!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Николовски најави 10 милиони евра за зголемени субвенции и за млади земјоделци


Скопје, 4 август, 2017 - 14:59 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, попладнево ги образложи новите мерки што Владата ги донела за поддршка на земјоделците. Тие вклучуваат 10 милиони евра што ќе се распределат за зголемување на субвенции и за директна поддршка на млади земјоделци.

Мерките се предвидени со измените на Програмата за директна финансиска поддршка во земјоделство и на Програмата за рурален развој.

Измените на програмата за директни плаќања се по барање на земјоделските здруженија за зголемување на субвенциите за производителите на пченица, кои годинава имаа ниски приноси поради лошите временски услови, образложи Николовски.

– Земјоделците ќе добијат дополнителни 6.000 денари од хектар пченица, што се вкупно 2 милиони евра повеќе од субвенциите што ги добиваат сега. За јачменот е предвиден дополнителен 1 денар за килограм јачмен предаден кај регистрирани откупувачи. Ќе реагираме и кај лозовите и овошните насади каде што, исто така, годинава родот е преполовен. За таа цел 25.000 лозари и 15.000 овоштари ќе имаат зголемена субвенција од 10 отсто по хектар за да се надомести дел од штетата, главно поради измрзнувањето на насадите. За градинарите, исто така, одвоивме дополнителни 10 отсто од висината на сегашните субвенции по хектар, а за сточарите поддршката е преку зголемените субвенции за 10 отсто по хектар фуражни култури. Тоа се уште 2 милиони евра предвидени за реализација на овие мерки – рече министерот за земјоделство.

Тој нагласи дека се распишува и оглас за неповратна помош од 10.000 евра за млад земјоделец. Ќе се воведе и субвенција за подигнување повеќегодишни насади, со која ќе бидат опфатени и  земјоделците што извршиле есенско подигнување во 2016 година и на оние кои извршиле пролетно подигнување во 2017 година.

– Само овие две нови мерки, во согласност со програмата на Владата, ќе овозможат директен трансфер на 6 милиони евра, кои овојпат ќе завршат кај вистинските земјоделци до крајот на годината – рече Николовски.


Приносите на пченица и на јачмен се пониски поради неповолните временски услови


Куманово, 20 јули, 2017 - 12:15 (META) 

Заврши жетвата на јачмен во Кумановскиот Регион, а ожнеани се и повеќе од 90 проценти од површините со пченица, но приносите на двете култури се пониски во однос на претходните години, најмногу поради неповолните временски услови, информираат од подрачната единица на Министерствто за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Кај земјоделските претпријатија приносите се од 2.000 до 2.500 килограми по хектар, додека кај индивидуалните земјоделци – од 1.000 до 1.500 килограми од еден хектар.

 Во Кумановско, поради пролетниот мраз во феврауари, штета претрпеа лозовите и овошните насади од 40 до 100 проценти. Подоцна, штета претрпеа и градинарски култури и овошните насади вторпат, што значително ќе влијае на приносите.

ССК: Лошата жетва може да влијае на поскапување на брашното и на лебот


Скопје, 14 јуни, 2017 - 15:50 (META) 

Агробизнис-комората при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), предупреди дека пред почетокот на жетвата се очекуваат значително помали приноси, особено во споредба со минатата година, а во одредени региони од земјата нема ниту да има жетва.

Причини за ваквата состоба се лошите временски услови, но и недоволната примена на агротехничките мерки за да може да се спаси родот.

„Очекуваните приноси од пченицата годинава се преполовени во споредба со минатата година. Во вакви услови за стабилизирање на пазарот, препорака е да се изврши интервентен откуп на пченица од страна на Бирото за стокови резерви, пред почетокот на откупот, за да бидат заштитени сите страни и да има стабилност на пазарот. Битно е да се собере секое зрно, бидејќи ако се зголеми откупот, автоматски интересот за сеидба за следната сезона ќе се зголеми, а со тоа и површините со житни култури“, изјави Огнен Оровчанец, претседател на Агробизнис-комората.

Горан Ѓорѓиевски, кој доаѓа од мелничко-пекарската индустрија, вели дека доколку имаме ситуација на зголемување на цената на пченицата, тоа ќе значи зголемување на цената на брашното, а со тоа и на цената на лебот.

„Трба да се напомене дека поради лошата сезона, можно е да потфрли и квалитетот на пченицата. Затоа дел од мелничарите се одлучуваат за увоз на поквалитетна пченица по иста цена со домашната. Минатата година цената на брашното беше 12 денари за еден килограм“, изјави Ѓеорѓиевски.

Според официјалните податоци, минатата година од 80.000 хектари насеани со пченица, родот тежеше 306.000 тони или 60 проценти повеќе во споредба со претходната жетва. Просечениот принос беше 3.800 килограми на хектар.


Родот на 650 земјоделци од Пелагонија настрада од априлскиот студ


Битола, 15 мај, 2017 - 10:50 (META) 

Априлскиот студ и мраз годинава го уништи родот кај близу 650 земјоделци од Пелагонија. Според подрачниот раководител  на Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство во Битола, Илија Србиновски, денеска завршува увидот на стручните комисии за проценка на штети, по што извештаите ќе бидат пратени во министерството во Скопје за исплата на штетите.

– Три комисии, секоја со три члена, постапија по секоја пријава на оштетените земјоделци и заклучно е дека 648 индивидуални земјоделци, земјоделски фирми како и ЗК „Пелагонија“, „Лозар Битола“ претрпеле штети од 50 до 100 проценти од априлските мразеви и од студот. Најмногу се оштетени лозовите насади, јаболката, крушата, црешите – изјави Србиновски.

Според земјоделците, родот е преполовен не само од мразот, туку и од пролетната суша.

Во Битолско-пелагонискиот Регион под есенски култури се засеани 22.000 хектари, по што со преполовени приноси се соочуваат производителите на јачмен и на пченица.

– Ваква априлска суша, никогаш не сме имале на ова подрачје. На многу места комбајните нема што да работат, и пченицата и јачменот и другите култури се загрозени. Ни една машина не може да сработи на ваква суша – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци на Македонија.

Земјоделците спасот од сушата го гледаат во копање бунари, како и во средствата за обесштетување од претрпени штети, кои не влегуваат во осигурителните полиси.


Жетвата заврши откупени се 70.200 тони пченица


Скопје, 25 август, 2016 - 11:39 (META) 

Жетвата на пченицата заврши, а од ожнеаните 81.000 хектари добиен е род од 306.000 тони, што е зголемување за 60 проценти во споредба со ланската жетва.

Досега се откупени 70.200 тони со просечна откупна цена од 8,56 денари за килограм.

Земјоделците годинава се субвенционираат за складирање на пченицата во силоси со 80 проценти од трошоците за чувањето или најмногу до 60 денари по тон за еден месец, а се исплаќаат на секои 60 дена.


Мелничарите бараат итно поништување на новата мерка при увоз на пченица


Скопје, 10 август, 2016 - 15:15 (META) 

Мелничарите бараат итно поништување на новата мерка при увоз на пченица, односно зголемување на висината на надоместокот за фитосанитарната анализа при увоз.

Мелничарите истакнуваат дека со ова зголемување на цената кое важи од 2 август, надоместокот ќе изнесува околу 12.600 денари по камион при одобрување влез на увезена пченица во државата и уште толку при царинење, или вкупно 25.200 денари.

Тие велат дека со оваа мерка, цената за фитосанитарната анализа при увоз само на пченица (брашното не е опфатено) е зголемена за 833 проценти, што е спротивно и на правилата на ЦЕФТА и на СТО.

– Претставниците од компаниите членки на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија посочуваат дека во последните две години истата анализа се наплаќа двојно, еднаш при увоз на пченица, и повторно, при царинење на истата. Висината на надоместокот за фитосанитарната анализа досега изнесуваше 1.500 денари по камион при влез на пченица (зависно од товарената тежина) и исто толку при царинење, односно 3.000 денари – велат од Стопанска комора.

Мерката била донесена од страна на Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство без претходни консултации со претставници од индустријата.


Србија ја обвинува Македонија за вонцарински бариери и најавува мерки на реципроцитет


Белград, 5 август, 2016 - 19:05 (META) 

Српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации Расим Љајиќ денеска изјави дека со одлуката на македонската влада за поскапување на фитосанитарните уверенија за увоз на пченица во Македонија, нашата држава вовела вонцаринска бариера кон Србија и најави можност од воведување на мерки на реципроцитет.

Љајиќ за агенцијата „Бета“ вели дека одлуката на македонското Министерствот за земјоделство, со која цените за фитосанитарни уверенија за увоз на пченица во земјава се зголемени за 833 отсто, е продолжение на лошата пракса на македонската Влада секоја година во ова време да воведува вонцарински бариери.

„На вонцаринските бариери од македонска страна секоја година им се дава различна форма, но суштината е секогаш иста – да се спречи слободната трговија и ограничување на извозот на пченица и брашно од Србија во Македонија. На тој начин се нарушува принципот на слободен проток на стоки и услуги“, вели Љајиќ.

Иако зголемувањето на цената на фитосанитарните уверенија не се однесува само на извозниците од Србија, додал Љајиќ, јасно е дека одлуката е насочена против српските фирми, кои во овој период од годината се најголеми извозници на жито во Македонија.


Прентовиќ: Земјоделците се незадоволни од договорените 8 денари по килограм пченица


Прилеп, 20 јули, 2016 - 13:13 (META) 

„Земјоделците се соочуваат со ниската откупна цена на пченицата и на млекото, а дополнително во изминатиот период им се случија и големи штети предизвикани од град и од поплава. Иако оваа година има добри услови за производство на пченица, земјоделците се незадоволни од договорените осум денари по килограм, кои не ги покриваат ни производствените трошоци, а не тие да заработат“, изјави претседателката на комисијата за земјоделство на СДСМ, Татјана Прентовиќ, по средбите со земјоделците од Крушево, Кривогаштани и во Прилеп.

Како друг проблем, Прентовиќ истакна дека се јавуваат и лиценцирани и диви откупувачи кои ја откупуваат пченицата од земјоделците за шест-седум денари.

– Во најава е следните денови откупната цена на пченицата да биде и пет денари. Се поставува прашањето дали Владата ќе се погрижи, а тоа очекуваме да го направи, да го сочува лебното жито во Македонија и дали воопшто за лебот во Македонија ќе се загрижи? Во исто време, земјоделците се соочуваат со ниската откупна цена на млекото, која изнесува од 12 до 14 денари кај помалите, па до 16 денари кај покрупните млекопроизводители. Но, и овие земјоделци или сточари имаат проблем со ниската откупна цена бидејќи таа не ги покрива нивните производствени трошоци, кои изнесуваат од 20 до 22 денари за еден литар произведено млеко – изјави Прентовиќ.

Таа го повика Министерство за земјоделство да им излезе во пресрет на земјоделците и да најде начин да помогне во откупот на пченицата, на млекото, па и на другите земјоделски производи.


Цената на пченицата да не биде повисока од осум денари, бараат мелничарите


Скопје, 29 јуни, 2016 - 12:42 (META) 

Цената на годинешната пченица да не биде повисока од осум денари по килограм, бара групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

– Моменталните проблеми со кои се соочуваат компаниите се резултат на договорените цени и на несоодветните решенија во изминатиот период. Единствен критериум, сметаат мелничарите, е пазарната цена, а таа е утврдена на берзата во Нови Сад – беше заклучено на состанокот на Стопанска комора.

Домашните мелничари бараат простор за фер натпревар во однос на квалитетот на произведеното брашно. Затоа, истакнуваат дека разумна цена за домашното лебно жито од годинешната реколта би била најмногу осум денари за килограм, за да се произведе брашно со кое би конкурирале на производителите од соседството.


Напливот на евтино увозно брашно им создава проблеми на мелничарите


Скопје, 10 февруари, 2016 - 16:40 (META) 

Мелничарите бараат итно  да се преземат мерки за да се спречи напливот на евтино увозно брашно, кое се увезува по цена колку што чини домашната пченица што мелничарите ја купуваа во жетва.

Тие предупредуваат дека доколку не им се помогне во најкраток можен рок, голем дел од нив ќе ги затворат своите објекти или нема да можат да откупуваат оваа година. Со тоа директно ќе бидат погодени и домашните производители на жито, а и  голем дел од вработените ќе бидат отпуштени.

Мелничарите бараат да не се пушта увозно брашно во промет сè додека Агенцијата за храна и ветеринарство не даде дозвола врз основа на анализите за квалитет од акредитирана лабораторија. Покрај тоа, тие бараат да бидат субвенционирани со 2,5 денари по килограм откупена пченица.