Парите од Владата нема да ги деблокираат сите општини?


Берово, 3 декември, 2018 - 13:44 (META) 

Донесувањето на законот со кој се обезбедуваат околу 50 милиони евра владини пари за општините, во блокираните општини донесе надеж дека конечно ќе успеат да се ослободат долговите таложени со години, но и прашања дали ќе успеат во тоа. Четири од 11 општини во Источна Македонија – Делчево, Берово, Зрновци и Пехчево се уште работат со блокирани сметки и определен месечен лимит.

Општина Берово е првата општина која објави јавен повик со кој ги повикува доверителите да ги пријават побарувањата. Во преговорите ќе бараат отпис од каматите и 15 отсто од долгот. Фирмите-доверители што ќе го прифатат тоа, според одредбите од законот, ќе имаат предност во склучувањето на договорите.

Меѓутоа, уште во старт наишле на првични проблеми. Главниот доверител на Општина Берово е АДГ „Пелагонија“ од Скопје во стечај, кому општината му должи половина милион евра. Тоа е и половина од вкупниот долг. Градоначалникот Звонко Пекевски вели дека преговорите ќе треба да ги води не со еден, туку со повеќе субјекти, кои се во Одборот на доверители на АДГ „Пелагонија“.

-Преговорите сè уште не сме ги почнале официјално, но имаме сложена работа, бидејќи во прашање се интересите на повеќе компании во Одборот на доверители на „Пелагонија“ – вели Пекевски.

Берово ќе добие 47,8 милиони денари од Буџетот.

Некои од градоначалниците на општините веќе имале првични неофицијални разговори, меѓутоа наишле на различни реакции. Сметаат дека перспективите во тие преговори ќе зависат од тоа дали компаниите сакаат итно и по секоја цена да ги наплатат долговите. Има и такви компании, велат градоначалниците,  кои не сакаат да се откажат од ништо што им следува  со закон. Дел од нив имаат и извршни решенија од суд.

Општина Пехчево деновиве ќе објави повик до доверителите. Најголемиот доверител е компанијата „Конти хидропласт“, која работела на изградба на водовод.

– Сè уште не сме разговарале со оваа компанија, но имаме и други доверители, кои очекуваме да се пријават на повикот. Парите од државниот буџет може да бидат основа за деблокада на сметката, но има уште да се враќа, бидејќи претходните градоначалници прекумерно ја здолжиле општината – изјави Драган Тренчовски, градоначалник на Општина Пехчево, која добива 62,4 милиони денари од државниот буџет.

Законот за финансиска поддршка на општините што беше донесен на крајот на октомври, наиде на различни реакции. Задолжителните и блокирани општини сметаат дека финансиската помош е добредојдена, бидејќи и по една година, новите градоначалници не успеаваат да ги одблокираат сметките.

Дел од општините кои се во подобра финансиска кондиција се на став дека со законот, централната власт упатува порака на толеранција на расипништвото и непочитување на правото.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, законот го оправда со зборовите „општините знаат дека нема втор пат да има ваква мерка“.


Во Битола опожарени три автомобили, во Пехчево кат од куќа и покрив


Битола, 12 септември, 2017 - 13:20 (META) 

Во голем пожар што се случил во Битола вчера, еден автомобил изгорел целосно, а два се опожарени, додека во Пехчево избувнал пожар во семејна куќа, кој го зафатил и покривот на соседната куќа, информира МВР.

Пожарот во Битола избувнал во 13.50 часот, кога помеѓу згради на улицата Васко Карангелески, од засега непознати причини, се запалиле сува трева и ѓубриште.

Огнот поради силниот ветер бргу се проширил кон гаражи, при што зафатил шест гаражи. Притоа во една од нив целосно изгореле автомобил „бе-ем-ве“, повеќе кубици огревни дрва и рачен алат, а опожарени биле автомобил „застава 128“ и еден мопед, како и еден „варбург“. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица – Битола. Увид извршила екипа од СВР Битола.

Во Пехчево во куќа на улицата Пиринска, пак, во 16.40 часот вчера избувнал пожар на вториот кат на куќата на Н.М. (53), нанесувајќи огромни штети. Огнот го зафатил и покривот соседната куќа.

Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица – Берово и Територијалната противпожарна едница – Пехчево.


Земјотрес регистриран во Пехчево


Пехчево, 25 септември, 2016 - 12:02 (META) 

Земјотрес од интензитет од 2,7 степени според Рихтеровата скала синоќа е почувствуван во близина на Пехчево.

Европскиот сеизмолошки центар јавува дека епицентарот на земјотресот, кој е регистриран четири минути по полноќ, бил на 15 километри северо-западно од Пехчево, на длабочина од 1 километар.


Објавен оглас за продажба на градежно државно земјиште во Пехчево


Пехчево, 14 ноември, 2014 - 12:10 (META) 

Министерството за транспорт и врски објави оглас за продажба на државно градежно земјиште наменето за изградба на откупен пункт за земјоделски производи во местото Подуево, во општина Пехчево.

На продажба се ставени пет градежни парцели со површина од 891 до 5.973 квадратни метри, а почетната цена на јавното наддавање изнесува 61 денар за еден квадратен метар.

Заинтересираните домашни и странски правни физички лица треба да достават пријава за учество најдоцна до 26 ноември годинава.

Електронското јавно наддавање ќе се одржи на 3 декември годинава, на интернет-страницата www.gradezno-zemjiste.mk.