!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Мандатари и број на пратеници во независна Македонија – историски и графички преглед


Скопје, 10 јануари, 2017 - 15:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, го доби петтиот по ред мандат за составување влада со парламентарна бројност од 51 пратеник во законодавниот дом. Ова нема да е првпат мандатот за формирање влада да го добие кандидат на партија која на избори освоила најголем број пратенички места, а нема мнозинство од вкупниот број на пратеници во Собранието, односно минимум 61.

Груевски првиот премиерски мандат го доби по парламентарните избори во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ освои 45 пратенички места, а СДСМ  32 пратеника. Тогашниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, му го довери мандатот на Груевски, кој формираше влада, коалицирајќи со ДПА, која имаше 11 пратеници, со НСДП на Тито Петковски (седум пратеници) и со ДОМ на Лилјана Поповска (еден пратеник). Иако не влегоа во владина коалиција, за тогашната влада на Груевски гласаа и шесттемина пратеници на ВМРО – Народна партија на претходниот лидер на ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски.

Вака изгледал распоредот на силите во Собранието на Република Македонија во секој од шесте изборни циклуси за пратеници во Собранието, од 2002 до 2016 година.

partii broj na mandati po godini

Избори 1990 година

На овие избори, кои беа спроведени според мнозински модел и во два круга, најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ – 38, Сојузот на комунисти на Македонија – Партија за демократска преобразба (СКМ-ПДП) или денешен СДСМ – 31, ПДП од албанскиот политички блок освои 17, Сојуз на реформски сили – 11 и Социјалистичката партија на Македонија – 4 пратеници.

Тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров, мандатот за состав на влада прво му го даде на Љубчо Георгиевски, како лидер на најбројната партија во Собранието (со 38 пратеници), но тој го одби и го врати мандатот. Глигоров потоа мандатот за состав на влада му го  даде на Петар Гошев од СДСМ (со 31 пратеник), кој откако не успеа да формира влада, го врати мандатот, па претседателот, иако тоа не беше уредено со Уставот и со закон, му го даде на Црвековски, кој стана премиер на првата политичка влада на Македонија.

Избори 1994 година

Коалицијата Сојуз за Македонија предводена од СДСМ на овие избори освои досега недостигнати 87 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг од изборите и не влегоа во Собранието, поради, како што тврдеа, сериозни нарушувања на изборниот процес. На изборите во 1994 година Партија за демократски просперитет во Македонија освои 10 пратенички места, Народна демократска партија – 4, Либерална партија – 5, а во собраниските клупи седнаа и 7 независни кандидати.

Претседателот Киро Глигоров мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

Избори 1998 година

ВМРО-ДПМНЕ на чело со тогашниот лидер Љубчо Георгиевски освои најголем број пратенички места во Собранието – 49, СДСМ (Бранко Црвенковски) – 27, Партија за демократски просперитет ПДП – 14, Демократска алтернатива на Васил Тупурковски – 13, ДПА (лидер Арбен Џафери) – 11, Либерално-демокрастка партија – 4, Социјалистичка партија на Македонија – 1, Сојуз на Ромите од Македонија – 1. Мандатот го доби Љубчо Георгиевски кој формираше влада во коалиција со Демократска алтернатива и ДПА.

Претседателот Киро Глигоров мандадот за формирање Влада му го даде на Љубчо Георгиевски.

Избори 2002 година*.

СДСМ со Бранко Црвековски како лидер освои 60 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ (со Љубчо Георгиевски) – 33, ДУИ (први избори) – 16 пратеници, ДПА (Арбен Џафери) – 7 пратеници, ПДП – 2, НДП – 1, СПМ – 1. Влада формираше СДСМ, со ЛДП (која беше дел од предизборната коалиција предводена од СДСМ) и со ДУИ.

Претседателот Борис Трајковски мандатот за состав на влада му го даде на Бранко Црвенковски.

*По трагичната авионска несреќа и смртта на претседателот Трајковски, нов шеф на државата стана
 лидерот на СДСМ - Бранко Црвенковски, кој премиерската функција му ја препушти на Хари Костов, 
кој пак по 5 месеци се повлече од функцијата и лидер на СДСМ и премиер стана Владо Бучковски.

Избори 2006 година

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ на чело со новиот лидер, Никола Груевски, (Груевски стана лидер на партијата во 2003 година) освои 45 пратенички мандати, СДСМ со Владо Бучковски како претседател на партијата освои 32 пратенички места, ДУИ – 17, ДПА (со Арбен Џафери) – 11, НСДП (Тито Петковски) – 7, ВМРО-НП (на чело со Љубчо Георгиевски) – 6, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) – 1, Партија за европска иднина (ПЕИ) – 1.

Претседателот Бранко Црвенковски мандадот за формирање влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2008 година (предвремени)

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 63 пратеници (досега нивен најдобар резултат), СДСМ предводен од Радмила Шекеринска како претседател на партијата доби 27 пратеници, ДУИ – 18, ДПА со Мендух Тачи како партиски лидер – 11, ПЕИ – 1. Груевски повторно стана премиер, а наместо ДПА, првпат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ влезе ДУИ, по т.н. Мајски договор меѓу Груевски и Али Ахмети, според кој победничките партии од македонскиот и од албанскиот блок ја формираат владината коалиција.

Претседателот Бранко Црвенковски мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2011 година (предвремени) 

ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 5 јуни 2011 година освои 56 пратеници, СДСМ повторно со Црвенковски како лидер – 42, ДУИ – 15, ДПА – 8, Национална демократска преродба (НДП) на Руфи Османи – 2 пратеника. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а мандатар, а потоа премиер по третпат стана Груевски.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.

Избори 2014 година (предвремени) 

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 61 пратеник, СДСМ со Зоран Заев како лидер доби 34 пратеници, ДУИ – 19, ДПА – 7, ГРОМ – 1, НДП – 1. Влада формираа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а СДСМ и нивните коалициони партнери го бојкотираа новото Собрание и дејствуваа вонпарламентарно, поради, како што соопшти тогаш Заев, изборни манипулации и нерегуларности, односно кражба на изборите од страна на владејачката партија.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Груевски.

Избори 2016 година (предвремени) 

Најнеизвесните избори досега на кои ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ – 49, ДУИ – 10, Движење Беса – 5, Алијанса за Албанците – 3, ДПА – 2.

Претседателот Ѓорге Иванов мандатот за состав на влада му го даде на Никола Груевски.


И СДСМ, ДПА и ДУИ ги доставија до ДИК листите со кандидати за пратеници


Скопје, 11 ноември, 2016 - 22:28 (META) 

Опозициската коалиција предводена од СДСМ, владејачката албанска партија ДУИ и албанската опозициска партија ДПА вечерва околу 22 часот до Државната изборна комисија ги доставија листите со кандидати за пратеници во шесте изборни едници за предвремените парламентарни избори на 11 декември.

– Toa e листа на кандидати која е победничка, усогласена со граѓаните на Република Македонија и која е одобрена од највисоките партиски тела на Коалицијата – изјави Стевица Јосифовски, претседател на правниот сектор на СДСМ.

Во првата изборна единица, носител на листата на коалицијата предводена од СДСМ ќе биде Стево Пендаровски, додека Оливер Спасовски во втората ИЕ. Во третата ИЕ носител е Љупчо Николовски, додека во четвртата – претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Радмила Шеќеринска е носителка на листата во петката, додека Петре Шилегов ја предводи листата во шестата изборна единица.

Претходно, партијата Левица, при доставувањето на листите, соопшти дека ќе се бори во пет изборни единици.

– Првпат една автентична левичарска партија која се гради од долу нагоре успеа да се кандидира самостојно на избори – изјави Здравко Савевски од Левица, по поднесувањето на листите.
Во првата изборна единица носител е Димитар Аспатиев, Трајче Стојанов ја предводи листата во втората изборна единица, Марија Џонс во третата, Митко Николов во четвртата, а Здравко Савевски е носител на листата во петата ИЕ.

Претходно до ДИК листи поднесоа Коалицијата за промени и правда, ЛП и ПДП.


Само ПДП и Коалицијата за промени и правда досега ги доставиле пратеничките листи до ДИК


Скопје, 11 ноември, 2016 - 17:44 (META) 

Партијата за демократски просперитет (ПДП) и Коалицијата за промени и правда, која ја сочинуваат Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС И МОРО-РП,  денеска до Државната изборна комисија ги доставија листите на кандидати за пратеници во шесте изборни единици за предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември. Се очекува другите партии вечерва до полноќ, кога и истекува рокот, да ги достават своите листи до ДИК.

Од ДИК денеска соопштија дека се зголемил бројот на пријави на македонски државјани кои живеат во странство, а кои ќе гласаат на изборите. Утринава оваа бројка изнесувала околу 16.000, а до 14 часот се зголемила на 19.074. Како што соопштуваат од комисијата, 16.644 од пријавите се прифатени, 211 се одбиени, а 2.219 се обработуваат.

Според податоците на ДИК, најмногу пријавени за гласање има во Берн, Венеција и во Детроит. Вечерва на полноќ завршува и пријавувањето на лицата со спорни записи и увидот во избирачкиот список.


ПДП реагира на неажурноста на судовите и на внатрешни превирања во партијата


Тетово, 8 септември, 2016 - 16:20 (META) 

Партијата за демократски просперитет (ПДП) денеска на прес-конференција реагираше, како што рекоа, на неажурноста на судовите околу судскиот спор во врска со впишувањето на претседател на партијата во судскиот регистар на политички партии.

– Основниот суд во Тетово има донесено решение како претседател на партијата да ме впише мене. Оваа одлука беше оспорена од одредени луѓе и обжалена до Апелацискиот суд во Гостивар. Но, проблемот е во тоа што предметот во Апелација се зема на разгледување по три месеци, иако според законот за судство, предметите на политичките партии се квалификуваат како приоритетни – изјави Фатон Алити од ПДП.

Алити додаде дека деновивие се најавува нов конгрес на партијата, кој, според него, е незаконски, затоа што го организира неформална група, која според статутот на партијата нема право да организира конгрес.

– Во некои медиуми се објавуваа најави за одржување конгрес на партијата од страна на Мухамед Халили, вработен во Министерството за надворешни работи, кој пред некое време даде потпис за бришење на ПДП од регистарот на политички партии, а сега сака да застане на чело на ПДП – изјави Алити.

Инаку, Фатон Алити во мај беше впишан во судскиот регистар на политички партии како претседател на ПДП, откако неговата функција со допис до Основниот суд Тетово беше оспорувана од поранешниот в.д. претседател на партијата, Неџат Беџети. Но, одлуката на Основниот суд беше обжалена и предметот сега се наоѓа на разгледување во Апелацискиот суд во Гостивар.


ПДП ќе ги поддржи протестите на албанскиот опозициски совет во Скопје


Тетово, 8 мај, 2016 - 13:44 (META) 

Партијата за демократски просперитет (ПДП) ќе учествува на утрешниот протест во Скопје кој го организира албанскиот опозициски совет. Партијата ќе поддржи, како што истакнаа на денешната прес-конференција, секое друго протестирање кое има цел да придонесе за политички промени во земјава и за уривање на, како што рекоа, авторитарниот режим.

– Го повикуваме нашето членство на организиран начин да учествуваат на утрешниот протест во Скопје, затоа што протестите се столб на демократијата и токму поради ова апелираме протестот да биде што помасовен, мирен и достоинствен – изјави портпаролот на ПДП, Кенан Али.

Од ПДП на прес-конференцијата истакнаа дека Основниот суд Тетово донел решение за упис на легитимниот избран претседател, Фатон Алити, како застапник на Партијата за демократски просперитет. Решението е донесено врз основа на статутарните одредби и законот за политичките партии, во согласност со усвоените акти на последниот конгрес на ПДП.


За најгорливите проблеми во Тетово протестираа едвај педесетина граѓани


Тетово, 9 октомври, 2015 - 15:59 (META) 

Тетовци му дадоа мала поддршка на денешниот протест под мотото „Стоп за хасот во Тетово“. На протестот кој се одржа на градскиот плоштад, дојдоа околу 50, претежно, повозрасни лица. Велат дека е крајно време да се испрати порака за запирање на аерозагадувањето, лошата урбанизација и на недостигот од вода.

Зачудени се што големите проблеми за кои денеска се протестира, не беа мотив за населението да дојде на плоштадот и да го искаже револтот поради хаосот во градот.

– 20 години Тетово нема вода. Целиот град е претворен во асфалт и во бетон, па поради тоа е и големо аерозагадувањето, никаде нема зеленило, оваа појава мора да се спречи – изјави еден тетовец.

Организаторите на протестот претпоставувале дека ќе има мал одзив затоа што деновиве граѓаните имале големи притисоци, да не присуствуваат.

– Присуството е задоволитено, со оглед на тоа дека живееме во режим. Но, овој протест нема цел да му наштети некому. На пример, имаме решенија за аерозагадувањето, кои можат да се применат ако надлежните имаат слух. Нека се затвори најголемиот загадувач „Југохром“ сè додека не постави филтри, но за тој период вработените да бидат субвенционирани од Владата, па така никој нема да биде оштетен, а парите од буџетот ќе бидат искористени за вистински цели – изјави Фатон Алити, портпарол на ПДП.

За денеска беше најавен и марш по улиците. Но, маршот беше откажан во последен момент, поради малото присуство на граѓаните на протестот.


ПДП: Дали Питер Фејт сака да го спаси Али Ахмети?


Тетово, 29 септември, 2015 - 14:28 (META) 

„Проширувањето на Охридскиот договор не може да го направи политичка партија која треба да биде предмет на истражување од Специјалниот обвинител поради аферата „Маѓар телеком“ и другите афери од објавените „бомби“ ниту, пак, лидер кој не може да се појави слободно пред своите гласачи“, се вели во писмената реакција на Партијата за демократски просперитет (ПДП), по веста во медиумите дека „Али Ахмети го зајакнал својот тим со Питер Фејт и бара проширување на Охридскиот договор“.

„Гледајќи дека од ден на ден сè повеќе тоне, Али Ахмети прави обиди да се фати за сламка. Јавноста веќе слушнала дека Алија многупати изјавил дека Охридскиот договор е Библија и Куран на неговото политичко размислување и дека тој 90 отсто е имплементиран и дека со тоа ниво на имплементација „Албанците веќе го обезбедиле нивниот престој во рајот“. Што бара сега Алија? Тоа што не можел 14 години да го имплементира“, пишува во соопштението на ПДП.

Од партијата прашуваат дали Питер Фејт има улога да го спаси Али Ахмети од аферите.

„Дали е запознат Питер Фејт со разно-разните изјави на Алија во медиумите на Косово и во Албанија дека „Албанците се конститутивен народ во Македонија, дека албанскиот јазик е втор службен јазик, дека има многу полицајци Албанци, дека Албанците ги уживаат сите национални, културни, економски и социјални права“, се додава во соопштението на ПДП.

З.Д.


ПДП: Зошто се заострени односите на релација Влада – Европска енергетска заедница?!


Тетово, 17 септември, 2015 - 12:46 (META) 

ПДП преку писмено соопштение прашува зошто Владата заради либерализацијата на струјата е влезена во конфликт со Европската енергетска заедница и со Европската унија. Најстарата политичка партија на Aлбанците бара одговор од властите, како дошло до ублажување на конфликтните односи на релација Влада – ЕВН и дали зад сцена може да експлодира некоја тајна соработка меѓу нив на штета на граѓаните.

Од ПДП преку писмено соопштение посочуваат дека земјата ќе влезе во тешка енергетска криза наесен. Бараат објаснување од ЕВН зошто во сметките за струја ги нема тие фамозни 33,3 проценти ангажирана моќ, дали граѓаните ја плаќаат или таа исчезнала од пресметките, ама уште е „подарок“ за граѓаните од страна на ЕВН?

„Дали во новиот Закон за енергетика кој ќе се подготвува во согласност со критериумите на ЕУ ќе се дозволи итна либерализација на пазарот на електричната енергија и колку штета досега земјата трпела во однос на евро-интеграциските процеси со тврдоглавото одбивање на Владата да се либерализира пазарот на електричната енергија, со неубедливиот аргумент дека со тоа го запира процесот на поскапување на струјата?“, прашуваат од ПДП.

ПДП преку испратено соопштение реагира и на поскапувањето на огревното дрво.

„Таканаречената ’Владина комисија за сечење дрва‘ сè уште не ги дава резултатите во ублажувањето на кризата за снабдување на пазарот со дрва и цените на истите достигнуваат цена до 65 евра за еден кубен метар“, се вели во соопштението на ПДП.


ПДП: Владата да престане со неконтролирано трошење народни пари


Скопје, 9 септември, 2015 - 11:50 (META) 

„Владата да ги почитува препораките од комисијата на европскиот експерт Рајнхард Прибе и препораките на ММФ и да престане со понатамошна партизација на државата. Исто така да престане со неконтролирано трошење на народните пари“, повика денеска Партијата за демократски просперитет.

Од ПДП сметаат дека на една држава, која секој месец редовно се задолжува пред меѓународните и домашните финансиски институции за да обезбеди пари за исплата на плати и на пензии, не ѝ доликува да гради мултимилионско панорамско тркало, да гради мултимилионска зграда за јавно претпријатие и мултимилионски непотребни високи бисти.

ПДП, исто така, смета дека одлуката на Владата да гради мултимилионски споменик на Мајка Тереза во време кога неколку стотини илјади граѓани на земјата се на работ на егзистенција и се многу близу до просјачки стап, е навреда за ликот и за делото на оваа светска хуманистка, која целиот свој живот го помина скромно и меѓу сиромашните деца на Калкута и на целиот свет, помагајќи им на сиромашните луѓе.

„Досегашните откриени корупциски афери јасно покажуваат дека на владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не им е цел преку споменици да им изразуваат почит на заслужните граѓани, туку да дојдат до пари пред парламентарните избори“, се вели во соопштението од ПДП.


ПДП и „Беса“ бараат демократизација на Македонија со една изборна единица


Тетово, 29 август, 2015 - 16:28 (META) 

Движењето „Беса“ и ПДП побараа големите политички партии да се заложат Македонија да биде една изборна единица со отворени листи. На тој начин, според нив, малите политички партии нема да добијат повеќе пратенички места, но од суштинска важност е дека со предложениот модел, македонското општество ќе се демократизира.

– Со сегашниот изборен модел, малите партии станаа заложници на големите, кои ги води една група па дури и еден човек. Со една изборна единица и со отворени листи, политичките одлуки ќе се носат побалансирано – вели Билал Касами, од движењето „Беса”.

Барањата на „Беса“ и ПДП беа упатени од тркалезната маса, насловена како „Дилемите за избирачкиот модел” која попладнево се организираше на Попова Шапка.

– Македонија со овој модел оди кон диктатура. Таа треба да се демократизира, а не да биде под влијание на две политички групи – изјави претседателот на ПДП, Неџат Беџети.

Од „Беса“ и ПДП сметаат дека новиот изборен модел не треба да има изборен праг. Се надеваат дека нивните сугестии и предлози ќе бидат прифатени за време на политичкиот дијалог кој го водат големите политички партии.