почнат да се применуваат од почетокот на идната година.

При пресметките за основа ќе се зема бенефицираниот стаж.

– Рударите ќе можат да остварат право на старосна пензија со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени. Тоа значи дека ако сега рудар се пензионира со навршени 58 години, со новото решение ќе се пензионира на околу 50 години – објасни Царовска на заедничката прес-конференција.


Николиќ по претседателската функција ќе оди во пензија


Белград, 21 март, 2017 - 15:06 (META) 

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, изјави дека на 31 мај годинава, кога му истекува претседателскиот мандат, ќе поднесе барање за пензионирање, но наведе дека тоа не значи дека нема да се занимава со политика.

За белградски „Курир“, Николиќ рече дека не вагал, ниту договарал дали и која функција ќе ја добие по мандатот, но дека едно е сигурно – „пензија не му бега“.

– Ги исполнив сите услови за пензија, единство само функцијата ме држи. Ќе поднесам барање на 31 мај, штом ќе ми истече мандатот. Имам 65 години и 45 години стаж. Цел живот работам, со исклучок на периодот на служење на воениот рок – вели Николиќ.

Сепак, тој наведе дека тоа не значи дека ќе биде и во политички пензија, туку само старосна.

Законот на Србија предвидува претседателот шест месеци по завршување на мандатот да прима полна пензија, а тој период, со соодветно барање, може да се продолжи и до една година.


Ципрас вети 13. пензија за пензионерите што земаат помалку од 850 евра месечно


Атина, 9 декември, 2016 - 9:11 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вети „божиќни подароци“ од 617 милиони евра за 1,6 милиони грчки пензионери. Во јавно телевизиско обраќање, тој ненадејно вети финансиска помош во вид на 13. пензија за пензионерите што земаат помалку од 850 евра месечно.

„Оваа влада има обврска секое евро кое е плус во расположливите ресурси да го распредели меѓу нашите најранливи граѓани. Останувавме верни на оваа обврска и одлучивме итно распоредување на екстра приходите од 2016 година на пензионерите со ниска пензија“, најави Ципрас.

Оваа 13. пензија ќе биде скалеста, односно оние кои земаат пониска пензија ќе добијат повеќе пари, а оние со повисока нешто помалку, но најниската помош, како што вети Ципрас, ќе биде најмалку 300 евра. Според  информациите од владата, околу 270.000 пензионери ќе добијат од 500 до 830 евра, околу  570.000 пензионери од 300 до 500 евра, а повеќе од 750.000 пензионери ќе добијат по 300 евра.

Покрај „божиќниот подарок“ за пензионерите, грчкиот премиер најави дека ќе се стопира спроведувањето на мерката за зголемен данок на додадена вредност на островите кои се погодени од бегалската криза сè додека трае бегалскиот проблем, за да им се помогне на тамошните трговци и хотелиери кои се соочуваат со финансиски проблеми и со опадната туристичка стапка.

Овие ненадејни финансиски подароци предизвикаа изненадување во Грција и повторно го отворија прашањето дали Ципрас можеби на ваков начин се подготвува за предвремени избори или, пак, само се обидува малку да го подобри имиџот кај народот поради договорот со меѓународните кредитори за нови мерки за штедење.

Пензионерите беа еден од неговите најголеми проблеми, со постојани протести и реакции од нивна страна поради одлуките да се скратат дел од пензиите, па проценките се дека на овој начин тој се обидува да ги придобие нивните симпатии.

Одлуката за финансиска помош за пензионерите наиде на голема критика од опозициските партии, кои го обвинуваат Ципрас за обид да манипулира со пензонерите.


Полска ја намали старосната граница за пензионирање


Варшава, 16 ноември, 2016 - 19:04 (META) 

Полските пратеници гласаа за намалување на старосната граница за пензионирање и покрај прашањето како ќе се финансира новиот пензиски систем.

Долниот дом денеска гласаше за тоа од октомври следната година, жените да можат да се пензионираат на 60 години, а мажите кога ќе наполнат 65 години.

Според актуелниот систем, старосната граница за пензионирање требаше постепено да се зголемува и пензионирањето за двата пола да биде на 67 години.

Намалувањето на старосната граница било клучно ветување на конзервативната партија Закон и правда.


НЛБ Тутунска банка ќе ги исплати пензиите пред празниците


Скопје, 27 април, 2016 - 17:18 (META) 

НЛБ Тутунска банка пензијата ќе ја исплати в четврток, на 28 април, информираат оттаму.

– НЛБ Тутунска банка ги известува сите пензионери што својата пензија ја примаат преку НЛБ Тутунска банка, дека пензијата за април, банката ќе им ја исплати на 28 април, пред празниците – се вели во соопштението на банката.

За велигденските празници банката нема да работи в петок (29 април), сабота (30 април) и в понеделник (2 мај).


Правото на старосна пензија, земјоделците ќе го користат од 1 јануари следната година


Скопје, 14 август, 2015 - 13:20 (META) 

Неколку стотици земјоделци ќе го остварат правото на старосна пензија ако Собранието ги изгласа предлог-измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои Владата ги усвоила на последната седница.

– Со овие измени се предлага да се воведе законска можност, во стажот на земјоделците да им се пресмета и времето поминато во осигурување, според Законот за старосно осигурување на земјоделците, кој се применуваше во перодот од 1978 до 1988 година. Со тоа  би се создале можности за исполнување на минималните услови за остварување право на старосна пензија, 15 години пензиски стаж, при што ова законско решение ќе почне да се применува од 1 јануари 2016 година – изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

За реализација на оваа мерка Владата ќе одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво за исплата на пензии.


Референт во ФПИОМ во Гостивар осомничен за измама и за злоупотреба


Тетово, 3 јуни, 2015 - 13:54 (META) 

Секторот за внатрешни работи Тетово поднел кривична пријава против Д.М. (32) од селото Симница, вработен како референт во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Гостивар, кој е осомничен за измама и за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што информираат од полицијата, осомничениот во периодот од јули 2014 до јануари 2015 година, како референт во Фондот, на Џ.С.(21) и на нејзината мајка им ветил дека ќе им овозможи да добијат семејна пензија, а за услугата му биле дадени 800 евра.

Откако не го исполнил ветувањето, случајот бил пријавен во тетовската полиција.


Летерман оди во пензија


Њујорк, 21 мај, 2015 - 15:33 (META) 

Дејвид Летерман синоќа ја водеше својата последна емисија во 33-годишната кариера.

Еден од столбовите на американската телевизија, кој држи рекорд во должина на водење популарни вечерни емисии, пред една година најави дека заминува во пензија.

Шеесет и осумгодишниот Летерман во својата кариера, која почна во 1978 година, водел повеќе од 6.000 вечерни емисии. Неговите емисии освоиле 11 награди „Еми“, а номинирани се повеќе од 100 пати.

Летерман првпат се појавил како водител на мрежата „Си-Би-Ес“ на 30 август 1993 година со емисијата „Лејт шоу“.
Стивен Колбер, водителот на „Комеди сентрал“, ќе го наследи Летерман на „Си-Би-Ес“.

https://www.youtube.com/watch?v=_5XZunwreYo


Папата Франциск не очекува уште долго да остане поглавар


Ватикан, 13 март, 2015 - 20:56 (META) 

Папата Франциск има чувство дека неговата служба ќе биде кратка и оти е подготвен да поднесе оставка како и неговиот претходник.

– Имам чувство дека мојот понтификат ќе биде краток – четири или пет години, можеби дури две или три. Чудно е тоа чувство – рекол 78-годишниот папа за мексиканскиот канал „Телевиза“.

Поглаварот на Римокатоличката црква смета дека „господ го поставил на кратко“ и оти „не му пречело што е папа“, но би сакал да отиде во Рим на пица и никој да не го препознае.

Папата Франциск рекол дека ја дели истата идеја со својот претходник, Бенедикт Шеснаесетти, кој е прв поглавар на Римокатоличката црква што во последните 600 години поднел оставка.

– Генерално, мислам дека тоа што Бенедикт го направи е храбро и имаше цел да отвори врата за пензионирање на папите. Бенедикт не би требало да се смета за исклучок, туку за институција – рече папата Франциск, додавајќи дека му недостигаат деновите кога можел слободно да се шета низ град.