!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Се зголемуваат заштедите на населението и депозитите, оцени Народна банка


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:59 (META) 

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на која беа разгледани состојбите и показателите за домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Од Народна банка соопштуваат дека има сигнали за стабилизација во економијата и тоа го гледаат преку штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.

Kаматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега изнесува 3,25 проценти.

– Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари – се вели во соопштението на Народна банка.


Македонските компании ќе користат позитивни искуства од унгарските


Скопје, 23 ноември, 2016 - 14:09 (META) 

Системот „Хунгарикум“ кој ги обединува и промовира националните автохтони унгарски производи и услуги, беше презентиран пред претставници на македонски компании во хотелот „Гранд плаза“.

Целта на оваа конференција организарана од Сојуз на стопански комори на Македонија, во соработка со Амбасадата на Унгарија во Македонија и со Министерството за земјоделство на Унгарија, е да се презентираат позитивните примери, да се направи размена на искуства, како и бизнис-соработка помеѓу унгарските и македонските компании.

Заменикот на државниот секретар во Министерството за земјоделство на Унгарија, Лоранд Иштван Сакали, истакна дека под „Хунгарикум“ спаѓаат 60 унгарски национални вредности, специфични производи, но и значајни личности кои оставиле свој печат во историјата на Унгарија.

Трговската размена помеѓу Македонија и Унгарија се зголемува така што унгарскиот извоз се зголемил за 20 проценти, а македонскиот за повеќе од 160 проценти.

На годишно ниво, трговската размена помеѓу Македонија и Унгарија се движи околу 100 милиони евра.


Интернационални бизнис-средби за фирмите од ИТ-секторот во Скопје


Скопје, 17 ноември, 2016 - 11:48 (META) 

Вториот интернационален настан за деловни средби помеѓу фирми од секторот на информациони технологии „Гоу интернешнал – опен иновејшн ин ИКТ“ (Go International – open innovation in ICT”) ќе се одржи денеска и утре во Скопје.

На дводневниот настан ќе учествуваат повеќе од 50 фирми од ИКТ-секторот кои доаѓаат од 13 земји. Фирмите преку одржување деловни средби ќе се обидат да формираат нови интернационални партнерства за освојување нови пазари. Деловните средби ќе се реализираат утре на Скопски саем (Дипломатик сала), со почеток во 11 часот.

Денеска на работилницата на тема „Отворени иновации во ИКТ-секторот“ ќе предава експерт и предавач од Универзитетот од Холандија „Аванс“, Том Спанјард.

Настанот е во организација на Фондација за менаџмент и индустриско истражување и е поддржан од Централноевропската иницијатива (CEI) и од Мрежата на бизнис-можности (Enterprise Europe Network.)


Иванов и Николиќ ги повикаа бизнисмените од двете држави да соработуваат повеќе


Белград, 28 октомври, 2016 - 20:24 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска ги повикал српските бизнисмени да инвестираат во Македонија, а македонските бизнисмени да соработуваат со нивните колеги од Србија, бидејќи тоа придонесува за економско зајакнување на регионот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

На отворањето на бизнис-форумот Србија – Македонија во Стопанската комора на Србија, на кој учествувале 200 бизнисмени од двете земји, Иванов истакнал дека трговската размена меѓу двете земји во првата половина од годината изнесувала 340 милиони долари.

Заедно со српскиот претседател Томислав Николиќ, заклучиле дека тоа не е доволно. Николиќ истакнал дека Македонија и Србија како соседи добро се познаваат, дека економиите се комплементарни и предностите треба да се искористат.

Тој ги повикал бизнисмените од двете земји меѓусебно да се поврзат во партнерства кои ќе бидат конкурентни на регионалните и на светските пазари.

Претседателот Иванов во Србија отпатува по повод одбележувањето на 70-годишнината од доселување на Македонците во Војоводина и денеска се сретна и со српскиот премиер Александар Вучиќ, со кој разговарале за ситуацијата во регионот, мигрантската криза и за инфраструктурни проекти.

 


По самитот во Сочи компаниите ќе можат да ги пласираат производите на големи пазари


Скопје, 23 мај, 2016 - 16:08 (META) 

Mакедонските компании имаат шанса за пласман на производи на големи пазари, по најавената зона на слободна трговија меѓу Русија и Југоисточна Азија, смета Македонско-руската стопанска комора по одржувањето на Самитот Русија – АСЕАН (Сојуз на држави од Југоисточна Азија) во Сочи.

– Ова за македонските компании треба да биде сигнал за значително поагресивно настапување на рускиот и пазарот на Евроазиската економска унија, со оглед на најавите за воспоставување на поцврсти економски сојузи. Тие, всушност отвораат пат за пласман на македонските производи на огромни пазари со неисцрпни можности – соопштија од Комората.

На самитот во Сочи учествуваа 350 претставници на бизнис-заедницата, економисти и стручни лица од Русија и од АСЕАН, како и претседатели и премиери на државите членки на АСЕАН.


Потенцијалот на регионот и спојувањето пазари, теми на бизнис-форумот во Сараево


Сараево, 4 мај, 2016 - 13:49 (META) 

Стопанска комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) учествува на седмата конференција на меѓународни инвестиции „Сараево бизнис-форум“, која се одржува под мотото „Еден регион, една економија“.

На оваа конференција ќе се разговара за потенцијалот што го нуди овој регион, можноста за спојување пазари, како и за соработката со Кина.

Утре, пак, експерти од различни земји ќе предложат идеи и платформи за создавање заедничка стратегија за трговија, прозводство, развој на туризмот и др.

Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, за време на конференцијата ќе размени искуства од областа на земјоделството, енергетиката, градежништвото, туризмот и на образованието, како и за соработката со Кина и со Дубаи.

Овој форум е еден од најважните економски случувања во регионот.


Активностите на градежните компании се зголемуваат дома, а се намалуваат надвор


Скопје, 29 февруари, 2016 - 12:25 (META) 

Градежништвото останува најголем двигател на македонската економија и гранка која остварува најголем пораст.

Градежните компании се ангажирани на изведба на патната инфраструктура и на објекти од висока градба. Има 4.349 фирми во градежништвото кои учествуваат со 6,2 процeнти од активните компании во земјава.

– Во 2015 година има зголемување на договорените градежни работи за 65,8 проценти во однос на 2014 година, пред сè, поради инвестиции во инфраструктурата – изјави Марија Петроска од Стопанска комора на Македонија.

Од овие 4.349 компани, 150 се со повеќе од 20 вработени и се носители на најголемите градежни активности. Во нив работат 95 проценти од вработените во оваа гранка, каде што има 50.866 вработени.

Лани имало пад на гардежните активности на компаниите надвор од државата за 52 процeнти од 2014 година, што според претседателот на Здружението на градежништво, Андреа Серафимовски, се должи на ангажираноста на компаниите дома.

Најголем дел од извршените градежни работи во странство, околу 66 проценти, се реализирани во Босна и Херцеговина.

Учеството на градежништвото во домашниот бруто-производ во 2008 година изнесувало 4,9 проценти, а во 2015 година 6,4 проценти.

Активностите во градежништвото се очекува да се зголемат и во наредниот период.

Просечната нето-плата изнесува 19.306 денари и е за 13 проценти пониска од просечната нето-плата во државата, која изнесува 22.715 денари.

 


Цените на индустриските производи на странските пазари пониски за 6,3 проценти на годишно ниво


Скопје, 15 јануари, 2016 - 13:41 (META) 

Во ноември минатата година, продажните цени на производителите на индустриски производи на странски пазари се пониски за 0,3 отсто на месечно ниво, а за 6,3 проценти на годишно ниво, објави Државниот завод за статистика.

Во ноември 2015 година, во споредба со истиот месец претходната година, продажните цени на производителите на индустриски производи на странски пазари се пониски во секторот рударство и вадење камен за 14,4 проценти, а во секторот преработувачка индустрија за 5,3 проценти.